Хаос со загадувањето: Инспектори заклучуваат канцеларии или ги нема на работа

Автори: Сандра Никчевска

               Ива Аnдреевска

 

Откако во октомври 2017 се сменила локалната власт во Општина Центар, двајцата инспектори за животна средина ги заклучиле записниците за нивната работа и не се појавиле повеќе на работното место. Како инспектори тие работеле во периодот од 2012 до 2017 година, но никој од општината нема увид што сработиле во правец на казнување на загадувачите на градот.

 

И новата инспекторка за животна средина, Весна Николовска, нема пристап до документацијата која е заклучена во канцеларијата каде работеле нејзините двајца колеги.

 

„Сите Записници се наоѓаат во канцеларија каде што немаме пристап. Воедно, сакам да укажам и на тоа дека во записниците има наведено лични податоци на одговорни лица во правни субјекти, кои не можат да се презентираат јавно“, се вели во писмениот одговор на инспекторката Николовска, пратен до СКУП согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. „Во последните денови од месец декември, кога јас дојдов на работно место – овластен инспектор за животна средина, извршен е инспекциски надзор во неколку ресторани во строго централно подрачје со цел да се увиди начинот на греење и можното загадување на воздухот“, вели таа.

 

Николовска за СКУП уште објаснува дека одобрение за работа на фирмите дава Министерството за животна средина. Б- дозволите ги издава секторот за заштита на животна средина на Град Скопје, а инспекцискиот надзор го вршат овластени инспектори на градот.

 

Општината пак, додава Николовска, ги одобрува Елаборатите за животна средина за правните субјекти на нејзина територија.

 

Инспекцискиот надзор го спроведуваат овластени инспектори за животна средина на Општината. Досега, поднесени се елаборати за кафе барови, ресторани, сендвичари, автомеханичарски работилници и автоперални, вели Николовска.

 

Иако имаат надлежности за да реагираат против загадувачите, податоците до кои дојде СКУП укажуваат на фактот дека општините во Република Македонија не го третираат сериозно проблемот на загадувањето. Скоро сите имаат мал број на инспектори со минимален работен учинок и скоро без изречени глоби за загадувачите.

 

 

ИНСПЕКТОР ИМА, ЗАГАДУВАЊЕ НЕМАЛО

 

 

СКУП ги побара резултатите на инспекторите за животна средина, не само на Општина Центар, туку и на останатите единици на локалната самоуправа на Градот Скопје.

Општина Ѓорче Петров, пак, вели дека нема записници зошто „нема ниту загадување“.

„На територија на Општина Ѓорче Петров нема фирми за управување со отпад (опасен и неопасен). Општина Ѓорче Петров не е надлежна за издавање Б-интегрирани еколошки дозволи, таа надлежност е на Град Скопје. Во однос на второто барање, Ве информираме дека Општина Ѓорче Петров нема записници од еколошки инспектор за наведениот временски период“, пишува во дописот Ангеле Бошковски, од Одделението на односи со јавноста во општината.

Во телефонскиот разговор, Бошковски дополнително појаснува дека од страна на еколошкиот инспектор нема изработено записници, па, адекватно на тоа, општината не поседува записи за евентуално непочитување на еколошките правила на нејзина територија. Оттаму нема одговор за тоа дали поради тоа што нема записници за еколошки контроли, нема ни субјекти загадувачи.

Од сите Скопски општини, единствено Кисела Вода ни достави копии од записниците на еколошките инспектори за побараниот временски период.

Од нив може да се види дека главниот проблем кај физичките, но и кај правните лица на територија на Општина Кисела Вода во периодот од 2014 и 2015 година,  е загревањето на домовите, односно деловните простории.

Констатирани се согорувања на јаглен, пилевина, различни видови дрва и остатоци од дрвна маса и други материи кои воздухот во општината го прават опасен за граѓаните. Инспекторите таму констатирале и повеќе правни субјекти, фирми со различни стопански дејности, кои не поседуваат елаборати за заштита на животната средина.

 

НАЈГОЛЕМИ ЗАГАДУВАЧИ

 

Само 21% од скопските домаќинства се приклучени на еколошкото централното греење. Гасот до индивидуалните потрошувачи се уште е мисловна именка. Повеќе од 45% семејства се греат на дрва, но нема евиденција колку од нив користат и други, пред се, отпадни материјали како примарно или како дополнително средство за загревање.

Според државната и градската статистика, домаќинствата се најбројните загадувачи на скопскиот воздух. Таа статистика упатува дека граѓаните и само тие или најмногу тие се виновни за воздухот што го дишат.

