Странските директни инвестиции уште од самиот почеток на владеењето на владата на ВМРО-ДПМНЕ се еден од столбовите на нејзината економска политика. Речиси една деценија, власта ја повторува истата мантра: бизнисмените од странство, привлечени од ниските даноци и евтината работна сила, ќе отворат нови работни места и ќе го поттикнат развојот на македонската економија.
Но, дел од странските бизнисмени кои оваа влада ги донесе и одлучи со нив да соработува, не ги исполнија високите очекувања кои ги поставија. Наместо милионски инвестиции и економски напредок, нивното доаѓање во Македонија го обележаа скандали, протести, сомнителни зделки и пропаднати планови.
„ИНВЕСТИЦИСКИТЕ ФИЛМОВИ“ НА РОЈ
Со невидена медиумска помпа, власта во 2012 година го пречека индискиот милијардер Субрата Рој. Сопственикот на конгломератот Сахара Индија најави огромен туристички центар со хотели и казина во селото Љубаништа, во еден од најубавите предели на крајбрежјето на Охридското езеро. Заедно со високи владини функционери, тој шеташе по Македонија и најави дополнителни инвестиции во разни бизниси, вредни вртоглави 2.7 милијарди долари во следните пет години.
„Во бизнисот секогаш веруваме во една работа – тој треба да е во заемен интерес. Треба да се бара заемниот интерес, од страна на луѓето овде, на владата, на нашата компанија“, изјави тогаш Рој.
Но, жителите на Љубаништа, на чија земја требаше да се гради хотелскиот мега-комплекс на Рој, никој не ги извести за плановите на владата и милијардерот.
„Мештаните на Љубаништа и сопствениците на имотите беа изенандени од една таква, „летечка“ информација, без претходна подготвеност, некој да информира дека се има во предвид тоа. Сепак, народот да се информира – што ќе се случува тука. Тоа е должност на органите, да разговараат со своите граѓани“, вели Ѓорѓи Траески, сопственик на имот во Љубаништа
На исто мислење е и Крсте Велески: „Субрата Рој, имаше и мислења овде дека тој е белосветски вагабонт, хохштаплер… Тешко кој веруваше дека ќе дојде до реализација на тој туристички комплекс“.
Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, дојде до документи за сите фирми на Рој и неговите блиски луѓе во земјата, како и нивните финансиски извештаи.
Рој преку три фирми имал на располагање над милиjарда евра – за првата нема доставено никаков финанциски извештај за нејзината работа. На 30 ноември 2013 година е одобрена постапка за ликвидација на компанијата, но останува непозната нејзината деловна активност за време на едногодишното функционирање во Македонија.
За целото време додека беше актуелна инвестицијата на Субрата Рој во Љубаништа, локалните жители не ги посетил ниту еден функционер на власта, за да им објасни што ќе се гради на нивната земја и под какви услови.
„Поднесовме претставки до премиерот, до министерот за финансии, ниту на една претставка не одговорија, иако се должни според Уставот барем да известат“, вели Велески.
Траески е разочаран што владата се однесува игнорирачки е спрема своите граѓани. „За сè има решение, има начини тоа како да се направи, со консултации, со информации, со разбирање, со една почит спрема луѓето. Не може сега – се одлучило, ајде, ја земаме“.
Амбициите што ги покажа Субрата Рој во Македонија не застанаа кај туризмот. Владата му даде 5.300 хектари државно земјиште, кое претходно беше управувано од агрокомбинатот Џумајлија.
Рој ветуваше дека ќе донесе 20.000 крави и ќе го прероди македонското сточарство. „Тоа ќе ја зголеми заработувачката на локалното население, бидејќи луѓето ќе ја вклучат нивната стока кај нас, а исто така и ќе правиме голем извоз“.
Од сето ова не испадна ништо – Субрата Рој заврши во затвор во Индија поради измама со недвижности тешка четири милијарди евра. За ветувањата на Индиецот денеска сведочат само неговите имоти во земјава, како хотелот „Славија“ во Охрид, кој стои празен и напуштен.
УДАРИТЕ ВРЗ МАКЕДОНСКОТО СТОЧАРСТВО
Македонското сточарство, кое требаше да го спасува Субрата Рој, претрпе тешки удари неколку години претходно, кога еден друг странски инвеститор што го промовираше Владата, млекарницата Сведмилк, ја предизвика најголемата криза во домашниот бизнис со млеко во модерната историја. Премиерот Груевски, кој ја отвори фабриката на Сведмилк, им ветуваше на сточарите дека е дојден крајот на нивните дотогашни проблеми. Привлечени од добрите услови и неверојатно високата цена за откуп на млекото, илјадници сточари склучија договори со Сведмилк. Но, само по неколку месеци, компанијата престана да им го исплаќа млекото, а сточарите излегоа на протести и блокираа патишта, барајќи си го заработеното. Двајцата директори на Сведмилк, Моше Баум и Роџер Оскарсон со месеци преговараа со сточарите, ветувајќи им дека компанијата ќе ја преброди кризата.
