ФУНКЦИОНЕРИТЕ НЕ ШТЕДЕЛЕ НА АВИОНСКИ КАРТИ, ХОТЕЛСКО СМЕСТУВАЊЕ И РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Од вкупно 78 функционери опфатени во алатката за поголема дигитална транспарентност, 61 трошеле додека 17 не потрошиле воопшто.

Пишува: Љубица Иванова

Министерот за надворешни работи (МНР) Никола Димитров, вице-премиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и премиерот Зоран Заев потрошиле најмногу буџетски пари во првите месеци од 2019, покажува анализата на СКУП заснована на податоците од алатката за отчетност. 

Никола Димитров има потрошено вкупно 1.282.027 денари. Најмногу потрошил во април – 363.530 денари, а најмалку во јануари – 111.384 денари. Во месец април патувал на работен престој во Вашингтон на средби со претставници од американски државни институции, како и работен престој во Берлин, каде што биле одржани повеќе брифинзи и работни состаноци, со фокус на тема Придобивки од Преспанскиот договор, активностите на министерот продолжиле во Варашава каде што присуствувал на седница на Сенатот на Република Полска, како и работен престој во Хаг каде што биле остварени повеќе средби во насока на реформи.

Во првите пет месеци од 2019 година, министерот бил на работни посети и во Анкара, Брисел, Букурешт, Бугарија, Грција, Берлин, Талин, Романија, Братислава, Италија како и повеќе работни средби  во однос на домашни активности.

Освен Димитров, во Министерство за надворешни работи трошоците ги правеле уште тројца други функционери. Виктор Димовски е на второто место по потрошено во оваа министерств со 569.842 денари, најмногу – 189.986 денари – биле за хотелско сместување во странство. Андреј Жерновски е на трето место со потрошени 414.948 денари, од нив 173.855 денари потрошил за авионски карти.

Бујар Османи вкупно потрошил 1.164.489 денари во првите пет месеци од 2019 година. Најмногу потрошил во февруари 441,504 денари, најмалку во јануари 71.111 денари.

Османи во февруари патувал на работна посета во Република Финска, каде што остварил повеќе работни средби меѓу кои и со Министерот за Европски прашања – Само Терхо. На неколкудневна работна посета бил и во Вашингтон, каде остварил средби во Американскиот Конгрес, Сенат и Централата на УСАИД. Во истиот месец имал две работни посети во Брисел, каде што одржал брифинг за процесот на европската интеграција на земјата и средба со бившите комесари за надворешни работи и проширување, Федерика Могерини и Јоханес Хан. Во Виена учествувал на состанокот за министри задолжени за европски прашања од земјите на Западен Балкан.

Во останатите месеци од почетокот на 2019 година, патувал и на работни посети во Косово, Романија, Словенија, Шпанија, Букурешт, Брисел, Португалија, Германија, Унгарија, Хрватска, Италија, Белгија. А бил домаќин и на повеќе посети во рамките на домашни активности.

Освен Османи, во Секретаријат за европски прашања, институција која е на трето место по потрошени пари, трошоците се направени и од страна на Калинка Габер, која потрошила 396.878 денари, од тоа најмногу за авионски карти 169.283 денари.

Зоран Заев вкупно потрошил 1.007.018 денари. Најмногу потрошил во март 273.545 денари, најмалку во јануари 109.174 денари.

Во март претседавал со состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ во Брисел. Како и официјална посета со делегација во Албанија на средба на средба со тамошниот претседател на Парламент и албанскиот премиер Еди Рама.

Во останатите месеци од почетокот на годината патувал во Брисел, Тирана, Светски економски форум во Давос, Виена, Софија, Романија, уште една посета во Австрија.
Остварил активности во земјата и во странство, состаноци со странски дипломати и претставници, настани, прес-конференции.

