СКУП истражува: Државно земјиште поделено на функционери (обновено)

Кавга за државно земјиште во Вевчани. Околу 267 хектари под Стручкото село Вевчани има двајца закупци. Земјиштето е во државна сопственост, а Министерството за земјоделство истото го нуди на двајца сопственици.

Photo0839

Прво по јавен повик, кој се распишува во ситуација кога државното земјиште е веќе засадено, а тој земјоделец го нема добиено под закуп, а после истото земјиште е дадено на јавен оглас.

На јавениот повик се јавува фирмата „Еко проект“, управувана од Маја Алуалоска, ќерка ма Митре Алулоски од Вевчани. На земјиштето во 2009 година се засадени лешници, а подоцна е спроведен и систем капка по капка.

Photo0822

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, тогаш раководено од Љупчо Димовски, сегашен пратеник од Социјалистичката партија, му одобрува на Митре Алулоски и неговата ќерка да го земат под закуп земјиштето под селото Вевчани. Му испраќа договор за закуп, кој семејството Алулоски го потпишува и го праќа на потпис во Министерството за земјоделие. Љупчо Димовски никогаш не го потпишал овој договор.

(кликни овде за целиот документ)

DOKUMENT 1 DOGOVOR SO mzsv_Page_1

Во меѓувреме земјиштето го бара и градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски, инаку вујко на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од ова општина, Крсто Мукоски.

Mitre Aluloski (1)

„Тоа земјиште е во државна сопственост и за тоа земјиште има спор повеќе од 30 години. Проблемот настана со пропаѓањето на ОГП Дримкол. Кога пропадна Дримкол, на некаков начин го наследил Митре Алулоски. Сите градоначалници пред мене ветуваа дека ќе го решат проблемот со Дримкол. Тоа го ветив и јас. Побарав од Владата ако не можат да ми помогнат со пари, барем правно да ми помогнат. Се нафатија на Влада да дојдат овде и да го решат проблемот“, вели Угриноски.

Тој планира да урбанизира дел од земјиштето и таму да се изгради бензинска пумпа.

Не можевме да потврдиме дали на негово барање, тогашниот министер за земјоделство Димовски, не го потпишал овој договорот со Митре Алулоски.

 

Земјиште со неколку сопственици

nova oznaka

 

Откако веќе еднаш земјиштето е доделено под закуп на Митре Алулоски, Министерството за земјоделие истото го дава на фирмата „Атриум“, сопственост на братот на Крсто Мукоски, Бобан и на неговиот татко.  Дел од парцелите зема и вујкото на Крсто Мукоски, Ѓорѓи Угриноски преку фирмата „Виа Винарија“ од Вевчани. Како сопственик во ова фирма се јавува и Сања Угриноска Спасеноска, вработена во кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и сопруга на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид Александар Спасеноски.

(кликни овде за целиот документ)

DOKUMENT 4 VIA VINARIJA_Page_1

Дел од земјиштето зема и Владимир Алулоски, сопственик на фирмата „Агро Лашко“.

Веднаш по доделувањето на земјиштето на Јавен оглас, започнува судска постапка, заради која постапка досега земјиштето не е впишано како имот во катастарот за недвижности.

 

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, побара и податоци од Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој дали некои од гореневедените фирми користеле субвенции. Во одговорот што стигна од таму се гледа дека ниту една од фирмите околу Крсто Мукоски не зела субвенции.

За изјава го побаравме и пратеникот Мукоски, но тој не се одзва на поканата да разговара со нас за земјиштето.

 

Кривични пријави за Министерството за земјоделие

 

Сопственикот на „Еко Проект“, една од фирмите на Митре Алулоски, поднесе кривична пријава против Ѓорѓе Дишленковиќ и Даниел Мурџески.

DOKUMENT 5 Kivicna prijava

Првиот е раководител на Секторот за земјишна политика при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за злоупотреба на службената положба.

Даниел Мурџески е вработен во канцеларијата на Министерството за земјоделие во Вевчани, формирана во време кога се распределува земјиштето. Карактеристично за ова канцеларија е што таа е единствената подрачна единица на Министерството за земјоделство, што е отворена да пкрива само едно село во кое има не повеќе од 500 хектари земјиште. Како за пример ќе ја издвоиме Општина Лозово која има 20 пати повеќе земја од Вевчани, а нема подрачна канцеларија. Ист е случајот и со Чешиново-Облешево.

niva

Дали Министерството за земјоделство ја отвара оваа канцеларија само за распределбата на тоа земјиште кое е спорно, не можевме да потврдиме.

Кривичната пријава е поднесена на 4 јуни 2014 година, но досега Основното јавно обвинителство не се произнело дали ја прифаќа или ја одбива кривичната пријава.

За Леонид Трпеноски, адвокат и застапник на Митре Алулоски, ова е симптоматично.

Leonid Trpenoski

Леонид Трпеноски

„Препорачливо е Јавното обвинителство да се произнесе за поднесоците во рок од 3 месеци, но овој пат чекаме 20 месеци. Се случуваат и вакви случаи, но се многу ретки“, вели Трпеноски.

Тој не можеше да потврди дали семејството на Крсто Мукоски извршило притисок врз обвинителството.

Митре Алулоски вели дека со ова постапка му е нанесена голема штета.

 „Имам засадено лешници и ореви на ова земјиште. Насадот е од 2009 година, иако од Министерството за земјоделство со лажни податоци тврдат дека нема насади. Штетата досега изнесува околу 160.000 евра“, вели Алулоски.

