ЕДНИ ФИРМИ ШИЈАТ, ДРУГИ KЕШИРААТ

 

 

This project is funded by the European Union

 

 

 

 

 

 

 

Маичките за „Линк Медиа Плус“ ги шиела компанијата „Супер хит,“ ремените ги произвела фирмата „Југомлаз-1 ДООЕЛ. Од МВР за оваа набавка велат дека била од крајна итност, затоа не распишале тендер. Но, за неполна година МВР склучило три бизниси со оваа компанија „тешки“ 195.000.


ДОКУМЕНТАЦИЈА

ТАБЕЛАРЕН ПРИКАЗ НА ЛИНК МЕДИА


 

автор: Александра Филиповска

 

 

Фирмата „Линк Медиа Плус“ позната по тоа што веќе една деценија се грижи за новогодишното украсување на Скопје, ги „шие“ и поло маиците за полицајците, „произведува“ и ремени (опасачи) за помладите полицајци, ги пере полициските возила… За неполна година Министерството за внатрешни работи (МВР) склучило три бизниси со оваа компанија „тешки“ речиси 200.000 евра. А еден, е склучен без јавен повик, туку со непосредна спогодба.

 

 

МВР склучи бизниси со „Линк Медиа Плус“ тешки 195.000 евра

Министерството за внатрешни работи без јавен повик со непосредна спогодба за речиси 80.000 евра набавило маици и ремени (опасачи) за помладите полицајци преку фирмата „Линк Медиа Плус“ која ниту шие маици, ниту произведува ремени. Договорот со оваа фирма која и сега соработува со многу институции е склучен лани 2018-та година во април, кога МВР итно купила по 1.200 ремени и маици со кратки ракави со јаки од „Линк Медиа Плус“ и тоа ремените за 66.000 евра, односно 55 евра за парче, а маиците за речиси 13.000 евра, што е близу 10,5 евра за парче. Маичките за „Линк Медиа Плус“ ги шиела компанијата „Супер хит,“ ремените ги произвела фирмата „Југомлаз-1 ДООЕЛ Борче“.

Но, соработката не застанува тука. МВР во септември лани ја ангажирала „Линк Медиа Плус“ и за перење на полициските возила за две години, услуга која чини 38.000 евра. А годинава, не само маиците со јаки за помладите полицајци, туку „Линк Медиа Плус“ ќе „шие“ исти такви маици и за останатите полицајци од редовниот состав. Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека фирмата во март годинава го добила и тендерот за изработка на 7.000 маици со кратки ракави за полицијата. МВР за овој ангажман на „Линк Медиа Плус“ за  6.300 машки и 700 женски маици со кратки ракави ќе и плати близу 77.000 евра, или речиси 11 евра по маица.

 

МВР: Набавката на маиците беше од крајна итност

 

Ако двата договори се склучени по објавен оглас, првиот – тој за маиците со јаки и опасачите за помладите полицајци, вреден 80.000 евра е без јавен повик, туку со непосредна спогодба. Образложението од МВР е дека станувало збор за итна набавка.

Токму таквите итни набавки, склучени со преговарање во четири очи ја наметнуваат дилемата во јавноста која е економската логика и колку рационално се трошат парите на граѓаните и дали при „јавен“ натпревар меѓу повеќе фирми може да се постигне пониска цена?!

Според експертите, кога има подизведувачи цената најчесто е повисока за да остане дел од колачот и за фирмата-посредник која ја добила набавката и за производителот.

Секако дека при јавните набавки треба да се води сметка за ефикасно и економично трошење на државните пари. Поефикасно значи дека целта е да се добие квалитет за пониска цена. Нормално дека кога директно се набавува од фирма производител секогаш е поекономично, порационално и поевтино, отколку кога набавката оди преку посредник, бидејќи со тоа се зголемува и цената на производот“- вели Вања Михајловска, поранешен член на Антикорупциската комисија.

 

 

Од МВР велат дека набавката на маиците и на ремените морала да биде итна бидејќи тие предвреме не знаеле колку помлади полицајци ќе завршат со обуката, ниту кои се нивните конфекциски броеви за униформите, а време им одзела и изработката на новиот Правилник за униформи. На прашањето како ја поканиле токму „Линк Медиа Плус“ да достави понуда кога не е производител, од МВР велат дека доставиле покани до 15 оператори, односно до фирми кои претходно најчесто ги добивале ваквите тендери.

