Бебиња умираат поради бирократски пречки (обновено: Детска клиника демантира)

Пишува: Саше Димовски

 

(Набрзо по објавувањето на овој текст, стигна демант од Детската клиника во Скопје. Демантот го објавуваме во целост на крајот на овој текст.)

 

Петар е младо, 30 годишно момче, од град во внатрешната на Македонија.   Се сретнавме за да ја раскаже голготата низ која поминал обидувајќи  се да обезбеди што поскоро транспорт за операција на неговото новороденче во Бугарија.

Возбудено раскажува низ какви лавиринти поминал во тие 7 дена по раѓањето на неговото второ дете, кај кое, веднаш по раѓањето била откриена срцева маана и проблем со дишењето.

Бебето на Петар е едно од 228 новороденчиња со срцеви проблеми или со проблеми со видот кои биле испратени на операција во странство од 2010 година до сега.

Болнички трошоци по земји за период од 2011 – 2015 год.
Земја 2011 2012 2013 2014 2015
Австрија 6,022,104.00 10,887,583.00 7,195,880.00 2,350,080.00 2,478,900.00
Чешка 606,699.00 982,545.00 474,199.00
Белгија 614,725.00 8,433,335.00 1,051,494.00 697,318.00 281,498.00
Бугарија 38,105,800.00 32,292,241.00 13,921,683.00 7,976,014.00 2,097,890.00
Германија 19,974,148.00 5,831,159.00 77,469,544.00 60,479,939.00 1,757,686.00
Грција 4,125,546.00 970,274.00 15,447,685.00 13,567,539.00
Хрватска 1,591,974.00 5,273,693.00 2,728,141.00 2,014,219.00 532,733.00
Израел 5,066,894.00 946,596.00 1,855,362.00
Русија 4,900,224.00 141,721.00 131,459.00
Словенија 3,669,798.00 410,747.00 3,021,107.00 739,954.00
Србија 4,024,812.00 5,685,324.00 9,975,565.00 1,817,249.00 131,318.00
Турција 16,377,921.00 28,818,671.00 37,271,463.00 63,582,324.00 17,587,316.00
В.Британија 77,880.00 2,362,438.00 20,508,884.00 5,762,097.00 4,029,475.00
Швајцарија 2,786,574.00 2,427,251.00
Франција 2,468,095.00 2,412,382.00 1,392,342.00 1,427,971.00
Италија 4,566,256.00 1,897,833.00
САД 1,969,510.00

Истражувањето на СКУП покажа дека од Македонија, во последниве 6 години (2010-2015) на лекување во 16 земји во светот биле испратени 228 бебиња на возраст од еден ден до една година, кај кои биле детектирани срцеви проблеми и проблеми со видот.Според податоците на Фондот за здравствено осигурување, во Во 2010 година на лекување во странство биле  испратени 93 бебиња, во 2011 година 27, во 2012 година 62, во 2013 година  14, во 2014 година 28 и во 2015 година, до сега  4 бебиња.

 

ЧАСОВИ, А НЕ ДЕНОВИ ПРЕСУДНИ ЗА СПАС НА БЕБИЊАТА

-Доколку дојдовте само два часа подоцна, за вашето бебе ќе немаше спас- ми рекоа лекарите во Кардиолошката болница во Бугарија – вели Петар, среќен што успеал да го спаси животот на неговото сега речиси две годишно дете. Но, во исто време е лут и гневен на здравствениот систем и бирократските процедури во Македонија, поради кои умираат бебиња затоа што не стигнуваат навреме на итните операции во странство или пак немаат доволно врски да го направат тоа што го издејствувал и преживеал овој млад татко за своето новороденче.

Приказната на Петар, ретко кого ќе остави без емоции: во неа, на едно место се мешаат разни чувства, барем такви имав јас слушајќи што има да ми раскаже Петар, низ каков кошмар поминал додека не заминало неговото дете на операција во странство.

Неговиот случај го паметат и на Клиниката во Скопје, каде што било хоспитализирано бебето.

-Таткото беше агресивен и се расправаше со сите на Клиниката додека не замина бебето на операција во Бугарија. По тоа го паметиме овој случај – велат од Детската клиника во Скопје.

