Живот во болниците: Картони наместо завеси, вода од бунар наместо од чешма


ДОКУМЕНТАЦИЈА


автор: Жаклина Хаџи-Зафирова

Април е. За многумина период од годината кога заедно со природата како да се будат и луѓето, уморни од студентата зима. Но, за средовечната медицинска сестра Хава Саит Неџип, како да доаѓаат потешки времиња. Toкму овој период за неа, како и за неколкумина други нејзини колешки, доаѓаат маките со недостигот од вода на нејзиното работно место во амбулантата во Арачиново, каде работи веќе 8 години.

„Секој април па се до септември немаме вода. Но, оваа година немавме уште од март. Вода полниме од селската чешма за да ја запазиме хигиената во амбулантата. Само за чаши, раце…Така што се снаоѓаме некако“, вели Саити Неџип, која се плаши за своето здравје, но и за здравјето на пациентите со кои постојано е во контакт. Еден од нив е и градоначалникот на општината во која работи, Арачиново. Неколку пати досега вели дека апелирале до него да се реши проблемот со водата, но на тоа добиле одговор дека не се надлежни за тоа. Апелирале и до поликлиниката Бит пазар под која спаѓаат, но безуспешно, вели медицинската сестра. Најстрашно од се е тоа што тука се ставаат и вакцини за децата. Деновиве сепак имаат вода, откако медиумите пишуваа за тоа, но не знаат до кога.

 

 

„СМРТОНОСНИ“ РЕФОРМИ

 

Бања во штипската болница

Македонското здравство требаше да доживее ренесанса со најавените инвестиции и реформи како „мој термин“ или „плата по учинок“. Но, наместо тоа, во изминатите години се редеа скандали за смртните случаи, меѓу кои смртта на малата Тамара од Велес, како и бројните смртни случаи на родилки и бебиња, кои достигнаа рекорден број во 2016 година и тоа 261. Последен во низата скандали беше и случајот од пред еден месец кога двајца пациенти починаа во болничко возило кое остана на пат поради дефект. Ова го отвори прашањето во какви услови работат здравствените институции во државава?
Поголемиот дел од општите болници низ државава се градени во 70-тите, но има и такви кои се градени порано како општата болница во Кочани која датира од пред скоро еден век. Надлежните во некои од болниците кои ги контактиравме велат дека ништо не е обновено во нивниот ентериер. Кај другите, реновирањата се делумни, од кои дел и со помош на странски донации. Некои, пак, реновирањата ги правеле со сопствени средства како што е тоа случај со Општата болница во Струга.
“Во периодот од 2006 г. до 2016 г. ЈЗУ Општа болница – Струга има извршено реновирање со сопствени средства на одделенијата за хирургија, гинекологија, интерна медицина, детски болести, лабораторија, РТГ. Во последниве 10 години во зафати за реновирање се вложени ориентациона преку 150.000 евра сопствени средства“, се вели во одговорот на Општата болница во Струга, кој го добивме на нашето барање по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во Кичево пак, општата болница ги подновила гинеколошкото-акушерското и интерното одделение благодарејќи на холандска донација од фирмата НОВАК. Последната опрема која ја добиле од Министерството за здравство датира од пред 8 години.
„Опремата е релативно постара и амортизирана без сметководствена вредност. Последно што беше добиена опрема од страна на Министерството за здравство е во 2009 година“ велат од Општата болница во Кичево.
Во соседната општина Гостивар велат дека „во последно време ништо не е обновено во ентериерот“. А тоа се гледа и при самиот влез и куса прошетка низ болницата. Дотраена фасада и ѕидови, искршени штекери, седишта во чекалната преврзани со завои за да се прикрие нивното оштетување, искорнат и дотраен под. Но, највпечатлива е посетата во дел од тоалетите. Во еден од нив наместо завеса е ставен картон, додека кај една од чешмите со пожолтено лавабо тече вода и не може да се сопре бидејќи нема винт за да се регулира водата.

