ПРАТЕНИЦИ-БИЗНИСМЕНИ НЕ ГИ ПРИЈАВИЛЕ ФИРМИТЕ ВО ДКСК



  • Само пратеникот Панчо Минов од ГРОМ во својата имотна листа ја пријавил неговата фирма која ја поседува, додека 14 пратеници во нивните имотни листи ги немаат наведено фирмите каде реално се јавуваат како сопственици.
  • СКУП упати прашање до секој од нив за да добие објаснување зошто фирмите не се наведени, но ниту еден од функционерите не испрати одговор.
  • Според податоците од Централен регистар до кои дојде СКУП во рамките на проектот ПЕП, најбогататиот пратеник Васил Пишев, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ, поседува две фирми.

Пишуваат: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

 

 

Само пратеникот Панчо Минов од ГРОМ во својата имотна листа го пријавил Друштвото за угостителство, трговија, производство и услуги „ПЕЛИ ДОО Кавадарци“. Станува збор за друштво со ограничена одговорност чија приоритетна дејност се ресторани и други објекти за послужување на храна.

Но, останатите пратеници не пријавиле дека поседуваат компании. Се работи за уште 14 пратеници кои во нивните имотни листи, пријавени во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ги немаат наведено фирмите каде реално се јавуваат како сопственици. СКУП упати прашање до секој од нив за да добие објаснување зошто фирмите не се наведени, но ниту еден од функционерите не испрати одговор.

ПИШЕВ СО ДВЕ ФИРМИ

Имиња на актуелни пратеници се јавуваат во сопственичката структура на фабрики, амбуланти, но и на здруженија на граѓани и медиуми.

Според податоците од Централен регистар до кои дојде СКУП во рамките на проектот ПЕП, најбогататиот пратеник Васил Пишев, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ, поседува две фирми. Тој е основач и сопственик на Трговско друштво за посредување, транспорт и туризам „АМОР ДОО увоз-извоз Струмица“ и содружник во Трговско друштво за производство трговија и услуги „АЛ МАКС ДОО Струмица“.

Првата фирма е основана 9 јануари 1997 година и е во приватна сопственост. Станува збор за друштво со ограничена одговорност чии сопственици се Васил Пишев и Саветка Крајц. Дејноста на фирмата е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалоци и тутун. Управител е Гордана Пишева, која има неограничени овластувања во внатрешниот и надворешниот промет.

Истата година, седум месеци подоцна, односно на 20 август 1997 година е основана втората фирма на Пишев. Во истата управител е Ѓоко Крајц, кој, исто така, има неограничени овластувања. Приоритетна дејност на втората компанија е трговија на големо со млечни производи, јајца, масла и масти за јадење.

Според податоците од Државен завод за ревизија (ДЗР), горенаведените сопственици во неколку наврати биле донатори на ВМРО-ДПМНЕ. На 27 март 2017 година Саветка Крајц донирала 40.000 денари, Васил Пишев донирал 59.000 денари, Гордана Пишева 15.000 денари и Катерина и Атанас Пишеви по 10.000 денари.

Името на Васил Пишев се споменува и во судскиот случај Титаник 2 кога тој се стекнал со противзаконито право за натамошно учество на изборите.

ЗМЕЈКОВСКИ ВО ГРАДЕЖНИОТ БИЗНИС

Борис Змејовски во Централниот регистар на СРМ е регистриран како сопственик на Друштво за градежништво и инженеринг „МЕГА ГРАДБА ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Скопје“ и Друштво за производство на брусни производи „ИДНИНА ЗМЕЈ ДООЕЛ с.Туралево Кратово“. Двете фирми не се наведени во имотната листа на Змејковски што тој ја пријавил во ДКСК.

Првата компанија е основано на 27 октомври 2008 година. Станува збор за друштво со ограничена одговорност во кое, освен името на Змејковски, на листата сопственици се наоѓаат уште две имиња, Шенѓул Бозкојунлу и Снежана Дилберовска.

Втората компанија е основано истата година, два месеци подоцна, односно 23 декември 2008 година. Микро-субјект во приватна сопственост на пратеникот Змејковски, а овластено лице е Мира Наковa.

Во 2006 година Змејковски е назначен за директор на спортската сала  „Борис Трајковски“. Оваа функција ја извршува до 2010 година. Во тоа време тој ја купува фабриката за производство на брусни камења „Иднина“, по што била преименувана во „Иднина змеј“. Во 2010 било обновено производството на оваа фабрика, по што таа продолжила да работи во кратовското село Туралево, а потоа во село Ранковце.

Неделникот „ФОКУС“ ги отвори прашањата за тоа како Борис Змејковски ги регулирал односите со државата поради изградбата на индустриската зона во Кратово, во дворот на неговата компанија, и како го стекнал имотот во Ранковце каде што ја пресели механизацијата и дали навистина неговата компанија работела како подизведувач на „Трансмет“ на рудокопите на РЕК Битола.

