БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ СО ПАРИ

Автор: Љубица Иванова

Изминативе неколку денови, најчестите коменари меѓу највозрасните граѓани се однесуваат на во еден ден потрошените термини, а всушност потрошените бесплатни вакцини што ги најави Министерството за здравство како превентива од традиционалните вируси од грипозни заболувања во овој период од годината.

Во Центарот за јавно здравје во Скопје наидовме на полупразни ходници. Термини нема, а нема ни гужви. Каде толку бргу, за ден, два се потрошија најавените 28 илјади бесплатни вакцини, а мнозинството највозрасни останаа невакцинирани?

Граѓаните опфатени во мерката стравуваат дека нема да има доволно бесплатни вакцини за сите, а само во првите два дена од најавата за почеток на вакцинацијата, се потрошени сите термини за бесплатни вакцини.

Особено засегнати по оваа прашање – пензионерите, како една од категориите опфатени во мерката – бесплатно вакцинирање против сезонски грип, ги споделуваат нивните искуства:

П.К – пензионер, Скопје:
Бев на матичен лекар да ми закаже термин за бесплатно вакцинирање, немало. Дојдов во Центарот за јавно здравје, гужва нема ниту во делот за бесплатно, ниту пак во делот за вакцинирање со наплата, зошто тогаш викаат дека нема термини?!“
Ќе си платам – додава тој – не ми се чека, страв ми е да не се разболам.


Од друга страна – матичните лекари велат дека никој не ги известува дали и кога ќе има следни термини за бесплатно вакцинирање и сè се сведува на системот Мој термин.


Вработен во одделот за вакцинација при Центар за јавно здравје Скопје, кој не сакаше да се престави, објаснува дека станува збор за резервирани вакцини, за секоја резервирана вакцина има упат, вели таа, колку вакцини има толку термини има можност да се пуштат и тоа го регулира Министерството за здравство.
На некои луѓе не им се чека терминот кој им го закажале, па одат и си плаќаат за вакцина, бидејќи упатот истекува за седум дена, значи дека после седум дена се поништува упатот кој не е искористен и се ослободуваат нови термини. “ – додаваат од одделот за вакцинација при ЦЈЗ Скопје, акцентирајќи дека ги примаат сите пациенти, без разлика на датумот на терминот – дали е денешен или за некои од наредните два, три дена.

Но, овој исказ за СКУП, од надлежната институција ЦЈЗ, го демантира искуството на еден пензионер. Тој вели:
„Пријател бил неколку дена пред закажан термин и не му правеле проблем, ја примал вакцината. Дојдов и јас порано да ја примам вакцината, гужва нема, но одбиваат, ми велат да сум си дошол во терминот кој ми е запишан. “

Матичен лекар во Општа болница Струмица исто така за оваа сторија на СКУП, вели:

 „Минатата недела кога за прв пат беа пуштени термините, во рок од дваесет минути беа потрошени сите. Потоа, целата наредна недела немаше термини. Во понеделникот пак, кога баа пуштени нови термини, ги снема за десет минути. Пациентите не веруваат дека нема термини, се расправаат со нас.“ – вели матичниот и додава дека до нив не стигаат известувања за тоа дали и кога ќе има повторно термини за бесплатни вакцини против грип.

Повеќето пензионери се жалат дека нивните лекари или не ги известиле, или не знаеле да им кажат дали од страна на Министерстото ќе бидат пуштени нови термини па се решаваат да си платат за да не бидат изненадени од опасното вирусно заболување.

Пензионерите плаќаат за вакцини против грип иако мерката – бесплатно вакцинирање е уште на сила

Зоран Иванов – пензионер, вели дека од матичниот лекар не добил известување за дополнителни термини и додава:
Како што најави министерот, вакцините за заштита од грип ќе биле бесплатни за сите осигурени лица постари од 65 години. Со моите 70, само ден по објавување дека кај матичниот лекар се закажува термин за вакцинација, добив корпа за бесплатна вакцина, со образложение од мојот матичен дека се потрошени сите термини за оваа сезона. Од мојата амбуланта „Идадија“ ме упатија да си се вакцинирам во ЦЈЗ „Пролет“ и да си платам 650 денари.“
Башка што, како што вели тој, се вакцинира веќе десет години и наместо како досега, во октомври, вакцините се пуштени дури на крајот на ноември.

Мал број на бесплатни вакцини биле обезбедени во однос на опфатените категории граѓани во мерката
Министерот за здравство, Венко Филипче во најавата за бесплатното вакцинирање против сезонски грип, изјави дека се набавени 28.000 вакцини, кои се бесплатни и наменети за пет категории: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени и здравствени работници.
Министерот напомена и дека Центрите за јавно здравје имаат набавено 21.000 комерцијална вакцина, односно вакцини кои се плаќаат.
Што значи дека за оваа година биле набавени вкупно 49.000 вакцини.

Но ако се тргне од фактот дека во Македонија има над 300.000 пензионери и огромен број од нив или повеќе од 250.000 се постари од 65 години, тогаш изненадуваат пресметките на надлежните за набавени само 28.000 бесплатни вакцини.

Овие факти упатуваат на одговорот на прашањето зошто за ден, два се потрошени сите термини за бесплатно вакцинирање и зошто не можат до бесплатна вакцина да дојдат сите граѓани опфатени во мерката. Разликата меѓу набавените 28.000 бесплатни вакцини и 250.000 македонски граѓани со над 65 години е повеќе од очигледна. Се разбира, сите граѓани не се заинтересирани за вакцините, но од година во година интересот е се поголем, а планирањето на количествата очигледно не кореспондира со реалните потреби.

Нелогични планирања на годишните количества вакцини

„Количината на вакцини која е набавена за оваа година е основа да се процени одзивот на граѓаните, а согласно тоа и да се процени потребната количина во наредните сезони“ – вели Д-р Бранка Величковска од министерство за здравство, координатор на програма за имунизација од Одделение за превентивна здравствена заштита, Сектор за превентивна и примарна здравствена заштита, додавајќи дека министерството е во процес на обезбедување дополнителни 14.400 вакцини против грип кои ќе бидат достапни за здравствените работници и другите приоритетни групи, и дека од понеделник се пуштени дополнителни термини, така што заинтересираните граѓани кои спаѓаат во горенаведените групи ќе може да закажат термин.

Пензионер кој го сретнавме на шалтерот за наплата на вакцини вели:
„Чекав минатата година за термин и си останав без вакцина. Годинава ќе си платам.“

Во Клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје, наидовме на плакати кои останале излепени од лани, кога мерката беше ограничена за пензионерите, односно кога бесплатното вакцинирање во однос на пензионери, се предвидуваше само за оние кои немаат пензија или висината на нивната пензија, во септември 2018 година била помала од 14.448 денари.

Тоа е дополнително збунувачки за пензионерите, иако оваа година мерката е наменета за сите лица над 65 години, без разлика на висината на нивната пензија.

Д-р Величковска – Министерство за здравство:
Бидејќи минатата година не беа потрошени сите вакцини, оваа година пилот програмата за бесплатна вакцинација е проширена на сите приоритетни групи за вакцинација согласно препораките на Светската Здравствена Организација, вклучувајќи ги и лицата над 65 години без никакви ограничувања за висина на примањата.“

Министерството за здравство од минатата година ја воведе оваа нова пилот програма за бесплатна вакцинација против грип, како пилот проект и лани беа набавени 28.000 вакцини.

Оставете коментар

коментар(и)