Имотот на партиите – невидлив во извештаите

Финансиите на партиите се под лупа на институциите, но не толку колку нивниот имот, кој би требало да биде на увид на јавноста, коментираат експерти по објавената сторија на СКУП-Македонија, каде детално ги објавивме имотните листови на четирите најголеми партии. Иако од партиите тврдат дека тие редовно прават попис и овие документи ги доставуваат до државните институции, сепак, на нивните веб страници не можат да се видат ниту годишните финансиски извештаи, а камоли тоа што поседуваат. Дури и од Државниот завод за ревизија велат дека имотот на партиите е спомнат само попатно во извештаите, но нивниот фокус е на финансиите кои легнуваат на партиските сметки.

Ако се погледнат финансиските извештаи за партиите кои ги изработува Државниот завод за ревизија, имотот на партиите е спомнат само попатно и тоа само во случаи кога ревизорите констатирале одредени состојби. На пример, во Годишниот извештај за работата на ВМРО-ДПМНЕ за 2012 година, објавен во 2013 година се констатира дека партијата во текот на 2012 година склучила 69 договори за закуп на простории со физички лица. Но, и дека недостига евиденција за бројот и начинот на користење на овие објекти. Потоа, во Годишниот извештај за работа на СДСМ за истата година се наведува дека бројот на општинските организации во тоа време е 80. Ревизијата констатирала дека 10 општински организации се сместени во објекти-сопственост на партијата, додека останатите се во објекти наследени од претходниот правен субјект или под закуп. Но, ревизорите не добиле податоци каде се сместени останатите 42 општински организации.

Во истата година ревизорите не добиле податоци за начинот на уредување на меѓусебните права и обврски на партијата ДУИ со правните субјекти или физички лица каде партијата користи деловен простор, освен за седиштето на партијата. Додека, со извршената ревизија кај ДПА во 2012 година, пак, е утврдено дека „партијата не поседува доволно докази за потврдување на бројот на ограноците кои користат деловен простор, нивното седиште и начинот на нивното користење (со или без надомест).

„Примарната цел на Државниот завод за ревизија е да вршиме ревизија на финансиско-материјалното работење на партијата, а попатно го проверуваме и имотот на партиите, но за него не правиме посебни извештаи туку е споменат во редовните извештаи кои ги изработуваме за партиите“, вели Мијалче Дургутов, портпарол на Државниот завод за ревизија.

vanja mihajlova

Вања Михајлова

Вања Михајлова, антикорупциски експерт вели дека е изненадена од тоа со колкав имот располагаат партиите. Според неа, работата на партиите треба да биде јавна.

„Имотот се купува со пари, а Управата за јавни приходи ги контролира. Партиите мора во завршната сметка да кажат од каде потекнуваат тие средства со кои тие купиле имот и дали е платен данок. Главната улога во контролата на имотот на партиите треба да ја има УЈП. За жал, ниту една партија не е доволно транспарентна во однос на изворите на финансирање, иако законите ги обврзуваат нивната работа да е јавна“, потенцира Михајлова. Ист став има и поранешниот претседател на Државната комисија за спречување корупција, Драган Малиновски, кој вели дека стекнувањето имот на партиите треба да биде во фокусот на интерес на ревизорите. Тој додава дека партиите треба во годишниот извештај да наведуваат и ставки за стекнат имот.

Saso-Ordanoski

Сашо Ордановски

„Во Македонија постојат доволно закони кои регулираат сечиј имот, па и партискиот. Во таа смисла, постојат десетина институции задолжени за потеклото на тој имот: УЈП, Државната комисија за спречување корупција, Јавно обвинителство, Финансиска полиција итн. Не сметам дека е потребен нов закон бидејќи оваа материја се регулира со постоечките закони. На пример, кога ќе платите 1,7 милиони долари на лобисти во Вашингтон има најмалку пет институции кои треба да реагираат, да ве повикаат и да ве прашаат од каде ви се тие средства. Бидејќи во Македонија институциите не функционираат се добива впечаток дека треба екстра закони за области кои се веќе регулирани со закон“, коментира аналитичарот Сашо Орданоски.

suad misini

Суад Мисини

Аналитичарот Суад Мисини смета дека партиите се комплетно нетранспарентни во пријавувањето и поседувањето имот. „Тоа се докажува на два начини-ако е имотот купен, тоа не се гледа преку финансиските извештаи, а ако е дониран, тоа не може да се види преку регистарот на донации кој законски треба да се објавува е да биде достапен на сите граѓани“ вели тој. Мисини додава: „Во претходните изборни циклуси ВМРО-ДПМНЕ имаше, ако можам така да се изразам, настан со купување имоти кој што Државниот завод за ревизија го означи како проблем во однос на прикажување договори за закуп на општински, локални партиски штабови, но не се осврна на имотите кои потоа се докажа дека се купени, односно ВМРО-ДПМНЕ изјави дека се купени“.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)