Газдите на 408 компании се „кријат“ вo 28 офшор држави (Прв дел)

Автор: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Над 400 компании регистрирани во земјава се во целосна или делумна сопственост на други компании, чие седиште се наоѓа во странски држави коишто важат за специфични јурисдикции, или таканаречени офшор зони. Во рамки на истражувањето што го спроведовме, откривме 408 правни лица во македонскиот трговски регистар, чии сопственици всушност не се физички лица, туку други фирми лоцирани во вкупно 28 странски држави што се сметаат за офшор подрачја.

Според податоците што ги обезбедивме, најголем број од овие компании во земјава имаат сопственици од европски држави коишто нудат разни финансиски поволности, но, истовремено важат за претежно стабилни и доверливи финансиски системи. Воедно, меѓу нив се сретнуваат и безмалку сите даночни оази во Централна Америка и Атлантикот, кои нудат и највисок степен на дискреција и приватност околу сопственичната структура.

Официјалните информации до кои дојдовме говорат дека повеќе од половина од овие компании имаат сопственици од 3 европски држави со офшор елементи – Холандија, Швајцарија и Кипар. Но, високо на списокот котираат и класични офшор земји, како на пример Делавер, Британските Девствени Острови, Панама, Обединетите Арапски Емирати, Хонг Конг. На крајот, во помал обем застапени се и бројни далечни егзотични дестинации, како Џерси, Кајмански Острови, Сент Китс и Невис, Бахами и многу други.

Компании регистрирани во Македонија во (ко)сопственост на други компании со седиште во странски држави со офшор карактеристики

Иако веќе две години на сила се законски одредби кои налагаат секоја компанија чиј сопственик е друга компанија од странство да пријави физичко лице како краен сопственик во посебен регистар во рамки на Централниот регистар, сепак, ваков регистар сѐ уште не профункционирал. Притоа, официјалното образложение за ваквото пролонгирање на регистарот е корона-кризата, како и фактот што тој треба да се поврзе со Регистарот на население.

Всушност, Регистар на вистински сопственици им е потребен на банките, нотарите, адвокатите, сметководителите, ревизорите и други безмалку 6 илјади субјекти во постапката за идентификација на идентитетот на нивните клиенти и за спроведување на анализа кога постои сомневање на вистинитоста на податоците на фирмите со кои соработуваат. Надлежната Управа за финансиско разузнавање лани утврдила дека некои субјекти ја заобиколиле ваквата законска обврска.

Во ваква ситуација, кога постои законска регулататива за откривање на „скриените“ сопственици во разни странски јурисдикции, меѓутоа сѐ уште не постои регистар каде тие ќе бидат евидентирани, премиерот Зоран Заев јавно ја изнесе идејата за овозможување на внес на странски капитал во земјава. Сепак, дел од експертите предупредуваат дека преку ваков процес може да се легализира сомнителен капитал кој моментално е во сопственост токму на офшор компании со непознати сопственици.

КОРОНА-КРИЗАТА ГО ОДЛОЖИ РЕГИСТАРОТ

Уште кон средината на 2018 година, тогашната Влада, врз основа на предизборните ветувања инкорпорани и во владината Програма, предложи сосема нов Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам, кој всушност претставува усогласување на старото законско решение со директивата на Европскиот парламент и Совет за употреба на финансискиот систем на ЕУ. За прв пат, со оваа директива се пропиша обврската за воведување на посебен регистар, односно единствен централизиран механизам за зголемување на транспарентноста на сопственичката и контролната структура на правните лица и аранжмани.

На тој начин, законското решение, усвоено по скратена постапка во Собранието, наложува сите компании во сопственост на други компании да ги откријат вистинските сопственици. Односно, компании во сопственост на странски друштва мораат како вистински или таканаречени бенефициски сопственици да пријават физичко лице или лица во Регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар. Арно ама, речиси две години подоцна, сѐ уште не профункционирал ваков Регистар.