фотогалерија: Општа болница Гостивар

This slideshow requires JavaScript.


„Погледнете како им даваме кислород на пациентите-со боца! Се знае дека според стандардите на пациентите би требало централно да им се обезбеди довод на кислород, а не вака. Боци носиме и во операционите сали. А за хигиената и условите во болницава погледнете сами“, коментираат дел од медицинските лица во оваа установа. Не испратија со зборовите: „Пациентите поздрави доаѓаат, поболни си одат!“.
Обиколката во болниците кои ги посетивме покажа дека тоалетите очигледно секаде се болна точка, но не само тие. Во ЈЗУ Клиничката болница во Штип, во делот каде престојуваат трудниците, нема завеса ниту какво била заштита во туш кабината. Тоалетите се застарени и насекаде со крпи и застоен мирис. Во едниот од нив, каде тоалетната школка е без капак, вратата не може да се отвори докрај, и пациентот тешко би влегол внатре, посебно што тој дел е лоциран во делот за трудниците. Иако, се гледа дека вратите се нови, но само поставени, а градежните работи за нивно досредување не се се уште завршени, па зјаат голи ѕидови и цигли.

фотогалерија: ЈЗУ Клиничка болница Штип

This slideshow requires JavaScript.


Додека во погорните спратови, во една од бањите „ѕирка“ дупка во туш кабината. А ѕидовите со дотраена фарба, соголени. Од нив ѕиркаат пожолтени и застарени цевки. Медицинските лица во оваа установа велат дека сепак, имало реновирање во делот кај бебињата и тоа со помош на УНИЦЕФ.
Сепак наидовме и на такви болници кои се подновуваат. Една од нив е и Општата болница во Велес. Однадвор свежо бојадисана, а внатре дотрајани столчиња и запуштени тоалети. Посебно остава впечаток сликата во една од бањите на интерното одделение каде пациентите за да се избањаат треба да седнат на обично столче.

 

МОДЕРНА ФАСАДА, СТАРА ОПРЕМА

 

Општата болница во Велес е една од тринаесет државни, општи болници лоцирана во еден од поголемите градови во Македонија. Во моментов болницата е во фаза на реновирање. Нејзиниот надворешен дел се варосува и болницата како да добива нов лик. Но, за разлика од надворешноста, внатрешниот дел на болницата нема модерен изглед. Дел од опремата со која располага оваа болница, според докторите, е стара 17 години и не е обновена во изминатите 10 години. Ова е случајот со дел од опремата употребувана на Одделот за урологија во претходните години. Според Д-р Димитар Стровјаноски оваа опрема била донирана на болницата, но нејзината употребна вредност тогаш и сега не е иста.
„Ја донесовме опремата во нашиот оддел во 2000 година. Оваа опрема е амортизирана и не е повеќе за употреба од страна на докторите, ниту пак за пациентите. Во другите земји кои обрнуваат внимание за условите, опремата се заменува со нова на секои 3-5 години. Овде последното обновување на опрема беше во 2009-2010 година и од тогаш не е ниту реновирана ниту обновена со нова“, нагласува Стровјаноски. Тој, исто така додава дека ниту една од потребите на одделот кој докторите го навеле во нивен извештај до менаџментот досега не е задоволена.

