НОСИТЕЛИ НА ИЕ2: „ЖЕШКА“ ТРКА НА КЛУЧНИ ПАРТИСКИ ИМИЊА

Во рамките на проектот ПЕП, СКУП продолжува да ги објавува профилите на носителите на изборните листи, со осврт на нивната имотна состојба.

Пишуваат: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Лидерите на парламентарните партии ниту на нивната втора средба не успееја да се согласат за датумот за одржување на парламентарните избори. Јуни, јули или август – се месеците каде СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ бараат ден кога граѓаните ќе го кажат нивниот став, и покрај неможноста да се предвиди дали дотогаш ќе го снема ризикот од вирусот КОВИД-19.

„Жешко“ се очекува да биде и во Изборната единица 2, каде како носители на кандидатските листи се Оливер Спасовски и Сања Лукаревска од СДСМ, Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ и Африм Гаши од коалицијата Алијанса на Албанците-Алтернатива.

Оваа изборна единица опфаќа територија на 10 општини од Град Скопје и северниот дел на С.Македонија, помеѓу кои: Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир (дел), Шуто Оризари, Арачиново, Липково, Куманово (дел), Старо Нагоричане (дел) и Општина Чучер-Сандево.

СПАСОВСКИ „ТЕЖОК“ 330 ИЛЈАДИ ЕВРА, ЛУКАРОВСКА – 90

Во однос на претходниот, сегашниот имот е зголемен за околу 34 илјади евра кои се однесуваат во промени на платежни картички. – Оливер Спасовски

Актуелниот технички премиер во предизборната влада и носител на листа во Изборна единица 2 во 2016 година, и оваа година е повторно носител на листа во истата изборна единица. Него, од СДСМ и коалиција го придружува директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Политичката кариера Спасовски ја започнува како советник на градоначалникот на Куманово и секретар во истата општина. Како министер за внатрешни работи бил на функција од 2 септември 2016 до 12 декември истата година. Претходно, во периодот од 11 ноември 2015 до 19 мај 2016 ја извршувал истата функција, по договорот од Пржино. Спасовски повторно стапува на должност како министер за внатрешни работи на 1 јуни 2017 година кога парламентарното мнозинство ја изгласа новата влада на чело со Зоран Заев. Во два мандата е избран за пратеник, на изборите во 2006 и 2011 година. На парламентарлните избори во 2016 година бил носител на листа во изборна единица 2, предводена од коалицијата на СДСМ. На 3 јануари 2020 година е избран за нов технички премиер во предизборната влада.

Стапувајќи на функцијата министер за внатрешни работи, Спасовски во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) пријавува имотна листа вредна 298,688 евра која се состои од автомобил „Пежо“ 307 2006/2006 вредно 4,878 евра, куќа во Куманово вредна 120.000 евра и уметнички слики во вредност од 4.228 евра. Спасовски има и две денарски платежни картички со вкупна вредност од 7.154 евра, како и кредит 9.756 евра. Неговите родители поседуваат две денарски платежни картички во вредност од 1951 евра, куќа во Старо Нагоричане вредна 20.000 евра, две земјишта во вредност од 55.111 евра, како и шума, исто така, во Старо Нагоричане, која е вредна 68.780 евра. Тие располагаат со автомобил „Шкода Фабија“ 2008/2010 вреден 3.902 евра и трактор Фергусон ИМТ 533 1980/1980 вреден 2.439 евра. Сопругата на Спасовски има денарска платежна картичка со 488 евра.

Денес, неговата имотна листа изнесува 332.654 евра. Во однос на претходниот, сегашниот имот е зголемен за околу 34 илјади евра кои се однесуваат во промени на платежни картички.

Имотот на Лукаревска пријавен во ДКСК изнесува околу 90 илјади евра.

Сања Лукаревска својата професионална кариера ја започнува во Управа за јавни приходи уште во 2006 година работејќи како помлад инспектор во Регионална Дирекција Скопје – Управата за јавни приходи. Потоа, во периодот од 2007 до 2015 година, работи во Секторот за правни работи во Генералната дирекција Скопје на Управата за јавни приходи. Во јануари 2016 година именувана е за кабинетски службеник за прашања поврзани со дополнителниот заменик-министер за финансии во Министерството за финансии. По престанокот на оваа функција се враќа во Управата за јавни приходи на работно место асистент за извршување во Одделението за наплата на долгови во Дирекција за големи даночни обврзници. Потоа во два наврати, и во 2017 и во 2018 година е именувана од Владата за вршител на должност директор на Управа за јавни приходи.

