Битолската општина најмераклија за рекламирање

Пишуваат: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ


Додека Битола убедливо води во трошењето пари за реклама и соопштенија и тоа најмногу во списание за хумор и сатира, најголем промет оствариле весниците Нова Македонија, Вечер и сега затворениот, Утрински весник.

Член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година предвидува забрана за рекламирање со која единиците на локалната самоуправа не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери. Меѓутоа, оваа година постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се дополни со нов член кој предвидува дека договорите кои општините ги склучиле врз основа на член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, остануваат во сила се до истекот на нивната важност. Па така, во меѓувреме, користејќи го овој простор, општините имаат потрошено и предвидено трошоци за рекламирање и објавување на соопштенија во медиуми и за тековната 2019 година.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во изјава за СКУП велат дека неколкупати реагирале во врска со законските измени.

„На 6ти февруари, регулаторот се огласи и со јавно соопштение при што посочи дека е несоодветно одредбата со која се предвидува дека државните и  јавните институции не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со своите услуги преку комерцијалните радија и телевизии, да биде дел од Законот за аудио и аудиовизуелни медиуски услуги, затоа што овој Закон се однесува на работењето на радиодифузерите, а не на државните и јавните институции“ – појаснуваат оттаму.

Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии, вели дека едно од објаснувањата зошто општините сѐ уште се рекламираат во медиумите ќе биде оправдувањето дека имаат тендерски договори кои се направени пред менување на законот, што значи дека ќе ги почитуваат договорите.

„Второто е дека начинот на кој тие медиуми се рекламираат претпоставува една сериозна врзаност меѓу локалните медиуми и општинската власт. Бидејќи немаме доволно силна економија или фирми кои би се рекламирале во локалните медиуми“ – дополнува Трајкоска.

ОПШТИНИТЕ ДЕЛУМНО ТРАНСПАРЕНТНИ

Вкупно 2.726.459 евра се потрошени од  51 општина за рекламирање и објавување соопштенија во медиуми за изминатите 5 години. СКУП дојде до оваа бројка откако ги анализираше информациите од општините во Република Северна Македонија.

17 Општини кои не дале одговор 7 Општини кои одговориле дека немаат склучено договори 6 Општини кои не ја прецизираа конкретната бројка во одговорот
Арачиново, Брвеница, Врапчиште, Град Скопје, Дојран, Зелениково, Илинден, Кавадарци, Конче, Крушево, Липково, Лозово, Ново Село, Росоман, Сарај, Чаир и Тетово.

Кратово, Маврово и Ростуше, Пласница, Ранковце, Студеничани, Чучер-Сандево и Теарце.

Пехчево, Струмица, Центар Жупа, Чашка, Дебарца и Ресен.

Шест општини кои не ја прецизираа конкретната бројка на потрошени пари всушност до СКУП доставија аналитички картици кои ги има во прилог на документацијата.

Во однос на тоа дали рекламирањето е правилно или не, Трајкоска образложува дека ако гледаме теоретски, таков тип на врска претставува одредена доза на клиентелизам и корумпирање на локалните медиуми. Државните функционери најчесто сакаат да се појавуваат на телевизиите и публицистички да се изложуваат, меѓутоа таа смета дека постојат многу начини тие да бидат транспарентни а да не користат реклами.

ИЗМИНАТИТЕ 5 ГОДИНИ НАЈПРОМЕТНО ВО НОВА МАКЕДОНИЈА, ВЕЧЕР И УТРИНСКИ

Општините соработувале и се огласувале во вкупно 174 медиуми, продукции и агенции. Помеѓу најзастапените медиуми што ги користеле најголемиот дел од општините се фирмите кои ги издаваат или издаваа дневните весници Нова Македонија, Вечер и Утрински весник – РЕПРО ПРИНТ, ВЕЧЕР ПРЕС и МЕДИА ПРИНТ.

Други најчесто користени медиуми се: ТРД РТВ ОРБИС БИТОЛА, ТРД ТВ ТЕРА Дооел Битола, ТВ Ирис Штип, МИА, Македонски Медиа Сервис, Медиа компани АТВ, Биро за јавни набавки Скопје, Службен Весник на РМ, ТВ Канал плус Скопје, ТВ стар Штип, Слободен печат Скопје, ФМ 90.3 Спортско радио, ТРД ТВ МТМ Дооел, Канал 77, Коха Продукцион и ТВ Едо.