Д-р Димитар Стровјаноски

Според Стровјаноски, пациентите од овој град (лоциран само 50-тина километри од Скопје), со покомплицирани уролошки проблеми немаат друг избор освен да појдат до најблиската клиника во друг град поради недостигот на потребната опрема во оваа болница. Од друга страна, дел од оваа опрема е опасна за пациентите.
„Дел од оваа опрема со која се третира бенигната хиперплазија на простата е опасна лично по уролозите кои со неа би работеле бидејќи има електрично коло кое е небезбедно. Електродите кои се користат за таа процедура поради староста на самиот апарат не можат да се придвижуваат во оној размер како што урологот работи и често настануваат спојки што ги нема кај функционален апарат. Има електрични лаци кои се опасни доколку јас или кој било да работи со неа, ако има дури и мало оштетување на гумените ракавици можат да настанат катастрофални последици“, објаснува тој.
Стровјаноски е доктор во изминативе 30 години, а специјалист веќе 25 години. Запрашан како ги чувствува реформите тој одговори:
„Не можам дека сум ги почувствувал тие реформи бидејќи не соодвествуваат со потребите со набавувањето на нова апаратура. Еве во нашата болница колку сум известен набавена е апаратура во интерно одделение пред се дијагностичка апаратура, додека нашето, уролошко одделение и ортопедија немаат соодветна апаратура за потребите на пациентите од овој регион“ смета Стровјаноски.
Зборувајќи за условите во болницата тој го потенцира примерот со тоа како пациентите тука се тушираат седејќи на обично столче, споредувајќи со примери во другите болници каде вели дека постојат посебни столчиња за таа намена.
„ Секој пациент си доаѓа со свои влечки, свои пижами, најчесто не го употребуваат она што го имаме. Па сепак, со последното реновирање од пред околу пет години се задоволени основните услови. Иако би било подобро на пример, посебно за урологија, секоја соба да има тоалет бидејќи се работи за уролошки болни. Но, најважното нешто е опремата која би придонела и за побрза дијагностика и за подобри оперативни резултати“ раскажува докторот.

 

(НЕ)УСПЕШНИ ПРОЕКТИ

фотогалерија: Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје

This slideshow requires JavaScript.

 

Пред повеќе од две години Министерството за здравство го испратило докторот Стровјаноски на специјализација за биопсија на простата. Но, иако од министерството му било ветена набавка на потребната опрема по завршување на специјализацијата, тоа не се случило. Стровјаноски појаснува дека поради недостигот на таква опрема сега пациентите се принудени да патуваат во други градови за да добијат соодветен третман за болеста.
Една од опциите е да заминат на лекување во Скопје. Но, овде на Државната Клиника проблемите не завршуваат бидејќи некои од условите во болниците во кругот на Клинички центар (според изгледот) може да бидат извор на болести.

Тоалетот за пациенти на државната Клиника за гинекологија и акушерство

Државната Клиника за гинекологија и акушерство почна со работа на крајот на 2011 година. Но имиџот на свежо-новата зграда се нарушува со очајната слика во еден од тоалетите на приземјето каде се примаат и прегледуваат пациентите.
„Оди, ќе стојам јас надвор да не влезе некој“, и вели мажот на неговата бремена сопруга, додека и ја држи чантата, а таа влегува во тоалетот за жени. Причината поради која тој стои тука е тоа што вратата од тоалетот не се заклучува. Во тоалетот се чувствува силен, непријатен мирис кој се шири. Хартија расфрлана насекаде околу тоалетната школка, а никаде сапун за миење на рацете.
Во блиската Детска клиника, која исто така е во кругот на Клинички центар дел од таванот виси над главите на пациентите-децата. Слични слики има и на другите клиники во кругот на Комплексот клиники кои се под капа на државата.
За тоа колку редовно се контролираат болниците одговор по писмен пат побаравме и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Но, од таму се уште немаат одговор. Само кусо одговорија дека не можат да стигнат со инспекции секаде бидејќи се само триесетина инспектори, а работат на територијата на целата држава.
Новинарите кои со децении ги следат состојбите во македонското здравство се разочарани од условите во болниците.
„Ништо не е подобрено. Полошо е од кога и да е. Нема ниту пижами за болните кои се хоспитализирани. Пред 10, 20, 30 години имаше. Само за компарација, пациентите пред деценија- две не си купуваа сами лекови. Сега се принудени бидејќи често снемува основни лекови и потрошен медицински материјал во болничките аптеки. Позитивната листа на лекови не е сменета најмалку 10 години“, вели новинарката Менче Точи, која со децении го набљудува прогресот во здравствената сфера. Неколку пати досега и добивала награди за следење на состојбите со корупцијата во македонското здравство.
Точи нагласува дека е точно дека во изминатите години била набавена скапа медицинска опрема, но тоа според неа не ја подобрило општата состојба. Според неа, најголемиот дел од болниците се во очајна состојба.

