ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА: ОСТВАРУВААТ ГОЛЕМИ ПРИХОДИ, ГИ ТРОШАТ НА „НАГРАДИ“ А СЛУЖАТ ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ НА ПАРТИСКИ КАДРИ

  • Истражувањето реализирано во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“ покажа дека за три години јавните претпријатија основани од општините доделиле награди на вработените во вредност од 000 евра
  • Иако ништо не се сменило во изгледот на паркинзите на Средно Водно, сепак салдото на Паркинзи расте.
  • Услугите на администрацијата во Новаци се 11 пати поскапи од тие во соседна Битола.

 

Пишува: Горан Лефков

 

Средно Водно е познато излетничко место на сите вљубеници во природата кои овде доаѓаат да се релаксираат и да се одморат од урбаниот, градски живот. За да се демотивираат граѓаните да доаѓаат со автомобили, со што би ја загадувале природата, надлежните велат дека одредиле прилично висока цена за паркинг – 100 денари од час.

Но, ова место за паркинг е исто со години наназад, без да се бележи ни најмала инвестиција за подобрување на истото. А граѓаните се гневни за ваквата состојба на скап и несреден паркинг:

Цената е висока во споредба со цените на паркинг во градот. Генерално цените за паркинг се високи, овде е и повисока цената.“

„Е скапо, зошто долу да биде 40 денари тука да биде 100 денари.“

Секој сака да излезе да прошета. Ако овде давам 100 денари, на жичара 100 денари, значи тоа е навистина пара, а јас еве сум дојдена татко ми да го прошетам да ја види жичарата“.  

За мене лично скапо е ова. Еден саат 100 денари. Премногу е тоа. Со оваа плата во Македонија каде ќе плаќате толку.“

„Ова што е 100 денари саат тоа е премногу“

Би требало да се забрани доаѓање на Водно со кола, меѓутоа за лицата што од здравствени причини не можат да дојдат како алтернатива го посочувам градскиот превоз или качувањето со возила да биде сведено на минимум, со некаква контрола што ќе ги пропушта само тие лица“.

 

САЛДОТО РАСТЕ, НО ПАРИТЕ СЕ ТРОШАТ ЗА НАГРАДИ

 

Иако ништо не се сменило во изгледот на паркинзите на Средно Водно, сепак салдото на Паркинзи расте. Истражувањето реализирано во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“ покажа дека за три години јавните претпријатија основани од општините доделиле награди на вработените во вредност од 150.000 евра. Најмногу пари или половина од оваа сума ја доделило Водовод и Канализација Скопје. За трите години овие скопски комуналци доделиле 75.000 евра, потоа следува градски паркинг Скопје со 15.000 евра.

Ваквото функционирање на јавните претпријатија за познавачите на приликите се сосем непотребни.

„Прават јавни претпријатија да не кажам, видете само во град Скопје. Имаме на град Скопје јавно претпријатие за паркинзи имаме и на општина Центар. Ние во Карпош немаме, кај нас беспари се паркираме. Аеродром градот ги стопанисува. Тоа е типично Балканско поделување секој своја територија, еве ние сме тука имаме грабање на парите за жал.“, вели Борче Давитковски, професор на Правен факултет.

Аце Коцевски, градоначалник на Велес, смета дека Јавните претпријатија се често злоупотребувани од политичките партии на власт. „Тие служат за згрижување на заслужни партиски кадри. По правило имаат голема превработеност од истите причини заради притисокот од партиите да ги вдомат заслужните луѓе“.

На третата позиција според висината на поделените награди се наоѓа велешкото јавно претпријатие Дервен. Таму вработените разделиле 12.000 евра во изминативе ти години.

Секој ден се нервирам од состојбите што ги гледам“, потенцира Коцевски. „За жал прв пат слушам за такво нешто, треба да проверам за што се работи, генерално не сум задоволен од состојбата со јавните претпријатија во Македонија. Не сме задоволни од услугите што ги добиваме од Јавното комунално претпријатие Дервен. Претходно кога бев градоначалник ако добро се сеќавам, бројката на вработени беше околу 230, во меѓувреме бројката е сериозно зголемена“.

