Пишува: Горан Лефков
Македонските општини должат 100 милиони евра, само за неплатени фактури. Дел од овие тошоци се направени по кафеани, заасфалтирање на улички пред избори, а добар дел се и за привремени вработувања.
Најмногу долг направила Општина Охрид, 16 милиони евра, Тетово 15, Карпош 8, Битола 5, Струга 4 милиони и Куманово 3,7 милиони евра.
Најзаглавени во градоначалнички долгови се Охриѓани. Сметките за лошото раководење на општината треба да ги платат граѓаните. Така секое охридско семејство за раскошното трошење на градоначалниците треба да плати по 1.100 евра. Секое семејство во Демир Капија треба да плати по 800 евра, во Пехчево по 730, Тетово 700, Старо Нагоричане 640 и Карпош по 530 евра.
„Мора државата да ги изостри мерките не смее да им дозволува на градоначалниците, додворувајќи им се во пресрет на изборите да трошат многу, многу пари отколку што реално ги имаат, Тоа е кривично дело за тоа треба да се одговара а никој кај нас не одговарал“, вели Аце Коцевски, градоначалник на Велес.
Борче Давитковски, професор на Правен факултет, оценува дека „локалните шерифи, градоначалникот и плус ако има мнозинство неговата партија, работат што сакаат, без некоја вистинска контрола од Централната власт“.
„Во нашава држава за жал само два субјекти не одговраат политички а се бираат на непосредни избори. Тоа се градоначалниците и парламентарците. Таа практика мора да престане затоашто градоначалник кај нас знаеме имавме со 4 одделение, вие можете магаре да ставите, како во Америка, куче бираа за градоначалник, ама тоа е за локална заедница од 100 луѓе, а не како кај нас за град Скопје или Куманово со 110.000 жители. Мора да ги утврдиме условите кој може да биде градоначалник и услови кога може да биде разрешен.“
ЗАДОЛЖУВАЊЕ БЕЗ КРИТЕРИУМИ
А дека општините се презадолжувале без никакви мерки и критериуми, потврдуваат и сегашните градоначалници.
„Претходниот градоначалник 4 години од 2013 до 2017 ниту една фактура не му платила на јавното претпријатие, со што општината станала должник на Јавното претпријатие за безмалку 1,5 милиони евра“, вели Коцевски. „Најкарактеристичен е примерот со Гостивар, кадешто имаше 17% наплата, може да замислите како да живеете во комунизам, значи никој ништо не плаќал, односно плаќале само 17% и затоа јавните претпријатија имало толкави огромни долгови“.
Незадоволен од работата на некои локални самоуправи е и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. „Треба да си ги оптимизираат трошоците и нормално треба да си ги оптимизираат трошоците и треба да бидат адекватни на приходите“.
Владата на премиерот Зоран Заев, за прв пат објави повик во кој, 50% од долгот ќе го плати државата. За оваа намена од државната каса се обезбедени околу 50 милиони евра. Овој предлог закон е како нарачан за општините чии што градоначалници трошеле без да водат сметка за интересите на граѓаните.
„Ние како Влада бевме исправени пред предизвикот дека овие долгови биле наталожени со години наназад, каде поради вработени, каде поради икс ситуации, како и да е тоа е фактичка состојба, парите се должат. Општините беа блокирани. Околу 20 беа со блокирана сметка. Можевме да го оставиме тоа така или да помогнеме да се одблокираат и сега нормално ќе бараме резултати, ова не е нешто на кое ќе треба да се надеваат и следната година. Оваа е еднократно. Сега веќе и кој знае кога, најверојатно никогаш и не би требало“, вели министерот Манчевски.
Хаосот во финансирањето и функционирањето на општинската власт потекнува од сегашната законска регулатива и од желбите на централната власт.
„Во Законот за локална самуправа треба да се воведе принципот на одговорност. Тој закон има доста недоречености. Со измена на изборен закон ние продолживме мандат на градоначалници и на совети што е вон памет. Законот за локална самоуправа се носи со 2/3, тој е системски закон. Не можеме ние со законче за спроведување на избори да кажеме дека им се продолжуваат мандатите на постоечките“, вели професорот Давитковски.
ОХРИД, ТЕТОВО, КАРПОШ…ЗАДОЛЖЕНИ ОД ПРЕВРАБОТЕНОСТ
На списокот на најзадолжени и превработени локални самоуправи се наоѓаат едни исти општини. Според истражувањата на Центарот за управување со промени, во топ 10 општини на превработеност се Пехчево со 5 вработени на 1.000 жители, Тетово 5, Старо Нагоричане 5, Карпош со 4, Охрид 4, а европски стандард на 1.000 жители е само 1 вработен.
