Преку мистериозни офшор-шеми до вредни акции и ексклузивни локации (Трет дел)

Автор: Влатко Стојановски

На листата со над 400 компании во земјава во (ко)сопственост на странски субјекти со седиште во спефицични јурисдикции, освен фирми поврзани со познати тајкуни, политичари, осуденици, па дури и со партии, има и мистериозни офшор-компании со конспиративна сопственичка структура.

Според официјалните податоци и документи што ги обезбедивме од повеќе надлежните органи, тие во изминативе години смениле многу сопственици од разни офшор-дестинации, додека истовремено остварувале милионски приходи, тргувале со вредни удели и акции и стекнувале атрактивен недвижен имот.

Во прилог на тоа, најеклатантен пример е добропознатата „Ексико“, која досега сменила три сопственици од Белизе, Швајцарија и САД. За време на дводецениското егзистирање во земјава, оваа фамозна компанија со непознат сопственик свртела милионски средства.

Паралелно со тоа таа стекнала илјадници квадратни метри недвижен имот на ексклузивни локации, што го поседува до ден денес. Своевремено, друштвото поседувало и акции во крупни акционерски друштва, кои потоа преминаа во сопственост на Мијалкови.

Покрај „Ексико“, во многу купопродажни, трговски и бизнис-мрежи во земјава беше и „О.Т.Е. Инвест“. Низ годините, во сопственичката структура на „О.Т.Е. Инвест“ минала и „Ексико“, но и уште три офшор компании од Панама, Албани и Белизе.

Сепак, пред извесно време „О.Т.Е. Инвест“ престана да делува како посебен субјект, откако се претопи во друга компанија, чии сопственици неодамна станаа „ТИМ“ на Панделески и „ОРКА“ на Камчев, заземајќи го местото на ЗК „Пелагонија“.

Според информациите со кои располагаме, речиси нема крупен бизнисмен што не се доведува во релација со офшор фирма или фирми на директен или посреден начин. Во тој контекст, пред се треба да се спомене Минчо Јорданов, кој се поврзува со компанија од Британските Девствени Острови.

Дополнително, семејството на Штерјо Наков неодамна продаде една од компаниите на друштво од елитната јурисдикција Сунгапур, чиј косопственик, патем речено, е поранешен политичар. Своевремено, пак, во земјава делуваше и друштво од Кипар, кое се доведува во релација со Светозар Јаневски.

Во рамки на овој серијал веќе објавивме две стории за офшор-компаниите во земјава (СТОРИЈА 1) и (СТОРИЈА 2), додека во овој трет дел откриваме како преку испреплетени офшор-шеми се купувале и продавале вредни удели и акции во повеќе правни лица и истовремено се стекнувал недвижен имот на скопско Водно, покрај Охридското езеро, до грчката граница итн.

ЧЕШКА ВРСКА МЕЃУ МИЈАЛКОВ И „ЕКСИКО“, ИСТО СЕДИШТЕ СО „МОБИКО“

Од сите анонимни офшор компании, најактуелна во јавноста беше „Ексико“, од причина што беше вклучена во бројни бизнис-зделки. Податоците од Централниот регистар говорат дека таа е формирана во 2001 година од страна на „Делта Инвестмент ЛТД“ со седиште во Белизе.

Но, во 2008 година доаѓа до промена, така што нов сопственик станува „Калвус ЛЛС“ од САД. Во 2011 година, пак, трет и последен сопственик на друштвото станува „ТМЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија. Во текот на целиот период, управител непрекинато е Тодор Мирчевски.

Врз основа на увидот што го извршивме во регистарската влошка на компанијата, произлегува дека пред македонските институции како „прв директор“ на првиот сопственик на „Ексико“ – „Делта Инвестмент ЛТД“, настапува чешкиот државјанин Мирослав Хавлик, кој всушност ополноштува македонски државјани/правници да го застапуваат друштвото во земјава.

Патем, Хавлик имал деловни релации со браќата Спаравало, кои пак имале бизнис-односи екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Според чешкиот трговски регистар, Хавлик и браќата Војислав Спаравало и Дејан Спаравало членувале во Бордот на директори на „Кредит Финанс Груп“, основана со седиште во Прага во 2000 година за трговија, недвижности, консалтинг.

