Депонирањето на ѓубрето на Истокот создава сериозни проблеми

Пишува: Горан Лефков

Чад, смрдеа и криминал излегува од ѓубрето во Источниот плански регион. Граѓаните со постојани реакции, додека комуналните претпријатија немаат соодветно решение за овие ѓубришта. Ова е секојдневието со кое се соочуваат граѓаните во Источна Македонија. Стојанчо Минов, од Штип, се жали на состојбата со градската депонија во Штип.

„Смрдеа се шири насекаде. Има денови кога не се дише. Депонијата не е според стандардите и имаме големи проблеми со неа. Не е ниту оградена, полна е со кучиња скитници ќе пренесат и зарази и се“, вели Минов.

Ништо подобра не е состојбата ниту со кочанската депонија. Граѓанските активисти од Кочани протестираат и по неколку пати годишно.

„Депонијата е катастрофа за градот. Нема обезбедување, секој влегува на нејзе, не е по стандарди, па може повеќе од половина година гореше“, вели Орце Никоилов, граѓански активист од Кочани.

Ништо подобра не е ниту делчевската депонија. Таа не е обезбедена воопшто.

„Немаме обезбедување на депонијата, секој може да фрла сешто. Тоа практично не е депонија туку обично ѓубриште“, вели 66-годишниот Миле од Делчево.

Проблемите околу депониите во Источна Македонија се повеќе, но за жал не може ниту да се најде решение засега.

Необезбеденост на депониите

Депониите служат и за кримиунални активности. Ниту една депонија во Северна Македонија од нив нема стандарди. Само Скопската депонија Дрисла има некаков третман на отпадот, но е далеку од потребните европски стандарди. Иако по планиран капацитет е најголема во Европа со простор за складирање на 26 милиони метри кубни отгпад, сепак пречистителна станица за отпадните води, воопшто нема, па тие завршуваат во Маркова река.

За разлика од Скопската депонија која е обезбедена, ниту една депонија во Источна Македонија нема физичко обезбедување. Па затоа е и дувло за разни кривични активности. Кочанската депонија служи и за криумчарење на дрога. Во јули 2022 година преку компанија за производство на маедицинска марихуана во Кочани, набавена е марихуана, која потоа е сместена во магацин на посочените оранжерии, на 14.07.2022 дел од истата е префрлена во контејнер за отпад, односно во специјално товарно моторно возило за собирање смет, сопственост на Комуналното јавно претпријатие ,,Водовод“ од Кочани, за да потоа биде оставена на депонијата во Кочани, од каде непознати лица ја земале за понатамошно неовластено пуштање во промет.

Директорите на комуналните претпријатија се правдаат дека не можат да ја обезбедат депонијата.

Кирил Зајков, директор на Јавното Комунално претпријатие Исар од Штип вели дека не можат да ја обезбедуваат депонијата.

„Тоа се неуредени депонии, ние како Исар не можеме да превземеме никакви инвестициски мерки за нешто што не е уредено, затоа и не можеме да поставиме чуварска служба, затоашто не можеме да браниме нешто што не е уредено. Ова е проблем не само на Исар, туку на сите депонии во Македонија“, вели Зајков.

Тој додава дека не можат да превземат ништо против незаконското присуство на сиромашни граѓани кои во отпадот, кога ќе се истури камион со ѓубре, бараат секундарни суровини.

„Имавме средба со директорот на КЈП Водовод Перо Георгиевски и од него побаравме да се постави чуварска служба на депонијата, видео надзор, да се третира со алги и да се реши проблемот со чадот од депонијата во Кочани“, вели Златоко Илијев, организатор на протестите во Кочани.

Испративме прашања до Општина Кочани за тоа како ќе го решава проблемот со депонијата, но до објавувањето на овој текст одговор не добивме.

Со сличен проблем се соочуваат и во Виница. Градоначалникот Миле Петков, спас гледа во отварањето на новата депонија во Мечкуевци, Свети Николско, но дотогаш нема да има некои пооголеми поместувања на овој проблем.

Нессодветното поставување на отпадот создава пожари

Сите депонии во Источна Македонија летово беа во пламен. Состојбата подетално ја следеа од Локал актив.

Кочанската депонија гори со месеци но поголем или помал интензитет, скоро да не е угасната.

Проблемот за жителите на селото Бели, кое е во непосредна близина на Кочанската депонија, трае со години и децении. Тие на неколку пати протестираа, што пред седиштето на Јавното комунално претпријатие Водовод во Кочани, што пред влезот на депонијата, а го блокираа и патот за Пониква.

Димче Цебов, претседател на Месната заедница во село Бели вели дека проблемот е повеќегодишен и сите велат дека проблемот ќе се реши, но досега решение нема.

Здравко Данилов вели дека додека траеше учебната година, учителките биле приморани да ги пуштаат децата дома, за да не се загушат во училиштетео.

 Екологистите од Кочани веќе одамна алармираат за состојбата со депонијата.

