Автори: Светлана Унковска и Горан Лефков
Од осамостојувањето па се до денес Република Северна Македонија нема жена на трите најзначајни позиции во државата.
Претседатели на држава, влада или собрание биле исклучиво мажи.
Бројот на министри жени во централната власт е околу 20 проценти.
Мал број на жени биле претседатели на општини.
Жените се претставени единствено на листите со квоти – за пратеници или општински советници.
Дали општеството тешко го менува мачо-менталитетот или пак политиката кај нас е сеуште сфера на физички посилните, т.е. мажите.
ОД 301 КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК САМО 25 СЕ ЖЕНИ
Жените по политиката, целосно се маргинализирани. Управувачките функции во општеството се далеку од нив. Доколку ги има, тие се само да пополнат бројка. Ги поставуваат на недобитните места за да имаат некакви квоти.
А, за овие локални избори, состојбата е катастрофална. Од податоците на листите на сајтот на ДИК, се запишани 301 кандидат за градоначалник од кои само 25 се жени односно нивната застапеност е 8.3 проценти, наспроти мажите кои и на овие избори доминираат на листите со дури околу 92 проценти.
Иако декларативно, сите велат дека жените треба да се рамноправно застапени, во пракса тоа не е така. Премиерот Заев, кој воедно е и лидер на владејачката СДСМ, вели дека се залага за рамноправност на жените.
Но, оваа заложба не се гледа на листата на кандидати за градоначалници. За локалните избори на 17 октомври, СДСМ има кандидирано помалку од 10 проценти жени за градоначалници. Од вкупно 69 кандидати само 5 се жени, и тоа во помалите општини како што се Арачиново, Петровец, Могила, Македонска Каменица и Старо Нагоричане.
Иста ситуација и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има поднесено кандидатури за 63 општини, од кои само 3 се жени и тоа во општина Центар, Крушево и Берово. Но, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваат независната кандидатка за град Скопје, Даниела Арсовска.
Процентуалната застапеност на жените на овие локални избори навистина загрижува, вели Марија Митева портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева вели дека има две причини заради тоа, прво поради само декларативната заложба за активно вклучување на жените во политиката и второ од причина што насилството е се поголемо врз жените во политиката. Сепак, вели ВМРО-ДПМНЕ имала досега најмногу кандидирано жени.
ДУИ има 19 кандидати за градоначалници, но само еден од нив е жена. Таа е Теута Арифи, која ќе се бори за третиот мандат во општина Тетово. Поради малиот број кандидатури нивниот процент на застапеност на жените е околу 5 проценти.
Кај Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и од Беса немаат ниту една жена кандидат за градоначалник. Се обидовме да добиеме изјава зошто е тоа така, но оттаму не сакаа да го кажат својот став.
Со најмногу застапени жени на градоначалнички позиции е Коалицијата „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ. Од таму велат дека од 18 кандидати 30% се жени:
Но и застапеноста на жените во листите на Коалицијата „Одлучно за промени“ е под просекот на светско ниво. Според податоците на UN Women од 133 земји, учеството на жените во локалната власт на светско ниво е 36%. Само 2 земји имаат над 50%, додека во 24 земји учеството на жените е над 40%.
МОГИЛА КАКО ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР
Како позитивен пример е Битолската Општина Могила. Таму има 3 кандидати за градоначалник од кои две се жени. Тоа е единствената општина каде жените имаат мнозинство кандидати.
Од Одлучно за промени ги потенцираат причините за ваквата состојба:
Тие ги потенцираат и решенијата за надминување на проблемот:
Во Европа, пак, Исланд може да се пофали дека има мнозинство жени во Собранието. Оваа држава стана прва земја во Европа во која има повеќе жени отколку мажи во парламентот. Од 63 места во законодавниот дом 33 се жени односно 52 посто застапеност.