Зоран Алексиќ од Градската општа болница „8ми септември“ никогаш не претпоставувал дека набавката на кислород ќе му биде една од најважните работни обврски како лице задолжено за техничка поддршка во болницата. Оваа здравствена установа пред Короната трошела 3 тона кислород во период од 10-15 дена. Сега троши исто толку, но на дневна основа. Короната го смени начинот на функционирањето на болниците и од здравствени установи кои се грижат за пациенти со разни видови на болести некои од нив ги преориентираше во Ковид-центри на кои кислородот им е важен исто колку на луѓето. Со една голема пречка или предизвик—како да се набави кислород за ковид пациентите за брзо време и со економски исплатлива цена.
Дел од директорите на болниците сметаат дека понудувачите ја искористиле состојбата со Ковид, па самите ги диктирале цените, додека од фирмите посочуваат дека не се тие виновни за цените,туку условите за увоз, дистрибуција, како и понудата и побарувачката
Со исклучок на единствената државна институција која набавува кислород во име на сите клиники во кругот на Клинички центар во Скопје, сите други болници низ земјава, секој на своја рака, набавувале кислород по различни цени. Па така, од почетокот на пандемијата со Ковид во 2020 година па се до лани, гостиварци, на пример, „дишеле“ поевтин медицински кислород во однос на штипјаните. Додека, пак, за кислородот на боци, најмногу се трошело за кочанчани, кичевчани, прилепчани и битолчани. Директорите на болниците вината за ова го вперуваат во понудувачите, кои, според нив, ја искористиле состојбата со Ковид, па самите ги диктирале цените. Додека пак, од фирмите посочуваат дека не се тие виновни за цените туку пазарната понуда и побарувачка, како и условите за увоз и дистрибуција на кислород без кој болниците тешко дека би можеле да се справат со Ковидот.
Ист кислород, различни цени
Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје е државна институција која врши набавки и ги снабдува со кислород клиниките во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Таа е една од установите кои кислородот го набавувале по едни од највисоките цени според рангирањето на истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Па така, при крајот на 2020 година, оваа институција набавила 5500 килограми компримиран кислород (во боци) по цена од 176 денари со ддв од килограм. Додека два месеци, претходно, од истата фирма, кислород набавила Клиничката болница во Штип. Се работи за набавка на медицински гас кислород-без оглас за набавка на 5880 кг. кислород по единечна цена од 123,9 денари со ддв. Разликата е 52 денари. Кислород купен во екот на пандемијата во 2020 година, едни болници ги чинел една, а други друга цена.
Јавните здравствени болници во Кочани, Кичево, Прилеп и Битола во изминатите две години кислородот во боци или таканаречениот компримиран кислород го набавувале по рекордни цени од 200.6 денари по килограм. Додека во исто време, другите ковид центри го набавувале по многу пониски цени, како што е случајот со болницата во Гостивар „Ферид Мурат“, кои овој кислород го набавувале по цена од 82,6 денари по килограм. Се обидовме да ги споредиме цените во однос на набавените количини на кислород. На пример, Штипската клиничка болница имала две итни набавки на кислород. Едната со вредност од 1.4 милиони денари, а втората со договор вреден 2.17 милиони денари.
„Треба да ги прашате понудувачите зошто ни го продаваат кислородот по различна цена. Во време на пандемија ние не може да ги бираме цените кога имаме итни набавки. Во 2020 година кислородот беше 3 евра, а сега во ноември 90 денари од боца. Не сме имале опција. Цените ги одредуваат понудувачите. Доведени сме до степен набавката на кислород да биде борба бидејќи како понудувачи се јавуваат само две фирми. Ние едно планираме набавки во годината, а излегува сосема нешто различно потоа“, објаснува директорот на Штипската клиничка болница, Ален Георгиев.
Битолската Клиничка болница, заедно со оние во Прилеп, Кичево и Кочани се на врвот на листата на државни здравствени институции кои купувале кислород по највисоки цени. Нив, еден килограм компримиран кислород ги чинел 200.6 денари. На почетокот од 2021 година, поточно на 28 јануари 2021 год битолската болница реализирала набавка без оглас. Во рамките на оваа набавка набавени се 130 тони течен кислород со вкупна цена со ддв 73269 денари. Исто, набавен е и компримиран кислород по цена од 198.3 денари од килограм. Додека, на 11 ноември 2020 година битолската болница набавила компримиран кислород по цена од 200.6 денари од килограм. Директорката на болницата, Билјана Гагачовска, пак, вели дека тие секогаш при набавките се водат од критериумот-најниска цена. Таа вели дека не е упатена толку во набавките и дека за тоа има служби во болницата кои се грижат за целата постапка на набавка. Таа нè упати во нивниот оддел за набавки.
