ИНТЕРВЈУ / Весна Коловска: Новинарството не може да се автоматизира, човечкиот печат мора да остане

Во редакциите што секојдневно се натпреваруваат со времето, вештачката интелигенција станува сè поприсутна алатка. Таа може да транскрибира интервјуа, да обработува материјали и да го забрза пребарувањето информации. Но, за Весна Коловска, новинарка и уредничка во Канал 77, технологијата носи и нова неизвесност: како да се препознае вистинската содржина во свет во кој машините можат убедливо да ја имитираат реалноста?

Со искуство во новинарството и уредувањето, Коловска ги согледува предизвиците на вештачката интелигенција од перспектива на секојдневното функционирање на редакциите. За неа, прашањето не е само дали новинарите знаат да ги користат новите алатки, туку и дали располагаат со ресурси, знаење и професионални механизми за да ја контролираат нивната употреба.

Еден од проблемите е нееднаквиот пристап до технологијата. Додека основните алатки се широко достапни, понапредните верзии, за кои е потребна претплата, остануваат недостапни за голем дел од новинарите.

Друг предизвик е препознавањето на содржините создадени со вештачка интелигенција. Дури и новинари што поминале обуки понекогаш се соочуваат со дилеми дали фотографијата или видеото пред нив се автентични.

Таквата неизвесност, според Коловска, може да доведе до две спротивни последици: објавување генерирана содржина без соодветна проверка или отфрлање автентичен и новинарски вреден материјал поради сомневање во неговото потекло.

Во интервју за СКУП, Коловска зборува за потребата од јасни редакциски правила, за опасностите од трката по брзина и за иднината на професијата во услови на сè поголема автоматизација.

Нејзината порака е дека технологијата треба да му помогне на новинарот, но не и да го замени она што ја определува суштината на неговата професија – способноста да набљудува, анализира и да ја разбира реалноста.

СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско, менаџерско и академско искуство во медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?

Весна Коловска: Првиот предизвик е познавањето на алатките за вештачка интелигенција, покрај основните.

Вообичаено ги користиме широко достапните алатки, но подобрените и ПРО-верзиите, за кои треба да се плати, остануваат надвор од употреба за поголемиот дел од новинарите.

Потоа, употребата на ВИ е ограничена главно на транскрибирање снимки и пребарување. При пребарувањето или утврдувањето факти, одговорите честопати знаат да бидат несоодветни, па дури и неточни.

Следен предизвик постои кај повозрасните новинари, кои потешко учат или не успеваат да совладаат некои од вештините за користење на ВИ.

Постои и тешкотија во препознавањето на креациите и материјалите создадени со ВИ, поради што се случува одредена содржина да биде споделена во медиумот без да се знае дека е творба на вештачката интелигенција.

Има и друг тип на однесување – кога нешто за што новинарите не се сигурни дали е реално или е создадено со ВИ, воопшто не се употребува, иако можеби станува збор за вреден материјал.

СКУП: Постојано се зборува за етичката употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во однос на можностите што ги нуди вештачката интелигенција?

Весна Коловска: Во редакциите треба да постои правилник за употреба на вештачката интелигенција, со кој би се ограничила употребата на фотографии создадени со ВИ на минимум, а таквите материјали би биле соодветно означени.

СКУП: Колку може и треба да им веруваме на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?

Весна Коловска: Во редакциите постои проблем со препознавањето на видеата и фотографиите создадени со ВИ.

Иако станува збор за професионалци, од кои дел поминале и обуки, сепак, во одредени случаи постојат дилеми околу тоа како настанале материјалите.

Поради тоа, потребен е крајно внимателен пристап кон содржините за кои не може со целосна сигурност да се каже дека се создадени од човек.

Ова создава конфузија во секојдневното работење, поради што се губат време, јасност во работењето и новинарскиот личен печат.

СКУП: Дали брзината на информирањето понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?

Весна Коловска: Никогаш.

За жал, под влијание на однесувањето на полупрофесионалните медиуми и во трката да се објави нешто, се губат веродостојноста и квалитетот, се прават грешки, а со тоа се губи и довербата на публиката.

СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?

Весна Коловска: Во комбинација со ВИ, со користење алатки што го поедноставуваат и забрзуваат процесот на обработка на материјалите, но „човечкиот печат“ не смее да исчезне.

Новинарството, сепак, е професија што не може да се автоматизира, бидејќи новинарот опсервира, анализира, перципира.

Оставете коментар

коментар(и)