„Тоа беше сето политички, како да ги придобиеме земјоделците, да отвориме нова млекарница. Стварно беше преголема таа цена, да ги тргнат млекарите таму, власта да покаже дека е загрижена за млекарите, дека добро им е платено, дека од утре ќе бидат богаташи. Но, стварно дојде ние сточарите да бидеме најсиромашни“, вели Душко Илиевски, млекопроизводител.
Сведмилк пропадна, а долговите кон сточарите, според проценките тешки меѓу три и четири милиони евра, никогаш не беа подмирени. Заедно со долговите, останаа и сомневањата за учество на домашни бизнисмени и политичари во кризата со Сведмилк. Македонскиот пазар на млеко претрпе шокови од кои не може да закрепне и седум години подоцна.
„Тоа беше голема манипулација направена со Владата, со Роџер Оскарсон, со сите, тоа беше направена цела монтажа – како да се привлечат земјоделците. Ни пари видовме, ни ништо. Само платија шест месеци, другото динар не се даде“, вели Илиевски.
Тој вели дека млекопроизводителите останавле должни секаде заради ова манипулативна инвестиција. „Останавме должни во ветеринарните аптеки, храна што земавме не можевме да платиме, значи банкротиравме, до гуша бевме заглавени. Па ги продадовме кравите за да можеме да се одборчиме кај луѓето, да платиме. Кредити што имаше од банки земено, по 20, 30 илјади евра, тие им зедоа и куќи и крави и сè замина по банките“.
ВО ГРЦИЈА ВО ЗАТВОР, ВО МАКЕДОНИЈА ИНВЕСТИТОР
Наспроти најавените инвестиции на Субрата Рој и пропаста на Сведмилк, кои беа многу експонирани во јавноста и проследени со голем медиумски интерес, некои странски инвеститори и долгогодишни партнери на Владата се постојано присутни, но никогаш не се појавуваат во јавност. Таков е случајот со грчкиот магнат Димитрис Кондоминас, кој исто така има проблеми со властите во својата земја – против него се води судски процес за учество во корупциски скандал. Според македонското претставништво на Транспаренси интернешнал, Кондоминас е вмешан и во мега-скандалот со Дојче Телеком, во кој компанијата е обвинета дека поткупувала политичари во повеќе земји, меѓу кои и Македонија.
„Три компании беа регистрирани на Кипар и една компаниј беше регистрирана во Атина, во Грција. Зад сите три компании ни се појави како сопственик господинот Кондоминас. Неговите компании се користени за извлекување на пари од Телекомот, кои понатаму не знаеме за што сè биле наменети, односно се претпоставува дека биле користени за поткуп на политичари во Македонија, за одлагање на либерализацијата на мобилната телефонија“, вели Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија.
Кондоминас уште пред години, со променлив успех, се обидуваше да влезе во повеќе бизниси во Македонија – од медиумскиот, до енергетскиот. Во последниве години, тој се вклучи и во владиниот проект „Скопје 2014“.
Според договорот до кој дојде СКУП Македонија, фирмата на Кондоминас, инаку единствен понудувач на јавната лицитација, за цена од само 100 евра за квадратен метар, доби илјадници квадратни метри најатрактивен имот на плоштадот „Македонија“ во Скопје, со обврска да изгради хотел и Офицерски дом. За споредба, компанијата Адора инженеринг, за земјиштето на кое гради барокна зграда во населбата Кисела Вода, надвор од потесниот центар на Скопје, на државата и плати речиси петпати повисока цена. /графика 2/
За аналитичарите, овие случаи на државна поддршка за сомнителни странски инвестиции се назнака за целосно корумпиран систем, кој дозволува нејасни токови на парите и злоупотреби и од политичарите и од нивните партнери-странски бизнисмени.
„Големината на пазарот во Македонија, нивото на корупција кое овде владее, нивото на правната несигурност која што владее, невклученоста на Македонија во пошироките европски и светски економски процеси заеднички трендови, понудата на евтина работна сила, сето ова се фактори да во Македонија во еден дел, во еден значаен дел, доаѓа капитал којшто бара ризични подрачја каде профитите се големи“, вели Сашо Ордановски, политички аналитичар.
Тој вели владата не бира со кого да соработува во поглед на инвестициите со цел да создаде слика дека ја претворила земјата во атрактивна дестинација за странските инвестиции. „Овдека ни се прошетаа луѓе со каубојски капи, разни Моше Бауми, разни Субрата Роевци, кои добиваат и државјанства и право на гласање… сето тоа заради потребата на наративот на власта – да каже дека сме атрактивна дестинација за инвестиции, а ние тоа за жал не сме. И заради потребата на дел од таа власт, големите пари кои се изгубија од Македонија, а кои се мерат со милијарди евра кои се украдени од Македонија, да се вратат преку некои од тие наводни странски инвеститори. Знаете, нема поубав начин да си ги исперете парите од државата во која вие владеете“.
Тасева, пак, е децидна: „Македонија се појавува во процесот на перење на пари, односно процесот на интеграција на тие пари, или станавме пералница за нечист капитал. Затоа ни доаѓаат такви сомнителни инвеститори“.
Ќе помине уште многу време додека јавноста не ја добие целосната слика за тоа колкава е штетата од авантурите со овие странски инвеститори. Засега, знаеме само дека таа е голема.