Непотизам: Властите се менуваат, „роднините“ остануваат

Директорите во јавните институции не ретко го(зло)употребуваат членот21од Законот заработни односи, кој дозволува маневр за одлучување за работните места, утврдиле антикорупционерите

Автор: Ружица Фотиновска

Далечната 2003-та. Поништено решението за вработување на сопругата на тогашниот директор на Фондот за здравствено осигрување, Рубинчо Заревски, по препорака на Државната комисија за спречување на корупција. Ова е епилогот на првиот случај на судир на интереси за кој одлучуваше тогашната Антикорупциска комисија предводена од Слаѓана Тасева. Години поминуваа, случаите на непотизам се редеа. Дел од нив застарија, дел од споменатите се повлекоа од функциите,дел останаа и понатаму да ги извршуваат функциите и покрај нивната роднинска поврзаност со високи функционери, за чие владеење беа именувани со изговор дека непотизам не постои.

Генеза – роднински вработувања

Скоро една година измина откако пукна аферата со “роднински вработувања“ поврзани со високи функционери на актуелната власт. Според атрактивноста на позицијата и висината на платите– државните ЕСМ и МЕПСО избија како компании во кои се вработија блиски роднини на функционери од владеачката гарнитура. Конкретно, во државната Електрани на Северна Македонија се вработија: таткото на сопругата на поранешниот генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски; претседателот на локалниот огранок на владејачката партија во Гостивар, Горан Ангелов; ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери; синот на архитектот и советник во Министерството за култура, Мирослав Грчев; синот на пратеничката Мира Стојчевска; сестрата на претходниот министер за култура, Асаф Адеми.

Се обелоденија и вработувањата во државната МЕПСО – синот на еден од поранешните премиери, Владо Бучковски; ќерката на поранешниот прв човек на Гостивар, Невзат Бејта и сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши. И во администрацијата влeгоа блиски луѓе на актуелни функционери – братучед на тогашниот министер за земјоделство, а сегашен генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски; мајката на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов; синот на пратеникот Горан Мисоски; како и сопругата на пратеникот Зекир Рамчиловиќ.

Овој бран на вработувања по роднинска линија не е нова пракса за Северна Македонија. Дел од ваквите случаи на непотизам поврзани со претходната владејачка врхушка останаа нечепнати. Дел од спорните вработувања се случија кога со преходните состави на Антикорупциската комисија претседаваа Игор Тантуровски и Горан Миленков. Дел, пак, во периодот кога Антикорупциска остана само на хартија, зашто пет членови поднесоа оставка по скандалот со лажираните и фалсификувани сметки преку кои антикорупционерите подигале илјадници евра за патни трошоци.

Години потоа, со формирањето на новиот состав на Антикорупциската комисија новите членови утврдија сериозни сомневања за непотизам кај поранешни функционери, но речиси сите предмети што беа отворени, набргу беа затворени поради застареност.

„Предметите застаруваат во рок од три години. Утврдивме влијание при вработување, креирање работни места, неисполнети услови за вработување. Предметите ги затворивме поради застареност, но и зашто функционерите се веќе сменети“, вели Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската .

Така, ДКСК констатира дека таткото на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, Љубе Јанушев, вработен во Центарот за управување со кризи, се вработил како второрангиран без да ги исполни двата главни услови, познавање англиски и работно искуство. Предметот е затворен поради застареност.

Антикорупционерите детектираа и двајца братучеди на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, вработени со дискреционо право на тогашни директори од ВМРО-ДПМНЕ – Јелица Милошоска, вработена во 2017 година во „Водовод“ и Станко Коруноски во Централниот регистар, во периодот 2007-2008 година кога Милошоски бил министер за надворешни работи. Милошоска е вработена со дискреционо право на ексдиректорот на „Водовод“, Александар Атанасов. Oд документацијата за нејзиното вработување, ДКСК јавно на прес конференција соопшти дека ја добила само молбата за вработување. За братучедот на Милошоски, пак, нема никаква документација за постапката како токму тој бил вработен и дали имало кандидати, и селекција на кандидатите. Случаите се затворени како застарени. Едниот зашто вработувањето се случило во 2008-та, а другиот зашто директорот на „Водовод“ не е повеќе на функцијата.

