Министрите на Мицкоски меѓу најплатените на Балканот

Шест Македонци треба да работат за минимална плата, за да ја достигнат сумата што ја зема еден министер на Мицкоски. За разлика од нас, само 34 Срби, заработуваат една плата на Министрите на Ана Брнабиќ.

Пишува: Кристијан Трајчов

Најлошо поминуваат Бугарите. Дури 9,2 Бугари треба да работат за минималец за да ја достигнат министерската плата. Под нив се, минимално платените работници од Босна и Херцеговина каде 8,2 работници заработуваат една министерска плата, 7,5 Албанци и 6,6 Косовари.

Во апсолутен износ, Бугарските министри просечно заработуваат по 4.421 евра месечно, потоа Албанските 2.889 евра, Босанските 2.608 евра, нашите министри просечно се платени со 2.200 евра месечно, во Црна Гора 1.820 евра, Косово со 1.750 евра и Србија со 1.375 евра.

Минималната работничка плата е највисока во Бугарија и тоа 476 евра, на второ место е Црна Гора со 450 евра, потоа Србија со 404 евра, па Албанија со 385 евра, па Македонија со 367 евра, потоа Босна и Херцеговина 316 евра и на последно место е Косово со 264 евра.

За тоа колкава е разликата во секоја држава помеѓу министерската плата, споредбено и со минималната плата може да се забележи дека разликите платите во некои од земјите се огромни.

Ако се направи споредба на просечната министерска со просечната плата во секоја од овие земји во Албанија министерската е за 3,9 пати поголема од просечната плата, во Босна 3,8 пати, во Бугарија 3,7 пати, по неа следува Косово со 3,3 пати, Македонија со 3,2 пати, Црна Гора 2,2 пати, а министрите во Србија земаат 1,6 пати поголема плата од просечната исплатена во таа земја.

Минималната плата во Северна Македонија изнесува 22.567 денари или 367 евра. Иако периодов се разговараше и се предлагаше минималната плата да биде покачена на 450 евра, сепак тоа беше наметнато само како идеја и ваквиот предлог е далеку од било која фаза на реализација.

Просечната плата пак изнесува 667 евра. Што се однесува до платите на министрите, истите се пресметуваат според просечните плати, а во случајов министрите добиваат 3,22 просечни плати. Пресметано со просечната плата за месец април која е 41.085 денари, вкупно изнесува 132.293 денари или околу 2200 евра.

Што се однесува до Србија, таму минималната плата изнесува 47.334 динари или 404 евра,  просечна нето плата е 96.614 динара или 825 евра.

Просечната министерска плата во Србија изнесува 1375 евра.

Но, Србија се уште е на дното на рангирањето на земјите од Централна и Источна Европа според минималните нето плати. Сите земји од тој регион, освен Бугарија, се пред Србија, а на Западен Балкан минимумот е поголем во Црна Гора (450 евра) и во ентитетот на БиХ, Република Српска (459 евра).

Во однос на Црна Гора, д-р Срѓан Павиќевиќ, Вицепремиер за труд, образование, здравство и социјала зел највисока плата во јануари годинава и тоа 2.071 евра што е два и пол пати повеќе од просечната плата во Црна Гора која во декември изнесувала 814 евра или повеќе од четири и пол пати повеќе од минималната плата од 450 евра.

Премиерот Милојко Спајиќ заработил 1.813 евра, а што се однесува до министрите, просечната плата е 1820 евра.

Во Босна и Херцеговина пак, минималната плата е 316 евра, а просечната изнесува 679 евра. Она што може да се забележи е огромната плата на министрите во Босна која во просек изнесува 2.608 евра.

Во Албанија, минатата година беше изгласан закон со кој се зголемија платите на министрите и изнесуваат 2.889 евра месечно во држава во која минималната плата е 385 евра. Во однос на просечната плата, таа изнесува 734 евра. Платата на пратениците пак достигнува до 2.812 евра месечно.

Владата на Албанија ја утврдува и периодично ја ажурира минималната плата. Од 2024 година, минималната бруто-месечна плата е 39.941 леки, или 385,1 евра месечно или 4.621 евра годишно, земајќи ги предвид 12 плаќања годишно, обезбедувајќи основно ниво на приход за работниците во различни индустрии.

Во Косово, минималната плата е утврдена на 130 евра за работниците до 35 години и 170 евра за работници до 65 години. Законот предвидува минимална плата од 264 евра бруто или 250 евра нето, но овој Закон се уште не е на сила.

Просечната плата во јавниот сектор за јануари месец била 780 евра, а просечната плата на ниво на приватен и јавен сектор е околу 520 евра.

Во последните три години, платата на премиерот е зголемена од 1.450 евра на 2.280 евра, министрите од 1.150 на 1.750 евра, советниците од 500 на околу 1.000 евра.

Што се однесува до Република Бугарија, минималната плата е 476 евра, а министрите земаат 4.421 евра. Министрите земаат 9.28 пати повеќе пари од минималната плата во Бугарија. Просечната плата е околу 1.174 евра, а Премиерот зема огромни 5271 евра. Воедно, во март просечната плата во јавниот сектор била 1133 евра.

Оставете коментар

коментар(и)