Но, граѓаните секојдневно се сведоци на загревање на просториите на многу автомеханичарски и други услужни сервиси со отворени печки во кои се согорува отпадно масло, автомобилски гуми, пластични шишиња и други отпадни материи со голема концентрација на загадливи материи кои завршуваат во белите дробови на скопјани.

 

 

 

СКОПЈЕ Е ПОЗАГАДЕНО И ОД НАЈЗАГАДЕНИТЕ ВО СВЕТОТ

 

Главниот град на Македонија во текот на една година бил загаден над дозволената граница дури повеќе од сто дена. Медицинската статистика бележи дека во тој временски период предвреме умираат по илјада и 350 луѓе само поради затруениот ваздух.

Невладините организации велат дека општините имаат надлежности за да го намалат загадувањето, но немаат соодветен кадар и свест за овој проблем.

Има загадување, има загадувачи, а тоа значи дека нема доволна институционална контрола врз загадувањето на воздухот во Скопје. Но, сега прашање е каков кадар имаат општините за да ги следат состојбите во тие, помали загадувачи, со какви капацитети располагаат и да ги санкционираат“, вели за СКУП Александра Бојаровска од еколошкото здружение „Фронт 21/42“.

Според неа, тамошните инспектори се надлежни и за сет други активности, за третирање на отпад, на комунален отпад, некои се и во урбанизмот и не се во можност со редовни активности од страна на општините да се увиди до каде е усогласување на технологијата во согласност со стандардите кај помалите загадувачи.

Бојаровска вели дека не е само индустријата единствениот загадувач за кој општинските инспектори треба да прават проверки, туку е само еден од чинителите.

Што пак се однесува до малите индустриски капацитети кои подлежат на „Б“ интегрирана еколошка дозвола, Бојаровска вели дека ситуацијата е уште полоша затоа што надлежност за мониторинг, за надзор во однос на тие помали инсталации, е обврска на општините“.

 

 

 

ЗОШТО НЕ СЕ ПОСТАВУВААТ НОВИ МЕРНИ СТАНИЦИ?

Честичките ПМ10 и ПМ2,5 од Светската здравствена организација се класифицирани во Група 1 на канцерогени честички како честички со силно канцерогено дејство. Доколку нивото на ПМ10 во воздухот се зголеми за само 10 микрограми на метар кубен, тогаш, според статистичките следења, дури за 22% би пораснала можноста за зголемување на бројот на заболени карциноми на белите дробови. Покачувањето за 10 микрограми на метар кубен на ПМ2,5 со себе носи можност, вели укажувањето на СЗО, за покачување на случаите на рак на бели дробови за 36%“.Европските директиви за информирање на граѓаните за степенот на загаденоста на воздухот пропишува најмалку по два мерни пункта во градските средини. Но под притисок на демократската јавност во Барселона таа бројка денес изнесува 10, во Париз дури 70, во Скопје само 5.

 

 

ЈАНУАРИ НАЈЗАГАДЕН МЕСЕЦ, ИНСПЕКТОРИТЕ НАЈНЕАКТИВНИ

 

Според надлежните од Град Скопје, во најзагадениот месец-јануари лани, комуналните инспектори изготвиле само 8 записници во кои не е евидентирано дека е регистриран макар еден загадувач. А токму во јануари мерните станици низ Скопје запишаа дека во одделни денови во воздухот од штетните честички на метар кубен имало и по 1.000 микрограми.

Во известувањето потпишано од Тиме Андонов, раководител на одделение во Град Скопје стои:

„ Записниците од претходните години се во архивското депо и затоа на увид ви ги доставуваме само записниците за јануари 2017-та.  Во Јануари 2017 година имаме тројца инспектори од кој едниот инспектор бил на операција и затоа нема ниту еден записник, а друг бил на одмор скоро цел месец и има само еден записник“.

Сликата за институционалната грижа за исправноста на амбиенталниот воздух во Скопје е јасна -инспекторот што бил на работното место за 20 работни денови изготвил само 7 записници и во најзагадениот месец јануари не забележал ниту еден загадувач на воздухот на енормно загадениот воздух.

„ЈСП Скопје“, во 2017-та потрошиле 8.000.000 литри дизел и нула метри кубни гас. Од 2017 година ниту еден автобус на ЈСП не вози на гас. Во 2007 година ЈСП имал 375 автобуси кои како погонско гориво користат дизел, додека 30 автобуси користат природен гас. Во 2017 година бројот на дизел автобуси се зголемил на 428 автобуси. Во меѓувреме сите автобуси на метан се расходувани.