Непотизам е констатиран и при вработувањето на сопругата на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, Кристина Божиновска, вработена во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Сестрата на поранешниот амбасадор во Брисел, Андреј Лепавцов од ВМРО-ДПМНЕ, Драгица Лепавцова, исто така, вработена во АЕК во 2012 година, без правилник за систематизација и регуларна постапка. Сите се затворени поради застареност.

Некој се „откажа“ од вработувања – други не сакаа “да слушнат“

„Ќе ја направиме самата анализа, ќе ги видиме постапките. Секаде каде што има привилегии, протекции или било какво влијание, секако ќе бараме повлекување на таквите места“. Оваа изјава на поранешниот премиер, Зоран Заев дадена во февруари 2019 година, беше признание дека и оваа владеачка гарнитура не е имуна на „моќта и влиајнието“ што доаѓаат од функцијата, но требаше да биде и „ветер во грб“ дека работите ќе се исправат.

Дали тоа се случи? Не во целост. Од вработувањето се откажаа синот на пратеничката Мира Стојчевска, за кого во ЕСМ антикорупционерите констатираа дека беше креирано ново работно место, како и синот на Горан Мисовски, потоа мајката на портпаролот на СДСМ, Константин Костадинов и роднините на Александар Кирацовски.

„Иако мојата мајка е вработена на транспарентен оглас каде се испочитувани сите законски процедури, јас разговарав со неа и таа ќе се повлече. Очекувам овој принцип на висок морал да го следат и останатите функционери“, изјави Костадинов во февруари 2019 година.

Нема непотизам и влијание за вработувањата на моите роднини, изјави тогашниот генерален секретар на СДСМ, Кирацовски. Сепак, неговите блиски се повлекоа.

Притисокот за сите овие вработувања во јавноста не попушти – Владата направи потег со кој ги смени и директорите на МЕПСО и ЕСМ Сашо Василевски и Драган Миновски.

Сепак, дел од функционерите не признаа конфликт на интeреси во роднинските вработувања. На работа во ЕСМ и МЕПСО останаа: сестрата на екс министерот за култура Асаф Адеми, Хидоете Алили, вработена на работното место кое не постоело претходно, сопругот на државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, кој е инженер по текстилна технологија, а бил вработен како инженер за животна средина.

Антикорупционерите посочија и на недостиг на ранг-листата на пријавените и отсуство на бодирања. Таков е случајот со сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши, Воре Бектеши. На огласот се барале 23 работни места, а биле пријавени повеќе од 800 лица. За позицијата самостоен референт за кој конкурирала и сестрата на министерот имало 73 пријавени. Во МЕПСО била формирана Комисија за селекција која по еден месец до директорот доставила листа од 5 кандидати за самостоен референт – но нема ниту еден документ на кој начин било извршено бодувањето, ниту има извештај од спроведените интервјуа.

„Нема образложение зошто токму сестрата била селектирана во првите пет, а потоа со одлука на директорот била и вработена“, констатираше Антикорупциска.

Министерот Бектеши останува на ставот дека нема ништо спорно. Ја плати прекршочната пријава бидејќи не ја известил ДКСК дека сестра му се вработила во МЕПСО, а кога се вработила, живееле на иста адреса со него.

„Не чувствувам морална одговорност и нема да побарам од сестра ми да го напушти работното место во АД МЕПСО, бидејќи таа не е вработена во Министерството за економија, полнолетна е, не живее со мене, мажена е и сама одлучува за својот живот“, вели Бектеши.