Во однос на тоа, од Централниот регистар велат дека решението е во крајна фаза на тестирање на неговите функционалности и интеграција со останатите системи. Од таму посочуваат дека пролонгирањето на пуштањето на системот на продукција се должи на ковид-кризата, но и на донесување на соодветна законска регулатива. Во моментов, како што нагласуваат, во тек е процес на законски измени, кои дополнително го уредуваат преземањето и поврзувањето на податоците на релација меѓу Централниот регистар на население и Регистарот на вистинските сопственици.

МАРИЈА БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ, ДИРЕКТОРКА НА ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР: Регистарот на вистински сопственици е во крајна фаза на тестирање

Пред се, воспоставувањето на регистарот зависи од донесувањето на соодветна законска рамка која ќе овозможи поврзување на овој регистар со централниот регистар на население во надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација. Согласно регулативата за регистарот на население, сите регистри, односно административни органи во спроведување на каква било административна постапка по барање на граѓаните, каде се користат лични податоци, истите мора да се преземаат од овој регистар. Постојната законска регулатива која е во функција не го овозможува тоа, па се пристапи кон измени на законот, кој заради целата состојба на одлагање на избори и конституирање на Собрание не се успеа да се донесе навремено – посочува директорката на ЦР, Марија Бошковска-Јанковски.

Таа објаснува дека Регистарот на вистински сопственици претставува софтверско решение со основна функција – упис на податоци за сопственичката структура на субјектите, при што обврската за внесување на овие податоци ја имаат самите компании или нивните законски застапници. Воедно, директорката на ЦР вели дека системот претставува целосно електронско решение, со внесување на податоци онлајн, без поднесување на хартија или посета на канцеларија. Притоа, потенцира Јанковски, обврската за контрола на вистинитоста на внесените податоци е кај надлежните субјекти.

Функцијата на регистарот е евидентна. Централниот регистар не спроведува контрола на вистинитоста на внесените податоци. Вистинитоста на истите е дадена на контрола на надлежните субјекти (банки, нотари, адвокати….) кои склучуваат деловни односи со самите субјекти. Предвидена е соодветна законска одговорност на тој што ги пријавува податоците. Несоодветствувањето на пријавените со утврдените податоци се санкционира соодветно и има можност да се пријави до Управата за финансиско разузнавање – вели Бошковска-Јанковски.

ИДЕНТИФИКАЦИЈА НА ВИСТИНСКИ СОПСТВЕНИЦИ

Како тече постапката за идентификација на вистински сопственици? Мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари мора да спроведуваат вкупно 5.880 субјекти, колку што точно биле регистрирани заклучно со ланската 2019 година: адвокатски друштва (2.743), сметководствени бироа (2.115), менувачници (224), нотари (187), банки (15)… Меѓу другото, тие имаат обврска да спроведуваат анализа на клиентите со кои воспоставуваат деловен однос, особено ако „постои сомневање за вистинитоста на добиените податоци за идентитетот на клиентот“, т.е. за вистинскиот сопственик.

Законски, субјектите се должни да го идентификуваат вистинскиот сопственик врз основа на „податоци и информации од сигурни и независни извори, во обем адекватен на извршената проценка на ризикот“, со тоа што би биле уверени кој е крајниот сопственик. Односно, субјектите мора да ги обезбедат потребните податоци од оригиналната или заверената документација од трговски, судски или друг јавен регистар, или, пак, по пат на проверка на оригиналните или заверени документи и деловни евиденции. Ако не можат да ги добијат податоците на овој начин, тие се должни од клиентот да добијат писмена изјава заверена на нотар под материјална и кривична одговорност околу идентитетот на крајниот сопственик.