 

ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ПРЕВРАБОТЕНИ СО ПАРТИСКИ ПОСЛУШНИЦИ

 

Јавните претпријатија во Македонија во принцип се превработени. За период од ноември 2017 година до април 2018 година, односно околу 6 месеци по промената на локалната власт, во 67 јавни претпријатија основани од општините бројот на вработени се зголемил за 711 вработени. Податоците со кои располага СКУП покажуваат дека во овој период заминале 660, а дошле 1.371 вработени, или во просек бројот се зголемил за 11 вработени по јавно претпријатие.

Бројот на вработени, на пример, во Струмица Комуналец се зголемил за 129 вработени, а во ЈП Комуналец Кавадарци за 39 вработени.

Законски мораме да имаме форма даа ги санкционираме градоначалниците или формирање на јавни претпријатија, земете ги Охрид и Струга. Јас бев ангажиран пред 5-6 години за јавно-приватно партнерство. Дојдоа шпанците, сакаа да вложат 30 милиони евра во Проаква. Сакаа да ги сменат цевките за вода, канализацијата, колекторот, единствен услов беше од 450 вработени да ги намалат на 200 и Општина Струга си направило свои јавни претпријатија, секое село таму си има јавно претпријатие, едноставно од политички причини градоначалниците викаат да ама да нема отпуштања сите овие да останат. Па кој будала странец ќе инвестира за плати да им дава“, вели Борче Давитковски, професор на Правен факултет.

Ништо подобри не се состојбите и во општинските администрации во државата. Апсолутен рекордер според вишокот на вработени е Новаци со 8 вработени на 1.000 жители. Следуваат Старо Нагоричане со 6, Дебарца 5, Ресен Дојран, Струмица, Ранковце  Лозово 4. Европските стандарди се 1 вработен во општината на 1.000 жители.

„Анализите покажаа дека има голема дискрепанција во однос на бројот на вработени во општините во однос на бројот на жители во самата општина односно во зависност на големината на општината. Во просек истражувањето покажа дека има по 3 вработени, но има такви општини каде што бројот на вработени на 1.000 жители се 12 или 8 или 7 а има и општини коишто се позитивни случаи каде се по 1 вработен на 1.000 жители“, вели Мартин Тодевски, Центар за управување со промени.

Аце Коцевски, градоначалник на Велес, вели: Бројка од 1,5 до двајца вработени мислам дека е оптимална за поголемите општини или за средните општини, а за малите општини е невозможно да очекувате 1 вработен на 1.000 жители, на пример Вевчани има 2.000 жители значи ли дека треба да има 2 службеници. 

Сепак бројот на вработени во општините е преголем.

 

Ние имаме околу 90 вработени во општинската администрација, а Општина Охрид која е многу задолжена и со блокирана сметка во последните 20-туна години и повеќе која има сличен број на жители како Велес има 240 вработени. Општина Карпош која е нешто поголема од Велес има 430 вработени а има помали надлежности од Велес затоашто во Велес основните, средните училишта, детските градинки, институциите од културата се на локално ниво, Територјалната противпожарна единица. Скопските општини ги немаат тие надлежности затоашто дел се под градот Скопје. На општинско ниво во Скопје само градинките и основните училишта само се на општинско ниво. Немалогика Карпош да има 430 вработени, тоа значи дека е преполна општината со партиски заслужни кадри кои сериозно го оптоваруваат буџетот и така се направени и долговите и сега не е фер државата да ги покрие длговите кои се направени од такви причини и јас можам да бидам добар за 100-тина семејства од Велес и да го одвртам вентилот и да дозволам да се вработат уште 100-200 луѓе, меѓутоа што би постигнал со тоа, парите на граѓаните кои се сиромашни моја намера е да ги потрошам за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните за водоводи, улици и патишта а не за плати на заслужни партиски кадри“, вели Коцевски.