Уште полоша е состојбата при употребата на горивото. Во 2007 година ЈСП потрошило 5,6 милиони литри дизел и околу 200.000 метри кубни гас. За 10 години енормно се зголемила потрошувачката на дизел за неверојатни 60%. Па така, во 2017 година ЈСП потрошил околу 8 милиони литри дизел, а нула метри кубни природен гас.

 

900 КИЛОМЕТРИ АВТОМОБИЛСКИ, 20 КИЛОМЕТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ

Во средината на 2015-та година, Градот Скопје го започна проектот „Скопје велоград“. Со него, до 2017 година, беа планирани 51 километри велосипедски патеки долж главните скопски булевари.

Но, невладините организации информираат дека со реконструкцијата на некои велосипедски патеки во рамките на најавениот проект проект „Скопје вело град“, се реализирани не повеќе од 20 километри главно по булеварите во Центар „Партизански одреди“ и „Илинденска“, во Аеродром „Јане Сандански“ и „Александар Македонски“ во Гази Баба.

На тие булевари има функционални велосипедски патеки, но, и тие не се докрај изведени. На другите делови во Скопје велосипетски патеки нема“, вели Снежана Домазетовска, член на невладината „На точак“, која се залага за подобрување на услови за велосипеди во Скопје

„Велосипедот не е сериозно третиран како основно превозно сретство. Дури ни како алтернативно. Почнува да се третира подобро како алтернативно превозно сретство, во стилот како ај малку да направимевелосипедски патеки за тие што возат точак. Меѓутоа, тоа не е сериозен дел од градските политики. Велосипедот се уште не се гледа како решение на градските проблеми“, вели таа.

Според податоци на невладините, велосипедот како основно превозно средство го користат  само 1,4% скопјани.

Наспроти Скопје, Копенхаген е прогласен за европска престолнина на велосипедскиот транспорт. Педантните Данци пресметале дека трошокот за превоз со автомобил во Копенхаген е шест пати поголем отколку неговите граѓани да се превезуваат со велосипед.

Според сите параметри, секој изминат километар со автомобил, жителите на главниот град на Данска ги чини 50 евроценти или околу 30 македонски денари. Но, со велосипед, по нивниот џеб тоа се само по 5 денари. Во Скопје пак, разликата е многу поголема во полза на велосипедот од причини што во Копенхаген превезувањето со велосипед одзема многу поголемо време бидејќи градот е поретко населен во однос на македонскот главен град. Па, од тој аспект и соодветно на тоа и функционалноста, Скопје е поекономично за скопјани отколку Копенхаген за копенхагенчани.На тоа повторно упатува стаистиката: Скопје има 3.600 жители на еден километар квадратен, а Копенхаген само 722.

Според истражувањата на Европската Комисија, дури 70% од граѓаните би користеле велосипед доколку има добра велосипедска инфраструктура.

Се на се, Скопје останува европски и светски лидер по загаденоста на воздухот, а неговите и државните институциите „лидери“ во негрижата за здравјето на своите граѓани на кои единствен сојузник во борбата против загадувањето им е ветрот.

 

Институт за јавно здравје на РМ – извештај за 2017-та година:

„Од рак во Македонија во 2016 година починале 3.882 лица, а стапката на морталитет се движи од 183.3 на 100.000 население во 2010 година до 187.3 во 2016 година. Најмногу од заболените се од карцином на бронх и бели дробови, а скопскиот регион предничи со абнормални заболувања.

Во извештајот е наведено дека после скопскиот регион кој е со најголем морбидитет, следен е пелагонискиот со 126.2 жители на 100.000 население кои се лекувани во болнички здравствени установи од малигни неоплазми“.

 

 

Статистика:

Во 2007 година во Скопје се регистрирани околу 19.000 возила на дизел погон, во 2016 овој број пораснал за 4 пати, на 72.000 возила. Бројот на превозни сретства на територијата на СВР Скопје кои како погонско гориво користат бензин за истиот период се намалил за околу 10.000. Според британската автомобилска асоцијација дизел моторите со внатрешно согорување испуштаат 10 пати повеќе ситни честички и азотни оксиди од бензинските мотори.

Полицијата во Скопје во 2017 година исклучила само 3 возила од сообраќај поради поголеми количини на издувни гасови додека во 2016 и 2015 година ниту едно возило не е исклучено од сообраќај за недозволено количество на издувни гасови во воздухот.

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

 

Оставете коментар

коментар(и)