Во рамки на анализата на клиентите, субјектите се должни да ги проверат податоците добиени од клиентот и самостојно обезбедени од јавен регистар со податоците внесени во Регистарот на вистински сопственици. Па, ако вистинскиот сопственик на правниот субјект не е внесен или ажуриран во Регистарот, тогаш субјектот е должен да го одложи воспоставувањето на деловен однос се додека податоците не бидат внесени. Во таков случај, субјектот мора веднаш да ја извести Управата за финансиско разузнавање, од каде тврдат дека фактот што се уште не е воспоставен Регистарот не ја спречува обврската на субјектите да идентификуваат вистински сопственик.

БЛАЖО ТРЕНДАФИЛОВ, УПРАВА ЗА ФИНАНСИСКО РАЗУЗНАВАЊЕ: Субјектите сѐ уште имаат одредени потешкотии при идентификација на вистинските сопственици

Одредбите кои што се пропишани од Законот (во делот на Регистарот) ќе се применуваат од моментот кога Регистарот ќе биде воспоставен и пуштен во употреба во целост. Од тој момент, правните лица имаат рок во кој ќе треба да ги впишат податоците за сопствеништвото. Како и за сите други активности во општеството, корона кризата го забави и процесот на воспоставување на овој Регистар, но тоа нема никаква врска со идентификацијата на вистинските сопственици кои субјектите имаат обврска и понатаму да ја обавуваат во рамки на мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање на тероризам“, одговараат од Управата за финансиско разузнавање на чело со директорот Блажо Трендафилов.

Според Управата, сите субјекти не ја испочитувале ваквата законска обврска, со оглед дека во годишниот извештај на оваа институција за минатата 2019 година се наведува дека по спроведени редовни и вонредни контроли биле изречени глоби за една нотарска канцеларија и едно сметководствено друштво, кои основале деловен однос со клиент без претходно да го утврдат вистинскиот сопственик. Сепак, од таму не откриваат за кои субјекти и клиенти станува збор, но посочуваат дека кога субјектите се сомневаат во вистинитоста на документите имаат обврска да ја известат Управата, која потоа изготвува и индикатори за препознавање на сомнителни трансакции.

Имајќи предвид дека иако концептот на „вистински сопственик“ е стар концепт, од праксата е познато дека субјектите сѐ уште имаат одредени потешкотии при разбирањето и вршењето на идентификација на вистинските сопственици. Субјектите често се среќаваат со клиенти кои имаат правни форми и организации кои се регулирани во странски држави, меѓутоа не се препознаени како такви во националната легислатива или т.н правни аранжмани кои не секогаш имаат статус на правно лице или идентификациски ознаки“, посочуваат од Управата.

МОЌНИЦИ СО ПОЛИТИЧКИ ВРСКИ И ПЕРАЛНИЦА НА ПАРИ

Економскиот аналитичар во „Виенскиот економски институт“, Бранимир Јовановиќ, смета дека процесот на ставање во функција на Регистарот на вистински сопственици се одложува веќе повеќе од година и пол поради, како што вели, интересите на моќници со бизнис и политички врски и со претходната и со сегашнава власт, кои, според него, не сакаат да се знае каде тие фигурираат како вистински сопственици. Тој проценува дека овој процес ќе се одложува уште извесно време, за да можат луѓето што стојат зад овие компании да ги исчистат трагите.

Има две главни причини за водење бизнис преку компании регистрирани во офшор дестинации. Првата е да се избегне плаќање данок, втората е да се скрие сопственоста. Првата причина е почеста на глобално ниво, и кај нас има вакви фирми… Втората причина стана актуелна кај нас за време на претходната власт, кога многу од тогашните моќници и бизнисмени користеа офшор дестинации (како Белизе) за да скријат дека тие самите се сопственици на одредени фирми од оваа држава, кои добиваа државни тендери и сл. Дури, и одредени функционери од владава на СДСМ имаа такви релации – вели Јовановиќ.