– Правното лице „Линк Медиа Плус“ во МВР во тек на 2018 година е избрано како најповолен понудувач за набавката на услуги за перење возила за период од 2 години и во постапка од крајна итност за набавка на униформи за помлади полицајци. Постапката за набавка на униформа за помлади полицајци се спроведуваше согласно закон со преговарање без претходно објавување на оглас, од причини од крајна итност предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст. Не може да се примени рокот за објавување на отворена постапка, ограничена постапка, постапка со барање за прибирање на понуди или постапка со преговарање со претходно објавување оглас. Договорот не е склучен со непосредна спогодба, туку по доставените покани до 15 економски оператори, понуди доставија три понудувачи за делот 3 од набавката – маици и два понудувачи за делот 7 – опасачи. По спроведените преговори, а не со непосредна спогодба, беше склучен договор со понудувачот кој поднесе најниска конечна цена.

Подизведувач за маиците е „Супер хит“ од Радовиш, а за опасачите е „Југомлаз-1 ДООЕЛ Борче“ од Скопје – одговорија од МВР.

 

 

Илјадници евра ќар од препродавање

 

Сопственикот на „Супер хит“, не сакаше да ни ги открие цените на маичките што ги сошиле за „Линк Медиа Плус“ бидејќи биле деловна тајна. Затоа се јавивме во две текстилни компании кои што шијат вакви маици. Цената што тие ја понудија беше 5 и 6 евра за парче со највисок квалитет и вклучени ознаки на маиците по наша желба. Само за споредба – МВР со првиот тендер со непосредна спогодба за 1.200 помлади полицајци ги платило 10,5 евра за парче, а со најновата набавка  за 7.000 полицајци, во просек по 11 евра по маичка.

Се јавивме и во фирмата што ги произвела ремените, „Југомлаз-1 ДООЕЛ Борче“ од Скопје за да ни кажат колку чини производството на ремените за полицајците. Сопственикот објасни дека тоа не биле обични ремени туку имале дополнителни 8 делови, футроли за пиштол, за лисици, пендрек, батериска ламба и други делови. Неговата цена за ист таков ремен што ни ја понуди доколку сакаме да купиме рече дека е околу 40 до 45 евра за парче. Додека, МВР ги платило по 55 евра за парче.

Според информациите од МВР, понудата на втората фирма што се јавила за производство на ремените, „Форес“ од Скопје била за 2 евра повисока од таа на „Линк Медиа Плус“, а за маичките втората фирма што се јавила, „Дона М“ понудила вкупна цена што била за 585 евра повисока од таа на „Линк Медиа Плус“. Затоа изборот паднал токму на „Линк Медиа Плус“. Од компаниите кои не ја добиле набавката не сака да коментираат ништо околу изборот.

Од МВР пак велат дека праксата покажува дека и кога за вакви набавки се јавувале и фирми производители, се случувало нивните цени да бидат повисоки од тие на фирмите-трговци. Како и зошто – и тие не знаат.

 

Вуков: Законот ми дозволува да имам подизведувачи на тендери

 

Инаку набавката на маиците и ремените е дел од набавката на целосни униформи на помладите полицајци вредна 227.000 евра. Таа е предвидена во планот за набавки на МВР за 2018 година, а во буџетот на полицијата се проектирани и парите што се планирани за трошење. А униформите на полицајците беа јавно промовирани во ноември лани.
– Со цел да се задоволат итните потреби од основна униформа на 1.200 нововработени припадници на полицијата, кои поради недостиг на униформа ја користат работната униформа од обуките, во итна постапка се набавени по 1.200 маици со кратки ракави, кошули, кратки јакни, вратоврски и во секој момент се чека испорака на чевли и ремени. Вредноста на оваа набавка изнесува 14 милиони денари (227 илјади евра) со ДДВ – изјавија од МВР во август 2018 година.

Сопственикот пак на „Линк Медиа Плус“, Ѓорѓи Вуков во телефонски разговор вели дека нема ништо спорно во тендерите што ги добива, а законот му дозволува да има и подизведувачи.
– Да не треба да ја затворам фирмата? Имам вработени, деца, семејство, плаќам даноци. Правам тоа што ми дозволува законот, а тој ми дозволува да имам подизведувачи. Пералната за возила е моја, има 14 вработени и е единствената перална што плаќа данок и издава фискални сметки – одговори кусо Вуков и потенцираше дека не сака да одговара на нашите дополнителни прашања. Пред да заврши со разговорот ни порача:

-Ќе видам што ќе објавите па ќе демантирам или тужам.