Туку што роденото бебе на Петар, кое во моментите на откривање на сериозните здравствени проблеми со срцето и дишењето немало ниту име, е само едно од десетиците новородени деца кои успеале да добијат документи и да заминат на лекување во странство на сметка на Фондот за здравство.

Сепак, дел од бебињата не стигнале до крајната дестинација навреме и починале.

Статистиката покажува дека секоја година во Македонија починувале по од 300 до 750 новороденчиња, а над 80 проценти од нив биле на лекување во некоја од болниците во земјата.

T-01: Умрени и умрени доенчиња според полот, 1994-2013 година
T-01: Deaths and infant deaths by sex, 1994-2013
Godini Умрени во земјата / Deaths in the country
вкупно од тоа доенчиња Број на машки на 100 женски
Total Infant deaths Number of males per 100 females
Years вкупно умрени машки женски вкупно умрени доенчиња машки женски вкупно умрени умрени доенчиња
Total deaths Male Female Total infant deaths Male Female Total deaths Infant deaths
1994  15 649  8 685  6 964 751 411 340 124.7 120.9
1995  16 169  8 834  7 335 727 380 347 120.4 109.5
1996  15 882  8 730  7 152 515 289 226 122.1 127.9
1997  16 373  8 921  7 452 458 258 200 119.7 129.0
1998  16 628  8 988  7 640 474 244 230 117.6 106.1
1999  16 622  9 100  7 522 404 246 158 121.0 155.7
2000  17 085  9 206  7 879 345 190 155 116.8 122.6
2001  16 790  9 226  7 564 320 193 127 122.0 152.0
2002  17 866  9 825  8 041 282 146 136 122.2 107.4
2003  17 813  9 699  8 114 303 180 123 119.5 146.3
2004  17 944  9 650  8 294 308 169 139 116.3 121.6
2005  18 406  9 815  8 591 287 156 131 114.2 119.1
2006  18 630  10 000  8 630 260 149 111 115.9 134.2
2007  19 594  10 344  9 250 234 128 106 111.8 120.8
2008 18 982 9 972 9 010 223 126 97 110.7 129.9
2009  19 060  10 040  9 020   278   162   116 111.3 139.7
2010  19 113  10 168  8 945   185   104   81 113.7 128.4
2011  19 465  10 204  9 261   172   95   77 110.2 123.4
2012  20 134  10 523  9 611   230   123   107 109.5 115.0
2013  19 208  10 136  9 072   237   129   108 111.7 119.4

Од 1994 до 2013 година во Република Македонија починале 6.993 бебиња-доенчиња. Според Државниот завод за статистика кој во јули 2014 година ги објави последните податоци за морталитетот, во 2013 година, како последно обработена година починале 237 бебиња. Од оваа бројка, според статистичките податоци, 226 доенчиња биле на лекување пред смртта. Најмногу, 66 бебиња починале во Скопје, 16 во Куманово, 15 во Тетово, 10 во Велес, по што следуваат другите градови.

 

„Моето бебе се роди во летен период, во приватна Клиника во Скопје. Второ дете ни е и породувањето помина добро. Само што се вратив дома и се подготвував за честење, кога добив итен повик од Клиниката да се вратам назад бидејќи бебето добило компликации со дишењето, целото помодрело и итно требало да се транспортира на Детската Клиника во Клиничкиот центар“- вели Петар, објаснувајќи го почетокот на проблемите со кои се соочил.

ВО „ВОЈНАТА“’ПОМЕЃУ ПРИВАТНОТО И ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СТРАДААТ ПАЦИЕНТИТЕ

-Веднаш се вратив во Скопје и тогаш почна мојата голгота. На Детската клиника каде што беше префрлено бебето ме дочекаа со канонада од обвинувања дека сакаме децата да ни се раѓаат на приватни клиники, а сега, кога ќе настанат компликации веднаш се носат на Детска Клиника. Дијагнозата беше поразувачка, проблеми со  срцето и органите за дишење, недостаток на кислород во телото и затоа е неопходна брза операција, која не се изведува во земјава, а најблиската Клиника е во Софија, Бугарија, која има значителен резултат во операции на бебиња и каде што се испратени многу деца до сега – вели Петар.