Во тој контекст, тој има критичен став кон идејата на премиерот Заев за легализација на „непријавените“ пари со плаќање данок од 10 отсто. Според него, оваа идеја е надградена верзија на моделот на претходниот премиер Никола Груевски, кој додека беше на власт имаше обид да протурка уставни измени за отворање на финансиски зони, каде практично ќе можеа да влегуваат секакви пари од каде било во светот. Доколку идејата на Заев се реализира, Јовановиќ оценува дека земјава ќе стане држава-пералница на пари.

БРАНИМИР ЈОВАНОВИЌ, ЕКОНОМСКИ АНАЛИТИЧАР: Ако помине идејата за легализација на „непријавените“ пари, земјава ќе стане држава-пералница на пари

Секој ќе може да си ги легализира „скриените“ пари, стекнати на кој знае каков начин, без никаква проверка на потеклото, со плаќање данок од само 10 отсто. Колку за споредба, тарифите за перење пари на глобално ниво обично се движат од 20-30 отсто. Значи, поевтино ќе им биде на криминалците легално да си ги исперат парите кај нас, отколку да го прават тоа на разни нелегални начини – истакнува Јовановиќ, додавајќи дека краток е патот од „запленување на криминално стекнат имот“, до „легализација на криминално стекнат имот за само 10 отсто тарифа“.

Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети, пак, открива дека идејата за внесување на капитал во странство е поздравена во рамки на еден поширок неформален форум на експерти. Меѓутоа, како што порачува тој, овој концепт треба правилно да се дизајнира, со цел да се спречи внесувањето на сомнителен капитал, односно нелегално стекнат капитал во земјава и изнесен надвор. Тоа, според него, треба да се овозможи со законска рамка која ќе забрани внесување на средства на субјекти под истрага, независно дали се физички или правни лица.

Целта е да се опфатат луѓе кои порано или сега чесно заработиле средтва и одлучиле да ги изнесат надвор, а делот со офшор компаниите да биде мининален. Од нормативен аспект, ние како држава сме многу ригорозни во овој сегмент, меѓутоа друг аспект е како ова законодавство се спроведува. Има легитимни, а има и сомнителни офшор компании, но во држава каде институциите не функционираат, како нашата, овие компании се проблематични, предизвикуваат сомнежи, главно од аспект на потекло на капитал – коментира Беџети.

СПЕЦИФИЧНИ ЈУРИСДИКЦИИ И ДАНОЧНИ ОАЗИ

Во меѓувреме, сѐ уште остануваат незапишани сопствениците на четиристотини фирми во сопственост на други компании од странски специфични јурисдикции, од кои најголем број водат кон Холандија, Швајцарија и Кипар, каде се лоцирани газдите на вкупно 260 македонски правни лица, или повеќе од половина од целокупната утврдена бројка. Поточно, прва на листата е Холандија со 102 компании, по што следува Швајцарија со 93 компании, а на трето место е Кипар со 66 компании.

Понатаму, на оваа листа следуваат американската сојузна држава Делавер и европската земја Луксембург, од каде се основачите на 25, односно 19 македонски компании. Две помалку, или 17 фирми во земјава се во ко-сопственост на друштва лоцирани на Британските девствени острови, дел од Британските прекуморски територии. Потоа, на ред доаѓа средноамериканската држава Панама со 14 компании.

По 10 македонски друштва, или вкупно 30, поседуваат компании од две европски држави-Лихтенштајн и Малта, како и Обединетите арапски емирати. По нив доаѓаат Хонг Конг и Ирска, каде води капиталната врска со 8, односно 5 компании во Северна Македонија. Компании од 5 други држави, пак, поседуваат по 3 фирми, а тоа се: Џерси, Сингапур, Кајмански Острови, Сент Китс и Невис и Бахамите.

Специфични јурисдикции каде води сопствеништвото на над 400 правно активни компании во земјава

Исто така, компании од повеќе класични офшор зони поседуваат една или две компании во Северна Македонија. Така, од Сејшели, Гибралтар, Барбадос и Холандските Антили доаѓаат сопствениците на вкупно 8 компании, односно од секоја држава по 2. На крајот, по една компанија овде поседуваат друштва регистрирани на Ман, Сент Винсент и Гренадини, Сан Марино, Белизе, Бермуди и Американските Девствени Острови.

