Клучни играчи во медиумскиот бизнис: Кој ги поседува медиумите во Македонија?

Мнозинството во Собранието на Република Македонија, без многу дебата и размислување, го отфрли предлог-законот за реформи во медиумската сфера само неколку дена пред да се распушти. Предлогот составен според советите на екс-посредникот Питер Ванхојте, се очекуваше да биде сериозно разгледан од страна на народните избраници поради парафот на нивните лидери во Договорот од Пржино. Но, со одбивањето на овој предлог остана уште една неисполнета обврска во пресрет на предвремените парлментарни избори закажани за 5 јуни. Медиумските организации како предлагачи уште еднаш останаа разочарани од непостоењето на политичка волја за конечно регулирање на медиумската сфера во Македонија.

Земјата се соочи со потребата за реформа на медиумската сфера во период кога политичката криза кулминираше. Ова отвори неколку прашања: кој ги поседува медиумите во Македонија, а со тоа и најголемиот удел во оформувањето на јавното мислење? Дали приватните медиуми водат сметка за јавниот интерес или се само средство за реализација на конкретни интереси поврзани со политичките и економските центри на моќ ?

СКУП ја истражуваше сопственичката структура на најголемите медиуми, по што ги детектираше главните играчи во медиумската сфера, кои имаат најголем удел во оформувањето на јавното мислење во Македонија.

 

ОД ДИПЛОМАТИЈА, ПРЕКУ АФЕРИ, ВО МЕДИУМИТЕ

 

Пошироката јавност го запозна д-р Срѓан Керим не само по неговото претседателствување на Генералното собрание на ОН, туку и со ангажманот во македонскиот медиумски бизнис. Како претставник на германската медиумска група ВАЦ, на местото генерален директор на „Медиа Принт Македонија“, која ги издава трите најтиражни дневни весници во Македонија, „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“, Керим е поставен во 2003 година, а подоцна бил поставен и за претставник на ВАЦ во Белград. Слична функција извршувал и во Хрватска.

Во медиумите проструи веста дека долгогодишниот извршен директор на групацијата МПМ, чиј сопственик е „Графички центар“, кој ги издава најголемите весници „Вест“, „Дневник“ и „Утрински“, Срѓан Керим се пензионира од оваа функција. Но, иако се кандидира за генерален секретар на ООН, сепак тој не се откажал од сопственоста во весниците. Според документите од Централниот регистар, неговата фирма „Мирекс Плус Дооел“ се уште има ист удел во сопственичката структура на „Графички центар“, исто како и „Орка Холдинг“ и „Интернет Груп Инвестмент Дооел“.

Иако делува одмерено и е познат по својот дипломатски вокабулар, Керим, сепак, го следеа низа афери во неговата исклучително богата кариера. Уште во неговите министерски и амбасадорски денови, Керим беше критикуван во медиумите, наводно, поради неговите луксузирања.  Во 2010 година, во јавноста „пукна“ аферата „шише“, во која, како што известуваа медиумите бил инволвиран возачот на Керим, во чие возило на унгарската граница, според медиумите биле пронајдени 750.000 евра во шише. Иако даночните власти во Македонија покренаа истрага за овој случај, сепак, постапката се затвори како чист случај.

Керим јавно не ја криеше блискоста на медиумите кои ги раководи со владејачката гарнитура. „Дневник има уредувачка политика која е така ориентирана како што е политиката на Владата. Од трите наши весника, двата се против Владата, едниот е провладин. Од кого да ја браните Владата? Владата е Влада на политички партии. Тие одат на избори и се избрани. Си имаат свои гласачи кои стојат зад тоа. Ако еден весник има таква ориентација, што е погрешно во тоа? Како што не е погрешно што имате медиуми кои пишуваат против Владата и не се согласуваат со тоа“, изјави Керим во интервјуто за ТВ 24 вести објавено лани, нагласувајќи дека секој медиум треба да ја следи уредувачката политика на куќата. Во интервјуто тој додаде дека „немаат потреба да ја трошат хартијата за да ги објавуваат бомбите (на опозицијата), туку дека е доволно што објавуваат политички информации за тоа“.

 

 

ВО ВРВОТ НА БИЗНИСОТ, ВО ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО ВЛАСТА

 

И четириесет и шест годишниот бизнисмен Орце Камчев е еден од сопствениците на трите најтиражни весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“. Тој фигурира во сопственичката структура и на редица компаниии во повеќе области. Растеше во сенката на неговиот татко, Илија Камчев, некогашен директор на „Македонија спорт“, кој во македонскиот бизнис се проби преку фирмата која подоцна стана бренд „Орка“.

Во последните години младиот Камчев го прошири својот бизнис. Ко-сопственик е во болницата „Аџибадем Систина“, „ЗИК Пелагонија Битола“, „Бетон Штип“, како и еден од сопствениците на МПМ, која ги поседува весниците „Дневник“, „Утрински Весник“ и „Вест“.