БИТОЛА СО НАЈМНОГУ ТРОШОЦИ ЗА РЕКЛАМИРАЊЕ И ОГЛАСУВАЊЕ

Битола своите абери до народот низ годините ги проследувала најчесто преку БЕЗ НАВРЕДА Магазин за хумор и забава – Битола, НИП ЛИПЕКС Дооел – Битола, РЕПРО ПРИНТ – Скопје и ЈАВНОСТ ДООЕЛ Битола. Во неколку наврати соработувала и со ТРД ХДТВ МЕГА ДООЕЛ СКОПЈЕ, ВЕЧЕР ПРЕС Дооел – Скопје, ТРД РАДИО 106 Битола и РАДИО АКТУЕЛ Битола. Истите абери општината ја чинеле од 234,549 евра.

Зад Битола е Гевгелија, со потрошени 232.390 евра и најчесто соработувала со РЕПРО ПРИНТ – Скопје, ВЕЧЕР ПРЕС Дооел – Скопје и ТВ Нова Гевгелија.

Општина Охрид од 2015 до 2019 година(согласно август) за рекламирање и објавување соопштенија во медиуми има издвоено 198,819 евра. Охриѓани најчесто се информирале од О2 ТВ, ЛТ Трејд, Мегастар, Охридњуз, ТВМ и Охрид 24.

Нешто помалку од Охрид, односно 184.488 евра има потрошено Прилеп за истата намена. Во одговорот од Прилеп не е евидентно за кои медиуми се потрошени овие средства.

Велес за изминатите 5 години има издвоено 164.229 евра. Единствен медиум кој што е наведен во одговорот е К1 Телевизија, со кој во период од јули 2015 до октомври 2017 година, Велес склучува договор за рекламирање и објавување на соопштенија.

157.008 евра потропшила општина Карпош за склучените договори за рекламирање и објавување соопштенија во повеќе електронски, печатени медиуми и веб-портали. Дел од медиумите со кои Карпош најчесто склучувале договор се: 24 Вести, КОХА, МИА, НАША ТВ, НЕЗАВИСЕН ВЕСНИК и ЕДО ТВ.

Општина Гостивар во изминатите пет години соработувала со 21 медиум помеѓу кои: Тв Коха, Тв Ера, Медиа Принт Македонија, Шќиптарија, Радио Про ФМ и Плус Инфо Медиа. За рекламирање и објавување соопштенија во горенаведените и други медиуми Гостивар има потрошено 148.629 евра.Куманово, во последните пет години најчесто соработувала со: ДПТУ Кумановски Муабети ДООЕЛ Куманово, Телевизија Плус ДООЕЛ Куманово, Радио Канал 77 ДООЕЛ и Тастатура. За оваа соработка Куманово потрошиле 113.725 евра.

НАЈМАЛКУ СЕ ТРОШЕЛО ВО ВЕВЧАНИ И СТАРО НАГОРИЧАНЕ


Најмалку трошоци, односно од 500 до 5.000 илјади евра имаат потрошено вкупно седум општини помеѓу кои Демир Капија, Зрновци, Јегуновце, Шуто Оризари, Богданци, Вевчани, Старо Нагоричане. Овие општини, рекламирањето и објавувањето на соопштенија го реализирале во од 1 до 4 локални медиуми помеѓу кои: Радио Кочани ФМ, ТВ Кочани ЛД, ТВ Канал 8, ТВ ИРИС Штип, Канал Еден ТВ, Тастатура ДООЕЛ Куманово, БУМ Радио Куманово, Охрид Нет, АБВ на македонското стопанство, Телевизија Кобра и МИА.

Трајкоска, лично е песимист. Таа смета дека без оглед на било која влада или владејачка гарнитура да биде на локално и национално ниво, ќе има ваков тип на интерес и волја да се прекинат клиентелистичките врски помеѓу медиумите, политичките центри на моќ и јавната и државната администрација.

„Впрочем, и последниот одговор на државно ниво на владејачката структура во парламент, дека трошат пари на реклами, дека разликата помеѓу нив и ВМРО била дека тие трошат пари само од партиски средства а не владини средства. Да, навистина, можеби е така, но резултатот повторно е ист, тие владеат со телевизискиот, пред се простор, многу месеци пред официјално да почне кампањата, даваат пари на медиумите и на тој начин воспоставуваат клиентелистички врски. Веројатно е легално и законски но дефинитивно не е етички и морално“ – заклучува таа.

Оставете коментар

коментар(и)