 

ОПШТИНА СО НАД 400 ВРАБОТЕНИ Е ПРЕТЕРУВАЊЕ

 

Борче Давитковски, професор на Правен факултет, вели дека локална самоуправа со 450 вработени е претерување. „Да се разбереме, ние имаме министерства со 30-40 вработени а цела држава ја покриваат. Час поскоро треба да се седне и да се направи добар закон за локална самоуправа“.  

Сепак во Македонија има и општини кои домаќински работат и рационално ги користат парите на граѓаните.

Ејуп Абази од Општина Студеничани вели дека имаат вработено само 26 лица, сосе градоначалникот и секретарот. „Општината според пописот од 2002 брои 17.246 жители.  Меѓутоа бројот на жители сигурно е зголемен бидејќи ние сме општина што имаме највисок наталитет во Република Македонија. Моментално во приближно ние како Општина би имале 23.000 жители“.

+

Бурхаедин Нухиу, секретар на Општина Студеничани, вели дека бројот на вработени е на границите на нормалата. Имаме градоначалник кој не потпаѓа на таквите партиски притисоци и самиот има долгогодишно искуство во партија, и така менаџира. Доколку нема потреба и не е професионален нема шанси за вработување во Општина Студеничани. Прв услов е професионалноста“.

Има редица предности за општините кои имаат оптимален број на вработени во нивните администрации

„Тоа претставува дополнителен трошок на граѓаните и тие средства би можеле да се пренасочат за некои други тековни трошоци или за некои други проекти како што е намалување на загаденоста, инфраструктура и секако пренасочување на средствата за други потреби“, вели Таљат Агуш, член на Џеф Македонија.

Волонтерите од ЏЕФ Куманово кои работеле на овој проект, потенцираат дека обемната администрација создава многу скапи услуги.

 

ЦЕНАТА НА УСЛУГИТЕ ЗАВИСИ ОД БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИТЕ

 

СКУП Македонија направи симулација колку чини работната сила во две соседни општини во Пелагонија.

Така, услугите на администрацијата во Новаци се 11 пати поскапи од тие во соседна Битола. Просечната бруто плата за јуни 2018 година според Државниот завод за статистика е 35.530 денари. Според оваа пресметка секој граѓанин треба за вработените во општина Новаци да плати по 280 денари или по семејство околу 1.100 денари месечно. Истите услуги на само 10 километри од Новаци, битолчани ја плаќаат по 43 денари по жител месечно.

 

Општините станаа партиски штабови на партиите кои се победници на локално ниво. Локалните шерифи, градоначалникот и плус ако има мнозинство неговата партија работат што сакаат, без некоја вистинска контрола од Централната власт. Кај нас во сите општини сега имаме и заменик ако е на пример во Скопје од СДСМ е градоначалникот од ДУИ е заменикот и тоа е бетонирано. Овој сега има секретарка, кабинет, тоа е глупост. Тој е обичен советник. Тој мора да има мобилен телефон, секретарка, шеф на кабинет… ние сме научени на тоа. Администрацијата расте и расте а овие немаат приходи“, вели професорот Давитковски.

Но дали и како може да се промени локалната власт во една општина, ако работи лошо, освен на редовни избори.

Ние имаме претседател на држава со импичмент, ако 2/3 од пратениците констатираат дека го прекршил уставот и т.н., Уставниот суд само констатира со мнозинство гласови и ќе му престане фикцијата. За претседател на држава кој оди на централни избори го гласа цела држава. Ние за еден обичен градоначалник немаме механизам да го разрешиме, освен ако го земе господ или не дај боже да стори кривично дело“, вели Давитковски.

И додека се чека на подобри времиња во општинската администрација, граѓаните ќе се надеваат дека состојбите постепено ќе се подобруваат. А дотогаш, ќе треба да живееме во реалноста.

 

*Ова истражување е продуцирано со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“. Содржините во видеото се единствена одговорност на Центар за истражувачко новинарство СКУП и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

* Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.

Оставете коментар

коментар(и)