Антикорупционерите утврдиле непотизам, одговорност нема

„Вработувањата се законски – нема основ за откази“ – со ова образложение се огласија државните ЕСМ и МЕПСО во однос на партиските вработувања откако Антикорупциската комисија ги повика надзорните и управните одбори на државните фирми да побараат одговорност од директорите. Но, самата констатација на Комисијата дека се бара одговорност од директорот, не е облигаторна и не значи поништување на вработувањето. Од друга страна, надзорните и управните одбори екипирани со „амин“ на власта, дадоа поддршка на директорите. За ова говори и фактот дека во ниту една институција во која беа утврдени роднинско – пријателски вработувања нема да бараат одговорност од директорите.

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер побаравме увид во записниците од надзорните одбори што компаниите и институциите ги доставиле до ДКСК за да видиме како овие тела не утврдиле одговорност кај директорите. Но, од Антикорупциска ни одговорија дека се работи за документи на други институции од доверлив карактер што не можат да ги дадат.

Ги побаравме записниците и од ЕСМ и од МЕПСО. Од ЕСМ велат дека стaнува збор за документи кои се деловна тајна на компанијата и не се достапни за јавноста. Посочуваат дека од Антикорупциската комисија добиле само допис до надзорниот одбор за утврдување одговорност на генералниот директор затоа што, како што се наведува, не ги вршел неговите дискрециони овластувања согласно законот. Но, не добиле упатства од антикорупционерите како да постапат со вработувањата.

„Во врска со вработените за кои прашувате, не постои правна основа согласно Законот за работни односи врз која работодавачот (АД ЕСМ) може да го раскине работниот однос со посочените лица“, ни одговорија од ЕСМ со образложение дека ДКСК не им испратила допис со насоки за постапување кон посочените вработени, ниту кои законски одредби се прекршени при вработувањето и дека истите би биле основ за давање отказ.

Според Законот за спречување на корупција, по кој работи Антикорупциска, тие може да побараат институцијата да ја поништи одлуката за избор при вработувањето (не и целиот конкурс,) и да дадат насоки да се да се избере нов кандидат од пријавените, доколку имало политичко влијание при вработување. Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска вели дека тоа и го направиле во неколку први случаи на непотизам што ги работеле, но дека тие предмети им паднале на Управен суд.

„Кога во еден таков случај побаравме директорката на Стоматолошки клиники да ја поништи одлуката за избор, добивме тужба од неа, а Управниот суд пресуди во нејзина корист. И по еден ваков случај застанавме да издаваме вакви одлуки и сега се чудиме што да правиме. Имаме чувство дека се прави се за да не можеме да функционираме во нашата работа“, вели Ивановска.

Од МЕПСО не го добивме целиот записник, зашто и тие се повикаа на деловна тајна, но го добивме известувањето што го испратиле до ДКСК. Во него пишува дека надзорниот одбор во МЕПСО не утврдил никаква одговорност за злоупотреба на дискреционото право при вработување на сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши кај тогашниот директор Сашо Василевски, откако претходно компанијата ангажирала адвокати кои дале такво мислење.

„Укажуваме    на    потребата    Државната    комисија    за     спречување    на    корупција    при понатамошното постапување во врска со предметниот избор да го цени фактот дека сметано од 01.08.2018 единствен акционер на АД МЕПСО во државна сопственост е Министерството за транспорт врски со кое раководи министерот Горан Сугарески“, стои во дописот што МЕПСО го испратил до Антикорупциска.

Претседателката на Антикорупциска вели дека случаите сè уште не се затворени кај нив и дека оставките на директорите во одредени случаи не значи и дека е задоволен јавниот интерес.

„Дел од членовите на Комисијата сметаат дека наш таргет се именуваните и избраните лица, кои во случајот на МЕПСО и на ЕСМ беа сменети и дека тука ние треба да застанеме. Дека сме ја исполниле целта. Но дали е задоволен јавниот интерес до крај, ако овие лица се сè уште на работа? Според мене, не е во целост. Предметите се сè уште отворени. Но, ние како комисија мора да донесеме заедничка одлука“, вели Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциска.

