Репрезентација: Празни дупки за полни стомаци


ДОКУМЕНТАЦИЈА


автори:

Бјанка Станковиќ

Ангела Петровска

Ангела Рајчевска

Педесет парчиња јагнешко ги чинело 17.500 денари, 30 парчиња сирење – 7.500 денари а десет килограми кашкавал 3.880 денари. Вкупно 30.324 денари, или 500 евра платила општина Охрид на фирмата „Кам импекс“ за недефинирана „угостителска“ услуга.

 

 

Но, ова не е рекордот на охридската администрација. Некој оттаму во еден ден ставил потпис на фактура за потрошени 41.580 денари или околу 650 евра, исто така за ресторантски услуги каде што се мезело и јадело од салати и ракии, преку скари, вина, па се до чоколадни торти и коњак.

 

НА КАФЕАНИ ТРОШАТ СИТЕ – И СИРОМАШНИТЕ И БОГАТИТЕ ОПШТИНИ

 

Пржените тиквички, рижото со морски плодови, месо на селски начин, лигњи на скара, сладолед, торта и овошје……, не биле доволни во еден ден на еден или на повеке „поврзани“ гоштевања со даночните пари, па нарачани се уште 40 порции од менито „7“. А ова мени предвидува салата, главно јадење како риба или скара и секако на крајот десертот.

Ова е една од сликичките за охридската администрација. Патем, парадоксот е и во фактот што општина Охрид е една од најзадолжените општини во Република Македонија.

Ресторанските трошоци се карактеристични и за речиси сите други и поголеми и побогати, но и помали и посиромашни општини. Од народните пари не штеделе охридските бирократи, но не се штедело ниту во урбаните, ниту во руралните средини. Најчесто народните пари за водовод, одвод и слично се трошат на ресторантски услуги кои во просек изнесуваат од 100 до 350 евра на ден. На ресторанските маси се изнесувало вино, ракија, виски, коњак, салати, риба, разни други морски плодови, торти,  јаткасти плодови, кафиња….

 

Според истражувањето на Скуп, за последните пет години најголеми „трошаџии“ се граѓаните на општината Новаци. Веднаш по неа се општините Велес и Вевчани. Додека пак, најмалку пари по глава на жител потрошиле од Шуто оризари, Аеродром и Бутел.

(ставете го курсорот врз топките за повеќе детали)


ФАКТУРИТЕ ЕВИДЕНТИРААТ ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ НО И ЦВЕЌЕ, ИГРАЧКИ, НАКИТ, ЗЛАТНИЦИ, СУВЕНИРИ….

 

Златник, златни ланчиња, посребрени мечеви и неизбежните скара, вино, салати, слатки… на секојдневното „мени“ на општинските градоначалници.

Кој и дали воопшто некој ги контролира буџетите на општините особено делот за репрезентација со кои неприкосновено и се чини нелимитирано располагаат првите луѓе на македонските комуни.

 

 

 

 

 

Андреј Петров, поранешен градоначалник на Карпош:

ПАРИТЕ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СЕ ПРАШАЊЕ ОД МОРАЛНА ДИМЕНЗИЈА

 

СКУП: Како се формира буџетот за репрезентација во рамките на буџетот на општината?

Обично се земаат параметрите од минатите години да се види што е тоа што било добро, што е тоа што било лошо и сето тоа се внесува внатре во системот. Потоа одиме на одредени комисиски расправи каде што се разгледува. Нормално, предлагачи се градоначалниците, меѓутоа оние кои го утврдуваат тоа се советниците, советот со мнозинство гласови.

СКУП: Дали тој буџет за репрезентација е само за градоначалниците или за советници и за другите вработени во општината?

Петров: Со буџетот располага градоначалникот, со средствата на општината располага градоначалникот. Она што е добро е да речеме владеат некои стандарди каде што не треба да се користат за плаќање ручеци на сметка на организирање на приватни прослави. Тоа е нешто што треба да се избегне. Тоа е повеќе прашање на морална димензија на оној што ја управува општината.

Кој ја врши контролата на буџетот за репрезентација и дали има правилници за користење?

Петров: Има правилници. Контролата секогаш ја врши советот.

СКУП: На што главно се користи буџетот на репрезентација?

Петров: Главно се троши на трошоци поврзани со организирање на разни прослави, Исто така се користи и за пропагандни материјали со кои располагаат општините, се користи за одредени јубилеи, за доделување на одредени награди. Но точно е дека се користи на ручеци, за одредени скапи подароци.

СКУП: Зошто советниците ги одобруваат големите трошоци во помалите општини?

