РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (ВТОР ДЕЛ): КАФЕАНСКИТЕ ФАКТУРИ СЕ КРИЈАТ КАКО ДА СЕ ДРЖАВНА ТАЈНА

автори:

Бјанка Станковиќ

Ангела Петровска

Ангела Рајчевска

(овде може да го прочитате првиот дел)

Трагајќи по вистинската слика за тоа како рационално и дали и во корист на граѓаните се однесува општинската бироктратија, новинарскиот истражувачки тим на СКУП посети повеќе општини.

Преку Законот за слободен пристап до информации, се обрати до сите 82 општини. Од повеќето од нив доби податоци и документи за тоа како и на што градоначалниците и нивната администрација ги трошат парите на своите сограѓани.

 

СЕ КУПУВАЛЕ АЛКОХОЛНИ ПИЈАЛАЦИ И СЛАТКИ

 

Истражувачкиот тим на СКУП испрати барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до сите општини во Република Македонија.

Од надлежните во општините побарани се информации за буџетите на општините, сумите на годишно ниво за репрезентација како и фактури на кои се книжени промени за репрезентација во последните пет години, односно од 2012-та до 2016-та година.

Општините Ресен и Чашка се повикаа на законот за заштита на лични податоци, односно дека се работи за документи кои содржат личен подaток чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци.

Имено, согласно членот 10 став 1 алинеја 6 од законот ова се информации од јавен карактер: „Имателот на информации е должен да ја информира јавноста за: организацијата и трошоците на работењето, како и за давањето на услуги на граѓаните во управната постапка и за своите активности“.

 

Од Свети Николе пак, надлежните одговорија дека документацијата за фактури и сметкопотврди се дава на увид само на релевантни институции како Министерство за финансии, Финансиска полиција, суд и ревизори и поради тоа „не можеле“ да ги достават побараните информации.

И покрај жалбата до Комисијата за овој одговор, надлежните од општината стојат на ставот дека документите (фактури, сметкопотврди) не се предвидени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и поради тоа истите не се доставени на увид на барателот.

Општините како Битола, Гази баба и Виница одговориja дека побараните информации не се информации од јавен карактер.

Новинарскиот тим на СКУП, испрати жалби за одговорите од овие општини до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Реакција на жалбите имаше од општините Виница и Гази Баба кои ги доставија фактурите и сметкопотврдите на кои се книжени промени за репрезентација во последните пет години.

Од увидот во фактурите за репрезентација на општина Гази Баба може да се забележи дека вработените од општината биле најчести гости во рестораните “Моја куќа”, “Дојрана” и “Камник”, но ги посетувале и “Боними”, “Вели-Ив”, “Рагуза”, “Казабланка” и “Балканика”.

Покрај другото, од фактурите се гледа дека од општината во неколку наврати се купувале алкохолни пијалаци и слатки.

 

ПРИВАТНИ ПОСЕТИ НА КУЛТУРНИ И СПОРТСКИ НАСТАНИ СО ОПШТИНСКИ ПАРИ

 

Сумите кои се трошени на угостителски услуги во некои од овие ресторани достигнуваат и до 3.000 евра на годишно ниво. Исто така, од општините посетувале и културни настани меѓу кои претстави, музички фестивали како “Гоце фест”, “Роса фолк фест”, концертии спортски натпревари на сметка на општината.

Во врска со жалбата поднесена за одговорот од Битола, од Комисијата добивме писмо во кое се вели дека општината не одговорила на дописот од Комисијата.

Инаку општината Битола е на првото место на листата за веб транспарентност во истражувањето во рамките на проектот „Граѓанинот на прво место“ кое го спроведе Центарот за управување со промени и АЛКА. Апсурдно е општина која со 47% се води како „најтранспарентна“ во РМ притоа да не одговара на Барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

 

Истражувањето е спроведено на 1.330 испитаници во 8 поголеми општини и истото покажало дека генерално преку веб страниците, општините и градот Скопје обезбедуваат делумна транспарентност, но минимална отчетност, со многу ограничени можности за двонасочна комуникација и без електронски алатки за консултација на граѓаните. Од областа на финансии, најголем дел од испитаниците сметаат дека најмногу им се потребни следните податоци: предлог – буџет на ЕЛС, усвоен буџет на ЕЛС, завршна сметка, предлог и усвоен граѓански буџет и извештај за реализација на јавните набавки.

