Денот на свиркачите гласно одбележан во Скопје

– Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во континуитет укажува на потребата од носење на Законот за заштита на свиркачите, затоа што ние не можеме според актуелниот закон да им пружиме соодветна заштита на сите кои сакаат да соработуваат со нас во таа насока. Граѓаните сѐ поретко се решаваат да укажат на коруптивно работење и криминал, поради стравот што го имаат од последиците од таквата активност. Затоа ние треба да ги поттикнеме, да ги охрабриме, да пријавуваат такво однесување. Но проблем е и довербата во институциите, дека и покрај ризикот од укажувањето институциите ќе постапат по законите. СЈО не отстапува и нема да се откаже од истражувањето на криминалот и корупцијата како институција која е одговорна за својата задача. Не смее да се замолчи и да се затворат очите , потребно е истражување на секој криминал а граѓаните се свесни дека тоа е нешто од заеднички интерес во кој тие се клучниот дел.

 

Свиркачи беа и обвинетите во случајот „Пуч“ , кои преку своите прес конференции објавија коруптивно и криминално 10-годишно владеење на една власт – рече обвинителката Катица Јанева во своето излагање на денешната конференција.

Според Марк Ворт од Kоалицијата за заштита на свиркачите на Југоисточна Европа, првиот меѓународен ден на свиркачите неслучајно се организира во Скопје, баш поради притисоците на кои се изложени новинарите и големиот број укажувачи кои се екскомуницирани, бркани од работа и трпат секакви притисоци.

 

– Полицијата не може да е секаде, не ни сакаме да биде секаде. Медиумите не се секаде, не ни можат а не ни сакаме да се секаде. Затоа се тука свиркачите – рече Ворт.

 

Арџан Дурмиши, креатор на Законот за свиркачи во Албанија, смета дека паѓањето на слободата на говор и имиџот на земјата од делумно слободна во неслободна, според индексот на слободата на говор, е причината зошто овој меѓународен ден на свиркачите се организира токму во Скопје.

 

– Во Македонија се затвораа медиуми, се гонеа и затвораа новинари. Со ова сакаме да дадеме поддршка да запре овој тренд и Македонија да си ја врати слободата на медиумите – рече

Дурмиши.

 

Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси Интернационал Македонија, потсети дека уште од 2000 година наваму се укажува на тоа што значи да си свиркач.

 

– Во првиот закон од 2002 имаше одредба дека укажувачите не смеат да трпат последици. Првиот свиркач кој го откри криминалот во Телеком, беше избркан од работа, и трпеше многу други форми на притисоци, а случајот кој нашите судови го турнаа на страна со образложение дека нема доволно докази, сега се води пред судовите во САД – рече Тасева.

 

Според Џабир Дерала од невладината „Цивил“, ако свиркачите, овие храбри луѓе ги ризикуваат своите работа и безбедност, дури и животот, тогаш најмалку што ние како новинари, активисти и институции можеме да го понудиме е и ние да го посветиме животот за да ги заштитиме.

 

– Сонувам македонското општество да стане општество на свиркачи. Затоа што сме им дале доверба на луѓе да раководат со нашите ресурси и не само нашите пари, но тоа се пари на нашите претци, нашите деца и нашите внуци. Медиумите се елементарната алатка на општествената свест и совест, и затоа треба да дадат поддршка на законот за свиркачите, и на СЈО кое не смее во своите истражувања да ги поштеди и новинарите кои работат во сѐ покорумпирани медиуми. Од македонското новинарство е одземена срцевината – објективноста, слободата, независноста. Во услови кога на највлијателните медиуми сопствениците се лидери на партии, бизнисмени блиски до власта, не можеме да очекуваме многу од македонското новинарство. Среќа, имаме млади колеги, начитани, нашетани, невладини организации, кои даваат надеж, а тука е интернетот каде бизнисот не може да ја стави својата црна шепа – рече новинарот Зоран Иванов.

Оставете коментар

коментар(и)