Воедно, браќата Спаравало заедно поседувале половина (секој по една четвртина) од уделите во веќе ликвидираната „Сервис Поинт ММ“. Останатите 50 проценти, пак, ги поседувал токму Мијалков.

Нецела година по формирањето на „Ексико“, во нејзината сопственичка структура влегува поранешниот оперативен директор на „Телеком“, покојниот Жарко Луковски. Поточно, „Делта Инвестмент ЛТД“ од Белизе останува мнозински содружник со 51 отсто, но 49 отсто од уделите му отстапува на Луковски.

Во тоа време, т.е. во почетокот на 2001 година, управител на компанијата станува Небојша Стајковиќ, кој, од друга страна, доаѓа на раководна позиција во Управата за безбедност и контраразузнавање во време кога со тајната полиција директорува Мијалков.

Како и да е, „Ексико“ го сели седиштето на булеварот Партизански одреди, каде до ден денес е лоцирана компанијата за трговија со електронска и телекомуникациска опрема „Мобико“.

Се до 2018 година, управител на „Мобико“ бил братот на претходно споменатиот Небојша Стајковиќ – Владислав Стајковиќ, кој воедно ги поседува консултантската компанија „НВСП“ и фармацевстката компанија „Неокор Медика“.

Згора на тоа, на иста адреса била регистрирана и „Дата Логинг“. Пред да биде ликвидирана, сопственик и управител на оваа компанија бил споменатиот Небојша Стајковиќ.

ПОРАНО МИЛИОНСКИ ПРОФИТ, СЕГА ДОЛГ ЗА ДАНОК И ПЛАТИ

Една година по промената на седиштето, нов сопственик на „Ексико“, на местото на „Делта Инвестмент ЛТД“ станува „Калвус ЛЛС“, со седиште во Албани, САД.

Во официјалните документи како менаџери на оваа компанија настапуваат Ени Јеап и Шејн Шараламбус, додека во основачкиот акт како основач-потписник е наведен Џенет М. Каруцио.

Така, во 2011 година, „Ексико“ го доби третиот сопственик, кој го поседува друштвото до ден денес. Тоа е компанијата „ТМЈ Инвестмент СА“ со седиште во швајцарски Лугано, во чие име настапуваат Емилио Бинда и Фабио Армати.

Во одлуката и договорот за пренос на удел, како потписник повторно настапува Мирчевски. Имено, тој останува управител и после сите „промени“ на сопствеништвото.

Во врска италијанецот Бинда, треба да се наведе дека тој бил директор на „Тасига Корп“ од Панама што ја купи чешката фирма „Миртланис“. Оваа компанија беше во сопственост на Мијалков, кој одлучи да ја продаде откако СДСМ како опозиција во 2013 година го обвини дека не ја пријавил во анкетниот лист.

Моментално, според податоците од Централниот регистар, „Ексико“ се јавува како сопственик на градежната компанија основана во 2012 година „Бет Ком Ко“, каде втор содружник е бизнисменот Александар Ивановски.

Истовремено, Ивановски е косопственик на „Дивелоп Груп“, која го поседува хотелот „Мериот“ во строгиот центар на Скопје, но и вредно градежно земјиште покрај Охридското езеро, веднаш до „Инекс Горица“.

Притоа, втор содружник во „Дивелоп Груп“ е „Бест Веј Инвестмент“ чиј единствен сопственик и воедно управител е постариот син на Мијалков – Јордан Мијалков.

Финансиските извештаи на „Ексико“ откриваат дека компанијата имала исклучително продуктивен период од 2007 до 2013 година, кога друштвото остварило приходи од над 16 милиони евра, додека добивката изнесувала 12,5 милиони евра.

На крајот од овој период, односно во 2013 година, фирмата остварува рекордна добивка од скоро 9 милиони евра, со што влегува на листата на најуспешни компании за таа година, заземајќи го високото 14-то место.

Сепак, со текот на годините почнува да опаѓа активноста на компанијата. Па, ако до 2018 година “Ексико“ има 13 вработени, во 2019 година паѓа на еден вработен, кога се бележи и драстичен пад на приходите.

Од 2016 година, кога фирмата собира приходи од 2,2 милиони денари, постојано бележи надолен тренд, така што во 2019 година приливите изнесуваат само 574 илјади денари.