„Пред 25 години заминав од Кочани на работа во Швајцарија. Градот тогаш го носеше епитетот најчист град во Македонија. Кога се вратив во 2014 година, Кочани беше претворено во обично ѓубриште и еколошка бомба“, вели 45 годишниот Орце Николов, активист на Здружението „За здрав живот“ од Кочани.

На почетокот на август граѓаните повторно протестираа за ова депонија.

Состојбата во Штип е за нијанса подобра од Кочани, не затоа што имаат поквалитетен систем за одложување на комуналниот отпад, туку се благодарни на ветерот што чадот го разнесува пред да стигне во градот.

За Драги Сарафимов, кој има викендичка во близина на депонијата, смрдеата е неподнослива.

„Депонијата гори постојано, некогаш имаме среќа ветерот да го однесе чадот на другата страна, но ако го донесе кон градот, смрдеата е толку голема, што од дома не смееме да излеземе“, вели пензионерот Сарафимов.

Голема тага и разочараност има и кај претседателката на Еколошкото друштво Виножито од Штип Јорданка Калајџиевска.

„Ова е жива катастрофа. Веќе 30 години зборуваме за едно модерно решение за собирање на отпадот, а досега немаме мрднато со прст. Толку сме назадни што ни ѓубриштето што го имаме, нема да го наречам ни депонија, не е ниту оградено“, вели Кајалџиевска.

Додека го правевме истражувањето Полицијата започна истрага за можните потпалувачи на депонијата во Штип.

Упативме, прашања за депонијата до Општина Штип, но до објавувањето на овој текст одговор не добивме.

Од Јавното комунално претпријатие Исар во Штип ни рекоа дека тие повеќе пати пријавување потпалувачи на депонијата во Штип.

„ Имаме проблем со необвластено присуство на луѓе кои ја палат депонијата и така настануваат пожарите. Кога ќе го истуриме ѓубрето, доаѓаат луѓе за да ги обезбедат егзистенцијалните потреби ги собираат металите и тие го палат ѓубрето. Ако фатиме некој како пали, ќе го пријавиме во полиција, тие не реагираат. Тоа се неуредени депонии, ние како Исар не можеме да превземеме никакви инвестициски мерки за нешто што не е уредено, затоа и не можеме да поставиме чуварска служба“, вели Кирил Зајков, директор на Јавното претпријатие Исар од Штип.

Депонијата во Делчево е постојано запалена. Ова беше одговорот на 42 годишниот Влатко од Делчево. Тој не се сеќава кога последен пат состојбата со депонијата била нормална.

Ова го потврдуваат и од Општина Делчево.

„Во наведените години градската депонија се палеше често, претежно во летниот период, односно во месеците јуни, јули, август и септември. Причина за палење на депонијата е самозапалување од многу високите температури и од човечки фактор“, се вели во одговорот на Општина Делчево.

Спецификата на оваа депонија е што е само на помалку од 10-тина километри од Бугарската граница.

„Над депонијата започнува шумски појас кој оди скоро до Благоевград. Страв ми е да не предизвикаме и меѓународен инцидент ако пожарот од депонијата се префрли во Бугарија“, вели Миле Ѓорѓиоски, од Делчево.

Тој додава дека од Бугарска страна веднаш до границата има воени магацини од времето на студената војна.

„Ако пукнат тие магацини во шумата се плашам дека многу воен арсенал може да експлодира“, додава Ѓорѓиоски.

Досега Општината успешно се справува со пожарите. Од таму велат дека ја гасат депонијата потрупувајќјање со земја, но кога има потреба интервенира и ТПП со цистерни со вода.

Во моментов Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“ имаат соработка  за решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии со Министерство за животна средина, „Нула отпад“ и „Пакомак“, а воведена е и првична селекција на стакло, на пластика од индивидуални собирачи, електронскиот отпад во соработка со „Нула отпад“, како и селекција на хартија.

Првата и основна обврска е едукацијата на населението со цел подигање на свеста кај граѓаните за значењето на селекцијата на отпадот и заштитата на животната средина, велат од ЈКП Брегалница Делчево.

Реакција за Делчевската депонија имаше и од лидерот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Големиот пожар што ја зафати Малешевијата пред две години го покажа вистинското лице за човечката негрижа и небрежност од пожари. Уште не стивнале стравовите од тој пожар, опасноста од нов таков пожар постојано демнее.

Иако двата града се наоѓаат на надморска висина од 900 метри, и температурите се пониски, сепак депониите често горат.

„Таман ќе ја угасиме пехчевската депонија трчаме во Берово. Ајде па таму гасиме. Носиме вода, прскаме со камионите, носиме багер да го разнесе ѓубрето, но тоа е само моментално решение. Овие ѓубришта не се трајно решение за отпадот во Малешевијата“, вели Дејан Вазлиски од доброволното противпожарно друштво од Пехчево, кое се формира токму за интервенции, после големиот пожар што ја опустоши Малешевијата.

Побаравме одговор за решавањето на проблемот со отпадот и депониите од Општина Берово, но од таму ни одговорија дека Комуналното претпријатие ќе ни ги одговори прашањата. До објавувањето на овј текст од ЈКП Услуга Берово одговор не добивме.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)