Владимир Тевчев, дописник од Велес вели дека општинските власти секогаш се правдаат дека ако нешто е објавено на веб сајтот на општината, по дефиниција целата јавност е запознаена со тоа.

„Има многу луѓе, посебно повозрасните коишто не користат интернет и не се информираат преку веб сајтот на општината. Затоа се тука локалните медиуми, локалните телевизии кои многу малку се користат за оваа потреба на општината“.

 

БИТОЛА НЕ КАЖУВА НА ШТО ПОТРОШИЛА МИЛИОНСКИ СУМИ

 

Иако не ги добивме фактурите од општина Битола, ги добивме сумите кои се трошени на годишно ниво за репрезентација.

Од добиениот одговор се забележува дека станува збор за милионски суми, но не може да имаме увид за што се потрошени тие пари.

Исто така, поднесена е жалба до општина Охрид. На барањето да ни се достават фактурите, од општината одговорија дека поради обемноста на материјалите не се во можност да ги испратат, но може да се изврши увид на истите во нивната општина. Отпатувавме и во Охрид.

Нашиот обид за увид во документацијата во општинската зграда беше оневозможен, наводно поради политичката состојба. Поточно поради истечениот мандат на градоначалниците со објаснување дека градоначалникот не можел да стави потпис на документите што врз основа на Законот за слободен пристап до информации ги побаравме и од оваа општина.

Притоа, не беше прифатено нашето укажување дека не е неопходен, дури е и непотребен потпис од страна на градоначалникот, ниту на било кое друго службено лице во општината за законски да ги добиеме документите што ги бараме, а кои се од јавен карактер и кои се од интерес на граѓаните бидејќи се работи за трошење на нивните пари.

Поради ова игнорирање и неовозможување на легитимен увид на јавноста во фактурите кои евидентираат трошење пари за репрезентација, од страна на новинарскиот тим е поднесена жалба до Комисијата. Општината одговори на жалбата, т.е ги достави бараните информации.

 

ОПШТИНИТЕ СЕ НЕТРАНСПАРЕНТНИ ПРЕД ЈАВНОСТА

 

Истражувајќи за тоа како, колку и на што градоначалниците и другата администрација ги трошат општинските пари, екипата на СКУП контактираше и неколку новинари дописници за нивните искуства и впечатоци на темата што ја истражуваме. И тие, како и нашите сознанија се пожалија на не-транспрентноста на општините.

 

Владимир Тевчев, долгогодишен дописник од Велес за повеќе медиуми во Македонија вели:

„Немам многу искуство околу тоа како општината ги троши јавните пари. Што се однесува до достапноста на новинарите до општинските власти или поточно до градоначалникот бидејќи не само во Велес, туку и во цела Македонија, општините се толку централизирани. Само градоначалникот може да дава изјава. Дури ниту портпаролот, таму кај што го има, не е овластен да се појавува за да дава изјава. Тука во Велес досега не сме имале проблем, секогаш кога ни требала некаква изјава или став од градоначалникот од општината. Тој бил тука, скокнувал во пресрет на новинарите. Ретко одржува прес-конференции, меѓутоа најчесто се одѕива на повиците на новинарите за да даде изјава. Ние новинарите, точно е дека сме постојано информирани за настаните коишто ги организира општина Велес, но тоа се настани кои не се од витално значење за подобрување на  животот на Велешани. Така што, ако го сумираме сето ова што го кажав, мое мислење, мој впечаток и како новинар и како граѓанин е дека општина Велес не е најтранспарентна пред граѓаните“.

