Македонските студенти со најлош стандард на Балканот

studentski-Biljana-4

Распаднати кровови и подови. Распаднати ѕидишта, руинирани објекти. Ова е сликата за македонските студентски домови. Оваа слика, е и синоним за македонскиот студентски стандард. СКУП Македонија, направи истражување за студентската живеачка во Македонија, во однос на другите земји од Балканот.

За оваа намена споредивме неколку параметри на студентскиот стандард во Бугарија, Романија, Србија, Хрватска и Словенија. Тие се земји, што географски и според развојот се најблиски до нас.

Во сите споредби, нашите студенти, живеат многу помизерно од сите останати студенти во главните градови на Балканот.

 

 

Четири студенти земаат како еден пензионер

 

Просечната пензија во Македонија е 12.000 денари и Владата на премиерот Никола Груевски, ја има зголемено за над 70% за 9 години. Државата за студентите издвојува само 3.300 денари.

„Оваа Влада мисли само на пензионерите, додека за студентите не дава 5 пари. Висината на стипендиите позначајно не е менувана уште од минатиот декада“, вели Стојан Рашков, магистрант на Градежен факултет во Скопје.

А кога државата ги фрла на маргините, може само да претпоставиме колкава е висината на стипендиите во однос на останатите земји во регионот.

 

 

Хрватските, бугарските и српските студенти имаат повисоки стипендии од нашите и вредносно и процентуално. Македонските идни академски граѓани имаат само 14% од просечната плата за студентски живот месечно.

Од анкетата што ја правевме, нашите студенти не се многу запознаени со висината на стипендиите, но бараат поредовна исплата.

„Стипендиите кои државата ги доделува се парично сосема во ред, но мислам дека треба да се исплаќаат почесто, пример секој месец, а не два пати во годината. Треба да постојат повеќе стипендии бидејќи познавам ред мои пријатели добри студенти кои немаат можност да земат стипендија бидејќи оние кои се доделуваат се малку за толку голем број студенти“, вели Даница Караташова, Правен факултет Јустинијан Први.

За Самоил Малчевски, претседател на Сојузот на студенти на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје од 2007 до 2009 година, студентските организации не мрдаат со прст за студентите.

samoil malcevski

Самоил Малчевски

„Последното покачување на стипендиите беше во учебната 2008/2009 година за некои ситни 10%. Правевме едно чудо притисоци, преговори врз тогашното Министерство за образование и наука“, додава тој.

Го побаравме за изјава и сегашниот лидер на скопските студенти Кирил Спировски, но од него добивме СМС со следнава содржина:

„Не сум во можност денес да дадам (изјава), меѓутоа за сите актуелни теми за студентскиот стандард веќе имам кажано став и дадено мислење по медиумите“, се вели во пораката на Спировски.

Лидер во делењето на стипендиите е Словенија, каде овие примања се движат од 400 до 3.000 евра за најталентираните студенти. Тоа е трипати повеќе од просечната словенечка плата.

 

Сместувањето и храната, релативно најскапи во Македонија

 

Во Македонија треба да се издвојат скоро 16% од просечната плата за да се покрие сместувањето и храната на еден студент во државните домови. Само за споредба, следуваат Хрватска и Словенија со 15%, Србија 11% и најповолно хранење и сместување имаат бугарските студенти во државните сместувачки капацитети на Студентскиот град во Софија.

 

Покрај тоа што се релативно најскапи, македонските студентски домови се во многу полоша состојба во однос на српските и хрватските домови.

„Еден период од мојот студентски живот го поминав во студентски дом во Белград и беше супер. Домовите во Белград ни оддалеку не наликуваат на тие во Скопје. Овде секоја соба има свое купатило, а не како во Скопје, на цел спрат или на цела барака има само една бања. Мензата во мое време беше супер, а сега ми кажуваа дека е уште подобра“, со носталгија се потсетува на своите студентски денови, Александар Стевановиќ, од Ниш.

Виена поевтина за студентите од Скопје

Главниот град на Австрија, Виена е поевтина за живеење на студентите од Скопје. Единствено сместувањето во студентските домови е 4 пати поскапо од Скопје, но имајќи предвид дека просечната плата е 3.600 евра, сместувањето во студентските домови во Виена претставува само околу 6% од просечната плата во Австрија. Кај нас просечната плата е 21.000 денари, сместувањето во дом е 3.000 денари, тоа е 15%, што е три пати повеќе.

