Партии или бизнис групации

Со донирање на 300 илјади денари, 44-годишниот правник Арбер Исаку решил со финансиски средства да придонесе за победа на Демократската унија за интеграција на предвремените избори оддржани во април, 2014 година. Тој фигурира како еден од 13-те донатори во извештајот на Државниот завод за ревизија. На тие избори, ДУИ освои 19 пратеници и продолжи да биде партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Две години потоа, Исаку беше избран за член на Советот на јавни обвинители, институција која законски треба да нема ниту една допирна точка со политичките партии.

Дали неговата донација од 2014-та година била пресудна за да добие место во Советот на јавни обвинители? Што добиваат тие што донирале поголем износ од Исаку?

„Вие ако добивате позиција на член на судски совет, ако добивате позиција на обвинител, ако добивате позиција на директор на јавно претпријатие на основа на генерирање на сето ова што зборевме, како очекувате утре тој што ја платил функцијата да дојде да применува стандарди во кој ќе дава отчетност, ефективност, ефикасност и транспарентност“, смета Академик Абдулменаф Беџети, поранешен лидер на ПДП.

Поранешните политичари велат дека се е сведено на конкретна индивидуална придобивка, без при тоа да се води сметка за јавниот интерес.

„Политиката станува, очигледно профитабилен бизнис за поединци коишто се склони на корупција“, вели Петар Гошев, поранешен лидер на ЛДП.

 

СЕРИОЗЕН ИЗВОР НА КОРУПЦИЈА

 

Финансирањето на политичките партии останува најсериозниот извор на корупција. Експертите сметат дека отсуството на сериозна контрола врз работата на политичките партии ги претвора истите во акционерски друштва, каде најмногу добива тој што донира.

„Да им дадат тендери, да им платат повеќе од вообичаената цена, да примаат послаб квалитет на извршена услуга од онаа која што е потребна. Значи на различни начини да извлечат пари од даночните обврзници или од буџетот на Република Македонија или од вкупниот јавен сектор“, подвлекува Гошев.

Финансирањето на политичките партии ја држи отворена дилемата дали тие партии се претворија во профитабилни компании кои управуваат со државата како да е нивна приватна сопственост.

„Задоцнето е прашањето дали може државата да биде приватизирана од партиите. Нашата држава веќе е приватизирана од партијата на власт и нејзниот коалиционен партнер во доменот што му е негова страна“, вели Сашо Орданоски, борец против корупција.

„Немаат потреба политичките партии да ја купат Република Македонија, затоа што доста добар дел од функционерите се чувствуваат дека ја поседуваат на ваков или онаков начин“, вели Имер Селмани, поранешен лидер на НД.

Во овие околности, кога политичката криза избувна како резултат на партизирање на државните институции и бројните злоупотреби, партијата е најважна, а државата се користи само како платежна институција од која треба да се црпат пари за партиите.

„Партиите настапуваат како сопственици, со материјални интереси со проценка на профитабилноста и тн. Нашите, фактички, да се акционерски друштва пак ќе имаат некоја контрола и јавна. тие велите дека делуваат како акционерски друштва како компании, ама без надзор, без контрола. Тоа е многу побезобразно отколку што тоа е во обичниот економски пазарен свет кадешто има измами и таму, но има и органи кои ќе расчистат. Така да мислам дека тоа спојување на партијата и државата е евидентно и кај имотот, евидентно е во секој поглед”, вели Стојан Андов, основач и поранешен лидер на ЛП. „Мислам дека корупцијата е влезена во сите пори на власта и нема тука крај. Вака не може да оди понатаму“.

Милионски имоти, приходи, донации, пари од буџетот по различни основи завршуваат во партиските каси. Затоа експертите апелираат да се зауздаат апетитите на партиите и да се стави ред во нивното финансирање.

„Јас сум сигурен дека ништо нема да го чини буџетот ако годишно 20-30 милиони евра да ги финансира партиите, парламентарни доминантно, но истовремено и вонпарламентарните, макар по многу помалку, отколку во име на тоа да ги оставите да ви крадат 10 посто од буџетот, а тоа се 300 милиони“, смета Беџети.

 

ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА – ДОНАТОРИ НА ПАРТИСКИ КАМПАЊИ

 

Можности за корупција има и во донациите на политичките партии. Во политичките партии како донатори се јавуваат и членови и функционери, но и Јавни претпријатија што е противзаконски.

