НАМЕСТО ЛУКСУЗИРАЊЕ СО СЛУЖБЕНИТЕ ВОЗИЛА – ПИТКА ВОДА ВO СЕКОЈ ДОМ


ДОКУМЕНТАЦИЈА


Автор: Бјанка Станковиќ

               Ангела Петровска

               Ангела Рајчевска

 

Општините трошат огромни суми за гориво и за сервисно одржување на своите службени возила. Во голем износ, исто така, се и трошоците за гориво кои се одразуваат и врз буџетот на општините.

Тимот на СКУП испрати Барања по слободен пристап до информации од јавен карактер до сите општини во Република Македонија.

Од надлежните се побараа информации за тоа колкави се сумите потрошени за гориво на годишно ниво и тоа за последните пет години, од 2012-та до 2016-та година, сумите и имињата на фирмите со кои е склучен договор за гориво, но и на оние со коишто е склучен договор за сервис, како и сумите на истите.

Потрошеното гориво често не се совпаѓа со реално поминатите километри на локални функционери. Дали раководствата на општините реално го потрошиле тоа гориво, или пак станува збор за фиктивни фактури?

Град Скопје, како една од најголемите општини во Република Македонија, има возен парк кој брои 39 возила. Општината во последните пет години, за гориво потрошила сума од над 6 милиони денари. За овие услуги граѓаните издвојуваат од својот џеб. Имено, секој жител на Град Скопје, во изминативе 5 години платил по 3.941 денари за горива и за сервис на службените автомобили на градската бирократија.

Во Гостивар пак, за горивото кое го користи општината, граѓаните за последните пет години издвојувале по 925 денари.

Центар Жупа, општина која брои околу 6.000 жители, за гориво во последните пет години платила над 18 илјади евра, при што секој жител платил по околу 500 денари. Слична сума, платиле и граѓаните од Зрновци и Радовиш. Додека пак, граѓаните од општина Арачиново, платиле нешто помалку, односно околу 460 денари.

 

 

ОПШТИНА СО 18 СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА

Општина Кочани може да се пофали со својот обемен возен парк кој брои 18 возила, осум повеќе од најбогатата скопска општина Центар.

Лозово, мала општина со популација од 2.858 жители кои за своето само едно службено возило, издвојувале по неверојатни 589 денари во просек по жител, односно, од општинаската каса само за ова едно возило за 5 години се потрошени фантастични 416.818 денари или близу 7.000 илјади евра.

 

КОЧАНИ „ПОСКАП“ ОД ЦЕНТАР ЗА ГОРИВО НА СЛУЖБЕНИТЕ ВОЗИЛА

 

Општина Кочани, со возниот парк од 18 возила, за пет години потрошила над 50 илјади литри гориво, за кои општината платила над 3 милиони денари. Под услов просекот на потрошувачката на гориво на возилата да е 8 литри на 100 километри, тогаш резултира дека возниот парк на општината поминал околу 620 илјади километри, или по околу 35 илјади километри секое возило одделно. Ова е исто како секое од возилата да патувало околу 17 пати од Кочани до Берлин.

Граѓаните на Кочани за овие услуги во општината за пет години платиле по 961 денар, за разлика од граѓаните на општина Центар кои дале по 825 денари.

Додека пак, Центар за последните пет години потрошила над 68 илјади литри гориво и за истите платила сума од над 4 милиони денари. Со ова гориво поминале околу 850 илјади километри, или по 85 илјади километри секое возило посебно.

Околу 17 илјади граѓани во Делчево, за осумте службени возила во општината во последните пет години платиле по 448 денари за гориво. За 12 службени возила во Крива Паланка, потрошени се скоро 90 илјади литри гориво за кои општината одвоила  91 илјада евра.

Нешто повеќе потрошиле граѓаните во Лозово, иако мала општина со популација од 2.858 жители. Тие за своето едно службено возило, во последните пет години издвојувале по 589 денари.

Општина Радовиш, во последниве две години за гориво платила околу 30 илјади евра.

За преголемиот број на службени возила покажуваат и разликите во општините со иста или слична големина, а со различен број на службени возила.

 

ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНИТЕ ОВЛАСТУВАЊА

 

Во април годинава, во медиумите беше објавена веста за четирите кривични пријави кои ги доби градоначалникот на општина Македонски Брод, Милосим Војнески.

Покрај другите пријави како обвинувања за непрописни тендери за превоз на ученици, за доделување нафта за чистење на локални канали и слично,  Војнески се товари и дека дозволил да се троши гориво за службени и приватни потреби без да се води било каква евиденција.

Истражувачкиот тим на СКУП, испрати барање за слободен пристап до информации од јавен карактер и до оваа општина. Поставивме прашања за употребата на гориво, потрошувачката, фирмите како и тип на гориво, но и сервис на возилата. Оттаму, надлежните одговорија дека поради кривична постапка која што се води во моментот, не се во можност да ги испратат бараните информации бидејќи документите им се во полиција. Бевме известени дека по завршувањето на постапката ќе ни бидат доставени истите. Побаравме и изјава од градоначалникот. Во телефонскиот разговор тој рече дека целата работа е наместена, односно дека кривичните пријави, а и она што се пишувало по порталите, е со тенденција:

„Некој што сака да дојде на моето место односно сака да биде градоначалник, очигледно не може, па пробува на секаков начин“,  ни изјави Војнески.

Милосим Војнески

На интернет порталите се прошири и веста за штипскиот градоначалник, Илчо Захариев чие службено возило е фотографирано во родното село на градоначалникот, Звегор.