Во Централниот регистар Орце Камчев се јавува во сопственичката структура на само три фирми: Друштво за производство и трговија „Млекара Здравје Радово ДОО“, Здружение Боксерски клуб „Јордан Мијалков“ и Фондација „Свети Маченик Димитриј Солунски Скопје“. Во Млекарата „Здравје Радово“, Камчев е ко-сопственик заедно со познатиот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко, како и со еден од основачите на „Пелистерка“, Цветан Панделески.

Панделески е сопственик на мнозинскиот пакет акции на „Пелистерка“, преку неговата фирма Трговско друштво за вработување на инвалидни лица за производство и трговија „ЦИП Продукт ДООЕЛ Скопје“.

Камчев се јавува како основач во боксерскиот клуб „Јордан Мијалков“ и е во друштво со првиот човек на „Македонски Телеком“, Жарко Луковски, со екс-директорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, како и со другите двајца членови на неговото семејство синот, Јордан и неговиот брат, Владимир Мијалков.

Камчев се јавува како сопственик и на Фондацијата „Свети Димитриј Солунски“, каде, исто така, се појавува и името на екс-директорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, како и неговиот брат, Владимир Мијалков.

Бројот на фирми каде во сопственичката структура фигурира неговата фирма „Орка Холдинг“ е многу поголем: Друштво за хотелиерство и туризам „Архи Доо Скопје“, друштво за реклама, маркетинг, трговија и услуги „О.К. Идеа ДООЕЛ Скопје“, друштво за производство, трговија и услуги „МОНТ ДООЕл Скопје“, „Аџибадем Систина“, друштво за градежништво, трговија и услуги „ОК Хотел ДООЕЛ Скопје“, Друштво за трговија и услуги за медицинска опрема, „Аџибадем Систина Медикал Компани“, друштво за угостителство, трговија и услуги „ОК Ресторантс & Барс ДООЕЛ Скопје“, друштво за производство, трговија и услуги „БЕТ КОМ КО. ДОО Скопје“, туристичка агенција „ОК Травел ДООЕЛ“ Скопје и други.

Камчев се смета за еден од најбогатите луѓе во Македонија. Но, не така одамна, неговото име постојано се влечеше во медиумите поради наводно даночно затајување, што Камчев го опиша како хајка против него и неговата фирма Орка, поради што и беше приведен, а подоцна и го плати данокот од 20.000 евра.  Камчев пред десетина години се товареше и за даночно затајување во износ од милион евра.

Во книгата „Заробена демократија“ на НВО Транспарентност Македонија се наведува:

„Во 2004 г. Јавното обвинителство поднесе низа кривични пријави против раководството на „Орка холдинг“ за наводно фалсификување на доку менти и прогласување на лажни стечаи во февруари 2003 г., а потоа и постигнување на стечајна ликвидација на неколку од нивните фирми („Хил- дебрандс“, „Наска“, „Текс-текс“, сите основани во 1998/1999 г.). Преку наводно фалсификување на документацијата на фирмите, сопствениците од семејството Камчеви (мајката Ратка, ќерката Кристина и синот Јордан), наводно, затаиле 3,7 милиони евра данок кон државата, обвинувања за кои Камчеви отсекогаш тврделе дека се со политичка позадина. Кон крајот на таа, 2004 г., до џипот на Камчев, паркиран пред зградата во која тој живее, експлодираа две рачни бомби. Кој ги фрлил бомбите во скопскиот кварт во кој живеат и други познати бизнисмени и политичари не беше никогаш откриено, но во јавноста оваа експлозија беше толкувана и како наводно предупредување до бизнисменот од некои „руски кругови“ за нерасчистени бизнис сметки. Извесен период пред експлозијата на бомбите беше пукано во уште едно возило (порше) во сопственост на семејството Камчеви, но и тој инцидент не беше расветлен, а Камчев тврдеше дека тие инциденти се „дело на една структура во полицијата“.

Во 2005 година, како што известуваа медиумите, против „Орка холдинг“ повторно биле покренати истраги за затајување милионски суми на данок, овој пат во периодот 2002- 2004 г. за различни трансакции при изградбата на фабриката на „Орка“ во скопски Зајчев Рид, како и за болниците „Систина“ и „Мала Богородица“ и други фирми од Скопје и Демир Хисар. Случајот стана познат под името „Даночна пирамида“.

„Државата го обвинуваше „Орка холдинг“ и за непријавување вработени, продажба на стоки без декларација и огромни суми (3-4 милиони евра) на незаконски поврат на ДДВ на штета на државата. Скопскиот јавен обвинител изјави дека издал налог за апсење на Орце Камчев, но тој не можел да се спроведе заради негово престојување надвор од Македонија. По враќањето на Јордан Камчев во земјата и по 12 часа поминати во притвор и кауција од 60.000 евра, 30 дневни- от притвор му беше укинат, со можност да се брани од слобода. Обжалувајќи ги наводите на обвинителството, семејството Камчеви тврдеше дека кривичните пријави биле „политички мотивирани“ и дека станува збор за „долгогодишна хајка што се води против компанијата“.Веќе во мај 2006 г. за Камчев се шпекулираше низ медиумите дека во 2002 г. на сомнителен начин купил атрактивно државно земјиште во центарот на Скопје за само 25 евра по квадрат, во договор со тогашни функционери на ДУИ од коалиционата влада на СДСМ. Но,ова Камчев го демантираше“, се вели во книгата „Заробена демократија“.