Билјана Ивановска

Антикорупционерите најавуваат дека во разврската на примерите со непотизам една од клучните „алки“ се членовите на одборите, кои застануваат во одбрана на донесените одлуки, па затоа за ваквите примери ќе бидат информирани и Владата и Собранието. Но, тука завршува нивната надлежност.

Според последните информации до кои дојдовме во ова истражување – Антикорупциска од почетокот до сега има отворено 66 предмети за непотизам, додека 26 од нив сè уште се отворени.

Останатите се затворени поради застареност, немање доволно елементи, дадени оставки и сл. Но, никој не е избркан од работа по налог на антикорупционерите.

Има ли лек за непотизмот ?

Со формирање на новиот состав на ДКСК најактуелни станаа случаите во кои до израз дојде непотизмот. Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ неодамна го обелодени Првиот извештај за работата на Антикорупциската комисија. Резултатите покажале дека Комисијата, од нејзиното конституирање во март 2019 заклучно со септември истата година отворила 273 предмети, од кои 208 одлучила да ги затвори, а за 65 решила да ја продолжи постапката. Граѓаните најмногу пријави поднеле за постапките при вработување и проверката на имотната состојба на функционерите за кои што Антикорупциска изрекла најголем број прекршочни налози.

Антикорупционерите констатирале дека директорите во јавните институции не ретко го (зло)употребуваат членот 21 од Законот за работни односи, кој дозволува маневр за одлучување. „Работодавачот има право на слободно одлучување, со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата, почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување“, пишува во членот 21 од Законот за работни односи.

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, смета дека токму ова дискреционо право треба да биде исклучок и да се применува кога се појавуваат двајца или тројца кандидати кои се исто бодувани и рангирани, а не редовна пракса што се злоупотребува.

Анализата на законите и подзаконските акти кои се однесуваат на овој проблем покажуваат дека креаторите на политиките, односно функционерите кои биле или се на власт, внимавале секогаш во законите кои го модулираат системот и начинот на вработување да остават простор за „подобните“, односно за сопартијци, роднини или пријатели – коментираат експертите од областа на антикорупција и посочуваат дека во вакви случаи немаат многу законски можности за делување.

Антирупционерите кога се соочуваат со вакви примери во праксата се повикуваат на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и членот 63, каде се дефинира дека во вршењето на дискреционите овластувања: „Секое службено лице е должно одлуките да ги донесува совесно, водејќи сметка за сите факти и околности на конкретниот случаји за начелото на законитост и справедливост“.

Во истиот член, исто така, стои и дека „Комисијата е должна да ги разгледа жалбите по овој основ и да го извести физичкото или правното лице за постапувањето по истата“.

Но, нема конкретни механизми во Законот како Антикорупциската комисија да се справува со злоупотребата на дискреционите права на функционерите при вработувањата.

„Ние можеме да побараме да се преиспита изборот или одлуката при вработување, но не можеме да го поништиме конкурсот. До тука ни дава можност законот. Ние како Комисија имаме укажувачка улога, а не да тужиме на Управен суд, на пример. Ние не сме репресивен орган, некому да даваме казни, дури и казните што се предвидени со Законот се мали, симболични, во однос на штетата што може да настане. Меѓутоа, тука е јавното мислење што треба да го разбудиме, тоа е нашата улога“, велат од Комисијата за спречување на корупција.

„Непотизам имало и ќе има. Имало и ќе има обиди за влијанија преку користење на функција моќ, но клучно прашање е каква е институционалната разврска на ваквите случаи“, вели Слаѓана Тасева, еден од поранешните претседатели на Антикорупциската комисија. Се потсетува на првиот случај со кој се соочила комисијата, а се однесува на непотизам и судир на интереси. Епилогот од овој случај беше – и сопругот и сопругата заминаа од позициите.

