ШТО ПОСЕДУВААТ НОСИТЕЛИТЕ ВО ТРЕТАТА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА?

Љупчо Николовски од СДСМ поседува имот вреден 121.735 евра, Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ 280 илјади евра, Беким Незири од ДУИ – 260 илјади евра додека за Беким Татеши од коалицијата АА-Алтернатива нема податоци.

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Генералниот секратар на СДСМ, Љупчо Николовски, и потсекретарот на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, се локомотивите на нивните партии за добивање на што повеќе места во Собранието на предвремените парламентарни избори, кои се очекува да бидат одржани во текот на оваа лето. Беким Незири од ДУИ и Беким Татеши од коалицијата АА-Алтернатива се очекува да бидат споредни играчи заради малите шанси за нивните партии да добијат макар и еден мандат.

Ова изборна единица е со најмногу општини, вкупно 24 – од североисточна, источна и дел од централна Македонија.

Општините кои ги опфаќа оваа изборна единица се: Штип, Велес, Кочани, Крива Паланка, Свети Николе, Виница, Берово, Делчево, Пехчево, Пробиштип, Кратово, Македонска Каменица, Илинден, Зелениково, Петровец, Градско, Лозово, Зрновци, Карбинци, Куманово (дел), Ранковце, Старо Нагоричане (дел), Чашка и Чешиново-Облешево.

НИКОЛОВСКИ СО ИМОТ ВРЕДЕН 121 ИЛЈАДИ ЕВРА, ШАХПАСКА – 137

Од редовите на СДСМ, оваа изборна единица е предвидено да ја предводат Љупчо Николовски и Јагода Шахпаска.

Николовски е македонски политичар од редовите на СДСМ и министер за земјоделство во владата од 2017. Политичката кариера ја започнува уште во 2014 година кога бил назначен за шеф на кабинет на претседателот на СДСМ Зоран Заев, а од ноември 2015 до мај 2016 бил дополнителен заменик-министер за земјоделство во техничката влада на Емил Димитриев. Во 2017 бил именуван за прв човек на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во 2018 година, министерот Љупчо Николовски поседува имот вреден 121.735 евра. Тој пријавил дека има автомобил „Ренаулт Клио“ вреден 12.950 евра и кредит во износ од 9.919 евра. Неговиот брат има автомобил „Фиат Стило“ вреден 2.927 евра. Родителите на министерот поседуваат куќа вредна 89. 665 евра, пасиште вредно 278 евра, двор од 2.257 евра и земјоделско земјиште вредно 3.740 евра, сите во Крива Паланка. Во 2019 година, тој го дополнува својот имотен лист со стан со помошни простории, без наведена вредност, исто така, во Крива Паланка.

Јагода Шахпаска е пратеник од редовите на СДСМ во Собранието на Република Македонија. Во 2018 година таа поседува имот вреден 137.044 евра кој се состои од земјиште под објект, помошни објекти, помошни простории, два стана, двор и гаража, меѓутоа за истите ја нема наведено вредноста во имотниот лист. Таа има и автомобил Фолксваген Голф вреден 15.902 евра. Нејзиниот сопруг поседува куќа во Берово вредна 4.797 евра, како и гаража која вреди 2.764 евра и стан во Скопје кој е проценет 56.668 евра. Тој има и кредит во висина од 26.913 евра. За двете земјоделски земјиште во Скопје и Берово кој ги поседува сопругот на Шахпаска не е наведена вредноста.
До денес, кај Шахпаска не се забележани промени, а имотниот лист пријавен во Државната комисија за спречување на корупција е се уште ист.

ШТО ПОСЕДУВА ЈАНУШЕВ ОД ВМРО-ДПМНЕ?

Во имотната листа која што Игор Јанушев ја пријавил за време на извршувањето на функцијата директор  на ЈСП – Скопје е евидентиран имот вреден 280 илјади евра.

Тогаш, на лично име Јанушев има пријавено автомобил Митсубиши Лансер Спортбек вреден 14 илјади евра и приходи од член на НО во износ од 100 евра месечно. Трите стана во Скопје, секој во износ до 60 илјади евра, се на име на неговата сопруга. Таа поседува и акции, дивиденда и моторно возило Опел Астра. Како заеднички имот е пријавен стан во од 90м2 во Скопје вреден 90 илјади евра.

Јанушев е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година. Во периодот од 2000 до 2005 година е Секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Велес. Од 2005 станува член на Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, позиција која ја задржува се до 2009 година. Тој e потсекретар на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2017 година за Општинските комитети Штип, Пробиштип, Лозово, Карбинци и Илинден. Во период од 2015 до 2017 година ја извршува функцијата директор на ЈСП – Скопје,  пред тоа работи во Министерството за Транспорт и врски.

НЕЗИРИ СО ПРИЈАВЕН ИМОТ ОД 260 ИЛЈАДИ ЕВРА

Беким Незири, поранешниот министер за економија, кој на министерското столче седна во 2014 година, оваа година ќе биде носител на листа на ДУИ во изборна единица 3.

На функцијата министер Незири доаѓа од позицијата директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Претходно тој бил директор за економски и правни работи во МАНАВ.

Според податоците на Open Data Macedonia, во 2016 година, Незири пријавил имот вреден 260 илјади евра. Деведесет и девет проценти од имотот се на негово лично име, и тоа: стан, деловен простор и земјиште во Скопје, три кредити, два приходи од кирија и еден заем. На име на неговата сопруга е пријавено само моторно возило Пежо 308.

Офталмологот кој доаѓа од редовите на Алијансата за Албанците, ќе биде предводник на Коалицијата АА во изборната единица 3. Татеши до пред 2 години беше директор на Универзитетска клиника за очни болести.

Оставете коментар

коментар(и)