Како што се вели во истата книга, во јули 2006 г. против Јордан Камчев е подигната уште една кривична пријава за поврат на ДДВ од државата како резултат на фиктивен извоз на воени униформи во САД на добавувачот „Глобал Фајнанс Груп“ од Њукасл. Извозот, наводно, никогаш не се случил.

Исходот од досега поднесените кривични пријави против Камчев за јавноста остана непознат. Освен бизнис релациите со претставници од власта, Камчев често е гледан и во друштво со нив, за што постојано известуваат и медиумите.

 

 

КОМПЈУТЕРИ, ТЕЛЕВИЗИЈА И ОФ-ШОР

 

За српскиот Бил Гејтс, Веселин Јевросимовиќ македонската јавност дозна во времето на купувањето на ТВ Алфа.

Кон крајот на 2012 година, македонските медиуми известија дека Јевросимовиќ станал газда на ТВ Алфа, каде го купил мнозинскиот удел. Во истото време, медиумите јавија дека половина од акциите на МПМ, Камчев ги продал на партнер од Србија.

„Недолго по купувањето на МПМ, веќе кон крајот на август 2012 г., Камчев 50% од својот новостекнат имот го продаде на „стратегискиот партнер“ од Србија, компанијата „Интернет груп“, која е сопственик на електронскиот портал „Телеграф“ (www.telegraf.rs). На тој портал компанијата се претставува како „специјализирана за различни аспекти на онлајн работење, од креирање содржина, преку грижа за настапот на големи брендови онлајн, до развој на големи интернет проекти. Од компанијата на Камчев, пак, со соопштение до јавноста информираа дека продажбата на половина од сопственоста на издавачката дејност е со цел да се консолидираат сите компании на Камчев во една – која би се викала „Телеграф МКД“ – која би се занимавала со создавање на електронска интернет платформа на сите печатени изданија на групацијата МПМ и нивните електронски верзии“, се вели во книгата „Заробена демократија“, во која се опишува тогашната состојба со медиумите.

Сопственичката структура на Тв „Алфа“ е поврзана со Холандските Антили. Сопственик на телевизијата е компанијата „Алфа скоп доо“ од Скопје која, според документите од Централниот регистар, има иста адреса со самата телевизија. Ова фирма, пак, има четири сопственици: Макошпед АД Скопје, Технометал Вардар, Ад Европа и „ЦХС Инвест Гроуп“, која има мнозински капитал во фирмата. Од 25 март 2013 година, во Службениот весник на Република Србија, стои дека компанијата „Комтраде холдинг Н.В.-Куракао“ од Холандските Антили е стопроцентен сопственик на компанијата „ЦХС ДОО“ од Белград, која е основач на истоимената компанија во Македонија.

Инаку, како управител на фирмата Алфа Скоп ДОО, која е еден од сопствениците на ТВ Алфа се јавува Симонида Кажиќ, која е управител на „ЦХС Инвест Груп ДООЕЛ Скопје“, чиј сопственик „ЦХС ДОО во Белград е регистриран на истата адреса Савски Насип бр. 7 во Белград, како и „Интернет Гроуп ДОО“ од Белград, сопственик на „Интернет Груп Инвестмент ДООЕЛ“ од Скопје, која се јавува како еден од сопствениците на „Графички Центар“, издавач на „Вест“, „Дневник“ и „Утрински весник“.

Во врска со новите сопственици на ТВ Алфа и МПМ групацијата, тогашниот Совет за радиодифузија најави дека ќе ја испита можната медиумска конценцтрација, но подоцна не откри такво нешто. Објаснувањето кое тогаш му беше дадено на СКУП е дека „Јевросимовиќ доставил изјава заверена во Прв Основен суд во Белград дека не ги прекршува одредбите од Глава III од ЗРД и дека не се создава недозволена медиумска концентрација“.

Како сопственик на „Комтраде“ се јавува српскиот тајкун Веселин Јевросимовиќ, кој преку македонската компанија „ЦТ компутерс МК“ го доби проектот „Компјутер за секое дете“. За овој проект, дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски неодамна излезе со обвинувања дека зад проектот се крие криминал тежок над 200 илјади евра.

За Јевромисовиќ медумите пишуваа дека е близок до првиот човек на македонски Телеком,  Жарко Луковски.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

 

ВО ТРЕТИОТ ДЕЛ ЌЕ ЧИТАТЕ: Помеѓу личната придобивка и јавниот интерес: дали и медиумите се виновни за кризата?

Оставете коментар

коментар(и)