Исплатени над 15 милиони евра по судски решенија за експропријација на земјиштето за автопатот Кичево – Охрид, од кои 5 милиони евра за трошоци

Пишува: Саше Димовски


Жител на охридско село, на кого му биле одземени 4 метри квадратни земја за изградба на патот Кичево-Охрид, останал незадоволен од понудата на државата да му исплати по 550 денари за метар квадратен и побарал судот да ја утврди реалната цена. Бил ангажиран вештак, кој проценил дека имотот вреди по 20 евра, двојно повеќе од понуденото. Судот, по неколку одржани рочишта му определил 4.800 денари надомест, а досудил и трошоци во судската постапка од 30.000 денари, што е 8 пати повеќе од вредноста на спорот.


Овој предмет не е единствен каде што судските трошоци повеќекратно ја надминале вредноста на спорот, а со тоа, само за судски трошоци, адвокати, вештаци и жалби биле потрошени околу 5 милиони евра, или една третина од над 15 милиони евра, колку што вкупно исплатило ЈП за државни патишта во периодот 2014-2020 година, за одземеното земјиште за изграба на патот од Кичево кон Охрид, по судски решенија. 

 
Државата, преку утврдување на вредноста на земјиштео од вештаци од државното Биро з судски вештачења, понудила суми од 30 до 100 денари за метар квадратен во кичевскиот дел, до околу 10 евра по квадрат, во охридскиот крај, кој е близу и до езерото.


За  изградба на автопат А2 делница Кичево – Охрид, од 2014 година досега биле експроприрани 7. 563. 567, 5 m2 земјиште, за изградба на траса, одлагалишта, косини, клучки, пристапни патишта, како и проширување на косини.. Останува да се експроприра земјиштето од дополнителните косини – одговори ЈП за дрржавни патишта на прашањето, колкаво земјиште било одземено за изграба на патот Кичево – Охрид, за потребите на ова истражување.


 
ЗА НАД 3 ИЛЈАДИ ТУЖБИ ИСПЛАТЕНИ 15,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД 2014 ДО 2020


3.043 граѓани на Охрид и Кичево, решиле правдата да ја бараат на суд, бидејќи не се спогодиле со државата за цената на одземеното земјиште.


Почнувајќи од 2014 година од страна на надлежните Државни правобранителства Охрид и Кичево се поднесени вкупно 3.043 предлози за експропријација (ДП Охрид 2412 предлози, а ДП Кичево 631 предлог). Постапките за определување на надоместок за експроприрана недвижност за изградба на автопат Кичево-Охрид се водат пред основените судови во Охрид и Кичево –покажува статистиката на ЈП за државни  патишта.


Од 2014 до средината на декември 2020 година,  ЈП за држани патишта платило речиси 15,5 милиони евра за експропријација на земјиштето за изградба на патот Кичево Охрид, по решенија на судовите.


Од овие над 15 милиони евра платени по завршување на судењата, над 5 милиони евра се исплатени за судски и адвокатски трошоци за над 3.000 постапки кои се воделе пред основните судови во Кичево и Охрид и пред Апелационите судови во Битола и Гостивар, покажа истражувањето што го спроведовме за водени судски постапки и исплатени пари од 2014 до крајот на 2020 година во вонпарнична постапка.


Во оваа сума од 15,5 милиони евра не се влезени околу милион евра исплатени во парнични постапки, каде што се барале штети за уништена шума, родни дрвја, како ореви, круши, сливи, лозја и за кои, покрај ЈП за државни патишта, биле тужени градежните компании кои работат на патот, бидејќи направиле штети и на друго земјиште, надвор од границите утврдени за изградба на патот, имот кој не бил експроприран претходно.


Исплатени експропријации за изградба на автопат Кичево – Охрид по години и вкупно:

                   2014         –        54.912.412,00   ден   
                   2015         –     104.916.667,00    ден
                   2016         –        18.185.375,00   ден  
                   2017         –         43.938.922,00  ден  
                   2018         –        237.875.110,00 ден  
                   2019         –        289.887.621,00 ден   
              До 15.12.2020  –     192.362.539,00  ден  
                 
Вкупно:              942.078.646,00    ( 15.318.351,00 евра ) 1 евро 61.5 мкд


*ЈП не располага со посебен податок за исплатени судски трошоци од наведената збирна сума. Сумата од 5 милиони еврае пресметана со увид во предмети и утврден просек

Како што се гледа од табеларниот приказ, најмногу пари биле исплатени во 2019 година, речиси 290 милиони денари, по што следуваат 2018 година со 238 милиони денари, над 192 милиони денари во последнава 2020 година. Најмалку пари се исплатени во 2017 година, околу 44 милиони денари.