„Првиот случај кој го отворивме како тогашни антикорупционери беше судир на интереси и влијание за вработуваањето на сопругата на тогашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Рубинчо Заревски. Неговата сопруга се вработи во тогашната Воена болница како стоматолог. Се работеше за жена која била најдобра студент во генерацијата, но за нејзиното вработување не беше објавен ниту оглас ниту беа запазени процедурите, така што инстиуциите реагираа веднаш. Настапи инспекторатот и ресорното министерство и сопругата на Заревски беше отпуштена од работа, а тој разрешен од директорската позиција“, се сеќава Тасева која посочува на уште еден пример во кој е платена “политичка цена“ иако не е констатиран судир на интереси.

„Тогашниот министер Илија Филиповски беше експресно разрешен на владина седница откако Антирупциската комисија најави дека отвора предмет за вработување на неговиот брат на челна позиција во тогашиот скопски аеродром. Владата го разреши министерот, а потоа ДКСК констираше дека нема судир на интреси бидејќи братот на Филиповски целиот работен век работел во тогашната државна фирма и напредувал според прописи и закони, поминувајќи ги сите скалила.

Ова е пример за избрзана реакција и пример дека инстутуциите не смеат да ги премолчат ваквиот вид на вработувања“, вели Тасева. Според неа, клучно е прашањето дали отворените случаи во ДКСК добиваат разврска – и ако тоа не е така, каде е проблемот.

Со екипирање на „новата“ Антикрупциска во јавноста се зголемија очекувањата за поголема ажурност во работата но и епилог на отворените случаи.

„Новиот состав на ДКСК, гледајќи според изјавите во медиумите, не се интересира само на тесно толкување на корупцијата туку ги гледа работите малку пошироко. Преобемното сфаќање на корупцијата може ДКСК да ги доведе до области и ситуации каде немаат надлежност “, вели Миша Поповиќ од Институот за демократија. Според Поповиќ од март па навака, ДКСК се соочува со зголемен обем на работа но непоходно е да се направи листа на приоритетни случаи кои се однесуваат и на висока корупција и злуопотреби.

„Сега она што го гледаме на темата непотизам и судир на интреси е тажно бидејќи нема конкретни разврски за ваквите случаи. Тоа е голем проблем. Не може работите да се остават на свест совест на функционерите, се е едноставно – или се почитуваат или не се почитуваат правилата, а како што гледаме засега нема сериозно постапување и проследување на овие случаи“, вели Тасева.

Најновото истражување кое е дел од Проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам“ утврди 46 ранливи точки на кои треба да се интервенира за да се превенираат роднинските вработувања. Инаку, истражувањето се уште е активно и се скенираат бројни државни институции, меѓу кои и ЕСМ и МЕПСО. Проектот го работи ДКСК и Транспаренси Интернешнл.

Со цел да ги прошират и зголемат ингеренциите, сегашниот состав на ДКСК подготви листа од 350 забелешки на законот по кој работат, со цел да станат поефикасни. Но, законските измени се уште не се влезени во процедура. Законската регулатива, особено клучниот филтер за корупција и непотизам – ДКСК, редовно беа дел од извештаите на ЕУ за напредокот на земјава на патот кон Унијата, со акцент дека е потребно не само носење, туку и примена на законите ако сакаме да изградиме општество на еднакви и рамноправни граѓани.

За пет случаи новиот состав на ДКСК не ги потврди наводите за влијание за вработување. Тоа се следните случаи: за ќерката на претседателот на Собранието Џафери, потоа за Цветан Велевски, брат на пратеничката Мира Стојчевска, како и за вработувањето на синот на пратеникот Горан Мисоски, Кристијан Мисовски, во Агенција за супервизија на осигурување. Влијание за вработување не се утврди ниту кај Иљо Стојчевски, сопруг на пратениката Мира Стојчевска и за Надица Делкова, сопруга на градоначалникот на Неготино вработување во ОУ „Гоце Делчев“ во Долно Дисан

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)