Иако, целиот изгубен и како што вели, оставен сам на себе во Скопје, почнал итни подготовки за подготвување на бебето за операцијата во странство.  Се организирал да му се даде име на бебето, да добие извод на родени, а потоа со изводот да се побара и пасош за бебе од два дена, кое без тој документ не ќе може да ја напушти Клиниката и земјата.

Стапката на деца кои се родени со кардиоваскуларни проблеми и кои имаат потреба од кислородна поддршка во последниов период е зголемена, потврдуваат и од Детската клиника во Скопје, од каде што сите вакви случаи до 2013 година ги испраќале на операции во Бугарија.

 

Aspazija-Sofijanova

-Постои тренд на зголемување на бројот на срцеви заболувања кај децата и тоа почнувајќи уште од самото раѓање. Во амбулантите на Одделението за детска кардиологија и ревматологија годишно ехокардиографски се прегледуваат помеѓу 3.500 и 4.000 деца. Од нив, кај околу 220-250 деца се поставува дијагноза за конгенитална срцева болест. Кај 70 до 100 од овие деца неопходна е кардиохируршка операција или интервенција. Мал дел од овие деца се со потешки срцеви аномалии и имаат и респираторни проблеми кои бараат кислородна поддршка. До 2013 година овие деца се оперираа во соседна Бугарија, а сега можноста за операција ја има и во земјава – објаснува Аспазија Софијанова, директорка на Детската клиникa во Скопје.

 

Лекарите од Детската клиника дел од причините за зголемување на бројот на малформации ја лоцираат во генетскиот фактор, во однесувањето и едукацијата на родителите, но во голем дел и кај матичните гинеколози, кои мора рано да го откриваат и детектираат проблемите кај бебињата.

Тие се децидни дека случајот со бебето на Петар немало да се развива така доколку гинекологот навреме ја детектирал срцевата мана.

-Таков проблем не смеел да не биде виден. Ова е класичен школски пример на грешка во водење на бременоста за која морале да бидат известени и родителите, но и да биде подготвен тим кој ќе интервенира брзо и соодветно по раѓање на бебето, за да немаме вакви ситуации, родителите да реагираат за докторите кои го згижиле на Детската клиника, а не во Клиниката каде што била следена бременоста – потенцира лекар од Клиниката кој го следел случајот со бебето откако тоа било префрлено кај нив.

СЛИКАЊЕ ЗА ПАСОШ ВО ИНТЕНЗИВНА НЕГА

Петар вели дека во постапката да се однесе бебето на операција во Бугарија се соочувал со навидум ситни, но пречки на секој чекор.

-Поднесов барање за издавање на пасош по брза постапка во МВР, но и тука наидов на проблем: како да се слика тукушто родено бебе за пасошот? Вработените во делот на пасоши ме советуваа да го однесам полицискиот фотограф да го слика бебето во Интензивна нега. Така и направив, со сите сили го пронајдов фотогрфот кој веќе си заминал дома, направи фотографии од бебето и ја почнавме процедурата за контакт со бугарската клиника. Моравме да реагираме брзо, бидејќи бебето добиваше терапија со која се вметнуваше кислород во неговото тело, но таа терапија можеше да се дава најмногу до  7 дена, зашто подолгото примање ги уништува белите дробови – објаснува Петар.

Педијатрите и кардиолозите не можат да потврдат дали лекот со кој се обезбедува кислород во телото на бебето смее да се дава само 7 дена. Во контактите со нив, во рамки на нашето истражување посочија случај на бебе со вакви проблеми кое било успешно оперирано во Македонија, а кое овој лек го користело 45 дена, до операцијата.

Приказната на Петар сепак почнала да се заплеткува на детската Клиника каде што, како што објаснува, директорката Софијанова му рекла дека бебето не може да замине на операција во Бугарија, туку ќе треба да чека околу месец и половина додека да дојдат американски хирурзи кои ќе ја извршат операцијата во Скопје.

-Јас не знам како се воздржав да не реагирам уште пожестоко. Ми се сруши цел свет. Иако беа потпишани тројца лекари од Детската клиника дека бебето мора итно да се оперира во странство, сега, се зависеше од волјата на директорката и нејзниниот потпис која одбиваше да потпише, а со секој поминат час се скратуваше животот на моето бебе – вели Петар.