БИРОТО ЗА СУДСКИ ВЕШТАЧЕЊА ШКРТО ПРИ ОДРЕДУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ЗЕМЈАТА


Истражување покажа дека државата можела да заштеди најмалку 5 милиони евра кои се фрлени за адвокатски и судски трошоци, ако покажела минимум воља за договор со сопствениците на земјиштето, кога станало јасно дека вештаците што ги ангажирале судовите, ја проценуваат земјата по 10 до 20 пати повисоко од проценката на Бирото за судски вештачења, кое на места на патот Кичево-Охрид, проценило дека еден метар квадратен чини 10, 30 или 50 денари.


-Мене ми е навистина жал, што за голем дел од земјиштето носев одлуки да се одземе за цена од 100 или 150 денари, колку што чини и една кутија цигари, но немав начин за друго пресудување, зашто првата проценка на државата беше дека тоа земјиште вреди само 30 денари- изјави еден од судиите во основните судови штоработеа на овие предмети, во рамки на нашето истражување.
Според него, тие биле свесни дека земјата вреди повеќе, но немале репер за споредба, бидејќи на тој дел од трасата, пред одземање на земјиштето, немало продавање – купување на земјиште, за што би имало докази кај нотарите и во УЈП, па од таму да се формира цената.


Судовите во Кичево и Охрид, биле затрупани со тужби, бидејќи не е мала бројката од над 3 илјади вонпарнични предмети само по еден основ.
Секој кој тужел и добил, бидејќи судовите ги прифаќале вештачењата од приватни лиценцирани вештаци, кои биле ии над 10 пати повисоки од проценката за  висината на надоместокот за одземеното земјиште што го пресметало Бирото за Судски вештачења, како државен орган. Апелационите судови зазеле став дека не треба да се прифаќаат цените на Државното биро, бидејќи истите се направени за потребите на управната, а не за судската, вонпарнична постапка.  
Во Основниот суд во Кичево, како мал суд во кој има само 7 судии, биле поднесени 600 предлози  од кичевчани, кои не се согласиле да и ја дадат сопствената земја на државата за изградба на патот, по цена што им била понудена во управната постапка. Бидејќи голем дел од земјиштето покрај патот кое сега е одземено, било земјоделско, имало подигнати овошни насади, било шума или пасишта, граѓаните не сакале едноставно да се откажат за без пари од земјата, која секоја година им носела приход, без разлика дали таму саделе земјоделски култури, ја напасувале стоката или береле дрва.


Драган Миноски е судија во граѓанскиот оддел на кичевскиот суд, каде се решиле над 600 барања за утврдување надомест за патот.
-По закон овие предмети се итни. Доколку нема пречки, истите можат да се решат по одржани 2-3 рочишта – вели судијата Миноски, но праксата покажала дека одело така лесно, што се гледа и од образложенијата во пресудите.


АДВОКАТИ И ВЕШТАЦИ ЗАРАБОТИЛЕ НА ШТЕТА НА ДРЖАВАТА КОЈА НЕ САКАЛА ДА СЕ СПОГОДУВА


Правобранителот доставувал вештачење од Бирото, а судот морал да ангажира друг лиценциран вештак. Секогаш вештачењата биле различни, а кога биле повикувани вештаците од Бирото за судски вештаци да се усогласат со вториот вештак во судница,тие не доаѓале, па поради нив се одлагале судењето. Ако вештаците не се усогласеле меѓу себе, се одело на супер вештачење кое е многу поскапо.
Тарифата на адвокат за едно судење за овие предмети е од 8.500 до 11.000 денари, што ја прави постапката скапа. Секако, се плаќаат и одложените судења.
Ова е само еденпример од пресуда водена пред основен суд, каде што се барала штета за уништени насади.


-Бидејќи тужителот успеа во спорот за износ од 228.000 денари му се признаваат  трошоци во постапката во вкупен износ од 76.054 денари пишува во пресудата. Само еден предмет како овој, државата ја чини дополнителни 1.300 евра за судење пред првостепениот суд.
За бесправно исечени три ореви, надвор од трасата, кичевскиот суд определил надомест од 252 илјади денари, како и судски трошоци од над 1.200 евра. Оревите биле стари од 15 до 25 годдини и високи над 15 метри, во полна родност. Нив ги уништила компанија подизведувач, без за тоа да бара согласност од сопственикот, а биле на земја покрај патот, која не била одземена.
-Со оглед на околноста да туженото ЈП за државни патишта го загуби спорот во целост, за иснос од 128.710 денари судот го задолжи да им ги надомести на тужителот трошоците направени во текот на постапката  во износ од 88.844,00 денари, согласно член 148 од ЗПП –пишува во друга пресуда.