Петров: Кај помалите општини нема толку големи извори на средства за да има големи трошоци. Но кај помалите општини има еден проблем, а тоа е што тие се огледуваат на поголемите општини. Во поголемите општини сепак е поголем притисокот на јавноста и тоа е потешко изводливо. Во помалите општини има реално помали приливи во буџетот и тоа е да речеме срамно да се трошат огромни суми и средства за репрезентација.

И, наспроти ваквата фактичка состојба, општините, судејќи по тоа како тие се однесуваат во однос на општинските буџети, во однос на парите на своите сограѓани кои им ги довериле на своите градоначалници, советници и општинската администрација на управување и рационално трошење, излегува дека македонските општини, повеќето од нив, се побогати и од шведските и холандските, на пример.

 

Како трошеле општините за репрезентација последниве 5 години? Кликните на  некој пиновите кои ги означуваат општините за сите детали. Зголемете ја мапата со тркалцето на Вашето глувче за да ја најдате вашата општина

 Увид во документацијата на СКУП може да направите со кликање на линкот подолу

ДОКУМЕНТАЦИЈА

 

Општините кои не одговорија – Дали кријат криминал?

На барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до општините, и покрај потсетувањата не одговорија следниве општини:

Чаир, Сарај, Карпош, Бутел, Демир Капија, Илинден, Петровец, Зелениково, Дебарца, Крушево, Струмица, Кривогаштани, Македонска Каменица, Карбинци, Росоман, Неготино, Кавадарци, Василево, Студеничани, Теарце, Маврово и Ростуша, Боговиње, Желино, Врапчиште и Долнени.

Дел од општините одговорија дека надлежните се на одмори, од општина Кривогаштани рекоа дека немаат скенер, а дел од нив воопшто не одговорија на нашите е-мајлови.

 

 И ДО 1.000 ЕВРА НА ДЕН ЗА КАФЕАНСКИ СЕДЕНКИ

 

Во фокусот на нашиот интерес беа парите за репрезентација што преку општинските буџети градоначалниците си ги  предвиделе, а мнозинството советници им ги изгласале.

Според фактурите што ги добивме се гледа дека во многу општини се трошеле големи суми на угостителски и на хотелски услуги. Сумите достигнуваат дури и до 1.000 евра на ден.

Покрај овие услуги кои се наменети за гости на општината, може да се забележи дека често општините трошат пари од репрезентација и за приватни цели. Најчести примери се ручеците, ноќевањата во хотели, како и подароци и сувенири.

Она што е интересно за сиромашната и урбано запоставена општина Демир Хисар, на пример,се ресторантските трошоци. Реализирани се најчесто во локалите “Дојрана” и “Горна куќа”. Само во 2016-та година во “Дојрана” се потрошени 109.490.оо денари, а во “Горна Куќа” 144.470.оо денари. Покрај угостителските услуги, општина Демир Хисар потрошила и големи суми на златни приврзоци, друг накит и ексклузивни пијалоци.

 

ВИСОКИ ЛОКАЛНИ МОЌНИЦИ СО НИСКИ МОРАЛНИ ВРЕДНОСТИ

 

Поранешниот градоначалник на Карпош, Андреј Петров вели дека трошењето државни пари за плаќање таканаречени службени ручеци па дури и организирање приватни прослави, е нешто што не треба да се случува.

 

„Тоа е повеќе прашање на морална димензија на оној што ја управува општината. Има примери на луѓе на странски држави, претседaтели и градоначалници кои самите, од свои пари ги плаќаат ручеците за нивни гости. Тие не потпишуваат фактури на сметка на општината или на државата. Тоа е таа морална димензија која треба да се стекне со текот на времето да се расчисти дека тоа не е нешто срамно или не треба да се прави“.

Петров, смета дека проблемот кај нас, покрај моралната димензија, е и во имплементацијата на одговорностите, односно на начините кој како и за што ги употребува буџетските средства.

„Кај нас голем дел буџетски средства се одвојуваат за репрезентација, а од нив  прилично голем дел средства се трошат и злоупотребуваат бидејќи луѓето постапуваат како општината да е нивна приватна фирма што им ја оставил дедо им и од која може да трошат колку сакаат, а не дека тоа се пари на државата, на општината, на граѓаните“.

 

Петров вели дека буџетот за репрезентација главно се користи за трошоци поврзани со организирање на разни прослави кои најчесто се мегаломански. Тој смета дека дел од сето тоа е тотално непотребно трошење и треба да се скрати:

„Исто така, многу пари се трошат и за пропагандни материјали за одредени јубилеи, за доделување на одредени награди. Но точно е и дека се троши и на ручеци, и за одредени скапи подароци. Тоа е нешто што не е како треба и што треба да се редуцира на минимум и е различно од општина до општина“

 

Забелешка: На објавената сторија реагираше општина Демир Хисар. Нивната реакција во целост можете да ја прочитате овде.

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

 

 

 

 

 

Оставете коментар

коментар(и)