Антикорупциската во криза: 520 илјади евра и само 1 пријава (обновено)

Забелешка: Седум дена по објавувањето на ова видео и текст, односно на 10 јуни 2016 година, реагираше Државната комисијата за спречување на корупција. Нивната реакција во целост ја објавуваме веднаш под новинарскиот текст. Скуп Македонија, наскоро ќе одоговори на забелешките од ДКСК.

Откако Собранието во 2002 година го изгласа Законот за спречување на корупцијата, во земјата беше формирана специјална комисија со широк опсег на надлежности за борба против овој негативен феномен – Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Во тоа време, кога корупцијата стана најголема опасност за демократијата, ова комисија вроди надеж кај граѓаните дека конечно од некаде ќе се почне со расчистување со ова општествено зло.

Д-р Слаѓана Тасева беше избрана за прв претседател на ДКСК. Таа вели дека на самиот почеток комисијата служела како модел за другите земји.

„Да не заборавиме, тоа беше една од првите антикорупциски институции во регионот и пошироко. Служевме како модел. Јас знам дека ја претставував моделот и начинот на работење Антикорупциската комисија во Советот на Европа, каде се создадоа основните принципи за тоа што треба да биде исполнето за да постои една успешна Аnтикорупциска институција“, изјави Тасева.

14 години подоцна ова Комисија како да ја изгуби смислата на постоењето. Дали од тело за борба против корупцијата се претвори во нејзин нем наблудувач?

 

ТАЈНОСТА ОДИ ЗАЕДНО СО КОРУПЦИЈАТА

 

Со емотивен и убедувачки говор поранешниот претседател на Антикорупциската комисија и сегашен нејзин член Горан Миленков, се обиде да ја забошоти имотната состојба на екс премиерот Никола Груевски. Наместо да испита од каде се парите на сметките на Груевски и становите на неговата мајка, тој реши да ги обезхрабри новинарите во нивната намера за барање на транспарентност и отчетност од институциите.

Во последните години активноста на антикорупционерите бележи постојан пад. Освен некои маргинални случаи на конфликт на интерерси, антикорупционерите не успееја да покренат инициативи за покрупни коруптивни случаи.

„Односот на Комисијата кон актуелната власт кој денес е повеќе од сервилен. Тие не само што не ја контролираат власта, туку и одработуваат за нејзе, што е уште полошо“, вели Драган Малиновски, член на првиот состав на ДКСК.

Побаравме изјава од поранешниот и сегашниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција, но тие не беа достапни. Наместо транспаретноста, молкот и тајноста продолжува да биде нивен начин за функционирање.

Тасева вели дека тајноста не оди заедно со борбата против корупцијата. „Тајноста оди заедно со корупцијата. Тајноста му погодува она што се сака да се прикрие. Кога го изучував организираниот криминал во крајот на 90-тите, правилото на Омерта, односно забрана на говор важеше за правило кое најмногу и користи на мафијата“

Иако ефикасноста постојано им паѓаше, буџет на комисијата постепено се зголемуваше. Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, користејќи го законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, дојде до документи кои говорат дека буџетот на Антикорупциската комисија ја надмина цифрата од половина милион евра народни пари.

 

МНОГУ ПАРИ, МАЛКУ РЕЗУЛТАТИ

 

Со доаѓањето на нејзино чело на Горан Миленков буџетот на комисијата порасна од 352.000 евра во 2014 година, на 520.000 евра во 2016. Бројот на вработени порасна од 24 во 2014, на 31 во 2016 година.

budzet

Миленков за нецела година примил скоро 12.500 евра од буџетот на РМ да се бори против корупцијата.

Сегашниот претседател Игор Тантуровски примил скоро 12.000 евра, Жаклина Дамчевска 11.200, Сузана Таскова Аџикоторчева 10.800 и Најдо Спасевски 11.300 евра. Најмногу плати и патни трошоци од нив примиле Фарије Алиу 17.600 евра и Сејди Халили 14.200 евра за нецела година.

plati

Додека екс-претседателот на комисијата Миленков не одговараше на нашите повици за да се изјасни за работата на ова тело, неговите бивши колеги велат дека тој ја претвори комисијата во заштитник на корупцијата.

Ставаат такви оради, такви заштити на се она што е контраверзно и очигледно незаконско однесување да тоа се претвара во антипод, спротивно на Антиорупциска комисија, тоа се претвори во корупциска комисија. Комисија која штити корупција, наместо Комисија која се бори против корупцијата“, вели Тасева.