Се вели дека Захариев со возилото кое е во општинска сопственост заминал на ручек во селото близу Штип.

 

„ИЛИ МНОГУ РАБОТЕЛЕ, ИЛИ ВОЗИЛАТА СЕ КОРИСТЕНИ ЗА ПРИВАТНИ ПОТРЕБИ“

 

Економистот Зоран Витанов за огромниот број на оштински службени возила посочува две можни причини. Едната е дека вработените навистина многу работеле и дека и резултатите го покажуваат тоа. Втората, дека службените возила се користени за други, за партиско приватни потреби:

Зоран Витанов

,,Јас ценам дека според резултатите што се постигаат и кои што ги гледаме во таквите општини, е дека не треба толку многу возила за тие добро да работат. Едноставно тоа е злоупотреба“.

Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Андреј Петров вели дека на секоја општина и се потребни возила, меѓутоа бројката на истите не треба да е голема и тие не треба да се скапи:

Андреј Петров

„Тоа се бесови, тоа е мода која што ја немаше порано кај градоначалниците. Се надевам ќе се создадат услови да ги нема тие бесови. Меѓутоа мора да има возила, не може да нема. Има служби кои не можат да функционираат без возила, но не мора да има четири луксузни возила од „С“ класа само во кабинет на градоначалник“.

Тој нагласува дека сето тоа е резултат на крајно неодговорно деспотско однесување во стилот: ,,Јас сум градоначалник, ми се може. Кај мене е пенкалото, јас правам што сакам”.

 

ГРАЃАНИТЕ ДЕЦИДНИ: НАМЕСТО ЛУКСУЗИРАЊА, НИ ТРЕБААТ АСФАЛТИРАНИ УЛИЦИ, ВОДОВОД…

 

Во анкетата што ја спроведе новинарскиот тим на СКУП, 75% од испитаниците сметаат дека парите за прекумерната потрошувачка за гориво што општинските администрации ги трошат катадневно и без посебни потреби освен за луксузирање на локалните функционери, треба да се пренасочат за изградба, обнова и одржување на инфраструктурата.

Ова, пред се, од причина што тоа се пари на граѓаните. Приоритети се, велат анкетираните, водоводот, канализацијата, асфалтот, уредувањето на локалните училишта, уличното осветлување…. Многу општински бирократи и во урбаните и во руралните средини не излегуваат од служените автомобили, минуваат непотребни километри, трошат буџетски пари на бензин наместо на водоводни цевки.

Во анкетата на СКУП, како пример што на подобро може да се промени во општините, граѓаните посочуваат:

Зголемување на бројот на паркови и културни центри во општините, вложување во училиштата, нивно опремување со компјутери, или посебни развиени лаборатории кои што ќе им помогнат на учениците да се стекнат со практични знаења.

Анкетираните граѓани предложија и изградба на нови спортски терени и сали во оние општини во кои граѓаните немаат услови за рекреација.

 

СЕРВИСИРАЊЕТО –  ПОСЕБНА „ПОТРОШУВАЧКА ПРИКАЗНА“

 

Освен големата потрошувачка за гориво, во општините се склучени договори вредни од над милион денари за сервис на службени возила на општините.

Еден договор за сервис склучен помеѓу Општината Гостивар со Автосервис ,,Везири” за 2013-та година, преку јавна набавка- тендер, изнесува 1. 200 000 денари. Договорот, образложен во одговорот на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, го нема во Бирото за јавни набавки.

Вредноста на договорите за сервис на договорот на општина Чаир пак,  склучена во 2014-та со „Аутомакедонија“ АД Скопје и со „Џеват Исаки“ ДООЕЛ Скопје, достигнува до 1.180. 000 денари по еден договор или вкупно.

Во општините, Арачиново, Зрновци, Валандово, Гевгелија, Богданци, Македонска Каменица и Чашка велат дека немаат склучено договор за сервисирање. На некои од нив сервисирањето на годишно ниво не изнесува повеќе од 30.000 денари како што е примерот со општината Демир Хисар. Во некои општини, Петровец на пример,  имаат ангажирано редовно вработен механичар. Има и примери како што е Општината Ресен каде сервисирањето и одржувањето на возилата се изведува од страна на механичарите од локалното јавно комунално претпријатие „Пролетер“.

“Неодговорност, дури и домашно невоспитување, ништо друго. Тоа не дека е некој концепт да се има, туку едноставно, неодговорни политичари кои што не ја чувствуваат етиката како нешто препознатливо и свое “, вели Зоран Витанов.

На ова се надоврзува и поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Андреј Петров кој вели дека треба да се работи на правилници и законски норми кои ќе го регулираат нивото на користење на возилата.

„Ако одиме на нивото на морал и што е морално, тоа некој може да го почитува некој не. За да се постигне тоа треба да имаме стриктни норми и возилата да бидат вратени во општината со завршетокот на работно време. Затоа што има случаи на злоупотреба каде што градоначалникот или неговите блиски луѓе во општината си ставаат гориво и одат на одмор. Тоа е нешто што е срамно. Нешто што не можам да го разберам и во европски западни рамки тоа е неприфатливо“.

Истражувањето на СКУП и реагирањето на анкетираните граѓани покажа дека општините во Македонија имаат премногу службени возила, дека се троши премногу гориво и дека се даваат многу пари на сервисното одржување. Згора, многу често, малите и буџетски скромни општини повеќе трошат на своите службени возила отколку на комуналните и на урбаните потреби на своите жители.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

коментар(и)