Мицкоски се поврзува со ист број на финансиски скандали колку сите негови заменици заедно

Пишува: Кристијан Трајчов

Владата на Христијан Мицкоски има дури 5 заменици. Изет Меџити, Александар Николоски, Арбен Фетаи, Љупчо Димовски и Иван Стоиљковиќ.

Меџити е Прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Николоски е Заменик претседател на Владата и министер за транспорт, Фетаи е Заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење, Димовски е Заменик претседател на Владата за политички систем, а Стоиљковиќ е Заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците.

Премиерот, Христијан Мицкоски поседува имот во вкупна вредност од 506.036 евра.

Тој во неколку наврати беше обвинет за тоа дека има имот кој што не го пријавува.

Премиерот беше обвинет од СДСМ дека купил и реновирал куќа во Козле која е вредна еден милион евра.

Дури и градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски лани побара одговор од Мицкоски како го стекнал имотот во изминатите години.

Јакимовски побара од него да каже на колку години ја направил својата прва хидроцентрала и се стекнал со милионски имот и дали ја стекнал пред или за време на неговото директорување со ЕЛЕМ.

И Инфомакс го анализираше неговиот анкетен лист па јавно го поставија прашањето како премиерот купил часовници од 60.000 евра.

Во нивна друга анализа пак, тие пишуваат дека куќата која тој во 2017 година ја пријавил како директор на ЕЛЕМ вредела 350.000 евра, а сега како премиер пријавил дека истата вреди 437.200 евра.

„Прво што би требало да забележат во ДКСК веднаш по поднесувањето на анкетниот лист е разликата во вредноста на куќата која ја пријавил Мицкоски. Како што кажавме, вредноста се зголемува за околу 90 илјади евра во споредба со претходниот анкетен лист. Да објасниме, за да нема забуни од типот „вредноста на имотот се зголемува, растат цените на недвижностите“. Во анкетниот лист секој функционер пополнува каков имот поседува, на кој начин е стекнат и колкава е вредноста. Кога имотот се стекнува со договор за купопродажба, како вредност се внесува сумата од договорот за купопродажба, не проценката на вредност на имот. Тоа значи дека Мицкоски, кој ја купил куќата во 2014 година за 350.000 евра, секогаш кога ќе треба да пополни анкетен лист треба да ја внесе истата сума и да го приложи истиот договор за купопродажба како доказ“, стои во нивниот текст.

Во однос на неговите заменици, Првиот вицепремиер и министер за екологија, Изет Меџити во анкетниот лист како министер пријавил имот во вредност од 171.691 евра.

Следен е министерот за транспорт Александар Николоски чиј имот вреди 151.219 евра, од кои околу 65.000 евра вредат само неговото и возилото на сопругата. Тој се поврзува коруптивен скандал со дел од пратениците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и нивното политичко делување во Азербејџан.

За да се квалификуваат изборите во Азербејџан како фер и демократски, дел од пратениците добивале пари, накит, скапи теписи, ноќевања во луксузни хотели во Баку и Истанбул и што ли уште не. Ова особено за пратениците кои биле дел од набљудувачката мисија на изборите во Азербејџан во 2013 и 2015 година, како и на референдумот од 2016 година.

Дел од таа мисија, а во еден наврат и шеф на мисијата бил и тогашниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Токму потпретседателот на Христијан Мицкоски бил меѓу оние кои процесите ги именувале како фер и демократски. Александар Николоски велел се е во ред, иако според реномирани меѓународни организации и институции тие биле квалификувани како нелегитимни и репресивни“, стои во тогашното соопштение на СДСМ.

За ова тогаш пишуваа и од „Слободен Печат“.

Низ медиумите нема било какви скандали поврзано ниту со Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи чиј имот вреди 3.025.399 евра и е побогат од Мицкоски, како и од другите заменици.

Тој има двојно државјанство, покрај македонското, во неговата биографија приложена со Собранието стои дека има и белгиско државјанство.

Бил ангажиран и во регионот, работејќи како надворешен советник на ЕУ проекти за градење капацитети на канцеларијата за евроинтеграции во Кабинетот на премиерот на Косово во периодот од 2005 до 2008 година.

Четвриот заменик кој го има Мицкоски во Владата е Заменикот претседател на Владата за политички систем, Љупчо Димовски.

За него во 2019 година беше побаран притвор бидејќи е осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште во време кога беше министер за земјоделие. Според Обвинителството, тој заедно со други обвинети предизвикал штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот. Тој се повика на пратеничкиот имунитет и не му беше одреден притвор.

Претходно пак, во 2010 година кога пак беше министер за земјоделие, со народни пари плаќал во златари, цвеќари , туристички агенции, хотели со пет ѕвезди.

Петтиот и последен заменик во сегашната Влада е Заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ.

И со него не се поврзуваат никакви финансиски скандали. Тој е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од 2002 година и тековно.

Претходно, бил основач и директор на Градежно претпријатие „LAMAX CO“ и претседател на Младински совет во Куманово.

Оставете коментар

коментар(и)