Безмилосна експлоатација на природата: се уништуваат реки и почва, трпи земјоделството

Пишува: Горан Лефков

Концесиите за користење на минерални суровини и води се издаваат без многу административни проблеми, но државата нема скоро никаква придобивка. За експлоатација на нејзините ресурси од приватни бизниси државата наплатува само 8 милиони евра годишно.

Иако се издадени концесии за 50-тина видови минерални суровини, сепак најмногу концесии има издадено за експлоатирање на варовник – 110, за вода – 47 и за песок и чакал – 43 концесии. За експлоатација на мермер има издадено 33 концесии, за кварц 30 концесии и за глина 15 концесии.

Според базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), 264 фирми имаат добиено концесија од Министерството за економија за да користат минерални суровини. Вкупно се издадени 358 вакви концесии. Површината на земјата која е опфатена со овие концесии е 349 километри квадратни што е 1,4 % од вкупната територија на државата.

Спуштање на нивото на реките

Копањето на песокот влијае многу лошо на вкопувањето на реката. Се создава ефект на брзаци и ја носи подземната влага. Ваквиот процес е многу штетен за земјоделството и врз животната средина воопшто.

„Копањето на песокот од економска гледна точка е лошо за земјоделските површини бидејќи, го спушта нивото на реката подолу и не можеме да ги наводнеме нивите покасно. Ни трошат премногу вода“, вели Нисев.

Во Кочанското поле има хидросистем за наводнување кој ја снабдува Виничката, Кочанската котлина, дел од Штипскиот земјоделски регион и дел од Овче Поле. Со овој систем управуваше Водостопанското претпријатие Брегалница од Кочани.

Многу полоша е состојбата во Коњаре. Таму реката е единствениот извор за вода за земјоделските површини.

„Имаше повеќе семејства што се занимаваа со земјоделство во нашиот крај, за жал со уништувањето на површините многу граѓани мораше да бараат друга работа или да заминат од овде“, вели Емини.

Пред 13 години во Коњаре беше најголемиот овошен расадник за Македонија и Јужна Србија. Површината му беше околу 30 хектари.

Тој додава дека произведувале бостан, компири, пиперки. Над 100 семејства се хранеа од овој расадник од Средно и Долно Коњаре.

Уништување на останатата инфраструктура

Копањето на речните корита се врши без план. Никој не испитал колку близу може да се копа до инфраструктурни објекти. Посебно се осетливи мостовите. Поткопувањето на стабилното тло на мостовите значи и нивни рушење. Во изминативе 15 години, сите четири моста на Брегалница од Виница до Штип пропаѓаа заради нестручно ископување на песок. Последен во низата беше мостот на Брегалница кај Долни Балван.

„Потрошивме 150.000 евра за санација на мостот кај Долни Балван, минатата година. Побарав како градоначалник од Државниот инспектор за води Лидија Зафировска, да изврши увид на состојбата и да утврди дали мостот е паднат од поткопување на столбовите“, вели Виктор Паунов градоначалник на Општина Карбинци.

Тој додава дека од Државниот инспекторат му вратиле дека мостот не е поткопан од копачите на песок.

„Уште порано им кажав дека ќе го поткопаат мостот на Брегалница под Долни Балван. Пред 25 години, поранешниот градоначалник на Општина Карбинци, Боро Гаврилов поднесе кривична пријава против директорот на  Водостопанското претпријатие во Штип за копање околу мостот од каде попушти еден од столбовите на мостот. Едвај се извлече тогашниот директор на Водостопанство Штип. Ако не го казнија и условно“, се сеќава Нисев.

Пред 10-тина години од нестручно копање се сруши мостот кај село Кучичино, пред неколку години тоа беше мостот кај Грдовци.

„Сега се копа песок и тоа без никаква мерка. Објекти страдаат. Пред некое време поминав по патот Грдовци- Зрновци копале дупки покрај патот, ми се чинеше дека патот ќе пропадне“, вели Нисев.

Иако побаравме изјава од единствениот Државен инспектор за води, Лидија Зафировска, истата не ја добивме. Таа прво ни закажа средба за интервју, за потоа да ја откажа.

Инаку, најголем надомест за експлоатација на руда во земјава плаќа рудникот Саса, и тоа 2,2 милиони евра годишно. Заедно со рудникот Бучим овие две рудници годишно плаќаат дури 43 проценти од вкупните пари што се слеваат во државната каса за експлоатацијата на суровините. Трети се Електрани на Северна Македонија со надомест од 872 илјади евра. Но, имаа и од оние кои не го плаќаат предвидениот надомест. Од 358 доделени концесии, дури 19 не го платиле пресметаниот надоместок за користење на просторот за 2019 година.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)