Дека друштвото полека згаснува, говори и податокот од Управата за јавни приходи дека има доспеан долг од 3,8 милиони денари по основ на неплатен данок на добивка, како и дополнителни 2,7 милиони денари за плати и придонеси.

КОМПЛЕКС НА ВОДНО СО ЧУЌИЌ, ЗЕМЈИШТЕ КОН ГРЦИЈА СО ТЕРАНОВА

Податоците што ги обезбедивме од Катастарот на недвижности покажуваат дека „Ексико“ поседува недвижен имот на скопско Водно, што се простира на две соседни катастарски парцели (2424/23 и 2424/24).

Се работи за градежно земјиште со вкупна површина од 1.636 квадратни метри, на кое е изграден објект со намена Б5-2 (хотели) и објект со намена А4-7 (времено сместување).

Во рамки на овие два објекти, „Ексико“ преку ИЛ 16375 полага сопственичко право врз внатрешна површина од 2.350 квадратни метри, додека преку ИЛ 55344 има предбележување на дополнителна внатрешна површина од 781 квадрати.

Покрај „Ексико“, 812 квадратни метри внатрешната површина од овие објектите, преку ИЛ 58087, поседува компанијата „Бизнис проперти инвестмент“ на адвокатот Серјожа Марков.

Неговиот партнер во адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“Лазар Чукиќ, пак, ја поседува парцелата во непосредна близина со број (2424/21) со површина од 648 квадратни метри, каде е изграден објект од 173 квадрати.

Во најблиското соседство на Водно, „Ексико“ преку ИЛ 58751 поседува дел и од уште еден објект на КП 2424/28 со вкупна површина од 1.605 квадратни метри.

И овде е изграден објект со намена хотели, чија внатрешна површина надминува 3.000 квадрати, од кои „Ексико“ поседува 343 квадрати заедно со „Вентил Трејд Интернационал“, Јана Маркова и Сузана Котовчевска.

Понатаму, „Ексико“ преку ИЛ 56312 поседува градежно неизградено земјиште во шумата на Водно (1309/13), со вкупна површина од 3.880 квадрати, додека компанијата преку истиот имотен лист ја поседува и соседната КП 1309/16 со намена шуми, чија површина е 634 квадрати.

Исто така, во имотното досие на компанијата влегуваат и апартмани во комплексот „Горица“ покрај Охридското езеро со површина од 179 квадрати, како и градежно неизградено земјиште со површина од 322 квадратни метри во селото Радња, во потегот помеѓу Демир Капија и Кавадарци.

Што се однесува до фирмата-ќерка на „Ексико“-„Бетком“, таа поседува земјиште со површина од 15.004 квадратни метри близу Гевгелија, на самиот излез од државата кон границата со Грција.

Истовремено, компанија поседува и друго градежно неизградено земјиште на различни парцели со вкупна површина од околу 3.500 квадрати.

ТРАНСФЕР НА АКЦИИ ВО ЗК „ПЕЛАГОНИЈА“ И „ЖИТО-ПОЛОГ“

Порано, „Ексико“ поседувала и акции во битолскиот земјоделски комбинат „Пелагонија“. Според информации од Централниот депозитар на хартии од вредност, компанијата влегува во сопственичката структура на комбинатот на самиот крај на 2011 година, кога стекнува 10 отсто од акциите.

Во исто време, во ЗК „Пелагонија“ влегуваат и „ОРКА“ на Орце Камчев (18 отсто), како и „Тимох“ на семејството на Цветан Панледески (9 отсто), кој преку друга компанија – „ЦИП Продукт“, ја поседува АД „Пелистерка“.

Во тој период на самиот премин од 2011 кон 2012 година, ЗК „Пелагонија“, односно вработените се уште се доминантни акционери со сопственост врз 25 отсто од акциите, а тетовски АД „Жито Полог“ поседува 12 отсто.

Но, низ годините новите косопственици стекнуваат се повеќе акции и ја преземаат контролата, така што прв позначаен чекор во таа насока се случува на средината на 2012 година, кога „Ексико“, „Тимох“ и „ОРКА“ стануваат сопственици на по идентични 19,9 отсто од акциите.

Меѓутоа, на средината на 2014 година, меѓу акционерите на ЗК „Пелагонија“ што поседуваат над 5 отсто од акциите влегува уште една офшор компанија – „О.Т.Е. Инвест“, со 6 отсто на акциите.