Тој додава дека лешниците минатата година прородиле и дека овие долгогодишни насади за некоја година ќе влезат во полн род.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Реакција од пратеникот Крсто Муковски

Почитувани,

Во врска со вашиот натпис од 1 Mарт 2016 година под наслов “Државно земјиште поделено на функционери”  како лице спомнато во текстот би сакал да Ви предочам неколку факти и аргументи во врска со наведената тема со кои пред јавноста ќе ја предочиме вистината за целиот случај.

Во атарот на општина Вевчани има околу 60 хектари  државно земјоделско земјиште  од IV, V и VI категорија  кое што  пред повеќе од дваесетина години го користеше и обработуваше вевчанското претпријатие “ОГП Дримкол – Вевчани ”  во кое што работеa преку 1200 луѓе. За жал, после неуспешната транзиција, претпријатието пропадна, имотот се раскрчми и распродаде, а во целиот процес голем удел имаше лицето Митре Алулоски кој што на незаконски начин преку повеќе негови фирми се наметна како правен наследник на споменатото  претпријатие. Како имотот на “Дримкол” така и земјоделското земјиште ја доживува истата судбина, лицето Митре Алулоски на незаконски и нелегален начин преку класична узорпација (на диво) без никаков договор со Министерството за земјоделие почнува да го користи споменатото земјиште. На дел од земјиштето на околу 20 хектари  постојат лозови насади, додека на останатите 40 хектари немаше засадено никаква земјоделска култура. Ова фактичка ситуација опстојува до пред неколку години кога Министерството за земјоделие распиша оглас за запишување на земјоделско земјиште на кое што постојат повеќегодишни насади. И тогаш почнува целата приказна. Посоченото лице М.А. преку повеќе фирми заведени на име негови деца, роднини и пријатели лажно се претставува како корисник на земјиштето и лажно пријавува дека на истото постојат повеќегодишни насади. Истиот аплицира до Министерството за земјоделие за запишување на целиот имот од 60 хектари  на негово име. Првично, од Министерството за земјоделие е подготвен Договор за запишување на земјоделското земјиште, но по направената конторола од страна на Инспекторатот за земјоделие, утврдено е дека на преку 40 хектари  не постојат никакви повеќе годишни насади со што  Договор не е потпишан и истиот е беспредметен, а против лицето М.А. е поднесена соодветна кривична постапка за узурпација на земјоделско земјиште. После целата оваа постапка Министерството за земјоделие распишува нов оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп на приватни и правни лица во атарот на општина Вевчани и на дел од општина Струга каде што во минатото “ОГП Дримкол” бил  корисник на истото, при што во самиот оглас е наведено дека предност имаат локалните фирми и приватни лица. Целото земјиште е поделено на неколку блокови од 5  до 10 хектари земјиште и истото е огласено од страна на Министерството за земјоделие. Додека трае целиот овој процес споменатото лице М.А. продолжува со нелегално користење на истото земјиште, преку  засадување на лешникови насади, поставување на систем капка по капка и незаконско давање на подзакуп на трети лица да го засадуваат и обработуваат земјиштето со земјоделски култури.  На објавениот оглас од Министерството се пријавуваат повеќе фирми и приватни лица од Вевчани и околината и по спроведената јавна постапка три фирми од Вевчани и две фирми со седиште надвор од Вевчани добиваат дел од земјиштето кое беше лицитирано. Правните субјекти (“ВИА Винарија”, “АТРИУМ” и “АГРО Лашко”) кои што  добија дел од земјиштето во атарот на Општина Вевчани беа повикани во Министерството за земјоделие за да потпишат Договори за користење на земјоделското земјиште, но никогаш земјиштето не беше ставено во нивно владение бидејќи споменатото лице М.А. покренува судски спор против ресорното министерство.

Денес ситуацијата е иста, субјектите кои што го добиле земјиштето на јавниот оглас на секои три месеци плаќаат  гаранции, но сеуште не се воведени во владение и неможат да го користат земјиштето.

За жал, имотот на “ОГП Дримкол” којшто покрај земјоделското земјиште поседуваше и многу значајни објекти во Вевчани, како и низ целата територија на Р. Македонија, па дури и во Р. Србија ( деловни простории и магацини), бетонска база, циглана и рудник за јаглен  во изминатите години во поголемиот дел беа на сомнителен начин превземани и продавани токму од фирмите на споменатото лице М.А. коишто се јавуваат како правни наследници на споменатот претпријатието.

За какво лице станува збор доволно е да се провери казнената евиденција на споменатиот М.А.( доказ одлука за помилување на осудени лица) .

pomiluvanje

Вевчани и неговите граѓани се уште очекуваат дека надлежните органи ќе поведат истрага за случајот ” ОГП Дримкол – Вевчани ” , а започнатите судски процеси во врска со земјоделското земјиште ќе добијат правна разрешница со што конечно  правдата и вистината  ќе бидат задоволени.

На крајот сакам да истакнам дека се обидов фактогравски да го објаснам целиот случај за темата земјоделско државно земјиште во Општина Вевчани која што беше експлотирана во изминатиот период од повеќе медиуми и би сакал да истакнам дека во врска со оваа тема нема повеќе да се јавувам со дополнителни коментари во јавноста.

 

 

Со почит,

ПРАТЕНИК

Крсто Мукоски

 

 

Оставете коментар

коментар(и)