Интервју Филип Темелковски: Десетици години наназад не е истражено каде се и зошто фалат шините и цевките во Охис

Со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, разговаравме за актуелните случувања во Охис.

Разговарала: Љубица Иванова

Градоначалникот открива дека во текот на денот повеќе од луѓето кои  го побарале имале намера да заминат, да се исселат, иако според информациите кои нему му биле пренесени од надлежни, немаше простор за паника, бидејќи како што тој вели според основните информации  и врз основа на тоа што е истурено (метил акрилат), проценети се максималните штети. Опасноста била поголема во близнина на резервоарите, додека штета по здравјето на граѓаните нема, бидејќи првата линија на граѓани е на петстотини метри од самото место.


Тој вели дека кога дознал за инцидентот, веднаш излегле на терен заедно со општинскиот инспекторат, лично нему му се јавиле десетина луѓе, негови пријатели, да го известат дека нешто непријатно мириса кога поминувале низ Охис.
Општинскиот инспекторат не земал примероци, поради немање соодветна опрема и лабораторија, но направиле извештаи по однос на тоа што е констатирано.

Хаваријата во Охис крена многу прашина, граѓани, институции, фирми, еколошки активисти се кренаа на нозе, се бараат одговори и одговорност.
Откако при миење на резервоар, во кој имало остатоци од опасни хемикалии се излеа вода и во близина на фабриката била почувствувана непријатна миризба, до надлежните беше пријавено, од страна на граѓаните.

Кога станува збор за остатоците од хемикалиите во Охис, градоначалникот на Кисела Вода вели дека според официјални информации, дел од хемикалиите се складирани во побезбедни буриња и се чека дозвола од државите низ кои треба да поминат токсините, за да се извезат. Крајна дестинација е Швајцарија.
Меѓутоа многу нејаснотии покрена и самата содржина на  Елаборатот за заштита на животната средина, за проектот  “БЕЗБЕДНО ОТСТРАНУВАЊЕ НА ХЕМИСКИ МАТЕРИИ ОД ЛОКАЦИИ И ПРОИЗВОДНИ ПОГОНИ ВО КРУГОТ НА АД ОХИС СКОПЈЕ “ каде што стои:
„Компанијата   „ЕкоЦентар 97“ е избрана за најповолен понудувач на Јавниот оглас од 11.4.2018 година (објавен од страна на Стечајниот Управник на  АД “ОХИС”) за отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиските материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС и за ова аактивност има склучено Договор со АД “ОХИС” во Стечај. Според Договорот со бр.857/0307 од 20.12.2018, планираните активности за постапување со опасните хемиски материи од АД “ОХИС” во Стечај ќе се одвиваат во рок од 9 месеци. “

Според ова, сите активности требало да бидат завршени до крајот на септември. Што значи, меѓудругото станува збор за пробиен рок во кој било предвидено да се извршат активности од страна на фирмата ЕкоЦентар 97.
Градоначалникот вели дека е запознаен со таа информација и дека нема официјални податоци зошто е тоа така, но рокот е можно да бил пробиен поради неприлики и непланирани активности.


Инаку кога станува збор за тендерот на кој фирмата Екоцентар 97 е избрана да биде задолжена за чистење, складирање и транспорт на  опасен отпад, а без притоа да биде на листа на фирми кои имаат дозвола за наведеното, градоначалникот вели дека и за него има нејаснотии што и како точно се случувало бидејќи тоа е склучено од страна на стечајниот управник на Охис и судот и фирмата Екоцентар 97, но и тој е запознаен со информацијата дека директот на Екоцентар 97, Владимир Момировски бил поранешен вработен во фабриката Охис.

 Фејзула Спахија – директор на Државен инспекторат за животна средина, во телефонски разговор ни откри:
„Ќе има санкции за фирмата Екоцентар 97.“
Притоа додавајќи дека се уште не се знае каква ќе биде казната, но ќе биде законски утврдена во однос на пропустот.

Темелковски открива дека фали документација од  фабриката Охис, поради самото тоа се шират и шпекулации.
Според него некој тенденциозно, намерно или може би и не намерно ги има уништено или изгубено документите. Поради недостаток на документација не можат да се утврдат и други работи, како што не може да се констатира во кој период се украдени шините, односно фалат огромни цевки од производствениот процес.
Темелковски вели дека често се дешавало бивши вработени во Охис да доаѓаат кај него и да му даваат информации, коишто не можат да бидат проверени токму поради недостатокот на дел од документите од Охис. Поврзано со овој проблем, Темелковски се среќавал и со стечајниот управник на Охис, Маринко Саздовски, меѓутоа поврзано со инцидентот, вели дека се уште не разговарале.

Поради самите шпекулации беше направено и истражување од страна на министерство за животна средина, кое што покажа дека во Пеленица има еден мал базен на линдан.
Инаку  во минатото се правеле базени каде што се складирал линданот и се затрупувало.

Темелковски вели дека повеќе од  десет години никој нема интервенирано по однос на Охис и Пеленица.
2009/2010 година е затворен погонот за линдан во Охис, од 2010 година до 2019 година, никој не ги третирал остатоците од линданот која е една од најтоксичните материи. Сега првично се почна од таму и складирање на самиот хлор за да не се случи некоја непосакувана последица. Тоа се цели 9 години, никој не преземал никакви активности да се потруди да испита.“ – додава тој.
Општината Кисела Вода како целата јавност бара и одговорности и одговори, на Советот на општината ќе се одлучува и планот е да се излезе со сет прашања и рокови, со цел да се утврдат обврските кон Охис.

Го прашавме градоначалникот на Кисела Вода , до каде се со изградбата на мерната станица која беше ветувана во предизборната кампања, Темелковски вели дека општината моментално нема пари за таа намена.

Оставете коментар

коментар(и)