ФИРМИТЕ ДОЛЖНИЦИ НА ИБРАИМОВСКИ

Според податоците од Централен регистар (ЦР) до кои дојде СКУП, пратеникот Самка Ибраимоски е сопственик на Друштво за професионално вработување и оспособување на инвалиди за производство на картонска амбалажа, угостителство и услуги „УНИУС-ИС ДООЕЛ увоз-извоз Тетово“. Ова друштво е основано на 6 октомври 2000 година и е микро субјект во приватна сопственост. Како овластени лица наведена е само Анка Ибраимовска, која што е управител без ограничувања во внатрешниот и надворешниот трговски промет. Во приоритетна дејност наведено е производство на брановидна хартија и картон и на амбалажа од хартија и картон. Сега, десет години од основањето, ова компанија има поднесено изјава – известување до ЦР за немање на деловна активност за последната пресметковна година.

Според податоци објавени во Службен весник од 2003 година, ова друштво го добива името „Друштво за професионално вработување и оспособување на инвалиди за производство на картонска амбалажа за угостителство и услги УНИУС-ИС ДООЕЛ увоз-извоз Тетово“ откако Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со решение ја запишува во трговскиот регистар промената на име и проширување на дејност. Тогаш Трговското друштво за професионално вработување и оспособување на инвалиди за угостителство и услуги Ресторан Плави Самка ДООЕЛ увоз-извоз Тетово се преименува во УНИУС-ИС ДООЕЛ.

Неколку години подоцна, односно во 2009 година името на оваа фирма се најде во вниманието на јавноста, откако фабриката за сол од Тузла изјави дека ќе ја тужи УНИУС-ИС, затоа што неовластено пакувала и продавала сол во амбалажа и со етикетата на познатата фабрика за сол од Тузла. Тогашниот заменик – министер за труд и социјала и сопственик на фирмата, Самка Ибраимовски ги демантираше тврдењата.

Но, УНИУС-ИС не е позната само по ова. Нејзиното име се споменува и во листата опомени за 2016 година на правни и физички лица кои поседуваат фирма на територијата на општина Тетово на која и должи 30.000 денари, додека пак ресторанот „Плави дооел-Самка“ должи 22.000 денари. УНИУС-ИС не платила ниту 6.000 денари такса за фирма во 2018 година, ниту данок на имот во висина од 13.867 денари за истата година.

И Во стенографски белешки од 88 седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 24 декември 2004 година, кога Самка Ибраимоски е предложен за заменик на министерот на Министерство за труд и социјална политика, наведено е дека тој е сопственик на фабриката УНИУС-ИС. Имено, Ибраимоски како министер без ресор во својот имотен лист објавен на ДКСК пријавил фабрика во лична сопственост, во вредност од 32.530.500 денари, односно околу 2 милиони евра.

ГРУБИ СОПСТВЕНИК НА МЕДИУМСКИ ЦЕНТАР

Пратеникот Артан Груби од ДУИ е сопственик на Здружение на граѓани МЕДИУМСКИ ЦЕНТАР АЛБ ЊУЗ Скопје. Според историјатот на фирмата, ова здружение има за цел да придонесе за подобро познавање на работата на мас медиумите во Македонија. Покрај Груби, сопственици на ова здружение се Ветон Груби, Башким Шуки, Беким Хоџа, Фатон Османи и Омер Буњаку.

Рамка (1)

Четворица пратеници дел од здравството

ПратеникЗдравствена установа
Дафина Јованоска-СтојаноскаОрдинација по општа стоматологија ХИПОКРАТ –  Гостивар
Реџеп МемедиОрдинација по општа медицина МЕДИКО ПАРК – с.Средно Коњари – Петровец
Неџбедин КареманиОрдинација по општа медицина МЕДИКУС ЛУКС – Тетово
Маја МорачанинСпецијалистичка ординација по физикална медицина и рехабилитација ПРИМАТЕРАПИ Скопје.  

Останати сопствеништва на пратениците (Рамка 2)

Јован Митрески АНА КОНСАЛТИНГ
Сашко Атанасов ВЕГАФРУ ПАКОС ДООЕЛ с.Пиперово Василево
Ѓулумсер Касапи Здружение за теорија и практика на образованието ОБРАЗОВНИ РЕФЛЕКСИИ – Скопје.
Чедомир Саздовски Унија на спортски педагози КИСЕЛА ВОДА Скопје, Здружение на граѓани Карате Клуб Кисела Вода 80 Скопје и Здружение на универзитетски наставници, тренери и едукатори по кинезиологија ФУНТЕК – 7 Скопје.
Маја Морачанин Здружение на граѓани ЕКО-ФЕМИНА Пробиштип
Реџеп Мемеди Здружение за образование, култура, спорт и екологија АРСИМ КУЛТУР СПОРТ Скопје

Оставете коментар

коментар(и)