Општините тонат во долгови-Тетово, Охрид и Карпош на врвот на листата

автори: Анета Додевска и Ружица Фотиновска

Растат долговите на општините во земјава.  Дури 70 од вкупно 80 општини во земјава  пријавиле доспеани, а неплатени обврски по различни основи.  Ова значи дека 87,5% од сите општини во земјава се соочуваат со финансиски проблеми за редовно сервисирање на обврските. Во третиот квартал од годинава  доспеаните, а неплатени обврски на сите општини во земјава изнесуваа 63 892 100 евра. Споредбената анализа во однос на состојбата со вториот квартал покажува раст на неплатените обврски за 13 милиони евра.  На најновата “должничка листа“ што ја објавува Министерството за финансии, заклучно со третиот квартал од 2020- та, во првите десет најголем должници се три општини, Тетово, Охрид и Карпош.

                                                                                                                                                                                                Извор: Министерство за финансии

Освен овие три општини , првата “Десеторка најзадолжени“ ја чинат и општини кои имаат долгови повисоки од  1,5 милиони евра.  

                                         Извор: Министерство за финансии

Градоначалниците со кои стапивме во контакт признаваат дека општините се соочуваат со големи долгови кои не можат навреме да ги платат.

Арбен Таравари

“Од почетокот на оваа година долгот на општина Гостивар се зголеми од 1 милион евра на скоро 3 милиони евра. Постојат две причини за ова. Прво, задоцнето пријавување на побарувања за завршени работи кои се случиле пред 2018- та година и новонастанати долгови кои не можат да се подмират  поради економската криза. Конкретно, Јавното претпријатие Гостивар пријави наплата на налози за завршени работи уште во 2014, 2015 и годините до 2018- та година, а дел од обврските кон ова јавно претпријатие се новосоздадени, или 50% се стари обврски, додека 50% новонастанати, со вкупен износ од околу 2 милиони евра.  Се создаваат нови обврски бидејќи приходите во општината се намалени, а од друга страна проектите не може да запрат“ – вели градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари.

Направивме увиди во структурата на долговите на една од најзадолжените општини – општина Охрид. Должи по основ на судски одлуки, извршни решенија, за главница, за камати…

Вака изгледа структурата на долговите на една од најзадолжените општини:

Добавувачи- тековен долг 65.921.431,00 денари
Добавувачи-финансирање проекти 347.500,00 денари
Добавувачи-Судски пресуди 17.759.742,00 денари
Добавувачи-Извршни решенија 105.730.766,00 денари
Добавувачи-Спогодби за исплата на долг 96.781.384,00 денари
Камати по извршни решенија и судски пресуди 187.134.817,00 денари
ВКУПНО 473.675.640,00 денари

Првиот човек на општината, Константин Георгиевски признава дека општината долг период се соочува со проблем да ги подмири обврските, но и дека се прават напори за наоѓање решение.

“Со помош на државата преку финансиската инјекција која што беше дадена на задолжените општини во 2019- та,  но поради постигнати спогодби со дел од  добавувачите за отпис на камати – локалната самоуправа досега го намали долгот за дури 19,5 милиони евра.  Само по основ на отпис на камати, долгот е намален за скоро 4 милиони евра. Општината долго време се соочува со финансиски проблеми кои се обидуваме да ги решиме, но и натаму се појавуваат побарувања кои го зголемуваат долгот“ – изјави градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиевски.

Направивме увид во  документ кој ни беше доставен од општина Охрид и кој  покажува дека влошувањето на финансиската состојба на општините е процес кој трае со децении. Се работи за тужба по предмет за експропријација  од далечната 1980- та година, за што општината сега , по цели четири децении,  треба да плати 415 000 евра.  

Во Комората на извршители немаат точен податок колку општини во моментов се блокирани од страна на извршителите. Но, велат дека некои општини постојано се солвентни, а некои со години имаат блокирани сметки.

„Прашувате како тогаш функционираат општините со блокирани сметки? Тоа е овозможено поради законската одредба, судот да определи праг-износ на пари на сметката, над кој може да се префрлат парите за доверителот. Тоа значи дека сите пари до тој износ се слободни за општината да ги располага, каматите да течат и понатаму, а доверителот се потешко да ја исполнува сопствената солвентност“, велат од Комората на извршители.