Менче Точи

„Точно е дека имаше реновирање некаде, но тоа се тековни работи, за тоа ли треба да се радуваме. Но, ако под услови се подразбира новата медицинска опрема која беше набавена, таа сама по себе не го реши проблемот. Добро е да има нови апарати но лошо е што месеци се чека за снимање, на некои од апаратите не работи соодветен кадар, трети се расипаа и бидејќи поправката на дефектот е многу скапа тие стојат така(болниците немаат пари да го платат дефектот)“ раскажува Точи.
Реформите според неа се обичен маркетинг. „Тоа е обичен маркетинг, си прават реклама народски кажано“, вели Точи. Како новинарка која ја следи проблематиката воочила дека агендата во таа политичка кампања на министерот за здравство била долга и често се повторувале исти работи.
„Доста пишував за тоа во моите колумни. Тоа не се реформи. Тоа се неуспешни проекти“, децидна е Точи. Повеќето од тие проекти, вели таа, останале заборавени уште пред да почнат да функционираат и не се за спомнување. Како пример го спомнува проектот „Мој термин“, кој можеби бил замислен да стави ред во закажувањето на прегледите, но не функционира така. Точи вели дека со ова лекарите се претвориле во администрација и не можат да му посветат доволно време на пациентот, а тоа е клучно при прегледот и за поставување на дијагноза.
„Проектот „Плата по учинок“, веќе никој не го спомнува. Преќутно се прескокнува за да не се раскараат меѓу себе лекарите бидејќи со овој проект се зема од џеб на еден лекар(кој наводно имал помалку прегледи) за да се даде на друг. Бесмислено“ коментира Точи.
Таа тврди дека квалитетна здравствена услуга не подразбира само нов апарат за снимање. „Тоа е цел комплекс на услуги вклучувајќи ги и условите во болниците каде доминираат стари и истрошени кревети и бубачки по шкафовите. Повеќе од 20 години ја следам оваа проблематика, знам како стојат работите и не сум голем оптимист дека наскоро ќе имаме подобро здравство. Која власт и да дојде, ако сака сериозни промени ќе има многу работа во овој ресор. Ако не, здравството ќе продолжи да тоне и на крај ќе има катастрофални последици од сето тоа“, поентира таа.

 

ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ГО ДОПРЕ ДНОТО

 

Нејзина колешка од неделникот „Фокус“ Ирена Мулачка, годинава беше наградена за истражувачка сторија во која открива дека 80 новороденчиња починале за само шест месеци на скопската Клиника за гинекологија и акушерство. Како најчести причини за смртноста на новороденчињата се наведуваат болничките инфекции.

