Антикорупционерите со двојни аршини: борба или заштита на корупцијата?

Неажурирани податоци, бришење на имотните состојби на бившите функционери и долга листа на актуелни избраници кои не доставиле анкетни листови. Ваква слика дава базата на податоци на Државната комисија за спречување на корупцијата кога некој граѓанин ќе се обиде да дознае како работи телото задолжено да ги штити од злоупотреба на нивните пари од страна на државните функционери.

mijalkov

Сашо Мијалков

На сајтот на Државната комисија за спречување на корупцијата не можат да се најдат податоци за имотната состојба на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и прв братучед на премиерот Никола Груевски. Податоци отсуствуваат и за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и нејзиниот поранешен помошник, Иво Котески, како и екс-директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски.

Иако не се веќе министри, анкетните листови со имотната состојба им стојат на екс-министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и екс-министерот за труд и социјала, Диме Спасов.

За разлика од гореспоменатите функционери кои до скоро беа дел од Владата на Никола Груевски, за советниците во општините нема прошка, нивните имоти се под лупа на Антикорупциската комисија. Особено ако се членови на опозицијата.

„Член сум на совет на една рурална општина. Кога бев избран на функција немав никаков имот. Се што поседувавме беше имот на татко ми. Ми стигна пријава од Државната комисија за спречување на корупцијата, ме пратија на суд и платив казна од 350 евра. Плус на ова платив и судски трошоци и неколку пати патував за Скопје, и ми излезе казна од 500 евра“, вели советник од опозицијата, кој сакаше да остане анонимен.

 

Од Табелата се гледа дека над 85% од опоменатите функционери се од мали рурални општини каде има мали шанси за злоупотреба на пари. Над 90% се општински советници кои поседуваат мали семејни фирми.

Од повисоките функционери опомената е Донка Марковска, член на Управен одбор на Јавното претпријатие за државни патишта и надзорниот одбор на ЕЛЕМ и Веле Самак, за вработувањето на сопругата во една од странските инвестиции што ја донесе во Велес.

 

„Грешките“ на Комисијата

 

На сајтот на Државната комисија за спречување на корупција има многу грешки и забуни. Од истражувањето кое го спроведуваше Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, ви претставуваме само дел од нив.

Katica Janeva aktuelna imotna sostojba

Катица Јанева, прв човек на Специјалното обвинителство, има пријавено 80.000 евра имот на брачен другар во Кредитна банка. Но, оваа банка не фигурира на листата на регистрирани банки во Народна банка на Република Македонија.

Овој податок подоцна е избришан од сајтот на Државната комисија за спречување на корупцијата и таква институција и таква сума сега нема во анкетниот лист на Јанева.

Musa Djaferi na DKSK

Забуна создава и претставувањето на имотната состојба на заменик претседателот на Владата, Муса Џафери. На сајот на Антикорупциската комисија, за Џафери постојат два анкетни листа. Еден како за заменик претседател, а вториот како пратеник.

 

Државна комисија за „потикнување“ на корупцијата

 

Улогата и функцијата што ја вршат сегашните членови на Државната комисија за спречување на корупцијата воопшто не соодветствува со задачите, смета Слаѓана Тасева во интервју за СКУП- Македонија.

slagana-taseva-intervju-za-top

„Ниту ја гледам, ниту ја слушам, ниту сакам да ја оценувам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Таа не постои. Едноставно ја нема“,вели Тасева.

Според неа, членовите на Комисијата „едноставно се повлекоа во илегала, добија професионален статус, си уживаат во него“.

„Ги нема никогаш на работа ниту некој ги видел нешто да работат. Официјално државата има антикорупциска комисија, но ако ја отворите нивната веб страна тие се занимаваат со некакви проекти за интегритетот или за работењето на локално ниво“, вели Тасева.

Таа додава дека од Комисијата никогаш нема конкретен одговор на прашање за судир на интереси, за корупција. „Ако вака продолжат ќе придонесат да оваа институција се затвори. Не служат никому и за ништо“, додава Тасева.

Бившиот член на првиот состав на Комисијата,  Драган Малиновски, се сомнева дека зад затвореноста се кријат корупциски скандали.

„Колку позатворени се властите и институциите толку е поголема веројатноста за корупција. Ако не е корупцијата, нема ниту да има потреба од затворање на институциите за јавноста. Што позатворени институции, толку се поголеми шансите за корупција. Тајнината е најголем пријател на корупцијата“, вели Малоновски.

Според Вања Михаилова, поранешен член на Антикорупциската комисија, земјава има обврска да се бори против корупцијата пред Организацијата за европска безбедност и соработка и Европската Унија, но таа не го прави тоа.

„Со самото тоа што Владата не се бори против корупцијата ја потикнува“, смета таа, додавајќи дека „најпотрбна е политичката воља кај власта за да во пракса се имплементираа антикорупциското законодавство“.

„Кај оваа власт, таква воља не гледам.Кога јас бев член на Антикорупциската комисија, функционерите ја почитуваа и имавме многу случаи кога функционери се јавуваа во комисијата претходно и прашуваа дали би имале судир на интереси ако заминат на друга позиција. Оваа Комисија сега е само проформа“, вели Михаилова.

Додека граѓаните бараат одговор за нивните прашања, анти-корупционерите се повеќе стануваат невидливи во јавноста.

На листата на перцепција на корупцијата која ја изготвува Транспаренси интернешнл, Македонија се наоѓа на 64 место. Земјава има добра законска регулатива за борба против корупцијата, но таа не се спроведува. Особено критики има за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во посебен дел е потцртано дека борбата против корупцијата тапка во место.

„Не е постигнат напредок во изминатата година. Корупцијата останува широко распространета. Не постои политичка воља за справување со корупцијата. Мешањето во работата на органите, ја попречува нивната способност да дејствуваат проактивно и неселективно, особено во случаи на високо ниво. Потребни се ефикасни мерки и спроведување на законот особено во работата на Државната комисија за спречување на корупцијата“, се наведува во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава во 2015 година.

Во истиот извештај е наведено дека многу ретки се казнетите за функционери кои треба да платат 75 отсто данок доколку не можат да го докажат потеклото на парите за имотот кој го поседуваат. Ваква постапка во последната година не е евидентирана на сајтот на Државната комисија за спречување на корупцијата.

 

Неми анти-корупционери, расцветана корупција  

 

Лицето задолжено за контакт во Државната комисија за спречување на корупција Славко Ѓорѓиевски е недостапен за граѓаните на Република Македонија, доколку сакаат да достават усно барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, член 11 се наведува дека лицата задолжени за посредување со информации од јавен карактер се должни да им укажат помош при барањето на информациите на овој или друг начин. Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија повеќе пати се обиде да побара информација од јавен карактер од Ѓорѓиевски, лице кое, во Комисијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер е заведено како посредник во Државната комисија за спречување на корупцијата. Но нашите обиди завршуваа до портирницата на објектот. Од портирницата секогаш не упатуваа барањата да ги доставиме писмено. Иако според член 13 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, имаме право да поднесеме усно барање до институциите, сепак ова право екипата на СКУП не можеше да го оствариме во Државната комисија за спречување на корупција. Не добивме ниту писмени одговори од комисијата. На јасните и децидни прашања од  Државната комисија добивме одговор во вид на „барање за дополнување на барањата со цел“. Се обидовме да разговараме со Горан Миленков, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, но до него не стигнавме. Телефонски ја побаравме и Антонија Андонова, лице одговорно за односи со јавноста, но на мобилниот број никој не се јавуваше.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)