Во тие неколку дена успеал да ги искористи сите свои пријателски врски и да искомуницира со првите луѓе во Министерството за здравство, со луѓето од Фондот за здравство и да обезбеди еден од директорите кој потпишал за носење на бебето на операција во странство.

-Директорката на детска клиника не само што одби да се потпише, туку ми ги фрли документите на подот, и рече дека бебето ќе остане на клиниката. Во тој момент навистина не знам како се воздржав да не направам поголем инцидент. Не верував дека човек кој носи бел мантил може да биде толку суров и нехуман. Бев подготвен да го земам бебето и со свое возило да го однесам во Бугарија. Фондот, колку и да велеше дека работи во брза постапка, бараше мислења од приватните клиники во Македонија за операцијата, па откако се изјаснија дека кај нас не се изведуваа таа, почнаа меѓународна процедура –тврди таткото Петар

Директорката на Клиниката, д-р Софијанова вели дека мислењето за лекување во странство го потпишува конзилиум од тројца лекари од Клиниката за детски болести од одделот за кардиологија и хирургот Владимир Чадиковски од Клиниката за детска хирургија, а по претходно мислење на американскиот тим од Bill Novic Cardiac aliiance Фондацијата со која Министерството за здравство има склучено договор за операција на деца во земјава за да се избегнат дополнителни трошоци во странство.

-Доколку овие лекари сметаат дека детето поради итност или комплицираност на операцијата мора да се оперира во странство, потписот на директорот на ова конзилијарно мислење е само формалност. Но, доколку лекарите и хирургот сметаат дека операцијата не е итна и детето може да се оперира во земјава, а тимот американски хирурзи тоа го потврди , немаме основа да дадеме конзилијарно мислење. Прво, затоа што не е законски, а второ, затоа што не е коректно кон останатите деца- вели д-р Софијанова.

Фондот за здравство кој на крај ја спроведува целата процедура и го плаќа лекувањето вели дека се потпира врз мислењето на надлежните лекари од соодветната област.

fondzazdravstvo

-Фондот за здравствено осигурување на Македонија, при одлучувањето дали осигуреникот ќе го упати на лекување во странство ја има во предвид медицинската документација односно конзилијарното мислење за здравствената состојба на осигуреникот. Откако лекувањето во странство ќе се изврши здравствената состојба ја следат надлежните медицински лица, од матичен лекар, лекари-специјалисти и Универзитетската клиника која му го издала конзилијарното мислење-одговорија од Фондот на прашањето на СКУП.

Таткото Петар тврди дека не било се завршено ниту кога ги добил конзилијарното мислење и одобрението од Фондот за здравство за операција на бебето во Софија.

-Кога по неколку дена молење, притисоци, на шестиот ден успеавме да ги собереме документите и мислењата, од Клиниката ме известија дека немале амбулантно возило за транспорт на бебето до Софија. Тогаш, директорот на Клиниката каде што се роди бебето и се јави на Директорката на детска и така се обезбеди возило. Возев како луд по болничкото возило до Софија. Бебето беше  оперирано, а докторот по операцијата излезе и ми рече дека нашето бебе имало среќа. „Да дојдевте само два часа подоцна, за бебето ќе немаше спас“- ми рече докторот, ми објаснува Петар  додека се трудам да не му го сретнам погледот, бидејќи неговата приказна не ме остави рамнодушен.

Но, за жал, две бебиња кои од тој период од Македонија беа во болницата во Софија не преживеаа, вели Петар.

Од скопската клиника потврдуваат дека во тој период имало смртен случај на бебе и тоа при негов транспорт кон Бугарија.

-Бебето беше во многу критична здравствена состојба. Во текот на ноќта дежурниот лекар неколку пати го реанимирал на Клиниката, го враќал во животот. Тоа им беше соопштено на родителите, кои се потпишаа дека се согласуваат на целиот ризик бебето да се транспортира за Бугарија. Направивме се по пат, буквално на секој надвозник го реанимиравме, но за жал бебето почина по пат – раскажува докторката која била задолжена за транспорт на бебето по пат.