 

„Линк Медиа Плус“ е одамна позната во јавноста по новогодишното украсување на голем дел од општините во земјава во изминативе години.

Соработката продолжи и со актуелната власт, која жестоко ја напаѓаше оваа фирма додека беше во опозиција, особено за зделките во МВР кои надминуваа стотици илјади евра. Пред една деценија, во 2009 година, МВР и тогашната министерка Гордана Јанкуловска беа прозвани од тогашните пратеници од опозицијата, а сега власт, за зделките со „Линк Медиа Плус“ кои надминуваа милион евра. МВР тогаш набавуваше панцири, маици, ознаки за полицијата, а само за панцирите што ги произведе бугарската фирма „Марс Армор“, МВР и плати 700.000 евра.

 

За една година бизниси со државата од 600.000 евра

Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека компанијата „Линк Медиа Плус“ често соработува со институциите. За две години, во 2017 и 2018 година, откако на власт е новата влада, државата и доделила зделки со вкупна вредност од близу милион евра. А вкупната сума на зделките со институциите откако постои „Линк медиа Плус“ е тешко да се утврди затоа што има склучено стотици договори со низа централни и локални институции и тоа од набавки за формациска опрема за полицијата до садење цвеќе на булеварите.
И по промената на власта „Линк Медиа Плус“ добива општински тендери за новогодишно украсување. А покрај возилата на МВР, ги мие службените возила на Управата за финансиска полиција, Агенцијата за цивилно воздухопловство, набавува ХТЗ облека за Службата за општи и заеднички работи на Владата, одржува системи за наводнување, набавува дури и душеци за болницата во Прилеп. Во голем дел од тендерите неретко таа е единствен понудувач.

Истражувањето покажа дека оваа фирма лани, меѓу другите, пак ги доби тендерите за украсување и на Град Скопје и Општина Струмица од речиси 300.000 евра што е половина од вкупната сума за украсување што ја потрошија сите општини. Лани за новогодишно украсување, Град Скопје плати 260.000 евра, за 65.000 евра повеќе од претходната година. „Линк Медиа Плус“ беше единствен понудувач и немаше со кого да наддава, а градската власт зголемените трошоци ги оправда со тоа што за разлика од претходно, сега огнометот и уште два дополнителни булевари влегле во набавката.

-Со овој договор е предвидено новогодишно украсување на поголем број на јавни површини и булевари во централното градско подрачје, поставување на централната елка, како и огномет за новогодишната прослава. Причината поради што оваа година набавката имаше повисока цена е што за разлика од минатите години, обемот на украсување е поголем со дополнителни неколку булевари, а со овој договор е регулиран и огнометот кој во минатото се реализирал со посебна набавка. Фирмата „Линк Медиа Плус“ редовно ја врши оваа услуга во Град Скопје од 2009 година наваму, а во 2014 година тоа го прави заедно со фирмата „Лутарико“ (заедно настапуваат на јавната набавка) – одговорија од Град Скопје.
Други детали за набавката не откриваат. Само дека во тендерот за предминатата година кој тежеше 195.000 евра не е влезен огнометот, кој сега чинел дополнителни над 10.000 евра. Тоа би значело дека за огнометот и два дополнителни булевари, Град Скопје и платил на „Линк Медиа Плус“ 55.000 евра, сума која е далеку повисока од украсување на цела општина, како на пример, Струмица.

Оглас бр.85/2013

Носител на набавката – Линк Медиа Плус Скопје

Вредност на договорот: 1.394.760,00 денари со ДДВ

Има само еден понудувач.

Оглас бр. 51/2014

Носител на набавката – Линк Медиа Плус – Скопје

Вредност на договорот : 1.994.200,00 денари со ДДВ

Согласно чл.36а став 9 од Законот за Јавни набавки направено е анализа и истражување на пазарот, опфатени 12 економски оператори кои можат да одговорат на предметната набавка.

Испратено известување до сите нив за објавен оглас.

Има само еден понудувач.

Оглас бр.51/2015

Носител на набавката – Линк Медиа Плус – Скопје

Вредност на договорот 2.229.820,00 денари со ДДВ.