Имотот на Лукаревска пријавен во ДКСК изнесува околу 90 илјади евра. Таа куќа во Дојран, стан во Скопје, гаражи, моторни возила „Даеву Тико“ и „Форд Фокус“ и повеќе платежни картички и кредити.

ВО 2016 МИСАЈЛОВСКИ ОД ВМРО-ДПМНЕ ПОСЕДУВАЛ ИМОТ ВРЕДЕН 450 ИЛЈАДИ ЕВРА

неговиот пријавен имот беше проценет на околу 450 илјади евра. – Владо Мисајловски

Владо Мисајловски е политичар, поранешен министер за транспорт и врски. Тој започнува како помлад соработник во кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија. Мисајловски ги извршувал и функциите: државен секретар во Министерството за надворешни работи, државен секретар во Министерството за транспорт и врски и директор на ЈП Државни патишта.

Кога во 2016 година стана министер за транспорт и врски во техничката влада, неговиот пријавен имот беше проценет на околу 450 илјади евра. Оттогаш, неговата имотна состојба не фигурира на официјалната интернет страница на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) така што не се знае дали има некакви промени во истата.

АДЕМИ ОД ДУИ „ПОСИРОМАШЕН“ ЗА 10 ИЛЈАДИ ЕВРА

Моменталниот имот на Адеми, пријавен во ДКСК, изнесува околу 180 илјади евра.

Aктуелниот министер за образование, Арбер Адеми е предводник на ДУИ во Изборната единица 2. Тој во политиката фигурира уште од 2016 година како поранешен заменик Претседател на Владата за европски прашања и заменик министер за образование и наука.
Моменталниот имот на Адеми, пријавен во ДКСК, изнесува околу 180 илјади евра и се состои од: два орочени денарски депозити, средства во готово во износ од околу 6 илјади евра. Неговата сопруга има златен накит вреден околу 5 илјади евра и автомобил „Фолксваген Голф 5“. Родителите на Адеми имаат куќа со двор во Куманово, а располагаат и со два стана со помошни простории во Куманово. Нивниот автомобил „Фолксваген Бора“ вреди 2.439 евра, а имаат и акции.

Во однос на претходните истражувања на СКУП, каде што првичниот имот на Адеми, изнесуваше околу 190 илјади евра, актуелното намалување се однесува на имотот на брат му кој е отстранет од имотниот лист на министерот.

Што се однесува до акциите кои ги поседуваат родителите на Адеми, во истражувањето: ВЛАДИНИ ФУНЦИОНЕРИ ПОСЕДУВААТ АКЦИИ ВО ГОЛЕМИ КОМПАНИИ СКУП откри дека акциите наведени како имот на родители на министерот се од „Кожарско Преработувачки Комбинат – Куманово“.

ГАШИ ОД КОАЛИЦИЈАТА АА И АЛТЕРНАТИВА СО ИМОТ ОД 58 ИЛЈАДИ ЕВРА

Африм Гаши поседува имот вреден околу 58 илјади евра.

Откако централното собрание на крилото во Беса предводено од Африм Гаши реши да формира нова партија по барање на членството да се прекине судскиот процес за тоа кој е вистинскиот наследник на Беса, беше формирана Алтернатива. Преку Коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива пратеникот Африм Гаши е носител на листа во Изборна единица 2.

Во однос на имотот кој што го поседува Гаши, не се забележани промени од стапувањето на функцијата пратеник, до сега. Според податоците од ДКСК, пратеникот Африм Гаши поседува имот вреден околу 58 илјади евра кој се состои од две моторни возила, „Ренаулт Вел сатис„ и „Ауди А6“, како и две трансакциски сметки. Неговата сопруга има автомобил „Рено Клио“ и накит вреден околу 2 илјади евра. На име на своите родители има наведено стан во Скопје, пензија и земјиште и куќа во постапка на трансформација и легализација.

Продолжува…

Оставете коментар

коментар(и)