Адвокатите со скапи тарифи, граѓаните не можат да дојдат до правда

Најмалиот износ што ќе го наплати адвокатот за обичен поднесок тргнува од 1000 денари па се до 18000 денари

Меѓу адвокатите со најголеми добивки изминативе години биле Шилегов, Додовски, Адвокатското друштво „Костовски“, „Георги Димитров Адвокати“, друштвото „Чукиќ и Марков“ и други

 

автор: Горан Лефков

 

Кога за прв пат стана пратеник во Собранието 2014 –та година,  Петре Шилегов рече дека адвокатската кариера ја ставил во втор план. Иако како адвокат заработувал многу повеќе пари, рече дека одлучил да стане пратеник затоа што сакал да се бори против тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2015 – та година Шилегов добил известување од  Државната комисија за спречување на корупцијата дека не може истовремено да биде пратеник и управител на неговото адвокатско друштво, бидејќи постои судир на интереси. На ова известување, Шилегов тогаш ја упати Комисијата да истражува криминал и корупција кај тогашната власт, а не кај пратениците на опозицијата.

Од изборите во октомври, 2017 година Шилегов е градоначалник на град Скопје, една од најбогатите општини во Република Македонија. Тој е една од клучните фигури во Социјал-демократскиот сојуз на Македонија, партија која дојде на власт во 2016 година.  На градоначалничката позиција со ветувањето дека ќе го среди главниот град решавајќи неколку клучни проблеми, меѓу кои и загадувањето.

Шилегов важи како најголем критичар на власта на ВМРО-ДПМНЕ, партија која ја водеше државата од 2006 до 2016 година. Нејзиниот стил на владеење беше препознатлив по фаворизирање на луѓе кои беа блиски до неа и попречување на сите оние кои застапуваа спротивни ставови од власта.

Според податоците до кои дојде СКУП, Шилегов во 2013 година, само една година пред да биде избран за пратеник, важел за еден од најбогатите адвокати. Во таа година актуелниот градоначалник бил меѓу тројцата најплатени адвокати во државава, пријавувајќи добивка од скоро 300 илјади евра.

 

ШИЛЕГОВ МЕЃУ ПРВИТЕ ТРОЈЦА ПО ЗАРАБОТУВАЧКА

 

Пред него е само Адвокатското друштво „Костовски“ од Охрид со пријавена добивка од околу 420 илјади евра и „Георги Димитров Адвокати“ со над 310 илјади евра добивка.

Понатаму, на листата 10 адвокати со најголема добивка во 2013-та година се и Александар Михајловски со околу 250 илјади евра, Драган Поповски со околу 200 илјади евра, додека по околу 150 илјади евра добивка имаат пријавено адвокатите Бранко Радојчиќ, Дејан Зиковски, друштвото „Чукиќ и Марков“, Степан Николески и Никола Додевски.

Од 2013 го 2017 година листата на топ 10 адвокати се менува, но нивните добивки постојано растат. Највисоката добивка за период од 5 години ја има остварено Aдвокатско друштво „Георги Адвокати Скопје“ во износ од околу 2 милиони и 200 илјади евра. Само во 2017 година ова друштво има пријавено добивка од околу 700 илјади евра.

Адвокатот Дејан Зиков пријавил добивка од 1 милион и 200 илјади евра во период од четири години. Додека, адвокатот Борис Ношпал за три години остварил добивка од над 600 илјади евра.

Гордана Дувњак е искусен новинар и уредник која долго време ги опсервира случувањата во судскиот систем, но е и автор на дебатната емисија „Правда и неправда“ која се емитува на телевизија 1тв. Таа се согласува дека, сепак, треба да има намалување на тарифите.

„Адвокатскиот тарифник предвидува цела една низа најразлични услуги, но како и да е, од најбаналната, најобична услуга што значи пишување на некаков најобичен тарифник, ќе видите дека има поткатегории. Значи, најмалиот износ што ќе го наплати адвокатот за обичен поднесок тргнува од 1000 денари па се до 18000 денари затоа што цените им зависат од висината на вредноста, но и од предвидената казна.“, вели Гордана Дувњак, уредник во 1тв.

 

Цените за адвокатските услуги скокнаа од 30 до 100 проценти

 

Адвокатите велат дека адвокатските тарифи се соодветни на услугите и нивното намалување би значело удар врз адвокатските фела. Според нив, реакциите од граѓаните се повеќе кон нотарите и извршителите.

