Скопје три пати побогато од другите градови

Огромен е јазот во собирањето и во потрошувачката на општинските пари во градот Скопје во однос на останатите општини во земјава. Податоците кои Центарот за истражувачко новинарство СКУП – Македонија ги доби по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, покажуваат дека минатата година покрај сопствените буџети (табела 1) кои изнесуваа околу 40 милиони евра, скопските општини имаа и дополнителен буџет од 97 милиони евра на градот Скопје. На секој жител од 10 скопски општини покрај општинските му следуваат и по 192 евра од парите од буџетот на градот Скопје.

Општина Аеродром е најбогатата општина во земјава, на нејзините граѓани во 2014 година од општинскиот и од градскиот буџет им следуваа по 500 евра по жител. Потоа следат Центар, Кисела Вода и Бутел (табела 2).

Јазот помеѓу скопските општини и општините во внатрешноста е многу голем. Овие разлики најмногу се чувствуваат во помалите општини како Боговиње и Центар Жупа, каде тамошните граѓани имаат само по 36, односно 44 евра по жител, пари што ги собира општината.

Покрај Центар Жупа, во многу лоша состојба се и Дебар, Гостивар, Брвеница итн. (табела 3).

„Моделот кој на градот Скопје му овозможува да располага со толку многу пари на сметка на другите општини е рецитив од социјализмот“, вели Горан Ангелов, екс претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

goran angelov

Горан Ангелов

Според него, целокупната индустријализација се направи на територијата на градот Скопје и на неколку други регионални центри.

„Со распадот на некогашната СФРЈ, тој јаз е уште подлабок. Нашиот систем за фискална воедначеност не може да го премости тој јаз, бидејќи најголем полнач на буџетите на општините се сопствените приходи, а тоа се даноците поврзани со имотот. Значи данок на имот, на промет со имот, данок на наследство“, вели Ангелов.

„Овде е и најголемиот проблем“, подвлекува тој, нагласувајќи дека вредноста на имотот во Скопје е многу поголема.

„На пример, еден метар квадратен во Скопје чини 1.300 евра, додека во некоја мала општина како Конче чини 100 евра. Автоматски, малата општина има мала вредност на која ќе наплаќа данок. Во старт има 13 пати поголема разлика при пресметувањето на данокот“, вели Ангелов.

Градоначалникот на Центар Жупа, Аријан Ибраим, се жали дека голем дел од парите од повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ), се делат во корист на Скопје. Инаку за малите општини тоа е најзначаен извор на приходи.

arijan ibraim

Аријан Ибраим

„Во 2005 и во 2006 година, актуелна тема беше распределбата на парите од ДДВ. Тогаш градоначалниците на скопските општини ги бараа парите од целокупниот промет на кој е платен ДДВ, кој ќе се направи на нивната територија.Ова е неправедно“, смета Ибраим.

„Нашите печалбари од Центар Жупа“, додава тој, „ќе дојдат на одмор и ќе донесат милиони евра овде. Сите тие пари ќе ги потрошат во Гостивар, Дебар и во Скопје“.

Според него, општината Центар Жупа нема ниту супермаркет, ниту бутик, ниту каква било друга продавница од каде да се наплаќа ДДВ.

„Неправедна е и сегашната формула за распределба на ДДВ. Во Скопје живее половина Македонија и огромен дел од парите од прераспределба на ДДВ остануваат во Скопје“, вели Ибраим.

Тој додава дека државата треба со дополнителен закон да одреди посебни 10% од вкупниот фонд за поврат на ДДВ по општините и да ги префрли за развој на руралните општини. Тогаш ќе има поголем простор за развој.

Од друга страна, Душица Перишиќ, извршен директор на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС), не се согласува со тврдењето на Ангелов и на Ибраим. Таа смета дека нема потреба од дополнителен фонд од ДДВ за помалите општини. За неа моделот за распределба на ДДВ е избран токму да ги развива малите општини.

dusica perisic

Душица Перишиќ

„ЗЕЛС имаше голема улога во распределбата на ДДВ. За да им помогнеме на руралните општини, побаравме линеарно по 3 милиони денари (околу 50.000 евра) да биде приход за секоја општина во земјава линеарно. Остатокот од парите од ДДВ се делат по формула. Од тие пари само 12% одат за Скопје и за скопските општини, а останатите пари, 88%, се распределуваат на сите други општини. Повеќе од 10% од ДДВ оди за малите општини. Моделот е направен за заштита токму на малите општини“, вели Перишиќ.

Таа смета дека ова е еден од поправедните модели за распределба на делот од данокот на додадена вредност.

За Перишиќ, данокот на имот е директен данок и затоа и не може да се направи некоја поголема интервенција.

„Граѓанинот чија куќа вреди 200.000 евра за данок на имот плаќа 4.000 денари, додека куќата на тој што живее во рурална средина вреди 15.000 евра и за неа плаќа по 200 денари за данок на имот. Нашата цел е да се избориме за посоодветни извори на приходи. Меѓутоа, целта не ни е на некому што живее во голема општина да му скратиме“, вели Перишиќ.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)