Незири: За истражувачко новинарство потребна е добра финансиска кондиција на медиумот и слобода за истражување

Пишува: Ана Анастасовска

(Оригинално објавено на сајтот на Проферка на факти на 26.11.2015)

 

Што претставува СКУП Македонија и од каде идејата за негово формирање?

Незири: СКУП, како проект, датира од 2006 година. Нејзината мисија беше промовирање и поддржување на истражувачкото новинарство во балканските земји, како и поттикнување на прекуграничната соработка на новинарите во овој регион на непријателства и на нетрпеливост помеѓу државите. Овој проект беше спроведен од данското здружение за истражувачко новинарство, додека основачите на СКУП беа координатори за Македонија. По пет години проектот престана да биде финансиран, со што новинарите во земјите на Балканот останаа без една значајна фондација за поддршка за нивната истражувачка работа. За жал, фондовите престанаа и во Македонија, во момент кога земјата бележеше огромен пад во однос на медиумските слободи. Освен ова, проектот СКУП во Македонија беше прилично успешен, при што беа поддржани многу стории на новинари од речиси сите значајни медиуми во земјата. Поради овие две причини бевме принудени да направиме сè за проектот да продолжи. Во овие наши напори имавме огромна поддршка од данските колеги, кои направија многу СКУП да продолжи во Македонија. Додека во другите земји проектот престана, во март 2011 година продолжи само во Македонија, со тоа што беше регистрирана како невладина и непрофитна организација. Целта остана иста – да го унапредува, да го поддржува и да го поттикнува истражувачкото новинарство. Освен името СКУП, ги наследивме и стандардите на нашите колеги од Данска, со тоа што се обидовме да промовираме документирано, докажано новинарство, преку кое се промовираат професионалните новинарски стандарди и, воопшто, демократските вредности. Со други зборови, како СКУП Македонија се обидуваме да го воведуваме западниот начин на новинарство, за кое се важни квалитетот и точноста на информацијата, а не квантитетот на самата информација.

Од 2006 година наваму финансиски се поддржани повеќе од 200 истражувачки стории, оддржани се повеќе од 15 тренинзи и делегирани се повеќе од 20 новинари во меѓународни конференции за истражувачко новинарство. Во последно време држиме и тренинзи на студентите по новинарство, со што сакаме во земјава што е можно повеќе да заживее истражувачкото новинарство.

 

Која е целта на СКУП Македонија и кон што конкретно се насочени неговите активности?

Незири: Ние сме убедени дека злото во нашата земја има еден извор – тоа е корупцијата. Корупцијата ја задушува демократијата, продуцира нестабилно општество и држава, сиромаштија, конфликти и нејасна иднина за сите нас. Ако велиме дека сите граѓани треба да придонесуваат за искоренување на корупцијата, тогаш ние како новинари сме едни од најповиканите да се бориме против овој негативен феномен. Затоа, нашата мисија е транспарентни, демократски институции и европска Македонија. Заради ова сме активни учесници во борбата против корупцијата, мисија за која треба да се залагаат сите сегменти во општеството. Истражувачкото новинарство ни е алатка во нашата борба против корупцијата. Предизвикот во иднина го гледаме во поврзување на новинарите од Македонија со нивните колеги од регионот и пошироко, момент кој би сакале да го подобриме, бидејќи на границите не треба да се гледа како на пречка, туку како можност за подобра соработка и можност за усовршување на вештините на новинарското истражување.

 

Со кого соработувате во и надвор од земјата?

Незири: Со сите организации со кои споделуваме исти вредности и иста цел, независно од која држава, регион или континент доаѓаат. Во овој период на глобализација, и корупцијата оди преку границите на нашата земја. Организираниот криминал и корупцијата се транснационални појави, преставуваат поврзани групи и индивидуалци од разни држави, кои имаат одлична соработка меѓу себе. Ако криминалците соработуваат, зошто ние како новинари да поставуваме беспотребни идеолошки бариери кои би оневозможиле да откриваме корупција и криминал, кој е често поврзан токму со преставниците на таквите деструктивни идеологии? Затоа, поттикнувањето и помагањето на новинарите да соработуваат и да се поврзуваат е еден од главните наши предизвици. Имаме партнерски односи со организации за истражувачко новинарство во Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Косово, Романија, Грција и од Словенија. Освен на Балканот, СКУП Македонија е наследник и партнер на Данската мрежа за истражувачко новнарство (www.i-scoop.org). Членуваме и соработуваме со повеќе организации, како Глобалната мрежа на истражувачки новинари (http://gijn.org/),  Проектот за истражувачко известување за организиран криминал и корупција (https://www.occrp.org/en), а соработуваме и со сите регионални центри за истражувачко новинарство.