Патем, треба да се посочи дека во евиденцијата фигурираат и Маршалските Острови, од каде е содружникот на една компанија во земјава, меѓутоа таа е наведена кај Панама, бидејќи во нејзината сопственичка структура има содружник и од оваа држава. Иста е ситуацијата со уште две други фирми, при што едната има ко-сопственици од Џерси и Кипар, а другата од Лихтехштајн и Малта.

Инаку, заедничко за сите наведени држави се разните финансиски и даночни поволности за водење бизнис, минималните обврски во поглед на документација за регистрирање и менаџирање на фирма, како и заштита на идентитетот на сопствениците. Но, секоја држава има и одредени оригинални карактеристики, па оттука варира и цената и трошокот за основање на матична офшор компанија.

ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ДАНОЦИ, НО И ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИ

Во таа насока, во ценовникот на еден од најпознатите глобални провајдери за офшор услуги – швајцарски „SFM Group“, најскапи дестинации се токму Холандија и Швајцарија, каде формирање на компанија чини 5.700, односно 5.000 евра. Во рамки на оваа услуга спаѓа регистрација на фирмата од страна на агент, изготвување и доставување на потребните сертификати, плаќање на локални такси итн.

Според висината на трошоците за отворање на офшор компанија во странство, следуваат Кајманските Острови со 3.500, Гибралтар со 2.950, Малта со 2.800, Кипар со 2.400, Сингапур со 2.200, Бахамите со 1.590, Хонг Конг со 1.550, Британските Девствени Острови со 1.390, Сент Китс и Невис со 1.220 евра… Најевтини варијанти, со суми под илјада евра, се: Панама (990), Сент Винсент и Гренадини (990), Делавер (890), Белизе (860) и Сејшели (860).

Токму најскапите Холандија и Швајцарија важат за едни од економиите со најстабилно законодавство и одлична инфраструктура, чија придобивка се бројните договори за избегнување на двојниот данок. Меѓу државите со најниски даночни стапки на континентот спаѓа и Лихтенштајн. Слични карактериски имаат останатите европски држави, со тоа што Кипар се издвојува по банкарскиот систем, Малта по финансиските услуги, а Луксенбург по услужната индустрија итн.

Најскапи опции за регистрација на фирма се Холандија и Швајцарија, а најефтини се Панама, Делавер, Белизе и Сејшели ИЗВОР: „SFM GROUP “

Во врска со азиските јурисдикции, со поатрактивни даночни стапки се истакнува Сингапур, каде уште има исклучително ниско ниво на корупција и воедно е дозволена е стопроцентна странска сопственост. Исто така, тука се вбројува Хонг Конг, каде не се наплаќа данок на имот и данок на дивиденда. Дополнително, во Обединетите Арапски Емирати нема девизни контроли, квоти и трговски бариери.

Најголем број од наведените држави важат за големи светски финансиски и деловни центри, при што некои нудат и одредено ниво на заштита на приватните податоци на клиентите, со тоа што во одредени земји, како ОАЕ, идентитетот на сопствениците и акционерите се чува во тајност со закон. Сепак, оваа карактеристика е повеќе поврзана со класичните офшор дестинации, главно распоредени во Централна Америка и на островите на Атлантикот.

Според специјализираното друштво за корпоративни услуги „Offshore Company Corp.“, максимална доверливост, анонимност и приватност нудат Британските Девствени Острови, Белизе, Бахами, Сент Винсент и Гренадини, Панама, Сент Китс и Невис, Сејшели… Во скоро сите од нив деталите за сопствениците и акционерите не подлежат на јавно објавување. Освен тоа, фирмите се ослободени од сите локални даноци за приходи остварени надвор, нема контрола на пренос на средства итн.

