- Само 15% од општините ги обезбедуваат документите по службена должност од други институции
- Дамјан Манчевски: На овие луѓе нема да им виси работното место. Во реалниот сектор ќе се најдат многу покорисни и поисполнети
- Борче Давитковски: Ние сакаме да ја смалиме администрацијата, а да не отпуштаме, наводно ќе им ги понудиме на приватниот сектор
Пишува: Горан Лефков
Граѓаните неретко се принудени да талкаат од институција до институција за еден обичен документ. Администрацијата, вклучувајќи ја и онаа во локалната власт, би требало да се стреми кон обезбедување услуги според потребите на граѓаните, и истите да ги обезбедува на квалитетен и ефикасен начин.
Незадоволен од локалната администрација е и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
„Има луѓе што не работат ништо, ниту доволно, ниту како што треба“, вели тој.
Истражувањето во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“, спроведено во периодот август-декември 2017 година, се фокусира на анализирање на услугите кои се нудат од страна на сите општини во земјата, со учество на 14 локални граѓански организации.
Екипата на СКУП замина во Куманово, кај еден од регрантистите на оваа истражување, ЏЕФ Македонија ги истражуваше општините Куманово, Крива Паланка и Кратово.
„Во Општина Куманово, каде што јас живеам, граѓаните се жалат дека понекогаш се испраќани по повеќе институции за да добијат една услуга. Се испратени од една во друга институција за да извадат повеќе документи“, вели Таљат Агуш, член на Џеф Македонија.
ИАКО ИМААТ ОБВРСКА, 85 ПРОЦЕНТИ ОД ОПШТИНИТЕ НЕ ОБЕЗБЕДУВААТ ДОКУМЕНТИ
Иако општините изјавуваат дека ги обезбедуваат документите по службена должност од други институции, во пракса тоа го прават само 15% од општините, додека повеќето обезбедуваат само одредени документи по службена должност, најчесто поврзани со катастарските услуги.
„Мора да ја подобриме ефикасноста на услугите што ги нудиме. Еден од механизмите, кој што ќе започнеме да го спроведуваме, е отворање на првата канцеларија за една точка за услуги, каде што 9 институции кои најчесто имаат контакт со граѓаните, ќе ги ставиме на исто место за услуги.“, вели министерот Манчевски.
Од Општина Велес се подготвуваат за современ објект кој треба да биде во функција на граѓаните и каде на едно место ќе добијат повеќе услуги.
„Сакаме да направиме современ центар за услуги на граѓаните, по примерот на Фронт-офис и Бек-офис, значи предна и задна канцеларија, за да може граѓаните на едно место да ги добијат сите услуги без разлика дали ги добиваат од локалната или централната власт“, вели Аце Коцевски, градоначалник на Велес. „Ова има за цел да им се овозможи на граѓаните на едно место да извадат извод од матичната книга на родени, венчани, лична карта, возачка дозвола, сообраќајна дозвола, имотен лист, да си платат данок, дозвола за оружје…Дури да имаат шалтер на Македонски пошти тука да си го регулираат плаќањето, а не да одат од еден шалтер на друг затоа што државните институции се распрскани на многу места во градот“.
ЗАКОНОТ Е ЈАСЕН – УСЛУГИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ЕДНОШАЛТЕРСКИ
Според Законот за општа управна постапка, донесен во 2015 година, услугите кои се нудат и на централно и на локално ниво треба да бидат едношалтерски, односно граѓаните веќе не мораат да ја обезбедуваат потребната документација од други институции, а тоа за нив ќе го стори самата институција. Целта е да се олесни административната процедура, во интерес на граѓанинот и бизнис-секторот, заштедувајќи им време и непотребни трошоци.
Правниците сметаат дека треба законот за општа и управна постапка да се почитува и дека тоа е обврска на општините, а не да ги препраќаат граѓаните или да им ветуваат дека ќе го менуваат законот.
„Слушам градоначалникот наш на Скопје, за жал правник е, вели јас ќе донесам правилник со кој администрацијата за 15 дена ќе ги решава предметите на граѓаните. Слушам а не можам да верувам. Како може тоа кога имаме закон за општа и управна постапка, тоа е алатката на органите со која што работат. Таму фино си пишува во рок од 30 дена треба да се заврши постапката, а за посложен случај – за 60 дена. Тоа е задолжително за сите органи. Не може градоначалник со негов правилник на овие да им налага нешто. Тоа е далеку од памет“, вели Борче Давитковски, професор на Правен факултет.
Истражувањата на Центарот за управување со промени (ЦУП) покажаа дека мал дел од вработените во општинските администрации директно се инволвирани за работа со граѓаните.
„Околу 23% од вработените имаат директен контакт со странки. Кога зборуваме за директен контакт имаме предвид шалтерски работници или други луѓе кои на било кој начин ги опслужуваат или комуницираат со граѓаните.“, вели Мартин Тодевски од ЦУП.