На оваа тема не сакаше да зборува ниту претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски. Во кус телефонски разговор со СКУП тој демантираше дека ќе има намалување на тарифите.

Но, затоа граѓаните наголемо се жалат за високите давачки за мали долгови. Тие негодуваат на превисоките цени на адвокатските услуги.

„Посебна приказна е застапувањето на суд. Секое одење на судско рочиште чини. Секој нов ден се наплатува. Ако се исцрпат сите правни средства во земјата и македонскиот правен систем, ако сакате да поднесете до Европски суд за човекови права апликација може на некој начин да ве одврати висината на сумата бидејќи има една парадоксална ситуација-апликацијата пред Стразбур е бесплатна, меѓутоа услугата на адвокатот кој треба да ви ја подготви апликацијата чини 1000 евра“, потенцира Дувњак.

Цените за адвокатските услуги скокнаа од 30 до 100 проценти со новата Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите која стапи во сила лани.

Најниска цена за услуга на адвокат е 1.300 денари и тоа само да му се даде полномоштво за да ја застапува странката пред суд, нотар, во договори или спорови.

Ако работникот загуби работно-правен спор, тој ќе треба на адвокатите на работодавачот кого го тужел за кршење на работничко право да им плати околу 150.000 денари или 2.500 евра, пресметано за просечно долг судски процес од една година.

За полесно кривично дело за кое е предвидено една година затвор, се почнува од 5.000 денари паушал за адвокатски трошоци, па потоа се наплаќа за секој изминат час на рочиштата. Сите овие трошоци се плаќаат секој ден одново.

За дела казниви со затвор до 10 години, предвидено е да се плати 14.040 денари и тоа само со влегување на суд. Секој нареден час се плаќа по 20% од пресметаната цена согласно законот која изнесува 11.700 денари т.е 2.340 денари по час. Цената е променета дури и  ако спорот трае со денови, месеци па и години.

За потежок спор или за казна затвор до 15 години, како и во полициска постапка, странките за  секое рочиште ќе треба да платат од 12.000 денари па нагоре. За спорови над оваа сума, наградата секој ден за адвокатот ќе стартува од 18.000 денари нагоре.

Искусниот новинар Љубиша Станковиќ со години ги следи случувањата во судството. Тој смета дека ваквите високи тарифи ги демотивираат граѓаните да ја побараат правдата.

„Адвокатскиот тарифник е работа на Адвокатската комора. Тие го донесуваат, тие ги менуваат одредбите во тарифникот. Појавување на рочиште може да чини 5-6000 денари, но може да чини и 30.000. Тоа е поврзано со висината и тежината на предметот. Исто така, зависно од тоа дали се брани убиство или џебна кражба за која во принцип и не треба бранител. Дали се судите во граѓански предмет за нива која чини 2,3, или 5 илјади евра или се судите за некој спор од кој очекувате добивка од милион евра.“, вели Љубиша Станковиќ, новинар во ТВ24 .

Од први јануари, 2017 година, ангажирањето на адвокат е задолжително во оставинска постапка. Ако родителот сака да му препише имот на своето дете ќе мора да плати 3.900 денари на адвокатот. Претходно, сето ова можеше да се направи само со заверка од нотар. Според адвокатскиот тарифник , ако купувате сега стан од 50.000 евра, само да ви го состави договорот за пред нотар, на адвокатот треба да му платите 15.600 денари.

„Точно е дека таксите за обичните граѓани се големи, затоа луѓето иако знаат дека се во право, иако знаат дека имаат, условно кажано добитна пресуда, меѓутоа, кога ќе види дека треба да даде уште 60 000 судска такса да плати, ретко кој ќе се нафати да се суди. Така што, од добиена варијанта имате класично изгубена приказна“, смета Станковиќ.

Ваквата позиција на адвокатите во однос на тарифите е заслуга на тогашниот претседател на Адвокатската комора на Македонија, Никола Додовски. И тој е на листата на најбогати адвокати во државава на 6 –то место со остварена заработка од над 1 милион евра за само четири години.

Од Министерството за правда велат дека не се предвидува намалување на адвокатските тарифи. Како носители на јавни овластувања, тарифата на извршителите/нотарите е предмет на уредување на Министерството за правда за разлика од онаа на адвокатите која ја уредува Адвокатската комора.

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

коментар(и)