Во текот на 2015 година, „О.Т.Е Инвест“ го зголемува акционерскиот капитал на 7 отсто, кои веќе на крајот на истата година преминуваат во сопственост на компанијата „Софија-Градба“.

Кон средината на 2018 година, „Софија-Градба“ доаѓа до вкупно 22,6 отсто од акциите, додека истовремено од листата со акционери го снемува „Ексико“.

Во однос на „О.Т.Е Инвест“, во исто време кога влегува во ЗК „Пелагонија“, т.е. во 2014 година, избива и на списокот на акционери на тетовски „Жито Полог“, каде првично поседува 15,4 отсто од акциите.

Кон крајот на следната 2015 година, пак, акциите на странската офшор компанија во „Жито Полог“ преминуваат кон „Софија Градба“, исто како што е случај со ЗК „Пелагонија“.

Ако „Софија-Градба“ ги задржува сите акции во ЗК „Пелагонија“ до денес, во „Жито Полог“ на средината на 2016 година паѓа од 15 на 5 отсто, додека останатите 10 заминуваа кај Ненад Јосифовиќ и Златко Пирузе.

Оттука, акциите во ЗК „Пелагонија“ и „Жито Полог“ на двете офшор компании – „Ексико“ и „О.Т.Е. Инвест“ во најголем дел заминуваат кај „Софија-Градба“, која овој процес на преземање го започнува на крајот на 2015, а го завршува на средината на 2018 година.

Во тој меѓупериод, односно кон средината на 2017 година, „Софија-Градба преминува во сопственост на „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалкови, откако по основањето во 2011 година смени неколку физички лица како сопственици.

„О.Т.Е.“ – ПРЕИМЕНУВАЊЕ, ПА ЗГАСНУВАЊЕ ПРЕКУ ПРИПОЈУВАЊЕ

Инаку, „О.Т.Е. Инвест“ е основана во 2006 година со назив „Пелагонија – Полог“ од страна на ЗК „Пелагонија“ и „Жито Полог“.

Историјатот на промени открива дека во 2012 година нови содружници во тогашна „Пелагонија Полог“ стануваат и „ОРКА“, „Тимох“, како и фамозната „Ексико“.

Веќе следната 2013 година, „Жито Полог“ му го отстапува уделот на „Еуро Ленд“ или денешно „Скопско Поле“, чиј сопственик е ЗК „Пелагонија“. Но, „Еуро Ленд“ веќе во 2014 година истапува од „Пелагонија Полог“, заедно со ЗК „Пелагонија“.

За време на оваа 2014 година, „ОРКА“, „Тимох“ и „Ексико“  ги продаваат уделите на офшор компанијата „Траинов Корпорејшн“, а воедно друштвото се преименува во „О.Т.Е. Инвест“.

Документите што ги поседуваме покажуваат „Траниов Корпорејшн“ е основана во 2013 година со седиште во Панама. Како формални директори и службеници на компанијата фигурираат Ефтимула Христофи, Антониос Лакотрипис и Христала Менелау, а како единствен акционер/сопственик бил наведен субјектот „Трекс Лимитед“.

За полномошник на компанијата во земјава, пак, бил поставен скопскиот адвокат Богољуб Софрониевски.

Арно ама,  во 2016 година на местото на „Траинов Корп.“ повторно сопственици на компанијата стануваат „ОРКА“, „Тимох“ и „Ексико“. Сепак, овие три правни субјекти пак експресно ја напуштаат компанијата и на нивно место како единствен содружник се враќа ЗК „Пелагонија“, односно првиот (ко)сопственик.

Во тој период, компанијата бележи пад во приходите од над 500 милиони денари во 2013 и 2014 година на 80 милиони денари во 2015 година, со тоа што 2016 година ја завршува речиси без приходи и минус од 5 милиони денари.

Во такви услови, „О.Т.Е. Инвест“ во 2017 година згаснува, односно се пропојува кон друга компанија со назив „Комплекс Александрија“. Станува збор за фирма формирана во 2007 година под називот „Искра ММ“.

Во 2009 година, сопственик на „Искра ММ“/„Комплекс Александрија“ станува Цветан Панделевски, кој во 2011 година го пренесува уделот кон „Консалтинг Груп“ на Благоја Георгиев и повторно неизбежната „Ексико“.  Набргу потоа, местото на „Консалтинг Груп“ го зазема офшор фирмата „Делегат ЛЛЦ“, регистрирана во Албани САД во истата 2011 година.

