Полека но сигурно со создава критична маса за радикални промени. Власта едвај стои на стаклени нозе. И кај институциите наскоро ќе мора да се чувствува поинаков амбиент. Се повеќе ќе се спротиставуваат на довчерашните неприкоснови патрони. Нормално е секој да се престројува. Дури и во самата владеачка партија состојбата е хаотична. Веќе нема човек кој ќе сака да се појави пред камерите. Лажна надеж сеуште влеваат новинари од гебелсистички медиуми кои веќе имаат планирано бегање. Сега е се поизвесно дека Заев нема да стигне ни до шестата бомба, поради белото знаме на власта. Преодната влада (експертска или технократска) ќе се импонира како императив.
Вака завршуваат сите диктаторски режими кои владеат со лаги, манипулации и сатанизации. Но, секогаш сатанизациите на крајот завршуваат кај сатаната и кај ѓаволот. Редовно, национализмот и лажниот патриотизам завршуваат кај самите нивни газди во вид на црна магија. Се доаѓа до критичен момент кога веќе нема спас. Празнината на животот поради празното владеење на празните души со празен морал – се возвраќа со полна разурнувачка жестина што урива се пред себе. Тогаш тендерите, раскошните вили, големите хациенди и црните сметки добиваат уста. Почнуваат да зборуваат за нивните газди и нивните дела.
Уште лани, американскиот државен секретар Кери на конференцијата за безбедност во Минхен, посочи за држава од западен Балкан која има власт во тесна коалиција со организираниот криминал и национализам, која претставува сериозен извор на внатрешна и регионална експлозија. Нешто подоцна Џонатан Мур, директорот за централна и јужна Европа во американскиот стејт департамент, истакна дека во Македонија се користат сите можни државни ресурси против опозицијата и дека таквата ситуација веќе е неодржлива. Треба да се каже дека последниве три години, на многуте важни светски собири посветени на безбедноста, Македонија експлицитно беше спомнувана како критична зона. Се спомнуваше како пример како не треба да се владее. Вакви координирани квалификации по ниедна логика не можат да бидат случајни. И ете сега веќе силно дува антикриминална бура и се поизвесно е дека бурата „Македонија 2015„ ќе ја разнесе мега-пералницата „Скопје 2014„.
Кога наскоро од екраните ќе ги снема разните медиумски шарлатани, козари или бурекџии, одекот на бомбите ќе се слушне ширум државата со сета сила. Тогаш се ќе се дознае. Луѓето ќе се запрепастат кога ќе видат дека нивните пари завршувале во Белизе! Дека нивната пот е претворена во гисп и бетон! Дека бројни новинари биле претворени во проститутки, а бројни медиуми во јавни куќи. Луѓето ќе се запрепастат кога ќе сфатат дека “патриотската“ власт не била ништо друго освен пеколна машина за покорување на луѓе, за нивно ограбување и газење!
На сето ова загрижува еден факт. А тоа е, како е можно некои аналитичари блиски до поранешното раководство на СДСМ да излегуваат јавно да го напаѓаат новото водство за недостаток на капацитет!? Кој нарачува такви пишувања!? Како се убедени за “слабиот капацитет“ на опозицискиот врв кога сите знаат дека таквиот капацитет направи најуспешна општина во државата. Зарем немаат почит кон тоа што се прави со голем ризик?! Дека е тоа над секој капацитет!? Логиката ,ако не сум јас – се нека оди по ѓаволите нема ништо со Господ. Таквата логика не е далеку од логиката на овие што со нивното владеење ја доведоа сотојбата во државата до тотален хаос, каде што единствено успешно функсионира само криминалната мафија! Сега гледаме дека сме имале многу луѓе ама не сме имале човек. Дека сме имале многу политичари но ниту еден – водач.
Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот