Автори: Евгенија Јанакиеска и Никола Рашо Радулов
Употребени шприцеви, игли, завои, памуци, фластери, лонгети, наместо во посебни заштитни вреќи и специјализирани печки за согорување и уништување, завршуваат во контејнерите наменети за обичниот дневен смет на или расфрлани во близината на медицинските установи.
Истражувањето на СКУП покажа дека медицинскиот отпад во Македонија се фрла насекаде. Се фрла во обичните контејнери, на дивите депонии. Се среќава по темните ќошиња во дворовите на здравствените установи, се фрла под нивните скали. Уличните животни ги разнесуваат медицинските отпадоци во околината.
Наместо да биде исклучок, некаков инцидент, случајно невнимание, во Македонија како да е правило околу најголемиот број амбуланти и болници да се забележи медицински расфрлан и од никого контролиран медицински отпад. А со летните жештини, опасностите од разни зарази се потенцијална опасност по здравјето на луѓето.
Наместо паркови и зеленило, опасен медицински отпад може да се забележи во близина на скоро сите здравствени установи. Истражувачкиот тим на СКУП беше во посета на повеќе клинички центри во земјата, при што документираше ужасни слики кои укажуваат на сериозна опасност по здравјето на луѓето.
Опасностите од зарази, бактерии, инфекции, молскавично можат да се распрскаат по улиците, меѓу минувачите и така да брзо и лесно да талкаат и до нашите домови, а ние „назад“ кај неодговорниот персонал во амбулантите и клиниките.
НЕОДГОВОРНО МЕНАЏИРАЊЕ
Во клиничкиот центар во Скопје наидовме на една ужасна ситуација. Медицински отпад оставен околу контејнерите, кои беа поставени во решетки, но вратите им беа отворени, а отпадот беше расфрлен насекаде.
Контејнерите се од секојдневен тип и воопшто не се изолирани. На нив не постои ниту катанец, ниту синџир. Едноставно секој може да влезе, од луѓето што катадневно собираат отпад за рециклирање и од што заработуваат за живот, до уличните мачки и кучиња.
Вака е во Скопје, но состојбата не се разликува и во останатите делови на Македонија. Конкретно во Тетово, можеме да забележиме случаи на несоодветно складиран и чуван медицински отпад.
Аријанит Џафери од невладината ЕКО Герила вели дека тие евидентирале медицински отпад во дивата депонија на влезот во Тетово, но институциите се уште не го третираат овој проблем со потребната сериозност.
„Во еден случај од наша страна е евидентиран медицински отпад во дивата депонија на влезот на Тетово. За ова сме разговарале со директорот на болницата во Тетово и од негова страна ни е гарантирано дека болницата го менаџира таквиот отпад според прописите и дека медицинскиот отпад во Дивата депонија можеби потекнува од некоја приватна здравствена установа.“, вели тој.
„Поради тоа што Дивата депонија во Тетово е отворена и секој граѓанин има пристап до неа, нормално дека таму има и улични животни, особено кучиња кои честопати јадат од отпадот или истиот го растргнуваат и разнесуваат“, додава Џафери.
Тој вели дека надлежните во општина Тетово, наместо да преземаат конкретни чекори, одлучиле да „негираат дека на дивата депонија има медицински отпад, исто како што се негира дека тој отпад често пати се пали и гори на отворено“.
„Кога сме им покажале фотографии од медицинскиот отпад или од отпадот кој гори на отворено, тие ни кажуваат дека тоа го прават неодговорни лица, а не општинските власти или Јавното комунално претпријатие „Тетово“. Но зошто и како „неодговорните лица“ имаат пристап до депонијата е прашање на кои тие немаат одговор“, подвлекува Џафери.
НАМЕСТО ЛЕКУВАЊЕ, СТРАВ ОД ЗАРАЗИ
Кога човек влегува во здравствена установа, тој не треба да стравува дека дополнително ќе се зарази. Напротив, треба да е убеден дека токму тоа е местото каде што хигиената е на највисоко ниво. Секоја болница дури и во рурална средина треба да има минимум услови за работење, но хигиената е дури предуслов за таквите минимум услови. А доколку е ова прекршено, казните треба да бидат драконски.
Клиниките даваат скудни и неискрени одговори. Одговорните таму главно се недостапни за објаснувања како и на кој начин, со кои процедури и протоколи го обезбедуваат медицинскиот отпад што е последица на нивната катадневна работа.
Аргументираните одговори најчесто се губат во лавиринтот на надлежностите на институциите. Клиниките со својот санитарно необезбеден медицински отпад, не само што ја загрозуваат животната средина, туку ги загрозуваат и животите на луѓето. На Македонија и треба брзо и ефикасно решение за овој актуелен проблем. Законот и процедуритре не се почитуваат, институциите игнорираат, страдаат граѓаните.
Законот за медицински отпад дефинира:
– отпад кој се создава во медицинските и во здравствените институции – стационари, болници, поликлиники и амбуланти, стоматолошки ординации, ординации кои даваат одредени здравствени услуги, истражувачки лаборатории, институти ветеринарни друштва и слично е медицински отпа;.
– настанува како производ на употребени средства и материјали при дијагностицирањето, лекувањето, третманот и превенција на болести кај луѓето и животните;
– се селектира на местото на создавање, собирање, складирање, третман, преработка, транспорт и отсстранување;
КЛИНИКИТЕ ПОКАЖУВААТ ПОИНАКВА РЕАЛНОСТ
Новинарскиот тим на СКУП испрати барање по слободен пристап до информации до Скопските клиники, но и до Битолската и Охридската. Одговорите беа речиси идентични и со многу малку информации.
Никој не даде подетален одговор, ниту пак овозможи да се увериме каква е ситуацијата во практиката со постапките за медицинскиот отпад утврдени и со задолжителните законски процедури.
Одговорите најчесто беа дека медицинскиот отпад се складира по правила и прописи, а се изнесува најмалку еднаш дневно и се чува во услови повторно пропишани со закон.
Но, она што е застрашувачки е дека не мора да одите подалеку за да забележите дека реалноста не кореспондира со ваквите одговори.
Инертноста, глувоста на институциите опасностите од еколошка и пред здравствена катастрофа е фрапантна и несфатлива. Летото и горештините за потенцијалните опасности се фактор плус.
Новинарскиот истражувачки тим на СКУП Македонија дојде до интересни сознанија. Заклучокот кој генерално можеме да го извлечеме од целото истражување е дека реалната состојба не е онаква каква што го прикажуваат надлежните. И анкетираните граѓани ни ги потврдуваат истражувачките сознанија. Тие најмногу стравуваат за своите деца, бидејќи не распознаваат што е тоа. Никој од анкетираните граѓани немаше алармирано за ваквите случаи, ниту пак, реагирале до надлежните органи.
Единствено валиден одговор со веродостојна конотација добивме од скопската депонија „Дрисла“. Оттаму се преставија како позитивен пример. Како одговор на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер за тоа каде и како се складира медицинскиот отпад, велат:
„Тој тип на отпад воопшто не се складира и истиот ден отпадот се спалува“.
И во Скопје и на ниво на земјава проблемот е актуелен и предизвикувачки. Состојбата, очигледно, е надвор од контрола.
Бројот на здравствени установи и јавни и особено приватни постојано расте, а капацитетите на законски пропишани контејнери, складишта и депонии за медицински отпад не се променети веќе две децении,.
Законски прописи за складирање медицински отпад
- Пакувањето може да бидат во пластични вреќи, картонски кутии, посебни садови и контејнери изработени така да со совите карактеристики го овозможуваат и олеснуваат селектирањето, а местото на неговото создавање да обезбедуваа целосна заштита на луѓето и животната средина. Се пакува во пакувања кои се со црвена боја за патолошки (анатомски) отпад, жолта боја за останатиот опасен медицински отпад, зелена боја за фармацевстки отпад и црна или сина боја за комунален или инертен отпад. Пакувањата треба да имаат налепница со портокалова боја и знакот за опасен медицински отпад во црна боја, под знакот стои наслов „Опасен медицински отпад”.
- Запечатените садови или контејнери за остри предмети треба да се стават во обележани жолти кеси за отпад, а пак, празни пракувања за селектирање, идентификација и собирање на отпадот треба да има на располагање постојано на сите места каде што се создава отпадот.
- Течниот отпад се собира во непропустливо пакување коешто оневозможува истекување или излевање на содржината и коешто треба да биде цврсто затворено или запечатено.
- Садовите за цврсти предмети треба да бидат непропустливи за содржината.
- Садовите или контејнерите за острите предмети треба да се изработени од пластика со голема густина или метал и да се снабдени со капак.
- На местото на селектирањето на медицинскиот отпад треба да се постават писмени упатства на задолжените лица кои го селектираат, идентификуваат и собираат отпадот.
-
Локалните собирни места треба да се добро проветрени простории во или близу одделението или единицата каде можат да се одржуваат ниски температури со помош на систем за ладење кој треба да одржува температура под 10 целзиусови степени.
Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.