„Факт е дека изминатиов период со своето однесување Антикорупциската комисија е соучесник во многуте девијантни дејствија во Република Македонија“, вели Малиновски.

Откако е поставен на функција во 2015 година овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата поднел само 1 пријава. Тоа е најмалку во регионот. За заостанувањето на борбата против корупцијата во Македонија покажуваат и примерите со земјите во регионот.

Српската агенција за борба против корупцијата поднела 183 пријави, Бугарската 116, Хрватскиот уред за спречување на корупцијата поднел 458 пријави и Црногорската комисија поднела 89 пријави.

mapa

„Македонската е вопсоставена во 2002 година, Словенечката е воспоставена во 2003 година, Српската е воспоставена во 2010 година, дури во 2011 започна ефективно да работи. Периодот на раното постоење на нашата Антикорупциска комисија, таа беше лидер во Југоисточна Европа по успешност“, вели Тасева.

За лошата работа на Државната комисија за спречување на корупцијата говори и во последниот извештај на Европската Унија за напредокот на Македонија во кој се наведува:Во претходната година нема постигнато напредок во однос на идентификуваните нерешени проблеми. Корупцијата останува широко распространета. При решавање на недостатоците истакнати подолу, земјата треба да посвети внимание и да покаже политичка волја во борбата против корупцијата во форма на автономни и ефективни мерки преку телата за спроведување на законот и надзорните тела, особено Државната комисија за спречување на корупцијата.“

И додека платените членови на Државната комисија за спречување на корупцијата ги штитат од јавноста имотите на функционерите, земјава се повеќе се дави во корупција.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

 