 

Иван Бојаџиски, новинар од Штип вели дека и покрај неговите неколкукратни обиди да добие информации како и колку пари се трошат за репрезентација преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не успеал да добие никаков одговор.

„Тоа е една од лошите страни на злоупотребата на власта, затоа што парите на граѓаните се злоупотребуваат на еден прилично вулгарен начин. Наместо да пренаменат за решавање на нивните потреби, како и повисоките делови на градот  кои веќе остануваат без вода заради тоа што нивото на водите во бунарите е значително опаднато. Имаме ситуации на населби до кои патиштата се уште не се направени, како и дупки на патиштата на штотуку асфалтираните патишта и не се интервенира таму, но затоа се интервенира во кафеаните“.

Бојаџиски вели дека станува збор за страшна неодговорност во однос на отчетноста на првите луѓе на општината. Но, штипската јавност сака и има право да знае каде и како се трошат општинските пари, посебно колку од тие пари завршуваат во разни кафеани, хотели, мотели и рибници.

 

Истражувањето покажа дека дел од општините во Македонија трошат милионски суми за репрезентација. Меѓу кои, Град Скопје, Охрид, Кавадарци, Илиден и Ѓорче Петров за последните пет години вкупно имаат потрошено над 10 милиони денари за репрезентација. Односно, на годишно ниво општините во просек трошеле од 1.000 до 2.000 евра.

 (види инфографика од првиот дел)

 

За крај на гозбите доминираат мешпајзот и кафето

Од помалите општини како Шуто Оризари, Зрновци, Лозово и Студеничани, сумите потрошени за репрезентација за последните пет години се помали од 1 милион денари.

За разлика од големите општини, кај помалите најчесто угостителските услуги се во просек од 100 евра за еден ден. Во ручеците вклучени се алкохолни пијалоци  како ракија, пиво, вино. Се јаде скара, најчесто плескавици, салати. Се пијат и кафиња, минерална вода, сокови. За крај на гозбите се нарачуваат и слатки.

 

Поранешниот градоначалник, Андреј Петров се надоврзува за трошоците кај помалите општини:

„Кај помалите општини нема толку големи извори на средства за да има големи трошоци. Но кај помалите општини има еден проблем, а тоа што тие се огледуваат на поголемите општини. Штом тој може да прави така па и јас сум градоначалник и јас можам да правам така, што е погрешно“

 

Парите од буџетот одвоени за репрезентација исто така се користат и за угостителски услуги за гости во општината. Па така, ручеците за гостите во општина Вевчани во просек се околу 100 евра. Специфичен е примерот со седенки организирани за директорите на “Макпетрол” и за музичката група“Ван Гог” каде се потрошени и до 25.000.оо  денари за по еден ручек.

 

Сличен е примерот и со општините Центар Жупа и Липково каде што доаѓале гости во општината.

Надлежните од општина Центар Жупа, изминативе години најмногу соработувале со ресторанот „Колонијал“, „Амир маркет“, Таверна „Цами“ – Дебар, Ресторан „Дрилон“ – Дебар.

 

 

ТРОШАЧКИОТ АМБИЕНТ Е РЕФЛЕКСИЈА НА НИСКАТА ОПШТЕСТВЕНА МОРАЛНА МАТРИЦА

 

Факт е дека во Република Македонија, општинските пари наменети за репрезентација се користат без некакви строги правила и прописи.

Надлежните купуваат овошје и зеленчук во текот на целата година, дневните сметки за ручеци ги надминуваат сумите од 100 евра, а не се штеди ниту на слатки, бонбони, алкохолни пијалаци и подароци.

На фактурите се сретнуваат и плишани играчки, букети, подароци и сувенири.

Со ваквиот трошачки амбиент на парите на граѓаните, Македонија е далеку од странските примери, каде во општините, дел од градоначалниците ги подмируваат „луксузирањата“ од свои пари наместо од народните.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

коментар(и)