Директорката Софијанова вели дека за секое дете за кое имало потреба да се прати со транспортно возило на лекување истото било одобрено, па дури имало случаи и кога немало одобрение од Фондот за здравство, а децата се транспортирале до медицинските центри каде што требало да бидат лекувани. Во конкретниот случај, за ова бебе, нагласува Софијанова, било обезбедено возило и со лекар од интензивната нега и медицинска нега, било транспортирано во Бугарија.

-Тоа за што се залагам е поедноставување на бирократските процедури затоа што децата за мене се најважни – вели Софијанова.

Од ФЗОМ пак одговараат дека постапката за донесување на решение со кое осигуреникот ќе се упати на лекување во странство вообичаено трае 45 дена, во кој рок се комплетираат документите.

-Осигуреници на возраст до 1 година кои имале потреба од лекување во странство, а кое немало можност да се изврши во здравствените установи во Република М веднаш по спроведување на постапката се упатувани на потребното лекување во странство-одговорија од ФЗОМ.

За време на престојот во Софија, Петар раскажува дека се појавила потреба од дополнителен лек што требало да го прима бебето, вид на капсули кои чинеле  околу 500 денари, но ги имало само во една аптека во Македонија.

-Едвај ги најдоа моите роднини во Скопје и ми ги испратија. Во тој период моето бебе доби дел од капсулите кои останаа од бебе од Македонија што почина. Целата терапија која ја купивме ја оставивме во болницата надевајќи се дека ќе му помогнат на некое друго дете. На враќање, бевме пресретнати од доктор  од Клиниката кој не извести дека има бактерија на Клиниката и детето да го носиме дома, да не го внесуваме во клиниката. Го послушавме. Нашето дете сега е одлично, одиме постојано на контроли, среќни сме од тоа колку е активно, но тажни што во исто време поради бирократските пречки починаа две бебиња од Македонија – ја завршува својата приказна Петар.

НЕМА ПОДАТОЦИ ЗА УСПЕШНОСТ НА ОПЕРАЦИИТЕ ВРЗ БЕБИЊА

deca sofija

Кардиолошката клиниката во Бугарија каде што се оперираат бебињата од Македонија кои имаат срцеви проблеми е јавна установа. Еден од хирузрите е Македонец. Сепак, нема податоци колку операции се извршени на Клиниката во Софија и колкав е процентот на успешност. На сајтот на клиниката може да се најде податок дека смртноста по извршени операции е 8 проценти.

Софиската клиника не одговори на нашите прашања за бројот на оперирани деца од Македонија и процентот на успешност на операциите.

Нема податоци ниту на детската клиник за тоа колку деца биле испратени на операција и колку од нив биле успешно оперирани.

-Статистички податоци за успешноста на операциите во Бугарија до 2013 година на Клиниката за детски болести нема – вели д-р Аспазија Софијанова.

sgrada

Според податоците на Детската клиника до 2013 година сите деца со кардио васкуларни проблеми се праќале на лекување во странство, најчесто во Софија. Од втората половина на 2013 година секое дете за кое американските хирурзи ќе дадат согласност, се оперира во рамки на нивниот престој во Македонија. Од Клиниката посочуваат дека децата се ставаат на списоци за операција и тие зависат од возраста на детето и видот на интервенцијата : дел од операциите се прават веднаш по раѓањето, некои на возраст од 4 до 7  месеци, а дел се по навршена една година.

-Доколку имаме случај кој не може да го чека американскиот тим, детето веднаш се праќа на операција во странство. Доколку детето е стабилно се испраќа со возило на родителите или со транспортно возило до Софија. Доколку во Софија сметаат дека се работи за сериозна операција и немаат можност да ја направат, детето се упатува на лекување во Англија. Таму се патува со комерцијален лет или со специјален медицински лет доколку се работи за тежок пациент. Целата постапка за итни случаи не трае повеќе од една недела – објаснуваат од Детска клиника.

Од септември 2013 година, по доаѓањето на америнските хирурзи во Македонија, во Лондон, како тешки случаи на операција биле испратени 5 бебиња, од кои едно со медицински транспорт. Во тој случај, Фондот уплатил околу 80 илјади фунти, но конечните цени зависат од пост оперативниот третман и престој на Клиниката во Лондон.