За оваа состојба, за која велат дека и ним им причинува главоболка, предлагаат решение.

„Состојбата може да се реши, пред се, со тоа што општините ќе преземат обврски за плаќање само онолку колку што можат да плаќаат. Не ни е познато каква смисла има да се финансираат потребите на општините на товар на нивните добавувачи или било какви други доверители по било кои основи. А второ, да се укине одредбата од Законот за извршување која ја штити општината и всушност со постоењето на таквата одредба се стимулира ваквото недомаќинско задолжување на општините“.

Дел од општинските татковци успеаја да им “избегаат“ на извршителите. Така, општина Куманово за период од три години успеала да се раздолжи повеќе од 7 милиони евра.

“По осум години под блокада, општината сега е деблокирана. За три години вративме повеќе од седум милиони евра и во моментов немаме предмети кај извршители за присилна наплата“ – ни изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Големите долгови на општините ја принудија централната Власт да реагира со стотици милиони евра – државни пари за покривање на општинските долгови. На крајот од 2018- та година, согласно член 5 од Законот за финансиска поддршка на единиците за локална самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски, на општините им се распределија финансиски средства во висина од 51% од износите на пријавени обврски.  Иако “дупките “ беа делумно санирани, дел од општините и натаму продолжија со кумулирање на нови обврски.

Ревизорско скенирање: отсуство на финансиска отчетност

Наспроти милионските долгови кои во иднина повторно ќе паднат на “грбот“ на граѓаните, се поставува прашањето  дали  општинските власти отчетно и одговорно го трошеле општинскиот буџет.  Изминатите години ревизорите влегоа во поголем број на општини и лоцираа бројни законски прекршувања, па дури открија општини кои трошеле и спроведувале јави набавки, иако законски биле принудени да прогласат “банкрот“. Таков е примерот со општина Струга.

“Во континуитет, подолго од шест месеци, од 2010- та година сметката на општина Струга е под блокада. И покрај ваквата состојба градоначалниците што ја раководеле општината не донеле одлука за прогласување финансиска нестабилност“ – се наведува во еден од последните ревизорски извештаи кои се однесуваат на работењето на оваа општина.

И покрај тоа, градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, во 2018 година, кога општината имаше долг од 4 милиони евра, купи четири возила во вредност од 114 000 евра, од кои едното луксузно  „Ауди 6“ од 66 илјади евра, што е најскап автомобил купен со јавни пари во последните три години. Антикорупциската комисија во 2019 година покрена иницијатива за кривична одговорност, не само за возилата, туку и за сите забелешки што ги најдоа ревизорите. Јавното обвинителство за организиран криминал отвори предистрага, но сè уште нема завршница.

Со направениот увид  во  ревизорските извештаи  за последните три години, анализата покажува дека под “лупа“ на ревизорите биле вкупно 11 општини, и тоа :  Ѓорче Петров, Неготино, Велес, Чашка, Арачиново, Македонски Брод, Боговиње, Кисела Вода, Штип, Свети Николе, Охрид.  Во најголем дел се утврдени слабости и недоречености кои упатуваат на  нетранспарентност во делот на финансиската отчетност и отвореност кон јавноста.

‘Не е обезбедена транспарентност во процесот и изготвување и донесување на Буџетот“ – се вели во ревизорскиот извештај за општина Боговиње.

“Не се предвидени прецизни критериуми со кои се врши распределба на средствата од програмата за спорт. Средствата потрошени за реализација на проектот Пастрмајлијада“ се однесуваат на финансирање на проекти кои немаат културни вредности“ – нотираат ревизорите за Штип.

Првите ревизии на единиците на локална самоуправа се направени во 2001-та година, а се објавени во 2002- та година – велат од Државниот завод за ревизија.  Направивме увид на направените ревизии во општините на годишно ниво во период од една деценија. Од 2010- та година до 2020- та година направени се и објавени вкупно 82 ревизорски извештаи во кои под лупа е ставена регуларноста и успешноста на работата на општините. Во дел од општините е вршена ревизија и по неколку пати. Едно од прашањата што ги поставивме на Државниот ревизор се однесува на тоа колку општините постапувале по препораките и забелешките на ревизорите.

“Располагаме само со збирни податоци за постапување по препораките од субјектите кои биле предмет на ревизија и тоа го објавуваме во годишните извештаи на Државниот завод за ревизија по години, односно не располагаме со посебна статистика во однос на општините. Во оваа насока, ве информираме дека согласно направените измени и дополнувања на Годишната програма за работа на ДЗР во 2020 година, планираме да спроведеме и Ревизија на следење на препораките кај 53 единици на локалната самоуправа на тема „Ефикасност на политиките, мерките и активностите при доделување на водното право“ и да спроведеме Ревизија на успешност кај 13 единици на локална самоуправа на тема „Ефикасно  третирање и справување со пластичниот отпад“. – велат од Државниот завод за ревизија.

Од стартот на работата на ревизорите до сега – ревизорска контрола е направена во шеесеттина општини, односно локални самоуправи. Конкретно до сега под ревизија биле 64 општини. Во некои од нив ревизорите вршат увид и по два пати, како што се Тетово и Штип. Првите ревизии се направени во 2002- та кога ревизорите објавуваа наоди за работењето на Злетово, Пробиштип, Кавадарци, Центар, Гази Баба, Стар Дојран, Кратово, Богданци, Карпош, Кисела Вода, Берово и во Град Скопје.

                                                             Извор: Државен завод за ревизија

Општините, велат од оваа институција, дополнително се “контролираат“ и преку други тематски ревизии поврзани со регионален развој, со управување на градежно земјиште, децентрализација.

Сепак,  нетранспарентното трошење на парите на локално ниво ги загрижува и економистите и невладините организации. Велат дека огромен дел од општините немаат систем и долгорочни пракси, а онаму каде што ќе почне да се работи потранспарентно, состојбата се менува со секои избори, ќе дојде нов градоначалник и работата повторно почнува од почеток.

Благица Петревски

„Вообичаено, кога се дискутира за транспарентност фокусот е дали општините ги објавуваат јавно буџетите и завршните сметки. И тоа е минимум и законска обврска која општините може да ја направат“, вели Благица Петрески од невладината организација „Фајненс тинк“  и додава:

„Економистите сметаат дека  транспарентноста треба да се анализира и од посуштински аспекти, на каков начин е креиран буџетот, дали сите засегнати страни учествувале во тој процес, дали изборот на проекти е врз база на приоритети и најголема ефикасност и ефективност. Тие аспекти, освен што ќе влијаат на одговорноста на Општините и отчет пред своите граѓани, ќе придонесат и за поквалитетен дизајн на буџетите“.

Оваа невладина организација три години работеше за подобрување на транспарентноста на општините. Но, не сите градоначалници ја прифатија иницијативата.

„Сепак, за успешна имплементација на ваков процес, потребно е да има отвореност, подготвеност и волја на градоначалниците, но, исто така, и интерес на граѓаните активно да присуствуваат и дадат придонес на овој процес. Сè уште отвореноста на градоначалниците не е секаде иста. Тоа го покажа и фактот што овој процес го започнавме со 12 општини, но организацијата на јавните дискусии за буџетот  ја прифатија само осум општини. Од друга страна, на овие јавни дискусии,  граѓаните не се секогаш информирани и нивниот мотив за учество често е скептичен. Сепак, во општините каде ова е воведено како редовна пракса, и се повторува овој процес, мотивот и учеството е поголем“, вели Петрески. 

Од Антикорупциската комисија велат дека до сега немале отворен предмет за нетранспарентно работење на општините и до нив не стигнала таква пријава од граѓани. Но, велат дека од следната година ќе работат превентивно како на појава.

„Во 2021 година почнуваме проект со ОБСЕ. Веќе се формирани и работни групи. Ќе се работи со општините, ќе има обуки како да се зголеми нивната транспарентност. Не е доволно само да се објави буџетот на општината, туку и извештаи како се трошат парите. На пример, општините имаат обврска да финансираат масовен спорт, а не одделни клубови и поединци за кои никогаш не гледаме како се потрошиле парите. Тие работи треба да се сменат и ние ќе работиме на тоа“, вели Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциска комисија.

Парите на граѓаните – со третман како “лични“ средства

“Општините објавуваат само 36% од информациите што треба да ги објавуваат“ – ова е нотирано во најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации посветен токму на транспарентноста на институциите и на локалните власти.

Според Индексот на транспарентност на Центарот четиринаесет општини од вкупно 81 биле оценети со највисока “многу добра“ оценка.

Како најотворена општина се смета Велес. По неа се скопски Карпош, Крива Паланка, Битола, Демир Хисар. Сите се бодирани со над 88% транспарентност, од можни 100%.

Но, на скалата на нетранспарентност најдолу неславно завршила општина Зелениково со само 4,3% транспарентност. Оценка „многу слабо“ добиле и Старо Нагоричане, Петровец, Центар Жупа, Липково, Пласница, Чучер Сандево.

Дел од овие општини кои предничат според нетранспарентност се наоѓаат на листата должници – со доспеани, а неплатени обврски. Така, општина Зелениково, заклучно со третиот квартал годинава, должи 4 илјади евра. Старо Нагоричане има долг од 176 илјади евра. Центар Жупа 2 700 евра, Липково со долг од фантастични 650 000 евра. Пласница има доспеан, а неплатен долг во износ од 240 000 евра. Општините Петровец и Чучер Сандево ги нема на листата на должници на Министерството за финансии.

„И Општините и министерствата, државните институции воопшто, најслабо стојат во објавување информации за своето финансиско работење“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој работеше на анализата. „Последното истражување кое го проценува проактивното објавување информации од важност на граѓаните покажува дека општините објавуваат најмалку информации од областа на буџетската и фискалната транспарентност. Односно, објавуваат само 36 % од овие информации (од можни 100 %). Лани, во 2019 година, овој процент беше дури и понизок, и изнесуваше 26 %. Овде спаѓаат информации за буџетите, завршните сметки, кварталните извештаи за реализација на буџетите, огласите за јавните набавки, известувањата за склучените договори и самите договори, итн. Иако имаат и законски обврски, објавувањето информации за финансиското работење зборува и за односот на самата општина, односно за нејзиниот интегритет. Поточно за тоа колку општината, градоначалникот, службениците имаат чувство за нивната обврска за транспарентност, отчетност и одговорност кон граѓаните за трошењето на нивните пари. Во случајов, со необјавувањето на овие информации, се потфрла на две нивоа. Првото, не се почитуваат законските обврски за редовно објавување на овие информации и второ – на лично ниво не се демонстрира одговорност за потрошените пари што како даноци и други давачки ги плаќаат граѓаните и фирмите“, објаснува  Филков.

За огромната нетранспарентност на дел од општините покажува и фактот што на пример некои општини немаат ни своја веб страница. Таков пример е општина Старо Нагоричане. На Интернет пребарувачите кога ќе се напише името на општината се покажува сајт, кој не е во функција.

Наодите на истражувањето покажуваат дека само 43 од вкупно 81 општина годинава ја подобриле активната транспарентност. Лани подобрување имало кај дури 70.

Одговорност за неодговорно работење ….

Иако досега се утврдени бројни пропусти, слабости, па дури и постапувања во спротивност со законот, останува да лебди прашањето за одговорност поради неодговорно работење.

Со цел да им помогне на општините Владата направи законски измени со кои уште повеќе “ги одврза рацете “ на општинарите во планирање и трошење на локалните буџети. За дел од општините ова решение може да значи отворање на патот кон поголеми инвестициски зафати, но за други – нови долгови кои потоа повторно ќе ги сервисираат граѓаните.

Владата тврди дека има силна политичка волја да ја стимулира транспарентноста на општините, посебно што тоа е една од позначајните забелешки на ЕУ.

„Во наредниот период вниманието ќе биде насочено кон зголемување на транспарентноста на општините и објавување на податоците од финансиското работење на нивните веб-страни, како и објавување на неплатените обврски спрема доверителите“, уверува министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Според постоечката регулатива, сите институции, како и општините се обврзани на финансиска транспарентност. Според Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, напишан од Министерството за финансии,  во член 30 став 14 стои дека глоба од 500 до 800 евра во денарска противвредност ќе се изрече на одговорното лице на буџетите и на буџетските корисници ако не ги објави завршните сметки на својата веб страница во рок од 15 дена од доставувањето на сметките до Централниот регистар.  Контролата и иницијативата за казнување на сторените прекршоци ја прави овластено лице од Министерството за финансии, а прекршочните санкции ги изрекува надлежен суд.

Но, од Министерството за финансии велат дека до сега ниту една  општина не е казнета за необјавување на податоци на веб страница, без дополнително објаснување. И нема конкретен одговор дали општините ќе добијат нова финансиска инјекција за покривање на долговите. Велат дека зајакнувањето на фискалната децентрализација е една од суштинските области наведени во програмата на Владата од 2020-2024 и дека обврската за поголема транспарентност ќе се воведе со новиот закон за буџети, кој е во процедура.

„ Според постоечките законски одредби веќе има инсталирани механизми за контрола на трошењето на средства кај општините, за кои се обврзани да достават финансиски квартални извештаи до Министерството за финансии, а се обврзани и да објавуваат на своите веб-страни како ги трошат средствата. Исто така подлежат на ревизии од страна на Државниот завод за ревизија. Општините се исто така обврзани да достават и податоци за долговите на општините и нивните буџетски корисници согласно Законот за пријавување и евиденција на обврските, додека надзор врши финансиската инспекција во јавниот сектор. Транспарентноста е клучна за следење на трошењето на јавните финансии, вклучително и на локалните, затоа Министерството за финансии ја објави алатката Отворени финансии каде на тековно ниво се гледаат сите трошења на средствата од буџетот на општините, а со тоа и притисокот на јавноста може да придонесе да се дисциплинираат локалните власти“, велат од Министерството за финансии.        

Во предлог законот за буџети, кој е пуштен во процедура, се наведени таксативно сите документи што ќе треба општините да ги објавуваат на своите веб страници. Освен буџетот ќе треба да се објавуваат и финансиски планови, кварталните извештаи или годишните финансиски извештаи. Казните драстично се зголемуваат. Доколку посочените документи ги нема на веб страниците, казните се движат од 1000 до 10000 евра за правното лице и од 250 до 500 евра за одговорното лице.

За дел од економистите, клучна улога во зголемувањето на транспарентноста на општините е организирање на јавни дискусии при изработка на буџетот.

„Клучни засегнати страни се градоначалникот, Советот на општината, граѓаните, невладините организации и бизнис секторот. Во голема мера успехот на овој процес зависи од отвореноста и заинтересираноста на сите страни. Потребна е и поактивна улога на граѓаните зашто видовме дека граѓаните се недоволно информирани за буџетот и не ги знаат во целост сите права за вклучување во процесот на подготовка на буџетот. Дури и кога ќе се вклучат, не знаат да ги специфицираат своите предлог проекти. Но, нашите анализи покажаа дека јавните дискусии се одлична можност да се идентификуваат приоритетите, но и да се изврши притисок врз локалната власт за реализација на своите предизборни ветувања“, објаснува Благица Петрески од „Фајненс тинк“.

Невладиниот сектор, исто така, потврдува дека општините потфрлија доброволно да ги објавуваат финансиските податоци. А и тие што ги објавуваат, под знак прашање е колку се разбирливи за граѓаните.

„Важен е начинот и формата на кои што ќе бидат објавени за да можат  лесно да се разбирливи од секој граѓанин, и од оние што не се стручни за тие прашања. Лесен, разбирлив, лесно читлив начин на објавување на овие информации ќе помогне граѓаните да разберат како се трошат нивните пари, за да можат врз таа основа да учествуваат и во донесувањето одлуки за што тие пари ќе се трошат. А со тоа, во крајна линија, освен што парите ќе се трошат порационално и понаменски за потребите на граѓаните, ќе расте и довербата на граѓаните во општините и воопшто во институциите на системот“, вели Герман Филков.

Додека експертите укажуваат на итноста од зголемување на транспарентноста во работењето на општините особено во делот на трошење на јавните пари, дел од локалните власти и натаму прикажуваат раст на задолжувањата по различни основи, а државата на почетокот од декември одбори нов финансиски пакет – како помош поради Ковид кризата. На листата се сите општини, не исклучувајќи ги и оние кои сè уште “далеку од очите на јавноста“ кријат податоци за тоа како и за што ги трошат парите на граѓаните. 

Оставете коментар

коментар(и)