Канческа ноќевала во Хилтон, Шератон и Риц, а пазарела во „Версаче“ (обновено)


ДОКУМЕНТАЦИЈА


Четири илјади и триста евра од личната картичка на екс-министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска се одлеале на сметката на прочуениот ланец хотели „Хилтон“ за само еден ден. Но, не од нејзината приватна сметка, туку од сметката на буџетот која ја полнат граѓаните на Република Македонија. „Хилтон“ не бил единствената дестинација на екс-министерката, која била чест гостин и на прочуените хотели „Шератон“ и „Риц“ во европските и светски метрополи. За ноќевање во овие хотели била плаќана сума од 300 евра од вечер.
Картичката се користела за се и сешто-од набавка на апарат за кафе-Неспресо, преку набавки во „Зара хоме„ во Солун, познатиот грчки шопинг центар „Нотос Галериес“, потоа „Балдинини“ во Венеција, Монклер УК ЛТД во Лондон. Но, пазарела и во грчката продавница Публик, позната по техничка стока, потоа во продавници на ЦУМ и Харли Дејвидсон (препознатливи во марката мотори), каде е плаќано во рубли.

фото: Фашионел

Многу често повеќе плаќала во шопинг центри и продавници отколку за престојот во познатите туристички места и метрополи. Картичката најчесто била трошена во странство, поретко дома. А тука, најчесто во познати ресторани, но во еден наврат и во познатата книжарница „Просветно дело“.
Со трошоците стигнувале и опомени и затезни камати, поради ненавременото уплаќање на рати на „Дајнерс Картичката, која министерката ја носела на патувањата, каде не секогаш одела сама. Еден од долговите е на сума од над 500 евра. На истата оваа картичка вадела кеш, но и уплаќала пари.

Канчевска не се одзва на нашите повици за коментар.

Според документите до кои дојде Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија добиени по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Министерството за култура располагало со три службени картички кои ги користеле тројцата први луѓе во министерството-министерката, заменик-министерот и државниот секретар.
Сумите кои ги плаќал заменик министерот Драган Недељковиќ се многу помали од оние на екс-министерката. Според изводите од картичката, тој бил почест гостин на регионалните хотели и кафеани. Патувал на релација Белград, Загреб, Скопје, Охрид, Мрзенци…Бил чест гостин на бензиски пумпи, а во една прилика картичката ја искористил и во аптека. Но, и неговото салдо било во минус.
Државниот секретар Музафер Бислими бил чест гостин во ресторанот „Тиволи“ во Тетово, додека неговиот наследник Бехиџудин Шехаби картичката ја користел во познати скопски ресторани и слаткарници. Во неколку наврати бил клиент и во Буши Фешн ДОО, познати по широката палета на Сваровски накит која на нудат на пазарот.
“Во министерството не постоел Правилник во врска со трошењата за репрезентација. Имало една галатност во трошењата. Кој имал право на репрезентација и во која мера не била строго регулирана. Нашите претходници трошеле, но немаме извештај во рамките на каков проект, престој и која потреба се користени тие пари за да утврдиме дали е соодветно трошењето. Пари се трошени несоодветно. Вработените ги користеле репрезентациите. Дури и кетеринг организирале однадвор за да се носи храна во канцелариите“, изјави во ексклузивното интервју за СКУП, министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Тој потенцира дека трошоци на сметка на репрезентација правеле државните советници и раководители на сектори.


„Во одреден ресторан се платени 500 евра за оброк. Мора да признаете дека дури и во Париз да потрошите 500 евра за една делегација е премногу. Еве со колку луѓе може да завршите со ручек во рамките на една посета“, прашува министерот Алаѓозовски.

Комплетната документација за трошење на некогашните функционери на министерството за култура можете да ја видите овде.

Реакција на Канчевска

Екс-министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска ги демантираше документите кои ги добивме од Министерството за култура користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за направените трошоци за репрезентација од службените картички во министерството за периодот од 2011-2017 година. Канческа тврди дека дел од трошоците се направени од нејзината лична сметка. Таа вети дека во текот на утрешниот ден ќе ги достави до нас сите сметки кои ги направила додека ја извршувала функцијата министерка за култура на Република Македонија

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

коментар(и)