СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ НАЛАГА КУЛТУРА НА ТОЛЕРАНЦИЈА

Новинарската слобода покрива и можно прибегнување кон одреден степен на претерување, па дури и провокација

 

СКУП: Неколку апликации од македонски граѓани се испратени до судот и до крајот на годинава најверојатно ќе започне нивното разгледување. Станува збор за тужбите поднесени од господата Јани Макрадули, Никола Гелевски и од неделникот Фокус, за судски спорови кои завршија со високи оштетни побарувања во земјава. Дали имате сознанија околу овие предмети и до каде е постапката?

Мирјана Лазарова Трајковска: Точно е дека во моментов пред Европскиот суд за човековите права против Република Македонија, во постапка се неколку жалби поврзани со слободата на изразување во контекст на политичкиот говор, новинарскиот говор или јавно искажан став на познат интелектулец и мислител. Од јавно достапните информации може да видите дека дел од предметите за кои се интересирате се веќе комуницирани до државата. Брзината со која ќе постапува Судот во Стразбур и времето на одлучување по овие предмети ќе зависат од повеќе интерни фактори и од динамиката која Судот ја предвидел за македонските предмети во годината што следи. На 10 јануари оваа година, Судот во Стразбур ја донесе и првата пресуда за Република Македонија во врска со слободата на изразување по жалбата на Селмани и останатите против Република Македонија, која беше објавена на 9 февруари. Оваа пресуда веќе е коментирана од многу почитувачи на човековите права како значаен исчекор во заштитата на слободата на пренесување информации од  страна на новинарите од настани важни за јавната дебата.

 

СКУП: Новинарите се се почеста мета на тужби за клевета и навреда, дали е до „вулгарноста”  во изразот на новинарите, или до пречувствителноста на политичарите и јавните личности?

 

Мирјана Лазарова Трајковска: Иако во контекстот на Република Македонија, може да се најдат примери и за едното и за второто однесување, политиките и разбирањето на слободата на изразување го дефинираат односот кон новинарскиот исказ. Слободата на изразување налага култура на толеранција и прифаќање на новинарската критичка мисла со посебен однос кон  заштитата за новинарското изразување кое понекогаш може да понуди информации кои може да шокираат, да предизвикат неодобрување или вознемиреност. Новинарската слобода покрива и можно прибегнување кон одреден степен на претерување, па дури и провокација, но со услов сето тоа да води кон пренесување на информации и содржини кои водат кон јавна дебата за прашања од јавен интерес.  Новинарите во секое демократско општество имаат улога на пренесувач на информации и идеи, а јавноста има право да ги добива истите. Во спротивно, новинарите нема да може да ја остваруват својата улога на „јавен надзорник“ или како што Судот во Стразбур вели „куче-чувар“. Од друга страна, пак, политичкото изразување подразбира слобода во политичката дебата, но и развивање на култура на голема толеранција за јавно искажана критика или вредносна оценка и суд од страна на новинарите.

 

СКУП: Според вас, што вели теоријата и какви се искуствaта од практиката? Каде е границата на новинарскиoт израз, а каде од страна на новинарите е злоупотребена слободата на говорот?

 

Мирјана Лазарова Трајковска: Здравата демократија претпоставува непосредна контрола не само од законодавецот и судските власти, но и од јавноста или медиумите. Слободата на изразување ќе биде основ за каков било исказ се додека тој не води кон охрабрување и повикување на насилство, вооружен отпор и се додека не претставува говор на омраза. Тука е границата.

 

СКУП: Колку функционерите што се нашле повредени, имале основа за тоа и дали лесно покренуваат тужби кои ги користат како средство за притисок?

 

Мирјана Лазарова Трајковска: Во праксата на Европскиот суд за човековите права имаме бројни примери на политичари кои покренувале постапки против новинари. Она што вие го нарекувате тужба како средство за притисок, Судот во Стразбур го квалификува како тужба која има „оладувачки ефект“ и наменета е не само да го замолчи конкретниот новинар, туку да влијае со заплашувачки ефект кон секој друг новинар, критичар или аналитичар кој има за цел да изнесе некој вредносен суд во однос на политичар. Од друга страна има и примери кога Судот прифатил дека не секоја вест е од интерес за јавна дебата и секогаш кога не постоело одговорно новинарство, туку просто задоволување на љубопитството на жолтиот печат кој нанел штета по угледот на личноста, ја прифатил одлуката на националните судови (Ван Хановер против Германија или Хашет Филипачи против Франција).

 

СКУП: Колку нашите судови ги користат европските стандарди при изрекување на пресудите?

 

Мирјана Лазарова Трајковска: Од предметите кои пристигнале до сега пред Судот во Стразбур, од страна на македонските судии се уште не се користи или доволно или правилно праксата на Европскиот суд за правата на човекот. Праксата на Европскиот суд постојано се надоградува, проширува, дообјаснува. Во тие рамки, колку е важна слободата на изразување, може да видите и од фактот што во изминатите две години, од вкупно 40 пресуди на Големиот судски совет (кој ги утврдува најважните пресуди), 10 пресуди се поврзани за различни аспекти на слободата на изразување.

 

СКУП: Изразот „душевна болка” е најчестата одбранбена флоскула во системот на одбраната, кој и на кој начин може да ја утврди?

 

Мирјана Лазарова Трајковска: Иако има многу широка заштита, слободата на изразување не е во групата на апсолутни слободи и права и Судот прифаќа дека во строго утврдени случаи кои мора да бидат прецизно законски уредени, имат јасна легитична цел и се неопходни во едно демократско општество, може да дојде до ограничување на слободата на изразување. При тоа, националните судови имаат одредена маргина на уважување во одлучувањето и бидејки тие се подобро позиционирани да ги утврдат фактите, на нив паѓа товарот да ја докажуват оправданоста на применетата мерка. Сепак, бидејки претрпената „душевна болка“ не подразбира и несразмерно одмерување на казна, (која иако може да биде парична може да биде од несразмерен товар кон оној кон кој е изречена) и во тие случаи иако би била оправдана нејзината висина може да биде основ да се утврди повреда на слободата на изразување. Кога пак Судот во Стразбур ја утврдува висината за правичен надомест, тој користи интерни правила кои ги применува на секој конкретен случај во зависност од околностите на предметот.

Оставете коментар

коментар(и)