Одговор на СКУП до Антикорупциска комисија


ДОКУМЕНТАЦИЈА

Буџет на ДКСК за 2014 година (16 стр. означено со жолто)

Буџет на ДКСК за 2016 година (16 стр. означено со жолто)

Плати на вработените во ДКСК


 

Сакаме да нагласиме уште од самиот почеток дека Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, уште од самиот почеток на неговото функционирање, се води од строги принципи кои подразбираат документирано новинарство. Ниту имаме за цел некого лично да дискредитираме, ниту пак да создаваме погрешна перцепција за одредена институција.

Нашата цел е иста како и вашата: транспарентност, отчетност и борба против корупцијата. Во ова мисија ние баравме (и се уште бараме) искрена соработка од вас како Комисија, во однос на објавување на податоци кои треба да се јавни во секоја нормална демократска земја. СКУП е новинарска организација и како алатка во ова мисија ни е истражувачкото новинарство, поткрепено врз документи и докази. Вие како Комисија имате конкретни обврски кои произлегуваат од Законот за спречување на корупцијата, особено од Член 49, и на располагање ги имате сите правни алатки за извршување на тие задачи. За разлика од нас, вие како Комисија сте платени од парите на даночните обврзници на Република Македонија и затоа сте должни да ги извршувате сите законски обврски во правец на борба против корупцијата.

Дали вие сте ги извршиле овие законски обврски? Ние ќе ви наброиме неколку примери кога наместо соработка со нас како организација за борба против корупцијата, вие се одлучивте да ги премолчите податоците за државните функционери:

  • Во мај 2015 година СКУП-Македонија помина вистинска голгота во обидот да добие основни информации од Државната комисија за спречување на корупцијата за време на претседателствувањето на Ѓорги Сламков. Користејќи го правото од Законот за слободен пристап до информациите, во неколку наврати се обидовме да добиеме информации за имотната состојба на политичарите, како и за актуелните постапки кои ги води Комисијата. Во нашето досегашно искуство единствено Државната комисија за спречување на корупција ни бараше полномошно и ни оставаше рок од три дена (од кои два дена беа викенд) да го доставиме.
  • Во септември 2015 година се обративме и до Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со случајот со Небојша Стајковиќ, кој истовремено бил помошник министер во МВР и член на управниот одбор на „Македонски телеком“. Но, не добивме одговор од Комисијата дали е поведена постапка за овој случај.
  • Во април 2016 година новинарот на СКУП пак се соочи со затворените врати на Комисијата и грубата одбивност на вработените, со намера да оневозможат користење на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во овој случај, на нашиот новинар му било кажано дека тој претставува „опасност за Комисијата“.

Овие се само од неколкуте еклатантни случаи со кои СКУП се соочил во последните две години. За жал, наместо да биде модел за транспаретност, Комисијата стана симбол на затворена  институција. Наместо промотор на борбата против корупцијата, која е и самата цел на постоењето на ова тело, Комисијата стана нејзин заштитник.

plati DKSK

Платите на ДКСК

Нашиот документарец беше резултат на макотрпна работа за јавноста да знае колку ги чини една Комисија која има конкретни законски обврски и надлежности за да ги мониторира останатите институции во нивното работење.

 

За да нема небулози во јавноста, СКУП ја објавува целата документација врз која се потпира истражувањето. Овие документи говорат за висината на примањата на секој член како и обемот на нивната работа.

Во ситуација кога земјата тоне во корупција од највисок ранг, за што говорат и извештаи од скоро сите странски кредибилни институции и организации, Комисијата во текот на 2015 година покренала само еден кој може да се смета за покрупен случај, додека останатите 12 се однесуваат на пониски функции од власта.

budzet 2016

Буџет на ДКСК за 2016

budzet 2014

Буџет на ДКСК за 2014

 

Ваше е правото целиот случај да го пратите кај сите медиумски организации, но наше право и должност е да ги истражиме сите индиции на корупција и организиран криминал. Само една земја со транспаретни институции, кои се имуни на корупцијата, може да има светла перспектива.

Како со другите организации и тела за борба против корупцијата, СКУП бара соработка и со Комисијата, како најповикано тело во исполнување на ова законска обврска. Само на овој начин и ние како новинари, и Комисијата како надлежна институција, би придонеле за поголема транспаретност на институциите кон граѓаните.

Оставете коментар

коментар(и)