„Ние имаме околу 90 вработени во општинската администрација, а Општина Охрид која е многу задолжена и со блокирана сметка во последните 20-туна години и повеќе која има сличен број на жители како Велес има 240 вработени. Општина Карпош која е нешто поголема од Велес има 430 вработени а има помали надлежности од Велес затоашто во Велес основните, средните училишта, детските градинки, институциите од културата се на локално ниво, Територјалната противпожарна единица. Скопските општини ги немаат тие надлежности затоашто дел се под градот Скопје. На општинско ниво во Скопје само градинките и основните училишта само се на општинско ниво. Немалогика Карпош да има 430 вработени, тоа значи дека е преполна општината со партиски заслужни кадри кои сериозно го оптоваруваат буџетот и така се направени и долговите и сега не е фер државата да ги покрие длговите кои се направени од такви причини и јас можам да бидам добар за 100-тина семејства од Велес и да го одвртам вентилот и да дозволам да се вработат уште 100-200 луѓе, меѓутоа што би постигнал со тоа, парите на граѓаните кои се сиромашни моја намера е да ги потрошам за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните за водоводи, улици и патишта а не за плати на заслужни партиски кадри“, вели Аце Коцевски, градоначалник на Велес.
Борче Давитковски, професор на Правен факултет, подвлекува дека „во нашава држава за жал само два субјекти не одговраат политички а се бираат на непосредни избори“. „Тоа се градоначалниците и парламентарците. Таа практика мора да престане затоашто градоначалник кај нас знаеме имавме со 4 одделение, вие можете магаре да ставите, како во Америка, куче бираа за градоначалник, ама тоа е за локална заедница од 100 луѓе, а не како кај нас за град Скопје или Куманово со 110.000 жители. Мора да ги утврдиме условите кој може да биде градоначалник и услови кога може да биде разрешен“.
ЦЕНТРАЛНАТА ВЛАСТ ГИ ШТИТИ „НЕЈЗИНИТЕ“ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ
Чаре за градоначалниците кои без мерка трошеле, а трошат и сега, има, но централната власт не го спроведува за да ги спаси нивните партиски членови во градоначалничките фотељи.
„Надлежните државни органи не ги превземаат сите со закон предвидени мерки за санкционирање на градоначалниците кои имаат проблеми со финансиското работење. Извештаите на Државниот завод за ревизија за лошото финансиско работење и за злоупотребите на градоначалниците не ги земаат сериозно ниту јавното обвинителство ниту финансиската полиција“, вели Аце Коцевски. „Законот за финансирање предвидел дека општините кои имаат континуирано блокирана жиро сметка 30 дена или со прекини 45 дена дека треба да покренат иницијатива за прогласување на финансиска нестабилност. Треба да се формира тело финансиски да управува со општината во кое членуваат 2 претставници од Министерството за финансии, од Зелс, Министерство за локална самоуправа и градоначалникот и тие да предложат програма за излез од финансиската криза. Тоа никогаш не се случило досега. Огромни се долговите на општината, ниту еден градоначалник не е земен на одговорност, а владата реши со бакшиш да покрива средства долгови на општините“.
Одлуката на Владата да ги плаќа сметките на поранешните градоначалници наиде на голем револт кај познавачите на општините во земјава.
„Наместо да се земеше барем една варијанта да се репрограмира долгот за 10 години и од буџетот да им се дадат пари, ама овие да го вратат, Вака се испостави, се врши пресек, еве ви 60 милиони, почнете од ново, значи ќе започнат овие нови загуби да прават. Еднаш штом воспоставите лоша практика, ова е лоша практика по мене владата што прави, лошо ги менаџира општините. Ако општината нема пари тоа не значи дека ќе се укине, тоа значи дека општината под стечај не може да иде, но има времена управа, каде Централната власт ќе раководи со ресурсите на општината. Градоначалникот, астала виста, ќе си оди. Природно во сите земји е тоа единствено во Македонија овој си седи, прима луѓе претходните не ги брка, тој негови, имаме еве моја општина Карпош, 400 вработени, имаат нова зграда направија не можат да ја пуштат, долгови имаат 40-50 милиони евра и тн“, вели Борче Давитковски.
Дека Владата има намера само да ги покрива лошите општини и да ги стимулира да прават неразумни трошења наместо развој на општините потврдува фактот што ниту една влада досега не ги сплатила парите за рамномерен регионален развој кој според Уставот и следуваат на локалните самоуправи. Таа сума е 1% од БДП или во апсолутни цифри е околу 90 милиони евра. Наместо да ги даде тие пари на сите рамномерно, и да ги награди тие што добро работеле како Општина Велес, Арачиново или Студеничани, тие ги префрлаат на тие општини што раскалашено трошеле и вработувале.
„Тие сретства државата никогаш не ги давала, да бидеме искрени. Тоа е обврска на централната кон локалната власт. Тоа е факт и од тоа нема бегање. Овие 60 милиони што се даваат сега, тоа е уназадување на локалната самоуправа“, потенцира професорот Давитковски.
А дека е така, потврдуваат и најавите дека општина Тетово, каде градоначалник веќе во два мандатие Теута Арифи. Таа и покрај милионските долгови и превработеноста, сега ќе се задолжува и надвор од Македонија за да набави автобуси.
Покрај Тетово, досега кон домашни и странски кредитори должат 13 општини во вкупна вредност од 14,5 милиони евра. Тоа се Град Скопје 7 милиони евра, Центар 4 милиони евра, Карпош 2, Илинден 800.000 евра, Гостивар 200 и Кочани 150.000 евра.
*Ова истражување е продуцирано со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“. Содржините во видеото се единствена одговорност на Центар за истражувачко новинарство СКУП и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
* Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.