Од друга страна стипендиите во Виена се од 500 до 1.000 евра, што значи дека со најниската стипендија, во Виена можат да се покрие, сместувањето, патувањето со воз, патувањето со градски превоз и пак на студентот да му останат 200 евра.

Во Скопје, со стипендијата не може да се покрие, само сместувањето во дом, а камо ли да плати слободна карта за возење со ЈСП и карта за воз.

Студентски стандард во Австрија (во евра)

Привилегии Скопје Виена
Градски транспорт 18 17
Стипендии 50 500- 1000
Попуст во воз 30% 50%
Сместување во поединечна соба 50 220

 

За разлика од таму, Рашков се жали дека стандардот на студентите во Македонија покрај што е најнизок, туку и инфлацијата го намалува секоја година.

„Еден стек во 2011 година чинеше 70 бона, сега е 100. Тоа е зголемување за скоро 50%. За леб, истата година, се плаќаше 40 бона, сега чини 70“, вели Рашков.

На квалитетот на храната се жали и Симеончо Стоиков, студент на Правниот факултет Јустинијан Први од Скопје.

„Иако последните 4 до 5 години се прават напори за подобрување на сместувачките капацитети тие се далеку од оптималните услови кои треба да ги задоволуваат. Цените кои ги плаќаме поточно кириите не се скапи. Проблем кој минатата особено оваа година е очигледен е недостаток на храна односно и таа што ја има е иста неколку јадења нема разновидност“. вели Стоиков.

За Малчевски, највиновни за намалувањето на студентскиот стандард се студентските организации.

„За намалувањето на стандардот на студентите највиновни се претставниците од студентските организации. Во сите управни одбори во студентските домови има по еден претставник кој го номинира студентската организација. Нивните членови присуствуваат на седниците на тие управни одбори каде се носат одлуките и каде што се дефинираат годишните планови. Таму се прави и ревизија на тие одлуки на управувачките органи на домовите. Ако тие молчеле на Управен одбор кога се носела одлука за покачување на цените, тогаш никој друг не е виновен за намалувањето на стандардот на студентите, освен студентските организации“, смета Малчевски.

 

Транспортот на студентите најскап во Скопје

 

Македонија е уникатна земја каде пензионерите имаат поголеми привилегии од студентите. И додека некои земји од регионот за студентите обезбедуваат бесплатен превоз, како на пример, романските во Букурешт, кај нас бесплатен превоз во ЈСП има само за пензионерите. Студентите пак ќе платат најскапо да се возат на линиите на Скопското сообраќајно претпријатие. Имаат попуст, кој е најмал на Балканот или само 33%. Имено, слободната студентска карта во Скопје изнесува 1.050 денари, додека слободната карта за возрасни е 1.700 денари.

 

 

Интересен е случајот на Хрватска. Од сајтот на Загрепски холдинг, каде влегува и јавното сообраќајно претпријатие се гледа дека студентите и пензионерите имаат ист попуст. Кај нас, тоа не е случај.

Слична е состојбата и кога се патува со воз. Во Македонија има попуст за млади до 26 години, а посебен попуст за воз за студенти нема, единствено што во четвртоци се возат бесплатно со автобус.

 

 

Дел од вината за ваквата состојба има и кај самите студенти.

„Досега немало иницијатива за бесплатен јавен превоз за студенти. Министерството за образование и наука нема план за реализација на истиот. Ова барање се однесува на Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје“, изјавуваат од Министерството за образование и наука.

За Малчевски, ова е несфатливо.

„Јас практично не можам да ја препознам таа организација што ја водев од 2007 до 2009 година. Ако мислам дека наведната глава сабја не ја сече, тие заборавиле дека со полтронство не може ништо да се постигне“, вели Малчевски.

Фрапантно во Македонија е што пензионерите имаат три дена во неделата да се возат без пари, додека студентите имаат само еден ден, четврток. Пензионерите немаат никакви обврски, а студентите секој ден треба да одат на факултет.

„Треба да има за нас повеќе денови затоа што сепак одиме секој ден на факултет“, вели Ивона Јакшиќ, студентка на Филолошки факултет „Блаже Конески“.

За жал Македонија е земја во која повеќе вредат и повеќе привилегии имаат пензионерите, отколку студентите. Може и тоа е една од причините што 500.000 македонски граѓани, од кои повеќето млади се иселиле во последните 10-тина години.

Оставете коментар

коментар(и)