Во истиот период, по 2013 година , во Софија биле испратени десетина деца. Најголем дел од децата биле транспортирани со возило на Клиниката. Операциите и престојот чинеле помеѓу 20 и 30 илјади евра.

Според податоците на Фондот за здравство, 228-те бебиња од 2010 година до сега биле испратени на лекување во: Австрија, Чешка, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Хрватска, Израел,  Русија, Словенија, Србија, Турција, Велика Британија, Швајцарија, САД, Франција и Италија. Сите имале срцеви или проблеми со видот.

За лекување на бебињата, во 2011 биле исплатени 1.755.205 евра, во 2012 за лекување во странство биле платени 1.697.438 евра , во 2013 година биле исплатени 2.872.653 евра, во 2014 година биле исплатени 2.824.118 евра, и во 2015 година Фондот за лекување на бебиња во странство исплатил 744.555 евра.

За овој период вкупно биле исплатени 9.893.969 евра за лекување на бебињата во странство.

Во операциите што ги изведуваат американските хирурзи, проект кој функционира во рамки на Министерството за здравство а во кој се вклучени три клиники: за детски болести, за детска хирургија и КАРИЛ, регстриран е еден смртен случај после операција, додека едно бебе починало непосредно пред да биде подготвено за операција.

Докторите вклучени во целиот процес на згрижување, третман и операција на бебињата раскажуваат дека и тие се под постојан притисок на работата, во голем дел ја разбираат нервозата и лутината на родителите, но малкумина ја разбираат нивната позиција дека тие се тука да интервенираат, да помогнат да се исправи нешто кое можело да се корегира и пред време со правилно следење на бременоста или едукација на родителите.

-Може ли да замислите како ми е мене, како на човек кој цел ден го поминал во операциона сала, дал се од себе да се спаси нечиј живот, но не секогаш се успева во тоа, да се соочам со родителите, да им соопштам дека нивното бебе починало, да се вратам повторно назад во сала и да продолжам да оперирам друг случај и на крај на денот да заминам дома и да се соочам со семсјството, а врз нив да не го пренесам товарот на работата. И ние живееме со овие проблеми- вели еден од лекарте вклучен во операции на бебиња.

Државната статистика пресметала дека најчести причини за смрт кај македонското население се болести на циркулаторниот систем, по што следуваат неоплазмите ,
ендокрините, нутритивните и метаболичните болести  како и болести на  респираторниот систем.

Ако се анализира смртноста на бебињата доенчиња ќе се забележи дека бројките од над 700 починати бебиња во 1994 година драстично се намалува, но има и драстична разлика од 237 или 230 починати бебиња во 2012 и 2013 година, наспроти 185 и 172 во 2010 и 2011 година.

Проблемот со заштитата на децата и нивното лекување во странство се актуелизираше по смртта на 9 годишната Тамара Димовска од Велес, која беше неколку пати одбивана да се лекува надвор, со оправдување дека во Македонија ќе биде отворен центар во кој ќе се оперираат деца кои имаат проблеми со `рбетот.

Одлуката на Фондот да дозволи лекување на малата Тамара во Турција стигна по нејзината смрт, што предизвика низа протести од граѓаните кои бараа оставки и одговорност од директорите на Фондот за здравство и од Лекарските комисии кои одлучуваат за лекување на децата.

Оставки поднесоа тогашните директори на Фондот, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемаили Мехази. По нивните оставки, за речиси два месеци, Владата именуваше четворица в.д. директори на оваа институција.

Малата М. заедно со нејзината мајка излезе на протестот по смртта на малата Тамара Димовска од Велес, на која граѓаните им покажаа црвен картон за носителите на функции во здравствените институции. Малата М. еден ден ќе дознае, зошто нејзината мајка ја однесе на собир каде што многу дечиња со нивните мајки и татковци без излезени со црвени картони в раце.

 

ДЕМАНТ на Детската клиника:

Предмет- Демант на текстот- Бебиња умираат поради бирократски пречки

Напишан од Саше Димовски на 5 мај 2015 година.