Согласно чл. 36а став 9 од Законот за Јавни набавки направено е анализа и истражување на пазарот, опфатени 12 економски оператори кои можат да одговорат на предметната набавка.

Испратено известување до сите нив за објавен оглас.

Има само еден понудувач.

Оглас бр. 42/2016

Носител на набавката – Линк Медиа Плус – Скопје

Вредност на договорот 2.499.240,00 денари со ДДВ.

Согласно чл.36а став 9 од Законот за Јавни набавки направено е анализа и истражување на пазарот, опфатени 12 економски оператори кои можат да одговорат на предметната набавка.

Испратено известување до сите нив за објавен оглас.

Има само еден понудувач.

Оглас бр. 38/2017

Носител на набавката – Линк Медиа Плус – Скопје

Вредност на договорот 2.499.240,00 денари со ДДВ.

Согласно чл.36а став 9 од Законот за Јавни набавки направено е анализа и истражување на пазарот, опфатени 12 економски оператори кои можат да одговорат на предметната набавка.

Испратено известување до сите нив за објавен оглас.

Има само еден понудувач.

Оглас бр.48/2018

Носител на набавката – Линк Медиа Плус – Скопје

Вредност на договорот 2.499.240,00 денари со ДДВ.

Со измените на Законот за јавни набавки во ноември 2017, член 36 а став 9 од истиот е укинат, согласно тоа договорниот орган нема обврска за истражување на пазарот и известување на економските оператори.

По објавувањето на огласот има само еден понудувач.

Од Општина Струмица потврдуваат дека во последните 6 години новогодишното украсување на градот припаѓа на „Линк Медиа Плус“. Од 2013 до 2018 година од Општината за китење, светилки и лампиони на фирмата и исплатиле вкупно 210.000 евра. Воочливо е дека таа набавка во 2013 година чинела 22.600 евра, а во последните три години сумата се удвоила и во сите три години изнесува речиси 40.000 евра. Иако во 2013 „Линк Медиа Плус“ била единствен понудувач на распишан тендер, во сите наредни години се одело со непосредна спогодба без јавна набавка, каде од повеќе испратени покани на економски оператори се јавувала само една – „Линк Медиа Плус“, која и била избирана. Од Општина Струмица велат дека сите јавни набавки се спроведени во постапка во согласност со Законот, објавени на ЕСЈН во транспарентна постапка.

 

Милионски зделки за лампиони

 

Освен за Струмица и за Град Скопје, „Линк Медиа Плус“ во изминатите години работеше на новогодишно украсување на плоштадите во Радовиш, Валандово, Крива Паланка, Куманово, Кавадарци, Гевгелија, Чаир, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Центар, Гази Баба, како и ГТЦ. За овој бизнис, на сметката на „Линк Медиа Плус“ се слеале илјадници  евра.

Само скопјани за новогодишно украсување на метрополата од 2009 година досега “искеширале” над 1,5 милион евра. Општината Карпош од 2011 до 2014 година платила 350.000 евра за украсување, а Гази Баба за истиот период платила 95.000 евра. Илјадници евра легнувале на сметката на „Линк Медиа Плус“ и од другите помали општини.
Од Општина Карпош, пак, велат дека за време на досегашниот мандат на градоначалникот Стефан Богоев, фирмата добила само еден тендер, лани во октомври, за мала набавка во вредност од 350.000 денари, одржување на автоматските системи за полевање на јавните зелени површини, при што на јавното наддавање учествувала само таа. Но, бизнисот со општината „цветал“ во времето на претходниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
– Во изминатите години биле склучени повеќе договори меѓу Општина Карпош и „Линк Медиа Плус“. Во 2014 година биле склучени пет договори, во 2015 година три договори, а во 2016 година биле склучени 18 договори – велат од Општина Карпош.