Во име на оваа компанија, како менаџери настапуваат Теано Кристофи и Ники Стилиану. ВоКипар, кај нотарот Врахимис Скордис, тие склучуваат резолуција со која за полномошно лице во земјава го назначуваат веќе споменатиот Богољуб Софрониевски, кој беше ополномоштено лице и за „Траниов Корпорејшн“.

Сепак, само неколку месеци подоцна, уделите на „Делегат ЛЛЦ“, но и на „Ексико“, ги презема друга офшор од Белизе – „Базики Лимитед“, која имаше седиште на иста адреса со „Иресине Лимитед“, поранешен сопственик на „Република“.

МИЛИОНСКА ПОЗАЈМИЦА ТРАНСФОРМИРАНА ВО ОСНОВАЧКИ ВЛОГ

Kако директор на „Базики Лимитед“, основана во 2011 година, се појавува лицето Хермиони Кенкин. Со решение заверено кај претходно посочениот кипарски нотар Скордис, за овластено лице во земјава и за оваа компанија повторно е назначен Софрониевски.

Како рамноправни акционери во компанијата, со сопственост од по 3.000 акции, фигурираат субјектите „Атнид Лимитед“ и „Трекс Лимитед“, при што втората веќе ја споменавте и како номинален сопственик на „Траинов Корпорејшн“.

Сепак, во 2012 година и „Базики Лимитед“ се брише од листата на сопственици на „Искра ММ“, додека во компанијата повторно се враќа Панделевски како физичко лице, овојпат заедно и со неговата „Цип Продукт“.

Две години подоцна, односно на самиот почеток на 2014 година, сопственик на друштвото станува и „О.Т.Е. Инвест“. Истовремено, називот на субјектот од „Искра ММ“ се менува во „Комплекс Александрија“.

Откако „О.Т.Е. Инвест“ станал газда на „Искра ММ“/„Комплекс Александрија“, со договор за заем и дал позајмица на својата фирма-ќерка од 22 милиони денари, од кои вратени биле само 30.000 денари, а останатите 99,9 отсто од позајмените средства се трансформирале во основачки влог.

Две години подоцна, односно во 2016 година, на местото на „О.Т.Е. Инвест“ нов сопственик на „Комплекс Александрија“ станува ЗК „Пелагонија“, која за над 200 милиони евра го презема уделот со иста номинална вредност.

Кон крајот на истата 2015 година, на местото на „О.Т.Е. Инвест“ нов сопственик на „Комплекс Александрија“ станува ЗК „Пелагонија“.

Според Одлуката и Договорот за пренос на удел, оваа зеделка чинела над 4.7 милиони евра, колку што ЗК „Пелагонија“ му исплатила на О.Т.Е. Инвест“ за неговиот удел во „Комплекс Александрија“ од 3,4 милиони евра.

Како што е познато, пред десетина години тогашната „Искра ММ“ на чело со Панделески за над 3 милиони евра купи дел од имотот во Керамидница на „Фас 11 октимври“, со најава дека ќе гради луксузен станбен комплекс. Досега, ваков градежен зафат се уште не е отпочнат и нема најави кога тоа би се случило.

Од податоците од Катастарот на недвижности се гледа дека „Комплекс Александрија“, во рамки на катастарска општина Гази Баба, преку ИЛ 44691 поседува градежно изградено земјиште со вкупна површина од 26.877 квадратни метри, на кои има изградено повеќе објекти со намена Г2-1 – помали производни капацитети.

Плус, фирмата поседува објекти со иста намена со вкупна квадратура од 14.182 квадрати во уште една соседна голема парцела, каде земјиштето се уште се води на државата.

Со налог за извршување, во 2018 година бил запленет уделот на „ЗК Пелагонија“ во „Комплекс Александрија“ во корист на неколку доверители, меѓу кои „НЛБ Тутутнска банка“ и „Комерцијална банка“, како и битолската градежна компанија „Стентон-Градба. Сепак,во 2010 година, по барање на доверителите, се прекинати извршните постапки.

Во секој случај, ЗК „Пелагонија“ истата година ја стави на продажба „Комплекс Александрија“ за цена од над 10 милиони евра, за периодов Собранието на акционерското друштво конечно да одобри продажбата на „ОРКА“ на Камчев и „ТИМ“ на Панделевски.