Ирена Мулачка

„Иако, министерот за здравство Никола Тодоров постојано се слика и се фали дека здравствените реформи што ги спроведува Владата под раководната палка на ВМРО-ДПМНЕ го рангирале македонското здравство како едно од најдобрите во Европа, сепак сликата на терен покажува нешто сосема друго. Наместо, со текот на годините се повеќе да се подобруваат условите во кои работат лекарите, а се лекуваат пациентите, слободно можам да кажам дека јавното здравство го достигна дното. Распаднати врати и кревети, скршени прозори, крвави и нечисти чаршави, кои мирисаат на километар, бубашваби, нестерелизирани инструменти…..Во целосен распад се и болниците низ другите градови во земјава, низ Прилепската болница шетаат кучиња и мачиња, немаат никакви материјали за работа, хигиената е на нула, врие од болнички инфекции, па за пациентите е поопасно да се лекуваат таму, отколку дома“, коментира Мулачка.
Таа додава: „Во многуте „дела“ на Тодоров влегуваат пациенти кои починаа чекајќи да дојде Брза Помош, пациенти кои починаа во кругот на скопските клиники бидејќи лекарите ги немале основните материјали за работа, инфузии и гази, а пред неколку години, на пациент му пукна чир и животот му беше ставен на коцка, затоа што во Штипската клиничка болница немаа сонда, која чини само 15 денари“.
Според неа, најалармантна е состојбата и со зголемената смртност на бебињата и тоа во 21-век. „На скопската Клиника за гинекологија, како што тврдат лекарите се случува вистински помор, секој трети ден умира по едно бебе, а главната причина за тоа се интрахоспиталните инфекции и сепсата, која новороденчињата ја добиваат во тие два до три дена додека се хоспитализирани таму, пред да ја напуштат клиниката. Во последниот период починаа повеќе од 200 бебиња, а за време на операции починаа и неколку пациентки поради лошо изведени оперативни зафати и лекарски грешки. Што е уште пострашно, бројката секојдневно се повеќе се зголемува, а здравствените власти упорно молчат и сите овие случувања ги сметаат за најнормални. Најчудно во целата приказна за Гинекологија е тоа што се работи за сосема нова зграда, која е опремена со нови медицински апарати, а смртноста на бебињата наместо да се намалува, се повеќе се зголемува“, смета таа.
Големи проблеми во јавното здравство според новинарката, донел и проектот „Мој термин“, кој, според неа, направил хаос по македонските болници. „Според досегашната практика и начинот на кој функционира овој проект, и лекарите и пациентите се соочија со огромни проблеми. Дел од болните се жалат дека поминуваат и по неколку недели додека да закажат за обичен преглед, а многу повеќе ако треба да закажат колоноскопија на дебело црево, онколошки преглед, магнетна резонанца, компјутерска томографија… Во тој случај чекаат од четири до пет месеци. Лекарите преку овој проект имаат само 15 минути за преглед на еден пациент, затоа што другото цело време се посветени на административните процедури, па повеќе изиграваат административци, отколку да бидат посветени на својата лекарска професија. Затоа, не ни чудно што толку е зголемена смртност и пациентите умираат како експериментални глувчиња на лошо поставениот здравствен систем“, заклучува Мулачка.

 

Дотраени подови во операционите сали во „Воена болница“

This slideshow requires JavaScript.

Оштетени подови, врати и застарена опрема се дел од инвентарот на операционите сали на некогашната Воена болница или по ново-Градска општа болница „8-ми септември“. Не е реновиран ни амбулантниот и поликлиничкиот дел каде се примаат пациенти. А персоналот вели дека не се сменети ниту ни санитарните чворови. Но, освен овие слики кои не се променети уште од  далечната 1971 година кога болницата е изградена, сепак, во голем дел од болницата има подобрување.

Директорот Сашо Стојчев вели дека поголем дел од болницата е реновирана со помош на Министерството за здравство и нивни средства, но и преку донација на Американската амбасада.

Сепак, болницата не работи со полн капацитет. Три од салите се затворени поради недоволен број персонал-медицински сестри, а последниве месец-два затворени се и три одделенија.

„Последните 7 години опремата е драстично подобрена и инвестирано е во болницата. Но, нас главниот проблем со кој ние се соочуваме е недостаток на медицински сестри. Поради тоа бевме принудени да ги затвориме салите. Салите се тотално опремени, повеќето е нова опрема. Во моментов имаме и три затворени оделенија, а тоа се кожно одделение кое го затворивме пред  1,5 месец, пулмологија пред 1 месец и дел од хирургија затворивме пред 15 дена“ вели д-р Стојчев.

Според нивните проценки, за да се реновира  амбулантско-поликлиничка служба и операционите сали, пред и постоперативниот дел се потребни околу 2 милиони евра.

 

Оваа сторија е овозможена со поддршка на кампањата на Прес старт

 

Оставете коментар

коментар(и)