Бизнисмени во пратеничките клупи

Пратениците поседуваат профитабилни компании– на листата фирми за недвижности, маркетинг, солар системи, хуманитарни организации…

Изработил: Tим на СКУП Македонија

Компании за недвижности, финансиски и сметководствени друштва, маркетинг и комуникација, печатници па се до радиодифузери, фурни, сендвичари и хумантарни здруженија и фондации се само дел од компаниите и здруженија кои ги пријавиле македонските пратеници во своите анкетни листови.

Дел од пријавениот имот е на свое име, но свои фирми поседуваат и членови на семејството, како брачни другари и родители.

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил поседува „најбогат“ анкетен лист кога станува збор за пријавени компании и здруженија.

Исмаил пријавил дека е основач на здружението АРЕТЕ –  за одржлив просперитет – Скопје, додека пак неговата сопруга е претседател/односно правен застапник на истото здружение за надоместок од 200 илјади денари. Исмаил е и претседател на здружението за социјална правда „Ленка“. На име на брачен другар е пријавена и компанија за маркетинг и комуникација „В плус О“ ДООЕЛ Скопје.

И другиот левичар, Сашко Јанчев во својот анкетен лист пријавил хуманитарно здружение „Ристо Калиников“  чиј е основач. Според описот на здружението има за цел организирање на хуманитарни настани за собирање на средства за помош на ранливи категории.

Пратеникот Илир Хасани во бизнисот со соларни системи – Беким Сали пријавил четири фирми

Пратеникот на ДУИ, Д-р. Илир Хасани во својот анкетен лист пријавил фирма „Некст Ера Солар Системи“, основана во Куманово чиј е сопственик која се занимава со монтажа на соларни системи. Неговиот сопартиец, Д-р. Беким Сали на свое име пријавил две приватни здравствени установи, стоматолошки ординации „Молар Дент и “„Молар Импласт“, додека на име на сопруга модно атеље и продавница за облека. Стоматолошка ординација на име на сопруга пријавил и пратеникот Емил Спасовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Родителите на пратеникот Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ  пријавиле компанија за недвижности што работи во Скопје, „Искра Реал Естате“, додека пак сопругата на пратеникот Тони Јаревски поседува фирма за сметководство, книговодство и ревизија „Мак Биро“ ДООЕЛ Скопје.

Пратеникот од Алијанса за Албанците, Садик Сулејмани пријавил компанија „Пригоси се“ регистрирана во Пирок, Општина Боговиње, додека пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Моника Трајанова е единствена што пријаивла компанија во странство, на име на брачен другар, „Кавалис ГМБХ“ чиј сопруг е сопственик на истата. И за двете компании нема јавно достапен податок за дејноста на работа.

Пратеникот на ЗНАМ, Бобан Карапејовски на име на родители пријавил радио „Плус Форте“, локално радио во Тетово. Во описот стои дека радиото е  едно од најстарите приватни медиуми во државата, формирано во 1993 година за вести од полошкиот регион.

Стружанецот и пратеник од Алијанса за Албанците, Салим Сулејмани на свое име пријавил сендвичарница во Струга, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов пријавил „Фурна Гемиџии“, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дијана Илиевска пријавила здружение за заштита на животни „Анимал Ворлд“ – Струга, додека сопругот на пратеничката, Весна Ѓорѓиева поседува фирма „Кивас“ ДООЕЛ Кавадарци што работи со брендирање и печатење на промотивен материјал.

Оставете коментар

коментар(и)