„РЕПРО ОНЕ“ ВО „БЕТОН“, „ДУФЕРКО СКОП“ ВО „МАКСТИЛ“

Освен во ЗК „Пелагонија“ и АД „Жито Полог“, офшор фирми биле или се уште се присутни и во други големи акционерски друштва, кои се доведуваат во релација со други крупни бизнисмени во земјава.

Таков е примерот со мрежата на субјекти настанати по реструктурирањето и приватизирањето на гигантот „Рудници и Железарница“, кои се јавноста се перцепираат и претставуваат како фирми во сопственост на или блиски до бизнисменот Минчо Јорданов, иако ретко каде неговото име се сретнува на хартија.

Конкретно,во оваа групација влегувадруштвото за производство на метални конструкции и делови „Факом“, која е речиси во целосна сопственост на „Репро Оне Лимитед“, офшор компанија со седиште на Британските девствени острови.

Исто така, компанијата од БДИ поседува и 76 отсто од акциите на друштвото за леење на лесни метални „Рудници и железарница – Институт“.

Воедно, „Репро Оне Лимитед“ е и најголем акционер на градежната компанија „Бетон-Скопје“, каде Јорданов е неизвршен член на Одборот на директори заедно со неговите ќерки Ана Јорданова и Наташа Јорданова-Мауровска, додека неговиот зет Горан Мауровски е генерален директор.

Поточно, компанијата од БДИ поседува 22,2 отсто од акциите во „Бетон-Скопје“. Други две офшор компании – „Ароуцрест Лимитед“ и „Волес Трејдинг Корп“, пак, поседуваат 19,9, односно 21,3 отсто од акциите.

Своевремено, „Репро Оне Лимитед“ поседувала акционерски капитал и во друштвото за леење на челик „Макстил“, каде до неодамна Јорданов беше извршен член на Одбор на директори.

Односно, во 2006 година најголем акционер во „Макстил“ е „Дуферко Скоп Инвестмент Лимитед“ со 62 отсто од акциите. Во текот на истата година, во компанијата влегува и „Репро Оне Лимитед“, која до 2009 година обезбедила околу 20 отсто од акциите.

Арно ама, овие акции до крајот на годината преминуваат кај друга офшор компанија – „Минјорк Оверсиз Инц“, која на почетокот на 2015 година ги продава/препушта акциите на „Дуферко Скоп Лтд“ од Кипар, која денес е најголем акционер со 81,7 отсто, што значи дека ги презела и акциите и од „Дуферко Скоп Инвестмент Лимитед“.

Останатите нецели 20 проценти од акционерскиот капитал е распределен кај уште 6 компании и над 5 илјади физички лица. Но, ниту еден од нив нема над 5 отсто од акциите, што значи дека нивниот идентитетот не претставува јавен податок.

САМО ЕДНА ПАРЦЕЛА ИМА НАД 12 ИЛЈАДИ КВАДРАТИ

Освен што поседува акции во „Факом“, „Бетон Скопје“, „Рудници и железарница – Институт“, а порано поседувала акции и во „Макстил“, „Репро Оне Лимитед“ се јавува и како сопственик на повеќе друштва со ограничена одговорност.

Меѓу другото, оваа офшор компанија од Британските Девствени Острови го поседува и друштвото за посредување „Перминдекс“.

Како управител на оваа компанија се јавува Никола Деребанов, кој патем е неизвршен член на Одбор на директори и на АД за одгледување на грозје „Вардар“, каде неговата „Вириди Инвест“ поседува 76 отсто од акциите, додека 23 отсто поседува „Репро Оне Лимитед“.

Меѓу другото, компанијата од БДИ го поседува и друштвото за издавање и продажба на недвижен имот „Репро 21“, кое, според податоците до кои дојдовме, поседува огромен имот претставен преку 13 имотни листови.

Во рамки на овој имот влегуваат над 200 квадрати во станбено-деловниот комплекс „Порта Буњаковец“ и над 80 квдарати во „Градски ѕид“, спроти „Олимиски базен“.

Понатаму, оваа компанија поседува градежно земјиште од над 2.500 квадрати на Водњанска, веднаш до школото „Кочо Рацин“, како и апартмани со вкупна површина од 845 квадрати во еден од крајните станбено-хотелски комплекси во парк-шумата.