НОМИНИРАН АКЦИОНЕР ИЛИ ОСНОВАЊЕ НА ФОНД

Во однос на можностите што ги нудат споменатите офшор јурисдикции, стапивме во контакт со реноминирани провајдери за ваков тип на услуги, пред кои се претставивме како македонски бизнисмени заинтересирани за отворање на офшор компанија со максимална можна заштита на сопственоста. Па, од еден од овие провајдери, со седиште во Маврициус, ни посочија дека меѓу јурисдикциите што строго ја чуваат приватноста на сопственичкото досие се Самоа, Сејшелите, Белизе, Маршалски Острови, Кајмански Острови…

Но, неодамна слушнавме дека Кајманските Острови можеби ќе ги објават сопственичките досиеjа после неколку години. Значи, ако сакате да формирате холдинг-компанија со тоа што записите за сопственост ќе бидат приватни, може да разгледате други од наведените јурисдикции. Притоа, компаниите на Самоа и Маршалските острови засега немаат барање за поднесување на директор, додека другите имаат барање за директорот во приватна евиденција, со тоа што на Кајманските Острови овие информации се достапни во јавноста“, објаснуваат од таму.

Од една интернационална компанија со седиште во Естонија, пак, предочуваат дека класични офшор зони како Сејшели, Белизе, Сент Винсент и Гренадини нудат приватност за сопствеништвото, меѓутоа во пакет со нив тешко е да се отвори сметка во банка во Европа. Затоа, како најповолна опција ја препорачуваат Хонг Конг, бидејќи се работи за престижна азиска јурисдикција, со достапна услуга за номинирани лица. Најбитно, потенцираат од таму, нема официјална размена на информации меѓу земјите.

РЕНОМИРАН ПРОВАЈДЕР НИ ГИ ПРЕПОРАЧУВА БРИТАНСКИТЕ ДЕВСТВЕНИ ОСТРОВИ: Компанија за 2-3 дена, досиејата за директорите и акционерите се тајни

Од друга страна, од друга компанија од ваков тип од Лондон сметаат дека најповолна варијанта се Британските Девствени Острови, од причина што може да се отвори компанија за 2-3 дена, за што се потребни минимум 1 директор и 1 акционер, без ограничувања на националноста или престојувалиштето. Патем, директорот и акционерот може да бидат една иста личност постара од 18 години, која не мора да ги посети Британските Девствени Острови, каде ќе биде официјалната канцеларија на компанијата.

Но, според речиси сите оператори што ги контактиравме, во сите класични офшор дестинации мора да биде пријавен таканаречен кориснички (beneficial) сопственик на друштвото, кој сепак се чува во строга тајност освен во случај ако таквиот податок го бара државен орган за одредена постапка. Меѓутоа, еден од нив предложи формирање на фонд како најдобар модел за прикривање на идентитетот на сопствеништвото.

Ако не сакате вашето име да биде прикажано како сопственик на компанијата, тогаш единствената вистинска опција ќе биде формирање фонд што би ги задржал акциите на компанијата што е поставена. Сепак, овој тип на услуга е поскапа во зависност од тоа каде се наоѓа фондот. Други опции би можеле да бидат употребата на номиниран акционер кој ќе биде наведен како акционер на компанијата на добиените документи што се издаваат, но очигледно ќе треба да бидете наведени како UBO (ultimate beneficial owner) – вели Д. Тидлар, консултант од провајдер регистиран во Дубаи, кој веќе 30 години успешно работи на пазарот.

Во следното продолжение ќе обработиме значаен дел од овие 408 компании, меѓу кои има фирми-ќерки и подружници на познати и реномирани меѓународни групации, но има и мистериозни друштва со непознати крајни сопственици, при што дел од нив водат кон лица од бизнисот, политиката, спортот и други сфери.

(Крај на Првиот дел)

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)