НАЈМНОГУ СЕ ТРОШЕЛО ЗА АВИОНСКИ КАРТИ И УГОСТИТЕЛСКИ УСЛУГИ


За авионски карти во првите пет месеци од 2019 година, најмногу трошел Никола Димитров, министер за надворешни работи – 8.658 евра и Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања – 6.532 евра. Веднаш после најмногу потрошени пари за авионски карти – вкупно 53.320евра, е трошењето за угостителски услуги преку мензи, ресторани, бифеа на што 45 функционери потрошиле 42.684 евра. Најмалку се трошело на вип салони на аеродроми и јавен превоз – 175 евра, јавен превоз користеле само шест носители на јавни функции.

Најмногу потрошено пријавил премиерот Заев – 12.088 евра, па бившиот заменик-премиер Кочо Анѓушев – 3.074 евра, министерот за образование Арбер Адеми – 2.660 евра, вице-премиерката Мила Царовска – 2.378 евра, генералниот секретар на владата Драги Рашковски – 2.144 евра. Над 100.000 денари односно над 1600 евра потрошиле и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, и Музафер Бајрам.

За подароци дадени за време на официјални посети, гостувања или во други околности, најмногу потрошил премиерот Зоран Заев – 2.356 евра, половина од тоа потрошил Никола Димитров – 1.147 евра. За мобилен телефон Бујар Османи потрошил 128.975 денари односно 2.097 евра, за само пет месеци.

Седум функционери користеле станови, во просек секој плаќал по 378 евра месечно.

За угостителски услуги во земјата најмногу потрошиле Бујар Османи – 3.400евра, Сухејл Фазлиу – 2.095 евра и Никола Димитров – 1.771 евра. За угостителски услуги во странство, пак, Никола Димитров потрошил најмногу и тоа 2.095 евра.

За хотелско сместување во странство над 200.000 денари потрошиле Никола Димитров и Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора. За дневници при патување повеќе од 1000 евра трошеле Јахи Јахија, Едмонд Адеми, Бујар Османи, Виктор Димовски – тогашен државен секретар во Министерството за надворешни работи и Никола Димитров.

Во десетте функционери кои потрошиле најмногу за пет месеци се и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи и Калинка Габер – државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања.

ВЛАДАТА ПОТРОШИЛА НАЈМНОГУ

Владата е на прво место по најмногу потрошени пари во првите пет месеци од 2019 година, во состав на Владата како функционери кои користат бенефиции се јавуваат 11 функционери од вкупно 15.

Од единаесетте функционери во Влада кои правеле трошоци на сметка на државниот буџет, најмногу потрошил Зоран Заев  – 1.008.017денари, од кои најмногу за угостителски услуги преку мензи, ресторани и бифеа во рамки на институциите. Кочо Анѓушев е на второ место со вкупно потрошени 695.330 денари, најмногу на авионски карти, додека Едмонд Адеми  со вкупно 568.921 денари е на трето место, од кои поголемиот дел бил за хотелско сместување во странство

Елвин Хасан потрошил 446.218 денари, од кои најмногу за закуп на стан, додека Драги Рашковски потрошил 368.504 денари – најмногу на авионски карти. Земеник-премиерот за странски инвестиции Бардуљ Даути потрошил 234.135 денари – најмногу од тоа на угостителски услуги преку мензи, ресторани и бифеа во рамки на институциите, додека Зоран Шапуриќ – 228.009 денари, од кои најголем дел потрошени за угостителски услуги.

Во листата на владини функционери кои трошеле се и Тахир Хани (223.970 денари), Музафер Бајрам (175.916 денари), Зорица Апостолска (162.797 денари) и Роберт Поповски (потрошени 38.435 денари).

Алатката за отчетност, повеќе не се ажурира

Податоци на алатката има за 2017 година од јуни до декември, за цела 2018 година и за првите пет месеци од 2019 година. Последен пат е ажурирана со податоци за мај, 2019 година.
Во Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, опфатени се: Претседателот на Владата, неговите замениците, Министрите, Министрите без ресор, Замениците-министри, Генералниот секретар на Владата и Државните секретари на министерствата.

Оставете коментар

коментар(и)