xhelal

Џелал Незири е искусен истражувачки новинар и аналитичар. Тој е претставник на данскиот СКУП проект во Македонија уште од 2008 година,  со задача да ги координира националните и транснационалните истражувачки стории. Во моментот, Незири е коосновач и директор на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија со седиште во Скопје и член на Меѓународниот советодавен одбор на Journalismfund.eu со седиште во Брисел.

Контакт: xhelalneziri@gmail.com

 

zaklina

Жаклина Хаџи-Зафирова е слободен новинар со повеќе од 15 години новинарско искуство, главно во дневни и неделни весници, но и со искуство од светски рамки.

Нејзин главен фокус е самото истражувачко новинарство и неговите перспективи во земјата, регионот, па и пошироко. Жаклина е трикратен добитник на специјалното признание за истражувачко новинарство што го доделува Македонскиот институт за медиуми за нејзините стории со наслов „Незавршени донации за проекти во Македонија“, „Како да станете Бугари преку ноќ“ и „Загадувањето не запира, секоја година 4,500 нови случаи на рак!“

Таа е еден од основачите на Центар за истражувачко новинарство СКУП-Македонија во 2011 година, каде и понатаму го продолжува и промовира принципот на работа на Данската истражувачка мрежа на новинари (www.i-scoop.org), чиј претставник е заедно со колегата Џељаљ Незири.

Во последните две години, Хаџи-Зафирова активно се занимава со промовирање на принципите на професионалното новинарство преку тренинзи и предавања на помлади новинари на студиите по новинарство на државните и приватни универзитети во земјава. Taa е претставник на СКУП-Македонија во Глобалната мрежа на истражувачки новинари-ГИЈН, како и  член на Меѓународниот советодавен одбор на Journalismfund.eu со седиште во Брисел.

Контакт: zaklina.zafirova@gmail.com

 

alek vis rezolucija

Александар Божиновски е наградуван македонски новинар со речиси 20-годишно професионално искуство. Неговите почетоци се во 1994 година како судски известувач, додека сè уште бил студент на Факултетот за новинарство. Со текот на времето тој станува истражувачки новинар чии клучни области на интерес се полицијата, армијата, организираниот криминал и корупцијата. Уште како студент за првпат се запознава со истражувачкото новинарство на предавањата на Денис Хамилтон, своевремено истражувачки новинар за LA Times, кој бил визитинг-професор на Универзитетот во Скопје. Тој има учествувано и во работата на некои невладини организации со луѓе од Националниот институт за демократија од Вашингтон. За време на неговото работење во Нова Македонија (1999 – 2003), своевремено владин дневен весник, тој пишува стории за  Алтернативната информативна мрежа, заедно со уште 20 други новинари од поранешните југословенски републики, раководена од страна на познатиот новинар Ким Мехмети,  а основана од страна на Советот на Европа. Во тој период, Божиновски почнува да работи како новинар во новиот дневен весник Време, каде освојува неколку награди и тоа за новинар на годината на Време (2005), за најдобра истражувачка сторија од Македонскиот институт за медиуми спонзориран од Данска. Таа награда е за неговата најдобра истражувачка сторија до денес, позната по името „Случајот Калид ел Масри“. Божиновски е првиот новинар во светски рамки кој открива случај на вонредна екстрадиција (киднапирање на осомничени за тероризам од страна на разузнавачки агенции). Сторијата ја превземаа NY Times и го запознаа светот со неа. Германската телевизија ZDF се здружи со Божиновски во 2005 година за да го прошири истражувањето во врска со случајот Масри. Во тоа време, Божиновски започнува соработка со Проектот за организиран криминал и корупција, новинарска организација основана од страна на USAID во Вашингтон,  која ја сочинуваат истражувачки новинари од 10 други земји кои заеднички изготвуваат стории на теми од организиран криминал и корупција. Божиновски работи на неколку стории за OCCRP и во 2010 е финалист за наградата Даниел Перл на Глобалната конференција за истражувачко новинарство одржана во Женева. Тој исто така има вршено истражување за Глобален интегритет. Божиновски истражува и за неделникот Форум, дневниот весник Ден и за порталот Република. Во 2011 година, заедно со Жаклина Хаџи Зафирова и Џелал Незири, го основаат Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија. Во текот на 2013 година Божиновски е назначен за менаџер на НЕД: Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачкото новинарство.