 

 

Во врска текстот со наслов- Бебиња умираат поради бирократски пречки објавен на 5 мај 2015 година од страна на новинарот СашеДимовски сакаме да ја дадеме следната информација:

Некоректно и непрофесионално е врз основа на само еден случај, кој не е доволно обработен и содржи невистинити информации, да се генерализра и да се темели истражување за смртноста на новороденчињата во земјава и постапката за упатување на кардиохируршки пациенти за лекување надвор од Македонија.

За темата поврзана со зголемената смртноста на новороденчињата во земјава, никогаш не добивме прашања од авторот на текстот. Оваа тема бара исцрпни истражувања за пренаталниот и постанатален третман на бебињата, за причините за зголемениот број на предвреме родени бебиња и ред  други фактори кои се причина за овој тренд, а не се опфатени во текстот.

Во однос на проектот Неонатална кардиохургија и испраќањето  на деца за лекување во странство, сакаме уште еднаш да потенцираме, дека ниту едно дете кои имало потреба од кариохируршка интервенција не било оставено без лекарска грижа. Доколку операцијата неможела да се направи во земјава, децата биле  и се испраќани на операција во соседна Бугарија, во Лондон па и во други кардиохируршки центри во Европа. Трошоците за лекување и за транспорт- во многу случаи  медицински транспорт со специјални летови, се покриени од страна на ФЗОМ, а постапката за добивање на конзилијарно мислење за лекување и комплетирањена документацијата не траат повеќе од неколку работни дена вклучително и постапката за патни исправи или визи. До сега во рамките на Проектот Неонатална кардиохиргија се направени 120 операции на отворено срце кај деца со вродени срцеви аномалии со висок процент на успешност. Во истовреме, за период од 3 години дваесетина деца со посериозни срцеви проблеми се пратени на лекување во странство. Од нив, 5 деца во Лондон.

За сите овие случаи постои медицинска документација која може да се провери и која ќе потврди дека не постои голема бирократска процедура во оваа постапка и дека во ниту еден случај не им бил доведен животот во опасност на било кое од овие деца-што и му беше дадено на знаење на новинарот Димовски исто како што му понудивме контакт од сите деца кои се пратени на лекување во странство. За жал, од за нас непозната причина,  тој не сметаше дека за ова истражување ќе му бидат корисни овие контакти.

Во однос на случајот на кој се повикува Димовски во приказната, како и што веќе потенциравме, нема да навлегуваме во детални објаснувања затоа што информациите кои тој ги дава се неточни, половични и навредливи за лекарите кои во  тие неколу дена се грижеа за неговото дете и го однесоа во стабилна состојба во Софија. Животот на ова дете во ниту еднен момент не беше доведен во прашање. Детето е лекувано спогласно сите медицински протоколи. Не беше интубирано, не добиваше кислородна подршка што јасно кажува во каква состојба детето беше транспортирано во Софија . Од друга страна , за  неполна  недела е звршена целата бирократска постапка за лекување во Бугарија, потпишани се лекари од одделот Кардиологија и двајцата директори на Детската клиника. Доколку родителот сметал дека постои  лекарска грешка и неправилност во лекувањето, тоа можел да го пријави уште пред две години. Нашата медицнска документација ќе го демантираше и тогаш и сега. Во овој контекст, еден дел недостасува во приказната на Димовски, а тоа е зошто приватната болница и матичниот гинеколог никогаш не ја дијагностицирал срцевата маана која може да се види со редовен ехо преглед   или зошто детето не било лекувано во таа болница или барем згрижено додека не се транспортира во Софија? Да напоменеме дека и приватните болници имаат свој транпорт.  Ако правите сериозно  истражување за  овој слуај и  за зголемениот број на деца со вродени срцеви проблеми, ова е нешто што секако треба да се истражи.

Соработката на Клиниката за детски болести со приватните болнци на што се алудира во текстот, е одлична и секојдневно се префрлуваат бебиња. Денес имаме дете со серизен срцев проблем кое  без проблем се префрла кај нас. Тоа е стандардна постапка и никој тоа не го поставува како прашање или проблем. Доколку ви се потребни  дополнителни информации во врска со оваа тема или со случајот на кој се повикува Димовски, Ви стоиме на располагање со целокупната медицинска документација.

 

Ви благодариме

 

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)