Реакција на ДКСК:
Во врска со текстот објавен на www.scoop.mk на ден 03.06.2016 година со наслов: „Антикорупциската во криза: 520 илјади евра и само 1 пријава” Државната комисија за спречување на корупцијата реагира и најостро ги осудува наводите содржани во текстот кои се насочени кон ширење на невистини и дискредитација на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, притоа и на Комисијата како државен субјект.
ДКСК смета дека со ваквото тенденциозно информирање од страна на СКУП Македонија се прекршени принципите на професионалното и етичко информирање и е со цел создавање погрешна перцепција во јавноста.
Не се точни наводите дека во ДКСК се вработени 31 лице. ДКСК брои 27 вработени во Секретаријатот и 7 членови на комисијата.
Со овој капацитет на вработени ДКСК ги извршува работите по своите надлежности самостојно и независно, но и тековните работи во својство на правно лице како независна државна институција.
ДКСК 2015 година ја започна со Буџет од 31.982.000,00 денари. Крајната реализација на Буџетот на ДКСК за 2015 година изнесува 26.796.267,00 денари, односно 83,79 %. Буџетот на ДКСК за 2015 година е креиран претходната година, крајот на 2014 година, согласно законските прописи, па одовде произлегува нелогичноста за поврзување на висината на буџетот со овој состав на Комисијата избран на 14 април 2015 година. Зголемувањето на Буџетот е и една од препораките на ГРЕКО од 4-тиот круг на евалуација и која како обврска е преземена од страна на Република Македонија.
Предвидениот износ на обврски спрема доверителот ЕВН Македонија АД, Скопје, заостанат долг од 2007 година, значително се намали и е направена заштеда на име застарени обврски и отпишани камати по обврски во износ од 1.328.819,00 денари.
Се напоменува дека овој долг е наследен од 2007 година, од претходните состави, кога претседатели и членови биле определени лица кој сега се нарекуваат ,,експерти,,
Во текот на 2015 по разни основи ДКСК во Буџетот на РМ внесе 50.380 евра или 3.113.480 денари, кој е ноторен факт и е евидентен.
Во насока на развивање на капацитетите, преку примена на меѓународните методи за оценка на квалитетот на работата и управувањето, укажуваме дека ДКСК во 2015 година се стекна со сертификат на стандардот ИСО 9001:2008.
Во согласност со надлежностите од Законот за спречување на корупцијата, ДКСК во 2015 година постапуваше по 273 предмети за конкретни случаи во кои постои сомневање за корупција иницирани преку пријави од граѓани, правни лица и по сопствено наоѓање. Од нив решени се 137.
ДКСК одлучи до Јавното обвинителство на Република Македонија да покрене иницијативи за поведување постапка за кривично гонење на избрани или именувани лица, службени лица или одговорни лица во јавни претпријатија, јавни установи и други правни лица што располагаат со државен капитал.
Од страна на ДКСК, поведени се постапки пред надлежен орган за разрешување на одговорни лица.
До денес оформени се нови 124 предмети. По оформените предмети ДКСК работеше без исклучок, а подносителите на пријавите ги известуваше за исходот од своето постапување.
Во периодот од 01.01.2015 – 31.12.2015 година, во ДКСК се оформени вкупно 107 нови предмети од областа на судирот на интереси, а од нив завршени се вкупно 64 предмети или вкупно 122 предмети.
Покрај нив, во овој период затворени се дополнително и 58 предмети, примени и отворени во претходните години.
Од ново отворените предмети во текот на 2015 година, ДКСК во 13 случаи констатира постоење на состојба на судир на интереси.
Согласно со член 25 став 1 алинеја 1 во врска со член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси, ДКСК изрече до сега, 30 јавни опомени на службени лица кои беа во состојба на судир на интереси поради кумулација на функции.
До денес се примени вкупно 437 изјави за интереси од кои 68 изјави за интереси се од службени лица кои своите овластувања ги извршуваат во сферата на локалната самоуправа, 34 изјави во областа на правосудството и 335 изјави за интереси од службени лица во органите на државната власт.
Вкупниот број на изјави за интереси доставени до ДКСК сметано од моментот на воспоставување на обврската за нивно поднесување согласно со измените на Законот за спречување судир на интереси во 2009 година, а заклучно со крајот на 2015 година, изнесува 6.976 изјави за интереси.
Во 2015 година до ДКСК доставени се вкупно 1132 анкетни листови по избор или именување на функцијата, по престанок на функцијата, промена на функцијата, известување за повторен избор како и известувања за промена на имотната состојба.
Во 2015 година ДКСК, согласно со законските надлежности, против седум избрани и именувани лица до надлежниот суд поднесе барања за поведување прекршочни постапки поради недоставување анкетен лист, односно непријавување промени на имотната состојба. Во овој период по овие и по претходно поднесените барања, судовите донеле 19 одлуки.
Според известувањата од УЈП, завршени се 19 постапки за испитување на имотот и имотната состојба, иницирани од ДКСК во претходниот период. Од нив 18 постапки се запрени со заклучок бидејќи е утврдено дека лицата против кои е поведена постапката немаат стекнато и не поседуваат имот што е поголем од оданочените приходи а во еден случај е донесено решение со кое лицето се задолжува со персонален данок на доход по основ на непријавени и неоданочени приходи во износ од 447.999,00 денари.
Притоа, членовите на ДКСК не „примиле“ парични средства во Евра (неточен и невистинит податок), како што е наведено во текстот, туку нивната плата и надоместоци се пресметани согласно Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
Во текот на една година од работењето на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата одржани се 104 седници, најмногу до сега на годишно ниво за разлика од одржаните седници на поранешните состави на Комисијата.
Изјавите на лицата Слаѓана Тасева и Драган Малиновски како поранешен Претседател на ДКСК и поранешни членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, кои се јавуваат како експерти на оваа тема, не само што се некоректни и невистинити, туку во најмала рака покажуваат елементарно непознавање на Законот за спречување на корупцијата и на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, со имислено лично навредување и напаѓање на интегритетот на личноста на членовите на ДКСК.
Очигледно, составувачот и лиферантот на овие информации немал или не сакал да има, ниту располагал со достаточни и релевантни факти, доколку располагал истите најгрубо ги злоупотребил, се со цел да се нанесе штета на ДКСК, а преку ДКСК така и на Република Македонија.
Со цел објективно и вистинито и целосно информирање на јавноста, ДКСК бара од Вас како медиумски куќи, а се со цел да не се шират лажни и неточни информации да ги проверите информациите кои веќе ги пласиравте во јавноста, да го објавите овој демант во целост на Вашиот медиум, а веднаш потоа јавно да се извините на членовите на ДКСК за објавените наводи со кои се дискредитира личниот интегритет и углед, како и угледот на институцијата.
За ова ќе биде информирана Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, новинарски здруженија и сите релевантни институции кои вршат надзор врз работењето на медиумите и ќе биде побарано да се преземат најстроги санкции кон вашиот медиум, главен и одговорен уредник и новинарот кој ја подготвил оваа информација, како и кон лицето или лицата кои ги лиферувале како вистинити овие податоци, притоа злоупотребувајќи ги како вистинити, користејќи и злоупотребувајќи го Законот за слободен пристап до информации.

Оставете коментар

коментар(и)