Во овој случај за одземеното земјиште се исплатени околу 2.100 евра, плус околу 1.500 евра за трошоци во постапката, што е околу 2/3 од вредноста на спорот.
Трошоци плаќале компаниите што работеле на патот, а правеле штети на имотот, како примерот споменат претходно.


-ДГТТ Т. ДОО од Скопје исплатило штета, за бесправно посечена дрвна маса, во износ од 447.071 денари и трошоци бо постапката во износ од 52.989 денари – пишува во задолжението на друга пресуда на кичевскиот суд.
За исечени 10 ореви покрај патот пак, судот утврдил штета од безмалку 12 илјади евра, плус околу 1.200 евра за трошоци во судската постпка.


РАЗЛИЧНИ СУДОВИ РАЗЛИЧНО ДОСУДУВАЛЕ ЗА ИСТА РАБОТА


Сепак, и на судовите од 2014 година, кога почнале да пристигнуваат тужбите, не им било се јасно, па Апелациониот суд во Битола зазел став дека земјиштето треба да се плаќа како градежно, затоа што е наменето за изградба на пат, додека АС Гостивар под чија надлежност е кичевскиот суд имал став дека земјиштето треба да се плати како земјоделско, односно, во таа категорија во која било запишано во Катастарот во време на одемање на истото за изградба на патот.


Ова, битно правело разлика, зашто, ако е земјоделско, проценката ја правел земјоделски вештак, а кај градежно – градежен вештак. Секако, различна била и цената што се утврдувала.
По неколку обиди и меѓусебни состаноци, да ја усогласат судската пракса, битолскиот суд под чија надлежност е судот во Охрид и постапките што се водат за охридскиот дел од патот, останал на ставот дека треба да се досудува надомест како за градежно земјиште.
Со ваквиот став не се согласувале ниту Апелационите судови во Штип и Скопје, па целата работа завршила пред Врховниот суд, кој донел начелно правно мислење дека треба да се суди по ставот на Апелациониот суд во Гостивар, земјиштето да се плаќа според тоа како што било запишано во Катастарот во време на одземањето.


-Надоместокот за експроприрана недвижност во постапката пред судот, се определува по пазарната вредност според видот и карактерот на недвижноста во времето на експропријацијата, врз основа на податоците од Катастарот на недвижности, независно од тоа за кои потреби и намена се експроприра таа недвижност- заклучил Врховниот суд во април 2016 година, две години откако различни судови, различно го читале законот при пресудувањето.
По вака заземениот став на Врховниот суд, битолскиот и охридскиот суд јасмениле праксата и вредноста ја утврдувале за земјоделско, а не за неизградено градежно земјиште.
Иако судовите го досудувале надоместокот пресметан од приватните вештаци, Државното правобранителство не направило обид за спогодба во ниту еден предмет на стартот на судењата,  и на  тој начин и пред првостепените и по жалба пред апелационите судови се направени трошоците од над 5 милиони евра, утврдени од наша страна во ова истражување.
Државното правобранителство располага со податок дека во 2019 година во 23 проценти од вонпарничните постапки поднело жалби.


Во рамки на ова истражување направивме увид во околу 500 предмети, кои даваат јасна слика, како се одлучувало за надоместокот на одземеното земјиште и трошоците во постапката.


ИЗГРАДБАТА НА ПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД ДОЦНИ ПОВЕЌЕ ОД 3 ГОДИНИ


Поради грешки во основниот проект, патот Кичево Охрид е во застој  рокот за изградба кој беше планиран за до 2018 година, одамна е пробиен.
Во текот на 2019/2020 година утврдени се 5 нови клучки на патот, за кои дополнително било одземено земјиште, за што се очекуваат и нови тужби за висината на одземеното земјиште.
Во Охрид и Кичево на крајот на 2020 година имаше активни уште околу  320 судски предмети, за кои само за судски трошоци се очекува да се исплатат околу 250 илјади евра.
Сите кои тужат, во едно се согласни, дека ЈП за државни патишта било добар плаќач, па не морале да ангажираат извршители, туку парите ги добивале веднаш по носење на пресудите.

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)