Контакт: aleksandar@scoop.mk

 

goran

Горан Лефков е истражувачки новинар кој со новинарство започнува во 2008 година. Новинарските почетоци ги прави во неделникот Капитал, активно учествува и во работата на економскиот портал Тотал. Првите итражувачки стории ги прави во порталот Тотал. Учествува почетоците на издавањето на дневниот весник Капитал. Истражувачкото новинарство го продолжува во дневниот весник Бизнис. Од 2011 до 2013 година работи во Телевизија Стар во Штип. Од 2013 година е член на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија и Инбокс 7.

Од 2013 година е стипендист на Ројтерс за економско и политичко известување од Југоисточна Европа.

Контакт: lefkov@yahoo.com

 

zoran

Зоран Иванов е доајен на македонското новинарство. Неговата исклучително богата професионална кариера ја започнува како новинар во Радио Скопје,  а продолжува во новинарските води и како уредник и главен и одговорен уредник во повеќе медиумски куќи, како Македонско радио -Радио Скопје, Радио Дојче веле, Келн, Канал 103, МТВ, ТВ Сител, „Утрински весник“,ТВ Алфа и други. Професионалниот ангажман го продолжува и како програмски директор на ТВ 24 вести. Основач е на државната новинска агенција МИА, каде бил и директор и главен и одговорен уредник. Основач е  и на радиото Канал 103. Бил и портпарол на Владата во периодот од 1997 до 1998. Во периодот од 2007-2010 година станува советник за комуникација со медиуми и државен советник во кабинетот на тогашниот претседател на Република Македонија.

Добитник е на повеќе новинарски награди и признанија, меѓу кои: годишни награди во Радио Скопје и на Здруже­ните радиостаници на Македонија за новинарски остварувања; наградата „Крсте Петков Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија; потоа годишна новинарска награда на Македонската радио-телевизија; награда „Крсте Петков Мисирков“ – новинар на година­та на Здружението на новинарите на Македонија; годишна јубилејна новинарска награда по повод 50-го­дишнината на Македонската радио-телевизија. Три пати ја добил наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за новинарство, од кои два пати редакциски. Во 2012 година ја добива наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело на Здружението на новинарите на Македонија.

Бил предавач по „Агенциско новинарство“ на пост­дипломските студии по новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Мето­диј“ – Скопје, како и тренер по новинарство во Македонскиот институт за медиуми – МИМ.

Автор е на повеќе публикации како: двотомната книга „Амбиент“, „Информациите и медиумите“- во „Култура на ми­рот“ на Фридрих Еберт,, потоа „Етика во новинарството, етика во медиумскиот биз­нис“,„Агенциско новинарство“ – скрипта за постдипломс­ки студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ко-автор на учебникот „Пишување за електронските медиуми“.

Познат е како љубител на падобранството. Бил претседател, потпретседател и генерален секретар на Воздухопловната федерација на Македонија, како и селектор и тренер на репрезентацијата на Македонија во па­добранство и меѓународен судија по падобранство со лиценца на ФАИ.

Иницијатор е за изградба на спортскиот аерод­ром Стенковец, како и претседател на Аероклубот „Јуриј Гагарин“ – Скопје во два мандата. Организатор е, исто така, и на повеќе аеромитинзи и спортски домашни и меѓународни воздухопловни натпревари.

Пилот е на спортски авиони и воздухопловни едрилици, а има реализирано 2003 скокови со падобран. Бил државен репрезентативец во падобранство  во периодот 1971 – 1976. Има освоено 60-тина медали во Македонија и во рамките на СФРЈ во областа на падобранството, како и 14 од престижни меѓу­народни падобрански натпревари. Во четири наврати е прогласен за спортист на годината од Воздухопловната федерација на Македонија. Исто толку пати бил и Државен првак во падобранство. Добитник е на  „Златна значка со три дијаманти“ – највисоко меѓународно признание на Светската воздухопловна федерација – ФАИ, како и Меѓународна највисока награда на Светската воздухопловна федерација – ФАИ за 2006 година – „Пол Тисандиер“ за сеопшт придо­нес во развојот на цивилното и спортското воздухопловство и за посеб­ни за резултати во спортското падобранство.

Оставете коментар

коментар(и)