Раководителката на одделот за јавни набавки во болницата, Соња Циуновска појаснува дека во пред околу две години болницата склучила договор за набавка на кислород бидејќи немале избор.
„Во ноември 2019 година склучен е договор за јавна набавка медицински гасови меѓу кои се течниот кислород и кислород во боци со најповолниот понудувач односно единствениот понудувач. Не смеевме да дозволиме да нема кислород кога им е неопходен на пациентите“, вели Циуновска. Од болницата објаснуваат дека кислородот по овој договор го набавувале по цена од 165 денари без ддв се до ноември 2020 година, кога склучиле договор со друг добавувач и кислородот го набавувале по цена од 61,36 денари за килограм течен кислород односно 200,6 денари за килограм компримиран кислород, односно кислород во боца. Тие сметаат дека разликите во цените на кислородот се должат на намалената конкуренција, како и актуелните услови со Ковид пандемијата каде поради зголемена побарувачка се зголемува и цената на кислородот.
ЦГК: Разлика во набавките на кислород до 700 отсто
Според истражувањето на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата од ноември 2021 година насловено како „Анализа на еднаквоста на испорачаните здравствени услуги во различните ковид-центри“[1], вкупно, за набавка на медицински кислород ковид-центрите потрошиле 2.2 милиони евра. Од нив, најмногу или 626.430 евра потрошила Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје. Истражувањето на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата покажало дека постојат значителни разлики во единечните цени по кои ковид-центрите го набавувале медицинскиот кислород за третман на пациентите. Разликите достигнуваат и до 700% во единечните цени на течниот кислород и речиси 250% во оние на компримираниот кислород. Според нивното истражување, ЈЗУ Градска општа болница „8-ми септември“ Скопје во изминативе две години реализирала набавка според која килограм течен кислород набавила по единечна цена од 11, 1 денари, додека ЈЗУ Клиничка болница Штип истиот го набавила по цена од 78,5 денари од килограм. Во однос на набавките на кислородот во боци, односно компримираниот кислород ЈЗУ Општа болница „Др. Ферид Мурад“ Гостивар го набавила по цена од 82,6 денари од килограм, додека ЈЗУ Клиничка болница Битола, ЈЗУ Општа болница Кичево, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп и ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани го набавиле по цена од 200,6 денари од килограм.
Ковид центрите набавувале медицински кислород од вкупно четири фирми. Во рамките на ова истражување се анализирани набавките на 28 ковид-центри низ државата во периодот од 1 март 2020 година заклучно со 31 март 2021 година поради пикот на пандемијата со Ковид.
„Осум од анализираните постапки за набавка на кислород биле спроведени со користење на постапката со преговарање без претходно објавување на оглас. Во овие случаи договорните органи директно преговараат со економските оператори поради што не постои конкуренција во конкретната постапка што може да доведе до повисока цена“, појаснува Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации кој работел на истражувањето.
Централизирање на набавките на кислород
Директорот на ЈЗУ Клиничка болница Штип, Ален Георгиев смета дека најдобро решение би било набавките на кислород да се одвиваат централизирано поради пролонгирањето на набавките на кислород во редовна тендерска процедура. „Како раководители на здравствени установи ние не може да чекаме да помине целата постапка на обжалување на тендерската процедура бидејќи тоа трае со месеци. Нас кислородот во некои ситуации како што тоа беше случај со Ковидот, ни требаше веднаш и затоа понекогаш сме принудени да набавуваме кислород без оглас, односно по итна постапка“ објаснува Георгиев. И дел од другите директори на здравствени установи го споменаа ова решение, како од аспект на забрзување на целата процедура, така и од аспект на поедноставување на набавките. Сепак, ваквото решение не е баш најдобро за понудувачите.
Христофор Саракинов, од Друштвото за производство, трговија и услуги ЛГ ВЕСТ БАЛКАН ИНДУСТРИСКИ И МЕДИЦИНСКИ ГАСОВИ ДООЕЛ Скопје, која е една од фирмите која ги опслужува болниците со кислород вели дека тоа тешко може да се изведе.
„Не знам како би се извело централизирање на набавките на кислород кога дел од болниците немаат ниту сопствени цистерни за складирање на кислород. Треба да се води сметка дека секоја здравствена установа е специфична, при набавка на кислород влијание врз цената има и превозот, дистрибуцијата, увозот“, појаснува Саракинов.
Табели од анализата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата:
Единечни цени по килограм компримиран кислород во денари без ДДВ
Единечни цени по килограм компримиран кислород во денари без ДДВ
Центар за истражувачко новинарство СКУП-Македонија
Проектот „Набљудување во ризични области од корупција: здравство и животна средина“ е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. „Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондација Отворено општество – Македонија“.
[1] Изработена во рамки на проектот „Набљудување во ризични области од корупција: здравство и животна средина“ е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија.