Потрошени милиони, а чист воздух сè уште нема

Во скопскиот регион годишно се губат 1205 животи како директна последица од аерозагадувањето, покажуваат најновите истражувања на научната јавност, според која, овие бројки се во пораст во споредба со наодите во студијата на Светска банка.

Иванка С. Зивосовска

Жаклина Хаџи-Зафирова

Над 7 милиони евра градот Скопје одвоил во изминативе 5 години за заштита на животната средина, период во кој метрополата, како и државата се прочуја во светските медиуми како едни од најзагадените места во светот. Но, повеќе од половината од оваа сума или скоро 4 милиони евра со ребаланс биле пренаменети за други ставки или пак префрлени за исполнување во наредни години.

Во годишните извештаи на градот за изминативе пет години нема детали за што точно биле наменети  парите за заштита на животна средина. Ниту пак, оваа сума од 7 милиони евра која е наведена во одговорот кој го добивме по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се поклопува со буџетите кои се трошени за животната средина.

Средства за заштита на животната средина одвоиле и скопските општини, но биле наменети за одржување јавна чистота, отстранување комунален отпад, ангажирање консултанти за бучава… Сепак, и покрај ваквите амбициозни потези, конкретни мерки и ефекти за намалување на загадувањето во изминативе години-нема. Јавноста се наслуша од најави за спроведени елаборати, студии, проекти, но се прашува каков е ефектот од сето тоа кога и зимово, како и изминатите, скопјани се жалеа на загадениот воздух. И оваа зима помина во знакот „подобро време, подобар воздух“. Иако беа најавени низа мерки, како возење пар непар, потоа маски за хронично болните, најголем потфат на градските власти беше набавка на прочистувачи во средните училишта, субвенции со палети и велосипеди и бесплатно возење со автобуси (во два наврати) што се должеше на енормните концентрации на ПМ честичките.

Во скопскиот регион годишно се губат 1205 животи како директна последица од аерозагадувањето, покажуваат најновите истражувања на научната јавност, според која, овие бројки се во пораст во споредба со наодите во студијата на Светска банка.   

Бројките на смртност, и покрај зголемувањето на буџетските средства за заштита на животната средина, растат напоредно со загадувањето.

„Во Буџетот на град Скопје во делот кој се однесува на заштитата на животната средина во последните пет години (2014-2019) се издвоени вкупно 438.073.400 денари. Во буџетите се предвидени активности кои се поврзани со заштитата на сите медиуми и областа на животната средина и исполнување на обврските кои произлегуваат од законските решенија“, се вели во одговорот од Град Скопје кој го добивме како одговор на нашето барање по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Но, оваа сума не одговара на сумите кои Скопје ги потрошил за заштита на животната средина во периодот од 2014 до 2019 година. Имено, во завршниот Годишен извештај за 2014 година, градот Скопје предвидел и потрошил 22,9 милиони денари. Во следната 2015 година е објавен завршниот Годишен извештај за 2015 година, каде Град Скопје предвидел и потрошил скоро 26,2 милиони денари, додека во следната 2016 (според Годишниот извештај за 2016 година) се потрошиле 28,5 милиони денари или два милиони повеќе. Овие извештаи се однесуваат на времето кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според Извештајот на Европската агенција за животна средина, Македонија токму во овие последните две години (2015 год. и 2016 год. ) била најзагадена земја во Европа, а цената на загадувањето се 1469 животни години. 

За 2017 година средствата се скоро дуплирани. Имено, во Годишниот извештај за 2017 година, за заштита на животна средина се потрошиле 49,5 милиони денари, додека за следната, 2018 година според Годишниот извештај за 2018 година  рекордни 65,8 милиони денари. Но, и овие две години Скопје, Битола и Тетово беа рангирани меѓу десетте најзагадени градови во Европа. Последните две години се однесуваат на времето на владеењето на Петре Шилегов од СДСМ, партијата чие ветување, меѓу другото, беше и гасификацијата на Скопје, како и субвенции за намалувањето на штетните последици од загадениот воздух.

Кога ќе се одземе сумата од 438 милиони денари кои град Скопје ги одвоиле за заштита на животната средина во претходните пет години од 2014 до 2019 година со збирот на сумите кои се потрошиле за оваа намена, а се наведени во годишните извештаи, се доаѓа до разлика од околу 245 милиони денари или (4 милиони евра). Раководителката на одделот за заштита на животната средина, Цветанка Икономова Мартиновска нѝ изјави: „Разликата во сумите се јавува бидејќи дел од средствата не одговораат на сумите од јавните набавки, каде за определен тендер, пример се одвоиле помалку средства отколку што биле потребни, па потоа се префрлени за други намени со ребаланс. Исто така, дел од обврските се префрлаат од една во друга година, па затоа не биле искористени сите средства во годината кога било планирано да се потрошат“.

Драган Ѓоргев

Драган Ѓоргев, долгогодишен експерт од оваа област е поставен за претседател на Советот за јавно здравје, тело во кое членуваат претставници од општините, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје на град Скопје и Медицински факултет. Цел на Советот е да понуди конкретни решенија за подобрување на животната средина, преку анализирање на буџетите на општините. Тој е веќе уморен од зборување на оваа тема. Жали што ни тој, а ниту претставниците на оваа интерсекторска група не се вклучени во најавениот План за чист воздух на Владата. Во него, вели дека нема индикатори за мерење на постигнувањата. Тој досега учествувал во изработката на 4-5 Акциони планови. Вели дека ниту еден од нив не се реализирал.

„Сериозноста на акцијата се мери и во буџетот. Ако вие имате некој симболичен буџет одвоено за некој ациски план, не очекувајте големи прогреси. Но, ако имате програма и ставка за некој буџет вие мора да имате индикатори да го мерите успехот“, вели тој. Ѓоргев нагласува дека државата располага со добри акциони планови, но, како што вели, дел од нив „останале во фиока“. „Последен е Планот за здравје и животна средина кој беше изготвен пред крај на минатата Влада кој го работевме интерсекторски. Остана во фиока. Им дојде многу скапо. Ѝ предложивме на оваа Влада да го усвои, но остана сè уште неусвоен“, нагласува Горгев.

Вели дека секоја Влада одново почнува со нови планови и стратегии. „Во секој од секторите мора да има буџет за животна средина. Тоа не е само работа на Министерството за животна средина“. „Дури и да има мерки, индикаторите покажуваат дека нема мерки. Не паѓа загадувањето, а ни паѓа морталитетот. Смртноста дури има стапка на покачување. Постојат мерки, и тоа сто пати сме ги кажувале и ги има во плановите, но ефектот отсуствува“, дециден е Ѓоргев.

д-р Мирјана Димовска

Ѓоргев, заедно со неговата колешка, д-р Мирјана Димовска која работи во Институтот за јавно здравје ја изработија првата национална студија поврзана со ризиците од загадувањето, која е правена по методологија на Светската здравствена организација и други релевантни институции. Студијата е дел од нејзината докторска дисертација објавена во јануари годинава. Во неа, преку вкрстување на податоци од повеќе државни институции и конкретни индикатори се докажува колкав дел од смртноста може да се припише на изложеност на загаденост воздух во Скопје и Тетово.

„Во скопскиот регион 1205 животи се губат поради изложеност на тековните нивоа на ПМ 2.5 честички, додека во Тетово 265. Во скопскиот регион, 120 смртни случаи на рак на бели дробови се припишуваат на ПМ 2.5 честичките, што изнесува 39 отсто од вкупната смртност на овие малигни неоплазми, додека во Тетово 19 смртни случаи, што претставува 61 отсто од вкупната смртност од овие малигноми. Проценетото оптоварување со болести од сите причини е највисоко во Тетово каде годишно се губат 10.343 години на здрав живот, додека во скопскиот регион се проценети 30.256“, се вели во студијата „Примена на методите за проценка на ризик во услови на високо урбано аерозагадување во РМ“.

Според Димовска, аерозагадувањето на Скопје и Тетово не е само нивен проблем. „ПМ 2.5 честичките патуваат по илјадници километри. Тие се проблем и за нашите соседи. Треба да тежнееме да ги снижиме вредностите до оние од ЕУ, иако и тие се небезбедни“, смета Димовска. 

Во студијата се вели дека Скопје, според просечната концентрација на ПМ 2.5 честичките за периодот од 2012-2016 година е на врвот на најзагадени градови во Европа кои се опфатени со АРНЕКОМ студијата. 

Oштините очигледно трошат на се, освен на квалитетот на воздухот. На ова се  посочува и во последниот ревизорски извештај на Државниот Завод за ревизија објавен во февруари 2018 година кој го анализира квалитетот на воздухот во периодот 2014-2016 година и тоа какви мерки преземаат општините и институциите за подобрување на воздухот. Во него се наведува дека „иако во периодот од 2014-2016 година се реализирани одредени мерки од Националниот план за заштита на амбиентниот воздух во клучните сектори за загадувањето на воздухот, преку обезбедени средства од грантови, донации, заеми и сл., истите се недоволни за да се постигнат задоволителни резултати во однос на намалувањето на суспендираните честички (ПМ 10 и ПМ 2.5)“. „Средствата обезбедени во буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање не се доволни за реализација на Годишната програма за работа на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух, односно за негово одржување и непречено функционирање, а од Програмите за инвестирање во животната средина во трите години опфатени со ревизијата, не се доделени средства за проекти кои имаат директна поврзаност со медиумот воздух“, се вели во ревизијата, во која се препорачува зајакнување на капацитетите на администрацијата, но и да се одвојат поголеми буџетски средства за оваа цел. Во ревизијата, исто така, се наведува дека е формирана Интерсекторска група за квалитет на воздух, како и Комитет за здравје и животна средина, но сè уште нема воспоставен систем за надзор над имплементација на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.
Во Ревизорскиот извештај  Утврдување, наплата и користење на надоместоци кои се должни да ги подмируваат операторите на инсталации кои имаат влијание на животната средина објавен во април 2018 година, (каде е опфатен периодот од 2015-2017 година) се наведува дека Министерството за животна средина не извршило наплаќање на годишен надоместок на опраторите на инсталации, односно направило селективна проценка за тоа кој, колку и кога треба да плаќа надоместок што директно влијаело врз животната средина. Се работи за период од 2015 до 2017 година. „Годишниот надоместок за поседување дозвола и редовен надзор во дел од пресметките не е точно и целосно утврден поради недоволно ефикасен систем на внатрешни контроли. Не се врши редовно пресметување, следење и наплата на соодветниот надоместок. Голем број оператори на инсталации не го запазиле законскиот рок за реализација на оперативните планови. Не е воспоставен Национален информативен систем, ниту има целосни податоци во Катастарот за животна средина и Регистарот на загадувачи. Средствата од уплатениот годишен надоместок за поседување дозвола и за редовен надзор на инсталацијата не се користат за намените предвидени со законот, туку за финансирање на проекти и други активности предвидени со годишните Програми за инвестирање во животната средина“, се вели во ревизорскиот извештај. Во него има и низа други забелешки, а меѓу другото, се забележува и дека нема контрола како се користени средствата од проектите.

На Електронскиот систем за јавни набавки (https://e-nabavki.gov.mk) за последниве четири години се објавени само три тендери за студија за ефектите од загадување на воздухот. На 30 август 2016 година град Скопје склучува договор со Друштво за промет и консалтинг „ФАРМАХЕМ ДООЕЛ“ Скопје за Изработка на елаборат за испитување на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот во вредност од скоро 2,7 милиони денари. Две години подоцна, на 22 август 2018 година град Скопје склучил договор со Друштвото за технолошки, лабораториски испитувања, проектирање и други „ТЕХНОЛАБ ДОО“ Скопје за Проширување на испитувањето на загадувањето на амбиентниот воздух од согорувањето на дрвото како средство за затоплување во вредност од скоро 2 милиони денари. Додека, на 3 октомври 2018 година е склучен договор со Друштво за промет и консалтинг „Фармахем ДООЕЛ“ Скопје за Проширување на испитувањата на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот во износ од скоро 3 милиони денари.

Најновиот документ кој го нарачал градот Скопје е од 12 февруари годинава кога е склучен договор со Градежниот институт Македонија АД за изработка на Локален еколошки акционен План (ЛЕАП) 3 за град Скопје за периодот 2018-2023  во вредност од 1,67 милиони денари. Според договорот, Градежниот институт е должен да изработи ЛЕАП 3 за Скопје и неговите 10 општини, но и да изработи Стратегиска оцена на влијанието на планот врз животната средина. Претходниот месец, на 3 јануари 2019 година е склучен договор со Друштво за производство, трговија и услуги „Армор Плус“ ДОО увоз-извоз Скопје во износ од 2 милиони денари за набавка на 25 изолациони дишни апарати. Но, не е јасно за која намена се набавени.

Од град Скопје велат дека располагаат со четири инспектори за животна средина. Во последните пет години од 2014-2019 година направиле 904 записници од извршени инспекциски надзори на територија на Град Скопје. За целиот овој петгодишен период изречени се само 11 казни со платни налози во висина од 16 840 евра согласно Законот за  животната средина и 3560 евра согласно Законот за управување со отпадот. Но, од град Скопје не кажуваат кого и за што конкретно казниле. Ниту пак ги даваат на увид записниците од извршените контроли.

Во другите скопски општини, исто така, имаат одвоено средства за заштита на животната средина, но за мерки од типот субвенции или елаборати. На нашето Барање по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер сепак, не одговорија сите.

Од сите скопски општини од кои добивме одговор, најмногу за заштита на животна средина одговори дека издвоила општина Карпош-429.843.007 денари или 6,9 милиони евра. Овие пари општината ги потрошила во периодот од 2014-2019 година и тоа за отстранување на комунален отпад, за набавка на комунално возило, одржување на зеленило и изградба на паркови, субвенции за велосипеди и субвенции за енергетски ефикасни фасади. Но, не и за конкретни мерки насочени кон намалување на загадениот воздух.

Општината има Катастар на загадувачи. „Генерална оценка е дека загадувањето на амбиентниот воздух е со тренд на опаѓање и покрај негативните влијанија од деловните субјекти, освен концентрациите на суспендираните честици (PM10), концентрациите на останатите разгледувани загадувачки супстанци во амбиентниот воздух имаат тренд на опаѓање“, наведуваат од општината. Оттаму велат дека при подготовка на Катастарот на загадувачи во 2012 година биле земени предвид емисиите на воздух кои потекнуваат од согорувачки постројки и користење на енергетски капацитети, користење на мазут, нафта за домаќинства, дрва и брикети и многу мала количина на емисии од технолошките процеси. Досега Општината нема изречено казнена мерка за сторен прекршок, и покрај тоа што Карпош во последниве години се најде на тапет во јавноста поради експанзијата на градежни зафати, кои, исто така, придонесуваат за загадување на животната средина.

Карпош не поседува План за справување со загадувањето на животната средина и напоменуваат дека надлежна институција за изработка на План за заштита од загадување на воздух е Град Скопје. Но, оттаму не нѝ одговорија на прашањето дали имаат такви планови.

Општина Центар во 2016 год. одвоила 3.193.404 денари за заштита на животната средина и тоа за печатење рекламен материјал, ангажирање на консултанти за мерење на  бучава и чадни гасови, за инспекциски надзор, како и за субвенционирање на велосипеди.  Во 2017 година буџетот е  3.096.357 денари и повторно за истата намена, а во 2018 година реализирани се 1.595.488 денари и тука освен за гореспоменатите активности, средствата се искористени и за селекција на отпад.

Општина Бутел во период од 2014-2019 год. немал Буџет за заштита на животната средина. Нема катастар на загадувачи, ниту пак План за справување со загадувањето на животната средина. Нема податоци за извршени надзори на примена на мерки за заштита на животната средина ниту пак казнени одредби кои произлегуваат од надзорот.

Општина Шуто Оризари во последните пет години има издвоено околу 15 милиони денари за одржување на јавна чистота, подигање и расчистување на отпад, реконструкција на фекална канализација. За неправилности во работењето (загадување) во период од 2014-2019 година извршени се само опомени на правни и физички лица, а тие, како што наведува општината, не го повториле прекршокот.

Општина Шуто Оризари нема Катастар на загадувачи и нема План  за заштита на животната средина за 2019 година. 

Од одговорите на општините евидентно е дека повеќето општини издвоиле средства од Буџетот за заштита на животната средина, но истите се искористени за други намени: одржување на јавна чистота, отстранување комунален отпад , за набавка на комунално возило, одржување на зеленило и изградба на паркови, субвенции за велосипеди и субвенции за енергетски ефикасни фасади, печатење рекламен материја, ангажирање на консултанти за мерење на  бучава и чадни гасови, за инспекциски надзор и сл.

Најголем број Општини немаат План за борба против аерозагадувањето, ниту пак Катастар на загадувачи. Оттука, може да се заклучи дека локалната самоуправа тешко или воопшто не се справува со спроведување на одредбите од Законот за амбиентален воздух, ниту пак издвојуваат буџет кој ќе придонесе кон намалување на загадувањето.

Владата најави План за чист воздух, каде се предвидува намалување на загадувањето во Скопје за 50 отсто до 2020 година, а во другите градови од 30-50 отсто. Предвидени се едукативни кампањи, измена на закони, инспекции и мониторинг на загадувањето. Во најновиот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија за 2018 година се констатира дека дури ни препораките од 2016 година не се имплементирани. Се потенцира и дека легислативата е скоро прилагодена на ЕУ регулативата, но недостасува нејзина имплементација. „Нивоата на загадувањето на воздухот посебно во Скопје, Тетово и Битола се се уште високи. Сè уште не се донесени Плановите за подобрување на квалитетот на воздухот во сите реони каде нивоата на загадувачите ги надминуваат дозволените граници. На националната мониторинг мрежа сè уште и е потребно значајно човечко, техничко и финансиско зајакнување“, се наведува во извештајот. 

Буџетите во програмите растат, но речникот е идентичен

Буџетите на Програмите за животна средина за изминативе пет години постојано расте. Од 3,75 милиони денари во 2014 година на 186 милиони денари во 2019 година. Но, речникот во програмите не се менува. Имено, содржината на Програмите за животна средина кои ги изработува Секторот за животна средина на Град Скопје со мали разлики се скоро идентични, посебно за последниве три години. Обичен читател ќе мисли дека станува збор за една иста програма бидејќи воведот во програмата буквално не е сменет ниту во запирка. Мали промени има во однос на проектите кои се применувале од година во година, но речникот во самите програми, како и самите реченици во поголем дел од програмите како да е копиран. 

Експертите апелираат да се применат долгорочни мерки

Според експертката од Друштвото за еколошки консалтинг ДЕКОНС-EMA ДОО, Менка Спировска, треба да се применат долгорочни мерки, посебно во однос на користењето на јавниот превоз, како подобрување на квалитетот и безбедноста на автобусите кои се користат за јавен превоз, купување на електрични автобуси, ширење на мрежата на автобуски линии во градот, како и обезбедување субвенции за корисниците на јавниот превоз, кои би се однесувале на обезбедување на годишни фамилијарни билети и бесплатни билети за  сите корисници на јавниот превоз во најкритичните месеци во годината. Таа смета дека треба да се смени регулативата за увоз на половни возила и забрана на увоз на возила, кои поседуваат мотори пониски од ЕУРО 5 стандардот. Важно е, вели таа, да се формираат пешачки зони во централното градско подрачје, потоа зголемување на процентот на велосипедски патеки и обезбедување субвенции за возила на електричен погон; намалување на цената на електричната енергија и парното греење во текот на зимските месеци; изградба на гасификациона мрежа итн.

Александра Бујаровска од невладината Фронт 21/42 потенцира: „Потребни се активности насочени кон: индустријата – нешто што не може да биде покриено од страна на предвидениот буџет; транспортот и квалитетот на горивата – особено индивидуалниот кој опфаќа стари возила; загревањето  – кое само делумно е адресирано во планираниот буџетот но без очекување на вистински резултат; и градежништво кое на ниту еден начин никој не го адресира“.

Бујаровска нагласува дека за да се види вистинска промена потребен е буџет и финансиски механизми (зелени кредитни линии и слично) кои ќе ги адресираат сите овие аспекти на загадувањето на воздухот. „Најевтината мерка која не повлекува финансиски трошок, а властите ја игнорираат е зеленилото и хуманото просторно планирање. Па, еве, за почеток може да спроведат мерки за прекин на сечата на зеленило. Потоа, доаѓа индустријата и инспекцискиот надзор над истата“ вели таа. Бујаровска воедно напоменува дека на индустријата сè уште ѝ се исплаќа да загадува место да спроведува мерки за унапредување на технологијата со која работи. „Пеналите и надоместокот кој го плаќаат загадувачите е пренизок за да го задоволи начелото „загадувачот плаќа“. И колку и кои плаќаат… Некои загадувачи ја користат монополската положба па за нив важат други правила – РЕК Битола, Дрисла и слично“ децидна е Бујаровска, која додава дека е потребна и промена на свеста кај граѓаните за тоа како треба да управуваат со круцијалниот ресурс – воздух. 

Виена-еден од најзелените градови во Европа

Виена е еден од најзелените градови во Европа. Има План и програма со која помага на правните и физички субјекти за преземање мерки за заштита на животната средина преку професионално советување, помош за практична реализација, правно советување, односи со јавност. Програмата е започната од 1998 година и во неа оттогаш учествувале околу 1000 помали и поголеми виенски компании. При тоа, заштедени се 130 милиони евра погонски трошоци, 130.000 тони отпад и околу 360.000 тони јаглерод диоксид.

Виена дава субвенции за алтернативно производство на енергија (соларни панели, топлотни пумпи), но и субвенции за електрични автомобили за такси компаниите.

Од вкупниот буџет годишно се издвојуваат 16.240 eвра за анализа на издувниот воздух и мерење на бучавата.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

Оставете коментар

коментар(и)