 

Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава констатира дека истражувачкото новинарство во Македонија не е развиено. Се согласувате ли со ваквиот став и кои се Вашите аргументи?

Незири: Истражувачкото новинарство подразбира добра финансиска кондиција на медиумот и потребна слобода за истражување и за објавување на резултатите. Овие се два неопходни услови за развивање на овој жанр во новинарството. Во Македонија има медиуми што финансиски стојат добро, но ја немаат потребната слобода за да ги истражуваат коруптивните скандали на власта или поврзани со неа. Од друга страна, имаме медиуми кои имаат слобода за истражување, но немаат финансии за да ги поддржат новинарите во нивната работа. Земајќи ги предвид овие факти, мислам дека стои оцената на ЕК. Во нарушените услови на македонскиот медиумски пазар, каде власта е најголем рекламер, треба да се најдат начини да се поддржат сите слободни медиуми кои имаат човечки ресурси да истражуваат корупција и организиран криминал, но немаат приходи поради својот критички осврт кон центрите на политичка и на економска моќ. Да се поддржат не само со финансиски средства, туку и преку пренос на вештините и на техниките на истражувачкото новинарство.

 

Колку е лесно или тешко да си истражувачки новинар во Македонија?

Незири: Да се биде истражувачки новинар во услови кога државните институции се исклучително затворени, е навистина тешко, дури, би рекле, невозможна мисија. Секојдневно, буквално, се бориме со институциите за да може да добиеме информации кои се од значење за јавноста, за граѓаните, а кои мора и треба да бидат информирани за тоа како и каде се трошат нивните пари. Истражувачкото новинарство носи ризици, но има и предност од аспект на тоа што информацијата до која се доаѓа има далеку поголем импакт од таа што се зема, на пример, на дневните настани. Затоа, за да направиме истражувачка сторија, понекогаш ни се потребни не само недели, туку и месеци, за да опфатиме одредена тема од што е можно повеќе агли. И потоа, кога ќе се објави документирано и аргументирано она сознание до кое сме дошле, тоа има далеку поголем импакт во општеството. Како резултат на тоа, честопати досега ни се случило нашите стории да имаат не само голема читаност, туку и државните институции да ги сменат своите политики токму поради тоа што сме го објавиле или, пак, да влијаеме на јавното мислење. На пример, Министерството за образование и наука го смени софтверот поради нашата објавена сторија за тоа дека податоците на децата може да ги прочита кој било на интернет. Понатаму, се отвори полемика во јавноста по нашата скорешна сторија за пратеничките трошоци, во која обелоденивме дека пратеници во македонското Собрание потрошиле повеќе од 20.000 евра за период од само 11 месеци. Имавме неколку истражувања за еколошкиот криминал во земјата, пропаднатите иснтитуции како таа на Субрата Рој, вистинската имотна состојба на партиските лидери, партиските вработувања во администрацијата, наместени тендери и така натаму.

 

Со кои пречки најчесто се соочуваат истражувачките новинари кај нас?

