КАЗНА ЗА „ЕКОЦЕНТАР 97“, НО НЕ СЕ ЗНАЕ КАКВА

Автор: Љубица Иванова


Директорот на Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС), Фејзула Спахија, во телефонски разговор за СКУП ни откри дека следува казна за фирмата „Екоцентар 97“.

Санкции за Екоцентар 97 ќе има“, изјави тој.

Најавената казна е заради хаваријата која се случи во почетокот на месецот фабриката „Охис“, каде заради несоодветното складирање од страна на фирмата истече опасен отпад. Имено, при миење на резервоар, во кој имало остатоци од опасни хемикалии се излеа вода и во близина на фабриката била почувствувана непријатна миризба. Овој настан крена многу прашина, при што граѓани, институции, фирми, еколошки активисти се кренаа на нозе и бараат одговори и одговорност. Резултати од мерењата и анализите се уште не се достапни за јавноста, но на самиот ден на инцидентот, граѓаните пријавуваа печење на очи, чешење, отежнато дишење.

ПОВЕЌЕ НЕПРАВИЛНОСТИ ЗА КАЗНУВАЊЕ

Директорот на ДИЖС, Спахија, не сакаше подетално да открива по кој основ ќе се одредува казната за „Екоцентар 97“. Тој додаде дека се уште не се знае каква ќе биде казната, но ќе биде законски утврдена во однос на пропустот. Директорот Спахија истакна дека кога се случуваат вакви хаварии, казни мора да следуваат, по што го спореди случувањето во „Охис“ со хаваријата „Макстил“ од лани.

Досега, на виделина излегоа неколку неправилности кои можат да бидат потенцијално казниви. Како прво, оваа фирма не е на листата на фирми кои имаат дозвола за чистење, складирање и транспорт на  опасен отпад. Иако „ЕкоЦентар97“ не се наоѓа на листата на фирми кои поседуваат дозвола за третирање на опасен отпад, сепак таа го има добиено тендерот за да биде задолжена за складирањето на отпадот во „Охис“. Договорот е склучен од страна на стечајниот управник на „Охис“ и стечаен суд, од една страна и фирмата „Екоцентар 97“, од друга страна. Како што и самиот директор на „Екоцентар97“ призна, фирмата немала претходно искуство со третирање на опасен отпад, иако аплицирањето за тендери налага искуство во областа.


МОЛЧАТ НАДЛЕЖНИТЕ, АРМ НЕ ИЗГОТВУВА ИЗВЕШТАИ

До каде е постапката од страна на Државен инспекторат за животна средина, не е познато. Министерство за животна средина се уште нема излезено со официјалните извештаи од мерењата и анализите. Во јавноста се зборуваше дека се чека на извештаи од АРМ но од Армијата велат дека тие не изготвуваат такви извештаи.

„Припадници на АРМ направиле мерења на воздухот кои се предадени на надлежни од МЖСПП и МВР. Анализите ги собира МЖСПП и прави извештај. Армијата не изготвува извештаи“, вели за СКУП Тони Јаневски, началник на Канцеларија за односи со јавноста и портпарол на Генералштаб (АРМ).

Тој изјави дека Армијата била повикана од страна на МВР да асистира на лице место во Охис, со оглед на тоа што се предвидело дека тоа е најсигурен начин поради заштитната опрема која ја поседува Армијата.

Од друга страна, многу нејаснотии покрена самата содржина на Елаборатот за заштита на животната средина, за проектот  “Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје “, изработен од фирмата „Екоцентар97“, а одобрен од Министерство за животна средина. Таму стои:
„Компанијата   „Екоцентар 97“ е избрана за најповолен понудувач на Јавниот оглас од 11.4.2018 година (објавен од страна на Стечајниот Управник на  АД “ОХИС”) за отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиските материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС и за ова аактивност има склучено Договор со АД “ОХИС” во Стечај. Според Договорот со бр.857/0307 од 20.12.2018, планираните активности за постапување со опасните хемиски материи од АД “ОХИС” во Стечај ќе се одвиваат во рок од 9 месеци“.

ЕЛАБОРАТОТ ГИ ДЕМАНТИРА НАДЛЕЖНИТЕ

Според ова, сите активности требало да бидат завршени до крајот на септември.Информациите во Елаборатот, пак, не се поклопуваат со тврдењата од денот на хаваријата во „Охис“.  Иако надлежните, за јавноста, повеќепати потврдија дека станува збор за протекување на раствор од вода со метил акрилат, во Елаборатот се тврди поинаку: 
„При инвертаризација на резервоарот со метил акрилат е забележано дека истиот го нема во резервоарот. Се претпоставува дека целата количина на метил акрилатот е испарена преку одишокот“

Индикативно е фактот што инцидентот е пријавен од граѓаните, а не од фирмата ангажирана за 24 часовен надзор во текот на цела недела, наведена во Елаборатот.
Во еден момент дури и сопственикот на „Екоцентар97“ изјави дека во моментот на инцидентот во „Охис“ немало никој, а чуварот кој бил ангажиран од фирмата „Патрол“ бил на друга локација.

ФАЛИ ДОКУМЕНТАЦИЈА ОД „ОХИС“, УКРАДЕНИ СЕ ШИНИ И ЦЕВКИ

Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, во разговор за СКУП открива дека фали документација од  фабриката Охис, поради што се шират и шпекулации.

„Украдени се шини, фалат огромни цевки од производствениот процес“, открива Темелковски. Според него, некој тенденциозно или можеби и ненамерно ги има уништено или изгубено документите.

Темелковски вели дека често се случувало бивши вработени во „Охис“ да доаѓаат кај него и да му даваат информации, коишто не можат да бидат проверени токму поради недостатокот на дел од документите од фабриката. Тој вели дека се среќавал и со стечајниот управник на „Охис“, Маринко Саздовски, меѓутоа поврзано со инцидентот, вели дека се уште не разговарале.

Кога станува збор за остатоците од хемикалиите, градоначалникот на Кисела Вода вели дека според официјални информации, дел од тие се складирани во побезбедни буриња и се чека дозвола од државите низ кои треба да поминат токсините, за да се извезат. Крајна дестинација е Швајцарија.

Оставете коментар

коментар(и)