Исто така, „Репро 21“ е сопственик на голем плац во скопската населба Железара со квадратура од дури 12.141 квадрати, чија намена засега е шуми.

Во непосредна близина на овој плац, се наоѓа деловен објект во кој истата компанија поседува деловен простор од вкупно 1.635 квадрати.

Дополнително, компанијата поседува и деловен простор во трговскиот центар во соседството од 150 квадрати.

Документацијата со која располагаме за фирмата-мајка „Репро Оне Лимитед“ открива дека таа е основана во октомври 1999 година според Законот за меѓународни трговски друштва на БДИ.

Првично, друштвото било застапувано од Шона Луис Вајт, која веднаш го ополномоштила Минчо Јорданов да биде вистински и законски застапник на компанијата.

Сепак, како физико лице Јорданов единствено се јавува како сопственик на компанија со сличен назив „Репро Траст“ за сметководствени и ревизорски работи и како косопственик на „Луминари Медиа“ за производство на филмови и програма.

Исто така, тој поседува и скоро 19 отсто од акциите во друштвото за товарен патен транспорт „РЖ Интертрансшпед“

СИНГАПУРСКА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ВИНАРИЈА „СТОБИ“

На долгиот список на „Репро Оне Лимитед“ влегуваат и весниците „Нова Македонија“ и „Капитал“, како и винаријата „Стоби“, каде Минчо Јорданов и Ана Јорданова се членови на Надзорниот одбор.

Исто како поголем број од другите компании што се дел од овој комплот меѓусебно поврзани фирми, и „Стоби“ работи со загуби од околу 100 милиони денари во последните 5 години, иако остварува приходи од над 300 милиони денари.

Освен „Стоби“, уште една позната винарија претставува спој меѓу домашен олигарх и офшор компанија. Станува збор за винаријата „Сковин“, која беше во сопственост на шпедитерското друштво „Фершпед“, каде доминантен удел има семејството на бизнисменот Штерјо Наков.

Меѓутоа, „Фершпед“ кон крајот на 2019 година одлучи да ги продаде имотот, залихите и брендовите на „Сковин“ за околу 3,5 милиони евра на сингапурска компанија. Ваквиот епилог следува откако „Сковин“ во претходната 2018 година направи загуба од 117 милиони денари.

Во таква ситуација, имотот на винаријата го купи скопската фирма „Винарија Сковин Група“, чиј сопственик е „Балкан Холдингс ПТЕ“ со седиште во престижната офшор држава Сингапур. Прво, управител на компанијата беше Ѕвонко Пејчиќ, но подоцна на негово место дојде денешниот директор Александар Тренчевски.

Што се однесува до трговските марки, односно до 20-те брендови на вино и жесток алкохол кои сега ги произведува „Сковин“, тие му се отстапуваат на „Сиак ПТЕ ЛТД“, исто така од Сингапур.

На тој начин, новите газди не само што презедоа бизнис и вински залихи, туку доби и голем недвижен имот. Според Катастарот на недвижности, „Сковин“, односно „Винаријасоквин група“, најмногу имот има во Маџари.

Пред се, станува збор за градежно земјиште со површина од над 15.000 квадратни метри, деловни објекти и делови од објекти со површина од над 5.000 квадрати, како и надземен резервоар со волумен од 200 кубни метри.

Проверките што ги извршивме откриваат дека „Балкан Холдингс ПТЕ ЛТД“ е регистрирана во познатиот на „Оушн финансиски центар“. Притоа, сопственоста е изразена преку акциски капитал од 2 акции во сопственост на сингапурски државјани.

Првиот е Син Бун Ен, поранешен сингапурски пратеник, кој сега е заменик-директор во една од водечките фирми за финансиски, консултантски и правни услуги „Дру анд Напиер“. Вториот, пак, е Лим Тиен Су Џералд, чие име се сретнува како директор на корпорацијата „ХИ-П“.

КИПАРСКИ „БРУТРЕЈД“ „СКОПСКА ПИВАРА“ И „ТИКВЕШ“

Уште еден крупен македонски бизнисмен кој може да се доведе во корелација со офшор компанија е Светозар Јаневски, познат како Свето Пивара, поради тоа што своевремено беше прв човек на „Скопска Пивара“.