Во 2015 година, 3.675 донатори, претежно функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои дале 1,4 милиони евра.

Најголем донатор во партијата на Груевски е Илија Србиновски со 100.000 денари. Ова се поклопува со името на поранешен пратеник на партијата од Битола. Интересни имиња како донатори кои се среќаваат се и имињата Оливер Дерковски, кој на 14 јули донирал 50.000 денари, потоа Јордан Витанов, на истиот датум донирал 50.000 денари. На истиот датум 14 јули 2015 година скоро сите директори на јавни претпријатија и државни институции во Штип уплатиле по 50.000 денари како донација на партијата.

Пратениците Иван Иванов и Весна Пемова на 15 односно 16 јули минатата година уплатиле по 20.000 денари, додека нивната колешка Ане Лашкоска истиот ден уплатила 50.000 денари на сметка на партијата.

Пратеникот Андон Чибишев уплатил 60.000 денари на 27 октомври, а неговиот колега Виктор Камиловски две дена подоцна на матичната партија дарил 20.000 денари.

Во донациите на ВМРО ДПМНЕ нема прекршување на законот за финансирање на политичките партии, иако некои поранешни лидери се сомневаат во вистинитоста дека ВМРО-ДПМНЕ има над 3.500 донатори.

Според Гошев, имаме луѓе кои воопшто не донирале ништо, а се забележани таму дека донирале по 1.000 или по 5.000 евра. Тоа, според него, е начинот на отпосле да се оправдаат сумите што излегле од сметката за финансирање на партијата.

„Нема просечен член, просечен граѓанин во Република Македонија којшто има капацитет да даде 1.000 евра или 5.000 евра донација на партија нема таков. Прво тие нивни функционери што имаат плата и привилегии, прво тие не даваат толку пари, да не говорам за други обични членови. А за тие милиони потрошени за функционирањето на партијата за водењето на такви бесни кампањи такви раскошни кампањи огромни пари се во прашање. Нема такво членство што тоа може да го исфинансира“, подвлекува Гошев.

 

ТЕЛЕКОМ ДОНИРАЛ ЗА СДСМ

 

Во СДСМ, најголем донатор е партискиот секретар Оливер Спасовски, кој во 2015 година за партијата дал 70.000 денари. Патрискиот лидер Зоран Заев донирал 60.000 денари во касата на СДСМ, додека Стојко Пауновски на 3 пати дал 49.000 денари.

Симптоматично е што како донатор во СДСМ се јавува и Македонски телеком со вредност од околу 20.000 денари. Оваа донација се коси со член 20 од законот за финансирање на политичките партии во кој се вели дека: „Политичките партии не можат да се финансираат од претпријатија кои имаат најмалку 20 посто учество на државен капитал“.

„Политичките партии треба да се тие кои треба да обезбедат функционирање на системот, без разлика дали се во власт или опозиција. Ако сте во опозиција, доколку вие самите како субјект се занимавате со нелегални активности околу сопственото финансирање, вие не можете да бидете гарантор на законското работење на целата држава. Така да не е потребна голема памет да се заклучи дека криминогени структури кои функционираат на еден начин кога се партија не можат да функционираат многу поинаку во ситуација кога се опозиција или власт“, смета Ордановски.

Прекршување на законот за финансирање на политички партии има и кај ДУИ.

Владеачката партија како донатори ги има Македонски пошти, Државен студентски дом, Дирекција за заштита и спасување, Македонски железници-инфраструктура, и Аеродроми на Македонија.

Ова, исто така, е во спротивност со член 20 од законот за финансирање на политички партии.

Но, наспроти се нема одговорност за незаконско финансирање.

„Единствен политичар што нстрадал за нерегуларно финансирање на кампањата е господинот Бошкоски. Јас не зборувам дека тој бил во право, меѓутоа едноставно ќе ви кажам дека од 90-та година наваму значи нема сериозен политичар кој не земал кеш пари во раце за потребите за финансирање на сосптвената политичка партија. Кога ги гледате политичките лица во Македонија, значи тие во некоја фаза направиле криминал во оваа држава, повеќе или помалку. Ако некој политиар инсистира дека не земал, тој сигурно е безначаен политичар, некој од 4-та лига на политича, па никој не му дал пари“, вели Љубчо Ѓорѓиевски, лидер на ВМРО-Народна партија.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

 

Оставете коментар

коментар(и)