 

Карпошевци платиле 418.000 евра за зеленило на градски булевар

 

Сопственикот на „Линк Медиа Плус“, Ѓорѓи Вуков се јавува во сопствеништвото и на фирмата „Хрисинг Лутарико“. Како трет сопственик во „Хрисинг Лутарико“ пак се јавува фирмата „Лутарико“, каде сопственици се пак Ѓорѓи Вуков и Момир Симиќ. „Лутарико“ се јавува и во сопствеништво на фирмата „Вел Сити Груп“ од Велес. Што значи, покрај на „Линк Медиа Плус“, Вуков е во сопствеништвото и на три други фирми од градежниот бизнис. Покрај државните бизниси, фирмите каде и тој е дел од сопственичката структура граделе и станови, од кои, пак, добар дел се во општина Карпош. А токму фирмите „Линк Медиа Плус“ и „Лутарико“ на големо ја опслужувале Општината Карпош во времето на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека во последните години од мандатот на Јакимовски со овие две фирми биле потпишувани договори ден преку ден, а имало и по два договори потпишани во ист ден. Така, во периодот од 2014 до 2016 година, општина Карпош со „Линк Медиа Плус“ потпишала 27 договори тешки над 1,3 милион евра, а со „Лутарико“ само од април до август 2016 година, Јакимовски склучил 6 тендери тешки 1,1 милион евра.

„Линк Медиа Плус“ за Карпош се грижела за цветните насади, па само за обнова на цветен расад на булеварот „Партизански одреди“ Општината Карпош во 2015 година и платила 146.000 евра, а во 2014 година за хортикултурно уредување на истиот булевар и платила 150.000 евра. Во 2016 година за обнова на цветен расад на „Партизански одреди“ се потрошени 122.000 евра, што значи дека за три години зеленилото и цвеќињата на овој булеварот ги чинеле жителите на Карпош неверојатни 418.000 евра. Инаку, булеварот „Партизански одреди“ е во надлежност на Град Скопје, кој за цвеќиња и јавно зеленило има свое јавно претпријатие „Паркови и зеленило“. Општина Карпош, во времето на Јакимовски, на „Линк Медиа Плус“ и плаќала и за одржување на автоматскиот систем за наводнување, како и за хортикултурно уредување на други плоштади. Така, за реконструкција на тротоари на улицата „Франце Прешерн“, на компанијата, во 2016 година и се платени 222.000 евра. Општината имала бизнис и со другата фирма на Вуков, „Лутарико“. Нлиа пример, го градела плоштадот Пецо Божиновски Кочо спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ и фонтаната на него, за што добила 626.000 евра, и поставила урбана опрема на истиот плоштад за 114.000 евра. За изградбата на плоштадот во Карпош 4 и се платени 305.000 евра, а за реконструкција на скалилата во Порта Влае 68.000 евра. „Лутарико“ градела и сквер во Нерези и друго.

 

Кривични пријави против екс-градоначалникот Јакимовски за сомнителни тендери

 

Од Управата за финансиска полиција велат дека во текот на 2018 година правните лица „Линк Медиа Плус“ и „Лутарико“ се јавуваат во нивните постапки, но не како пријавени.
– Во текот на 2018 година правното лице Лутарико ДОО Скопје се јавува како дел од наша истрага но не како пријавен, туку само како подизведувач ангажиран од страна на изведувачот Метал Ват Ел ДООЕЛ Скопје кој добил на тендер за изведување на градежни работи за изградба на ,,Мултифункционален детски комплекс – Пиратска долина“ на плоштад Пецо Божиновски Кочо. Правното лице „Лутарико“ ДООЕЛ, исто така, во 2018 година добива тендер за изградба на плоштадот Пецо Божиновски-Кочо како најповолен понудувач, иако тој момент е причина за поднесената кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело ,,Злоупотреба на службена положба и овластување чл.353 ст.5, и Несовесно работење член 353-в ст.1“ против Градоначалникот на Општина Карпош кој заедно со Претседателот на комисијата за јавни набавки и двајца членови на комисијата постапиле спротивно на одредбите на законот за јавни набавки и при јавната набавка е овозможено намалување на конкуренцијата и со исклучување на останатите економски оператори од понатамошната фаза на постапката е направен изборот. Во последниот случај каде се јавува правното лице „Линк Медиа Плус ДООЕЛ Скопје“, е добиен тендер за ,,Обнова на цветен расад на жардињери“ за што исто така е поднесена кривична пријава против Градоначалникот на Општина Карпош кој заедно со Раководител на сектор за јавни набавки постапиле спротивно на законот за јавни набавки каде склучиле договор без доставена банкарска гаранција. Во овие неколку случаи од 2018 година правните лица кои се посочени од Ваша страна не се пријавени лица – велат од Управата за финансиска полиција.

Обвинителството покрена истрага против Јакимовски и токму за дел од овие набавки за кои алармираше Финансиската полиција, а како мерка на претпазливост на Јакимовски му е одреден куќен притвор.

 

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)