Но, тој и неговото семејство одамна не се дел од оваа компанија, туку во последно време главно делуваат во секторот со производство на вино.

Во Централниот депозитар на хартии од вредност, податоци на „Скопска Пивара“ има од јуни 2010 година, кога две компании од Кипар поседуваат најголем дел од акциите на друштвото.

Тоа се „Брутек“ и „Брутрејд“, кои поседувале 55 отсто, односно 23 отсто од акциите, додека трет по големина акционер со посед врз 17 отсто од акциите била групацијата „М-6 Светлана и останати“, поврзана со Јаневски и неговото семејство.

Ваква е ситуацијата се до самиот крај на следната 2011 година, откога веќе не се објавуваат податоци за друштвото, што значи дека тоа повеќе не котира на берзата и нема посебни обврски.

Впрочем, тоа се совпаѓа со периодот на последната крупна купопродажба, во чии рамки реномираната холандска компанија „Хајнекен“, заедно со „Кола Кола Хеленик“, ја докупија „Скопска Пивара“ за околу 80 милиони евра, стекнувајќи вкупен акционерски капитал од над 95 отсто.

Во врска со оваа трансакција, во медиумските архиви може да пронајдат текстови во кои се пишува дека „Хајнекен“ и „Кола Кола“ прво во 1998 година стекнале 55,3 отсто од акциите во „Скопка Пивара“, а во 2011 година докупиле уште 40 отсто од акциите.

Оттука, оние 53 проценти што странските компании веќе ги поседувале одговараат на акциите што дотогаш ги поседувала компанијата „Брутек“, додека оние 40 проценти што ги докупија одговараат на збирот на акции што ги поседувале „Брутрејд“ и Групацијата „М6“.

Згора на тоа, за поврзаноста меѓу „Брутрејд“ и МГ 6, односно Јаневски, говори една објава што ја пронајдовме во Службен весник од 2007 година.

Во неа се наведува дека кипарската компанија ставила акции во „Скопска Пивара“ како залог за обезбедување на парично побарување од 5 милиони евра од швајцарската банка  „ЛБ Интерфинанс“ во корист на „Винарска визба Тиквеш“.

А, ВВ „Тиквеш“ е во доминантна сопственост на групацијата „М6“, каде најголем удел поседува друштвото „М-6 ЕДЕН“ во сопственост на децата на Јаневски – Кирило Јаневски, Драгана Јаневска и Јане Јаневски.

НЕТРАНСПАРЕНТНОСТА ГИ ЗАСИЛУВА СОМНЕЖИТЕ

Во рамки на серијалот посветен на офшор-фирмите во земјава, во контекст на законската регулатива која предвидува пријавување на вистински сопственици во посебен регистар, чија имплементација започна со двегодишно доцнење, веќе објавивме дека во сопственичката структура во 408 компании во земјава се јавуваат други правни субјекти со седиште во 28 странски држави, што важат за специфични јурисдикции.

Имено, во првата сторија обелоденивме дека повеќе од половина офшор компании во земјава имаат сопственици од 3 европски држави со офшор елементи – Холандија (102), Швајцарија (92) и Кипар (66).

После нив, следуваат и други европски специфични јурисдикции како Лихтенштајн, Луксенбург, Малта, како и класичните офшор зони во Азија и Атлантикот – Делавер, Британските Девствени Острови, Панама, Обединетите Арапски Емирати, Хонг Конг…

Потоа, во втората сторија откривме дека меѓу нив има реномирани странски и интернационални групации, компании со мешовит капитал, фирми поврзани со локални и регионални бизнисмени.

Притоа, дел од нив се поврзуваат и со контроверзни домашни бизнисмени, меѓу кои има и осудени лица. Други, пак, се поврзуваат со поранешни и сегашни политички функционери, па дури и со партии.

За потребите на истражувањето, заокружено со оваа трета сторија, се обративме во безмалку сите клучни субјекти што беа предмет на обработка, со прашање кој е нивниот краен сопственик, со каква цел се формирани, зошто домашни бизнисмени одлучуваат да настапуваат со странска офшор компании?

Сепак, не добивме никакви одговори, што само ги засилува сомнежите дека тие служат како параван за прикривање на сопственоста и потеклото на капиталот, но и како инструмент за пренос и трансформација на капиталот.

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)