Покрај тоа што се малку вработени што работат со странки, уште помал е бројот на тие што се обучени да ги примаат барањата на граѓаните.
„Само половина од овие вработени кои имаат директен контакт со странки поминале било каква обука за испорака на услуги, за квалитет на услуги за комуникација со странки“, додава Тодевски.
Незадоволен и од начинот на функционирање и обученоста на администрацијата е и министерот Дамјан Манчевски. Тој потенцира дека Инспекторатот нема капацитет да ги направи проверките.
„Ова е уште еден податок колку се спроведувале законите и колку се изводливи. Според законот имаат обврски да посетуваат минимум 5 обуки годишно. Невозможно е, имаме мал капацитет на инспекторат, сите институции да ги провериме колку обуки поминале. Не е некогаш едноставно ова да се направи.“, вели Манчевски.
На граѓаните им е важно да ги имаат потребните информации за тоа како може да ја добијат услугата во општината, кои формулари треба да ги пополнат, како и каде да ги платат административните такси и надоместоци и сл. Голем број општини имаат поставено шалтер каде граѓаните би можеле да се информираат за услугите кои се нудат, но од увидот на терен се констатира дека во најголем број тие не функционираат.
„Во рамките на нашиот проект ги посетивме сите општини на терен за да се информираме како се даваат услугите. Податоците покажаа дека само 17% од општините објавуваат на видно место како да се добијат услугите. Само 28% имаат објавено како да се плаќаат административните такси, и 25% имаат испечатени формулари или формуларите се достапни на лице место“, вели Мартин Тодевски од Центар за управување со промени.
Анкетата на јавното мислење, спроведена во рамките на овој проект во сите општини, покажа дека повеќето испитаници се неутрални во однос на задоволството од шалтерските работници, а само 13% од граѓаните изразиле дека се многу задоволни од нивниот однос.
ОПШТИНИТЕ СЕ ВАДАТ НА ОГРАНИЧЕНИТЕ ФИНАНСИСКИ КАПАЦИТЕТИ
За градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, дел од причините за една ваква ситуација лежат и во финансиите на општините. „Состојбите се драматични би рекол дури и алармантни. Општините ни од далеку немаат доволно финансиски средства со успех да ги извршуваат законски доверените надлежности и да дадат квалитетни услуги за граѓаните. Очекувам во следниот период да се работи на фискалната децентрализација, кое во моментов е тесно грло. Македонија важи за една од фискално најцентрализираните држави во Европа, сеуште е многу мал колачот од јавната потрошувачка или од Бруто-домашниот производ кој се троши на локално ниво, наспроти колачот што се троши на државно ниво“.
Бурханедин Нухиу, секретар на Општина Студеничани, смета дека финансиите се проблем и кај нив, но наведуваат дека се обидуваат да ги решат проблемите и со така малата администрација. Вели дека граѓаните биле задоволни а тоа се покажало на последните локални избори. „Пред една година имавме избори и истиот градоначалник ја доби довербата на граѓаните. Беше и претходниот мандат и овој.“
Од централната власт најавуваат реформи на администрацијата со што ќе му овозможат на бизнисот пофлексибилна администрација и рационализација на институциите во државата. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најавува дека администрацијата ќе се намалува со тоа што дел од нив ќе бидат префрлени да работат во приватниот сектор.
„Бенефитот за државата ќе биде дека ќе плаќа помалку пари за плати, фирмите ќе добијат поевтина работна сила бидејќи сега ќе добиваат субвенции за платите на овие луѓе. На овие луѓе нема да им виси работното место. Во реалниот сектор ќе се најдат многу покорисни и поисполнети.“, вели министерот Манчевски.
Но, со ваквите гледишта не се согласуваат експертите за локална самоуправа.
Борче Давитковски, професор на Правен факултет, вели дека во државата станало мода да се прават реформи без да се отпуштат административците. „Јас тоа не сум го видел. Можеби некој нобелова награда во Македонија ќе добие за тоа да се направи. Англија во 80-тите години ја направи таа реформа, Америка ја направи, Германија и сите ги направија реформите на јавната администрација, ама беа болни, имаше отпуштања. Еве една соседна Србија го направи па отпушти 35.000 луѓе од јавната администрација. Ние сакаме да ја смалиме администрацијата а да не отпуштиме, наводно ќе им ги понудиме на приватниот сектор. Приватен сектор да ти зема администрација која по цел ден ќе пие кафе, па кој е тој будала приватник да ги прими.“
Во времето на развој и ширење на употребата на компјутери и интернет, општините треба да вложат и во обезбедување електронски услуги, како алтернатива на физичките. Добиените податоци покажуваат дека општините многу малку нудат услуги по електронски пат. Тоа, пред се, се ограничува на услуги организирани од централни државни институции кои управуваат со унифицирани електронски системи, како на пример електронските одобренија за градба од Министерството за транспорт и врски.
*Ова истражување е продуцирано со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“. Содржините во видеото се единствена одговорност на Центар за истражувачко новинарство СКУП и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
* Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.