Незири: Прво, се соочуваат со недостиг од транспарентност на институциите, кои, за разлика од претходните десетина години, сега се многу, многу позатворени и канализирани за одговор преку лица задолжени за односи со јавноста, кои често не се достапни за новинарите, а камоли за обичниот граѓанин. За одговор од некоја институција, се чека понекогаш и со месеци, но ние сме трпеливи бидејќи имаме време, што не може да се каже и за новинарите што сакаат да се занимаваат со истражувачко новинарство, а често немаат ниту време поради нивните обврски во дневните редакции. Или, пак, се соочуваат со цензура таму каде што работат, па затоа ни се обраќаат на нас, барајќи можност да објават тема која вообичаено не би била прифатена во нивните матични редакции. Потоа, кај нас има недостиг од средства за да можат новинарите да ги реализираат истражувањата. Од овој аспект, значењето на СКУП Македонија беше особено големо во изминатите години, бидејќи финансиски ги поддржувавме новинарите за да можат да изработат истражувачки стории. И не само тоа. Им помагавме и во процесот на поднесување барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, или, пак, ги поднесувавме во наше име, бидејќи многу новинари се плашат да поднесат вакво барање до некоја институција затоа што сметаат дека постои ризик од одмазда зошто поставиле такво барање. Ова, според нас, се должи на фактот што институциите и луѓето кои раководат со државните институции станаа „алергични“ на критики во јавноста, иако, напротив, би требало да се транспарентни во јавноста, а не да лиферуваат информации кои им одат во прилог, а другите да бидат сокриени или далеку од очите на јавноста.

 

Имало ли досега случаи на притисоци или закани по живот врз некој новинар кој се обидел да истражи нешто подлабоко?

Незири: Притисоците и заканите се дел од нашата работа. По објавување на сториите, често се случува да реагираат лицата кои одбиле да се произнесат во текот на истражувањето. Најчесто се закануваат со тужби, за што како центар сме заштитетни, од причина што имаме ангажирано правен експерт кој ги разгледува сториите пред да бидат објавени.

 

Колку институциите се отворени за соработка со новинарите?

Незири: Зависи од самата институција. Генерално се затворени и ги користат сите можни начини за да го избегнат одговорот. Ние најчесто го користиме Законот за слободен пристап до информации од јавен интерес, но не сите институции го почитуваат. Новинарот мора да ги срочи така прашањата за да го добие бараниот одговор, без да им стави на знаење на институциите за која конкретна тема ќе го употреби. Мислам дека постои страв кај надлежните да одговараат на сите прашања за кои се должни да известуваат пред јавноста. Повеќето институции се плашат да бидат транспарентни кога е во прашање трошењето на народните пари.

 

Во ситуација каде што медиумите главно служат за партиско-политички и за приватни интереси, професионалното новинарство речиси исчезна. Во редакциите речиси и нема истражувачко новинарство. Зошто е тоа така и што е тоа што новинарите ги демотивира да се зафатат со истражувачки стории?

Незири: Секој медиум е дел од јавната сфера и не може да се сведе на обична приватна сопственост, каде сопственикот ќе пристапи како кон една продавница. Секој медиум мора да води сметка и за јавниот интерес, иако за оваа задача најповикана е МРТВ – која функционира со такса која ја плаќаат речиси сите домаќинства и приватни бизниси. Мислам дека во последно време медиумите повеќе продуцираат пропаганда, отколку вистинско новинарство.

Новинарството се сведе на читање или потпишување на текстови, кои доаѓаат од центрите на политичката моќ во земјата. Меѓутоа, јас сум оптимист дека со зголемување на поддршката кон слободните медиуми и новинари, може да се поправи сликата за актуелното новинарство.

 

Има ли во моментов некој конкурс за истражувачки стории?

Незири: Во моментов немаме отворен повик. Од почетокот на наредната година ќе имаме фонд за поддршка на новинарите истражувачи, за што, секако, ќе ги информираме колегите.

 

Колку стории објавувате годишно и каде тие се објавуваат? Дали може истите да бидат преземени од други медиуми?

Незири: Просечно објавуваме повеќе од 20 стории годишно. Истите се објавуваат на нашата веб-страница, но и на „Инбокс 7“, интернет-магазин кој е производ на СКУП. Ние ги охрабруваме сите медиуми да ги преземат сите наши соддржини, т.е. истражувачки стории. На нашата страна се достапни и сите документи врз кои ја градиме сторијата, кои, исто така, можат да служат како почетна точка на некое ново истражување. Сите медиуми се слободни да ги преобјавуваат сите наши содржини.

 

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Оставете коментар

коментар(и)